Фестивал за критичка култура (ноември)

КРИК - Фестивал за критичка култура (ноември) 17.11-01.12.2020 Online програма 17.11.2020 (вторник) 20:00 „Фетишизмот и секојдневието“...

КРИК – Фестивал за критичка култура (ноември)

17.11-01.12.2020

Online програма

17.11.2020 (вторник)

20:00 „Фетишизмот и секојдневието“ на Михаел Хајнрих

*модератор: Артан Садику

Апстракт: Многу често, Марксовата теорија за фетишизмот на стоки и капитал е погрешно сфатена како теорија за погрешна перцепција или погрешна свест. Во капитализмот, фетишизмот е реалност. Доколку нашата перцепција е точна и има практични последици во секојдневниот живот. Она што не е во ред е генерализацијата дека фетишистичките односи нужно постојат во секое општество. Во длабока општествена криза, иманентната ирационалност на фетишизираните односи може лесно да стане видлива. Covid19 произведува точно таква криза. Сепак, признавањето на ирационалноста на фетишизмот не го претставува крајот на приказната. Мораме да прашаме, кој е карактерот на тоа можно „здружение на слободни личности“, (Маркс) што ќе може да го надмине фетишизмот?

БИО:

Михаел Хајнрих е политолог во Берлин. Тој ги објавил „Вовед во трите тома на Марксовиот капитал“ (2012) и „Карл Маркс и раѓањето на модерното општество“ (2019), што претставува почеток на серија од четири тома за биографијата на Маркс и еволуцијата на неговите дела.

Линк од видеото:  https://www.youtube.com/watch?v=x5vL7l6XBYI 

24.11.2020 (вторник)

19:30 „Пофалба на младоста“ на Александер Гарсија Дитман

*модератор: Станимир Панајотов

Резиме: Ако младоста е денес мртва затоа што младите склучиле пакт со родителите, мораме да ја сфатиме идејата на ваквиот чин. Кога ќе се обидеме да го утврдиме тоа, сфаќаме дека историјата на филозофијата од Платон, па, сѐ до Бадју ја поима младоста во рамки на едно транзициско доба, или во рамки на иницијациски обред кој минува. Млади се оние кои престанале да бидат деца и кои се на пат да станат возрасни, односно, да станат одговорни граѓани, татковци на семејствата кои влеваат сигурност, даватели на услуги врз кои можеме да се потпреме, автономни субјекти, рационални/разумни возрасни луѓе. Но, зар не може да се замисли една поинква, помалку конзервативна идеја за младоста? Зар не може некој да испее една поинаква пофалба на младоста? Не ли е младоста и второто име за нескротливата и анархична сила?

Биографија:

Александер Гарсија Дитман предава филозофија на Универзитетот за уметност во Берлин. Пред да се пресели во Германија, дваесет години живее во Лондон, каде што предава на Голдсмитс, а воедно е и визитинг професор на Кралскиот колеџ на уметностите (Royal College of Art). Во негови последни публикации се вбројуваат: „Што знае уметноста? За естетиката на отпорот“ (2015), „Што е современа уметност? Кон политичката идеологија“ (2017) и „Љубовна машина. Потеклото на уметничкото дело“ (2018). Сите се изданија на Konstanz University Press. Во подготовка се следните изданија: „Пофалба на младоста“ (2021), „Безнадежните“ (2021) и „Па што: Како да се создаваат филмови без зборови“ (2022). Тој е уредник на Француското издание на курсот предавања од Жак Дерида, „Теорија и практика“, Галиле, Париз, 2017 (“Théorie et pratique”, Éditions Galilée: Paris 2017), а се појавува и како актер во новиот филм на Албер Сера „Слобода“ (2019).

Линк од видеото:
https://www.youtube.com/watch?v=5ZUHgTMvbDE 

01.12.2020 (вторник)

19:00 „Леви феминистички хоризонти: професионализирање или радикализирање на женското движење во Бугарија“ на Марија Иванчева

*модератор: Јана Коцевска

Резиме: Излагањето се базира на истражувањето и искуството поврзано со темата за континуитетите и прекините на женското движење во Бугарија. Спроти искуството на (анти) феминистичката либерална рамка на борбата против семејното насилство во Бугарија во 2000-тите, се анализираат појавите и работата на левата феминистичка група LevFem. Од 2018 година, групата се стреми кон политизирање на дебатата за и ангажирање на работата поврзана со насилството покренувајќи прашања за ре/продуктивна работа, структурната нееднаквост и неолибералната капиталистичка војна врз бугарските жени, етичките и сексуалните малцинства, како и врз општеството генерално. Излагањето ќе се фокусира на некои достигнувања и предизвици поврзани со движењета кои имаат социјалистички феминистички фокус во поширокиот контекст на ретрарадиционализацијата и десекуларизацијата, од кои Бугарија е еден пример меѓу многуте.

Биографија:

Марија Иванчева е бугарски социолог и антрополог, моментално со седиште во Велика Британија. Таа има истражувано и објавувано на темите: високото образование, трудот, прекарноста, меѓусекторските нееднаквости и улогата на универзитетите и нивните заедници во пошироките процеси на социјалните промени, особено од и од социјализмот. Марија е член на уредничкиот одбор на LeftEast и на бугарскиот левичарски феминистички колектив LevFem.

———-

Постојани партнери на Контрапункт и КРИК се: Мултимедијалниот институт МаМа од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Booksa (Културтрегер), Загреб, порталот Окно – okno.mk

КРИК – фестивал за критилка култура е поддржан од: Allianz Kulturstiftung, Министерство за култура / Ministria e Kulturësа Министерство за култура на Северна Република Македонија, Goethe-Institut Skopje, Гете институт Брисел, Креативна Европа, Фондација Отворено општество – Македонија


Споделено на: јануари 25, 2021 во 3:58 pm