Прв дел 21.-24.11.2018

НАСЛОВ: АЛЕРТ! Пред портите на моќта – очекувајте исклучување „Ах” рече глувчето, „светот секојдневно сѐ повеќе...

НАСЛОВ: АЛЕРТ! Пред портите на моќта – очекувајте исклучување

„Ах” рече глувчето, „светот секојдневно сѐ повеќе се стеснува. Отпрвин беше толку широк, што дури и страв ме фаќаше; трчав и трчав, и се почувствував среќен кога најпосле лево и десно во долината ги здогледав ѕидовите; но тие долги ѕидови толку брзо одат еден кон друг, така што јас се најдов во последната соба, а таму во аголот чека стапица во која ќе втрчам”. „Само треба да го промениш правецот на трчање”, рече мачорот и го изеде.  : : Франц Кафка, Мала басна : :

Во лавиринтот на слоевитите читања на вонредноста која го дефинира хронотопот во рамки на државниот и идеолошки дисциплинирачки апаратус, во рамки на овогодинешниот КРИК би сакале да ги истражиме можностите за перформативите на отпорот како гест на креирање на нови, солидарни политички и социо-културни наративи, кои ќе стојат наспрема псевдо-дискурзивните усвоени практики кои реферираат на прашањата на моќта, заедницата/заедничките добра, јавното добро и јавниот интерес, политичката сензибилност контекстуализирани низ читањата на епистемолошките формации кои се проткајуваат низ критичките уметнички и култруни практики, но и низ прашањата кои се отвораат низ актуелните дилеми вкотвени во политичката филозофија.

Суверенот кој сега има тело и перформатив на мноштво, на втолпеност (не на заедница, туку глутница, група која почива на интерес) добива кредибилитет да преземе активности спротивни на потребата да се „одбрани заедницата“ од нејзиното интересно „вмрежување“. Тоа води кон перманентан војна со самите себеси внатре множествата кои немаат пресек.

 Во целата оваа сценографија стапува на сцената политиката која е заснована врз концептот на исклучување (кое е едновремено и вклучување во голиот живот). Тогаш каков е односот помеѓу политичкото, уметничкото и животот ако „животот се пројавува како она што треба да биде вклучено преку исклучување“. Тој може да ги скрши и основните човекови права и слободи во име на вонредната состојба…..

Неизбежноста на стратегијата за вонредност преку исклучување влегува во политичката сценографија како гест на политичкиот менталитет на дискурсот на транзицијата, кој со цел да се прикрие чинот на уништување на заедничкото и неговото претопување во интересите на малкумината, кои командуваат со суверенитетот, постојано ја прогласува транзицијата како наратив под која се одвиваат низа исклучувања. Под привидот на постојаните реформи, стабилизираниот систем го структуира искуството на реалноста на исклучување кај транзциониот субјект, што е деполитизирачко искуство кое го вкотвува во пасивноста на секојдневниот живот. Една од многуте манифестации на вонредната состојба е политичкото исклучување на многумината, со што се отвора друг начин на постоење, покрај „голиот живот“ – оној на живот под принуда.

Субјектот на транзиција не е и субјект во транзиција, во преминување, туку е фиксиран, исклучен од трансформативните политички практики низ што би можеле да постанеме нешто друго, или, како што Агамбен прецизно наведува, да се постане било што. Субјектот на транзиција е во состојба на вечно исчекување, во исчекување на резултатот од транзицијата.  Низ ваквиот процес настапува постојано исклучување од неговото активно дејствување за сопственото обликување во средиштето на политичкото и општественото што е прикладно за процесот на отворено постанување на субјектот.

Политичкиот предизвик во однос на отворањето на креативниот процес на постанување на субјектот бара нов простор и нов јазик за артикулација на состојбата на исклучување од мноштвото на можните рамништа. Кога Делез и Гатари повикуваат на создавање на нова земја за нови луѓе, тие укажуваат на потребата за субјект на пост-суверенот, оној кој не е материјализација на дејствувањето на суверенот, но, едновремено, не е ни суверенот во неговиот сопствен фиксиран континуитет. Ако, според Агамбен, гласот е точката во која се спојуваат телото и значењето, станува збор за артикулација низ политички говор на оној кој ја мисли и кој јазично ја обликува новата земја, го откирва ослободувањето преку создавање на нови значења, ослободување на телото преку временските бинарни моќи на суверенот, со што тој одбира кој живот е вреден а кој не е, и одлучува како оној живот кој е вреден треба да се живее.

Нашето миље е пејазаж на мноштвеност од вонредни состојби, во кои се обидуваме да ја изведуваме нашата политичка и социо-културна субјективност во однос на општествените структури кои се скаменети, затворени, предодредени. Се чини дека времето кое го живееме е време на репрезентација и повторливост на „историјата на истоста“. Како да ги преобразиме конструираните, длабоко архивираните скрипти на зададените модели и перформативи на политичкото, во рамки на нашите општествени динамики и релации кои ја следат логиката не на креативнта, дијалектичката заедница, туку на „фамилијарноста“. Како да го арикулираме отпорот кон наметнатиот доминантен императив за тоа дека треба да станеме репрезенти на веќе архивираните и прифатени политики на нашата заедница, кои ни ги исцртуваат прецизно смерниците по кои се движиме, мислиме и однесуваме. Која е судбината на заедницата во општествата каде што суверенот создава авторитарни но прифатливо демократски граматики? Нашата цел е преку КРИК 03, низ лабораториски концепт кој подразбира разноликост на уметнички и дискурзивни практики, да ги истражиме можните стратегии за реформулирање на псевдо императивните општествени и политички стабилности, создавајќи платформа за нови, нестабилни, критички политички и социо-културни наративи.

На трагата на Роберто Еспозито, кој говори за семантиката на проприумот, ќе се обидеме да ги преиспитуваме и истражуваме феномените на заедницата, која се организира околу „нормалноста“ на парадигматичните појмови кои се однесуваат на припаѓањето, сопственоста, конвенциите. Како состојбата на вонредност, на ургентност дозволува да настане конфузија околу заедничкото и партикуларното. Дали е можна утопијата на заедничкото во време на пенетрација на капиталот и на апропријација на јазикот на онтолошките вертикали.  Дражава на исклучок – способноста на суверенот да се надмине владеењето на правото во име на јавното добро.

ПРОГРАМА:

КРИК03 2018: 21.11. – 19.12.2018 (Музеј на современа уметност)

21.11.2018 (среда)

19:00 Отворање на фестивалот

19:30 – 21:00 Маурицио Лазарато, Франција/Италија (предавање со дискусија)

​​„Помеѓу политиките на задолжување и нео-фашистичкиот бран во светот“
Последните избори во Бразил покажуваат блиска врска помеѓу војната, нејзините артикулации (фашизмот, расизмот, сексизмот) и неолиберализмот. Ова не е ништо ново, бидејќи неолиберализмот започна во Чиле помеѓу соработката на војската и Chicago Boys. Како дојдовме до оваа ситуација? Што се случи помеѓу Чиле во осумдесетите години на минатиот век и денешен Бразил, преку Европа и САД?

21:00 – Музички перформанс на Пост глобал Трио

Post Global Trio е проект помеѓу Тони Димитров, Димитар Додовски и Мартин Георгиевски, настанат како континуитет на одредена комуникација, соработка и како нужност за развивање на одредена сцена. Нивното прво издание е достапно на издавачката лејбл post global recordings, вториот албум се појави за американската лејбл Unknown Tone Records, додека третиот за австралиската Twice Removed. Нивниот четврти албум е издаден за Холандскиот лејбл Shimmering Moods.

Mузиката на Post Global Trio е сочинета од теренски снимки, суптилни делници и текстури и незабележливи репетитивни ритми кои резонираат некаде помеѓу апстракцијата и нарацијата, оставајќи ве без здив со својот звучен тек. Вметнатиот медитативен амбиент и теренските звуци ве носат низ имагинарни пејзажи, раскажувајќи приказна за чувствата и природата. Нивните настапи се искуство кое може да се почувствува на патување низ далечните територии на македонските планини каде се снимени користените теренски снимки, давајќи јасни слики на суптилните звучни пејзажи.

 22:00 – ДЈ сет на Тони Димитров и коктел со учесниците

22.11.2018 (четврток)

19:00 – 20:00 Петар Милат, Хрватска, (предавање со дискусија)
„За постанувањето поранешен“

Поврзано со општото прашање за тоа дали и колку уметничкото творештво и естетското промислување можат да го надминат дисциплинскиот јаз – и во системот на уметноста и во општата рамка на општествениот живот – Милат во своето предавање ќе го акцентира постоењето на специфичната стратегија на трансверзалностa и на недисциплинатa: постанувањето поранешен.

20.15 – 21:30 Катрин Бекер, Германија (видео-арт презентација со дискусија)

 „Das nackte Überleben / Гол опстанок“
Видео-форумот на Neuer Berliner Kunstverein (n.b.k) е основан во 1971 година од критичари, куратори и уметници. Со своите 1.600 наслови од областа на меѓународната видео-уметност, видео- форумот претставува една од најстарите и најголемите видео колекции во Европа. Под насловот Das nackte Überleben / Гол опстанок, директорката на n.b.k. Видео- форумот и кураторка, Катрин Бекер, ќе претстави избор на видео-дела од изминатите две децении, кои во однос на содржината реферираат на поимот Состојба на исклучоци. Насловот на проекцијата Das nackte Überleben – или Гол опстанок – е инспириран од синтагмата „гол живот“ на Џорџо Агамбен; голиот живот од кој суверената моќ може да се ослободи и располага по укинувањето на разликата помеѓу „јавното“ и „приватното“. Во видео-проекцијата, Бекер ги претставува и коментира делата кои се однесуваат на поединецот во однос на состојбата на исклучоци – дали е тоа политичка, економска, еколошка или социјална, притоа осврнувајќи се на различните аспекти како: диктатурата (Марина Напрушкина), војната (Мозер и Швингер, Микола Ридниј) и окупацијата (Лариса Сансур) се исто толку важни прашања како што се и политичкото исклучување (Олег Кулик), еколошките катастрофи (Урсула Биман) или постоењето на кодексот на однесување (Френсис Алес, Мванги Хутер, Хирохару Мори), што ги регулираат општествените процеси на исклученост и вклученост.

23.11.2018 (петок)  

12:00 – 16:00 Работилница за критичко пишување ви сфера на визуелни уметности, „Јасно и гласно“, со Маја Чириќ, Србија, (во два дела)
Научно аргументираната уметничка критика е исклучително потребна во време кога таа се наоѓа на тенката линија помеѓу општеството во целина и уметничките институции. Со цел да се стимулира продукцијата на алтернативно, вонинституционално знаење во рамките на уметноста, ставено во глобалната политичка рамка, потребно е да се совладаат методите на расудување, аргументација и анализа. Афинитетите за темелно знаење се активираат преку индивидуалните гласови, односно преку придвижувачите на таканаречената колективна интелигенција, со цел да се создаде сцена за актуелна дебата. Помеѓу хипервидливоста, хиперобјектите и алгоритмите, поттикнати од превртливоста на промислувањето, длабоките и прецизни разговори постојат заради причината да веруваме во победата на која било етичка двозначност. Нивната фукнција е повторно да го откријат и предизвикаат човештвото. Подобри и поточни заклучоци се способни да адресираат поголема публика преку ширење на „длабоките промислувања“ наспроти едноличното, просечно човечко искуство, кое е ефект на брзиот тек на информацијата/ капиталот/добрата. Квалификувани во фундаментална, перспективна и конструктивната критика, студентите треба да ни дадат добри причини да веруваме во засилениот колективен интегритет.

19:00 – 20:00 Ангела Мелитопулос, Грција/Германија (предавање, презентација и дискусија)

„CINE-SOMA. Картографски филмски наративи, Ангела Мелитопулос (Г)“

Преку селекција од нејзините проекти, Мелитопулос ќе го презентира процесот и начинот преку кој нејзините аудио- визуелни уметнички истражувачки проекти создаваат повеќеслојни нарации, коишто го преиспитуваат начинот на кој создаваме и живееме во однос на географските простори или, поконкретно, како да го надминеме она коешто се наоѓа помеѓу географијата и начинот на размислување. Како можеме да ја разбереме појавноста на пејзажот како знаење, односно како променлив и говорлив ентитет во нашата современа продукција на субјективитети? Како медиумската практика на мапирање се поврзува со идејата за она што Ангела Мелитопулос го артикулира и анализир како машински анимизам, синтагма позајмена од Феликс Гатари и Жил Делез и како сето тоа можеме да го разбереме како „работа на мигранти“.

Ова отвора друга насока на значење во миграциските политики и во нивните егзистенцијални практики во уметноста, коишто интервенираат во денешните фабрикувања за општествено-политичкото тело. Глобално донесеното нормативно производство на субјективитети резонира со други сознанија на телесност, кои се повеќе анимистички, мобилни и кои одбиваат поделби како ониe на субјект-објект или на природа-култура. Во рамки на презентацијата ќе бидат прикажани извадоци од кинематографските и картографските практики на авторката од различни проекти. Од видео есејот, Passing Drama, од аудиовизуелните истражувања Assemblages; cinema of Fernand Deligny’s и од проектот прикажан на Документа 14, Crossings, кој предлага комплексна инсталација како картографија на местата кои кристализираат големи стратификации и реалности на делирична, квази-шизофренична состојба, што се појавува сега за време на економската криза во Грција, каде што капитализмот ги принудува неолибералните дерегулации и предизвикува граѓанска војна против населението.

20:00 – 21:00 Маурицио Лазарато во разговор со Ангела Мелитопулос

21:00 – 23:00 Музички сет на CËRPA и концерт во живо на Millions of dead tourists, Грција

24.11.2018 (сабота)

12:00 – 16:00 Работилница за критичко пишување ви сфера на визуелни уметности со Маја Чириќ, Србија, втор дел

20:00 – 21:30 Алфредо Саад Фиљо, Велика Британија/Бразил (предавање со дискусија предводена од Бранимир Јовановиќ)
„Кризата на неолиберализмот, кризата на демократијата, Алфредо Саад Фиљо (БР/ВБ)“
Неолиберализмот е во криза. Финансискиот колапс од 2007/2008 беше привремено решен, а создавањето светски финансиски меур се претвори во криза на демократијата, преку порастот на авторитарното наличје на неолиберализмот, кој земаше замав во сé поголем број земји. Кога се на власт, авторитарните лидери постојано наметнуваат особено исклучувачка форма на неолиберализам, која им штети на сиромашните, ја промовира финансијализацијата и неолиберализацијата на секојдневниот живот и уште повеќе ги концентрира моќта, приходите и имотот. Оваа сесија ќе ги испита корените на економската и политичката криза на неолиберализмот, фрактурите во глобалниот поредок, подемот на авторитарниот неолиберализам и можностите за левицата.

Биографии:

Алфредо Саад Фиљо е професор по политичка економија на Универзитетот СОАС (SOAS) во Лондон и раководител на докторската школа на СОАС (SOAS). Тој бил постар соработник за економски прашања на конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (UNCTAD) во периодот помеѓу 2011-2012 година. Носител е на следните награди: Медал за животно достигнување на Сојузниот универзитет во Гојаш (Goiás), Бразил, како и на престижната награда за угледни наставници на СОАС (SOAS). Предавал на повеќе универзитети и истражувачки институции во Бразил, Канада, Италија, Јапонија, Мозамбик, Швајцарија и Велика Британија. Неговите публикации вклучуваат 9 книги, 70 списанија, 50 поглавја и 30 извештаи за ООН и други меѓународни организации. Неговите истражувања се објавени во дваесетина земји, преведени на 15 јазици и презентирани на над 200 академски настани во 30 земји.

Ангела Мелитополус е уметничка, која се изразува преку видео инсталации, видео есеи, документарци и звучни дела, како и теоретски текстови. Нејзината работа ги истражува не-наративните својства на движечките слики, вметнувајќи ги во конструкти од политичка географија и нови архиви базирани на историјата на малцинствата, на пример, миграциони искуства, антикапиталистички движења и антифашистички отпори. Таа дипломирала на Академијата за Ликовни уметности во Дизелдорф во класата на професор Нам Јун Паик. Нејзините дела биле изложжени на многу меѓународни изложби како што се: CAAC во Севиља; Generali Foundation, Виена; Sesci Сао Паоло; Macba Барселона; OCAT Шенжен; Centre Georges Pompidou, Париз и Metz; исто такам и на Berlinale; the House of World Cultures Berlin; Фондацијата Antonin Tapies, Барселона; KW Институтот за современа уметност, Берлин; на Man- ifesta 7, и Биеналињата во Тајпеи, Атина и Солун. Нејзиниот последен проект „Crossings“ беше прикажан на документа 14. Ангела Мелитополус докторирала на одделот Визуелни култури на Голдсмит Универзитетот во Лондон, а моментално предава како професор во Школата за Медиа на Данската Кралска Академија за Ликовни уметности во Копенхаген.

Маја Чириќ (PhD/ Д-р) е независна кураторка и критичарка на уметноста. Нејзините практики во работата потекнуваат од критичноста. Таа била кураторка на Mediterranea 18, Биенале за млади уметници, Тирана, Албанија (2017); Била и кураторка на Српскиот павиљон на 52 Меѓународна изложба на Биеналето во Венеција, како и дел од комисијата на Српскиот павиљон на 55 Меѓународна изложба на Биеналето во Венеција. Предавала на Кинеската академија за уметности, Хангзу, Кина; Академија за визуелни уметности, Лајпциг, Германија; Kibbutzim Колеџ, Тел Авив, Израел, NABA, Милано, Италија, LASALLE Колеџ за уметности, Сингапур, на Новата академија за уметности и на само-организираната школа New Collection, Белград, Србија. Добитничка е на наградата Лазар Трифуновиќ за Уметничка критика (Белград), CEC ArtsLink Independent Projects Award (New York), ISCP Curator Award (New York), Dedalus Foundation and Independent Curators International Curatorial Research Award. Нејзините говорни и пишани ангажмани во 2018 година биле наменети за Centre Pompidou (Paris), MNAC (Bucharest) etc.

Маурицио Лазарато е социолог, филозоф и независен истражувач од Париз, кој специјализирл во областа на работните односи, економијата и општество. Тој има пишувано за кинематографијата, видеото и новите технологии за продукција на слики, член е на уредничката група на списанието “Multitudes”. Интересот на Маурицио лежи во анализата на когнитивниот капитализам како и неговите проблеми и дела, кои историски можеме да ги согледаме во италијанското движење наречено Автономнен марксизам, чиј фокус е на нематеријалноста на трудот и постсоцијалистичкото движење.

Петар Милат е поранешен филозоф кој моментално работи како програмски раководител во Мултимедијалниот институт / MaMa [Загреб, Хрватска], каде што е задолжен за издаваштво, експериментална музика и филмски програми. Од 2008 година тој е директор на Филмскиот фестивал за човекови права, фестивал на ciné-ma d’auteur engagé. Главниот фокус на неговото истражување е врската помеѓу нормативната социјална и естетска теорија. Во 2018 година бил член на жирито на фестивалот за кратки филмови во Оберхаузен.

Post Global Trio е проект помеѓу Тони Димитров, Димитар Додовски и Мартин Георгиевски, настанат како континуитет на одредена комуникација, соработка и како нужност за развивање на одредена сцена. Нивното прво издание е достапно на издавачката лејбл post global recordings, вториот албум се појави за американската лејбл Unknown Tone Records, додека третиот за австралиската Twice Removed. Нивниот четврти албум е издаден за Холандскиот лејбл Shimmering Moods.

Mузиката на Post Global Trio е сочинета од теренски снимки, суптилни делници и текстури и незабележливи репетитивни ритми кои резонираат некаде помеѓу апстракцијата и нарацијата, оставајќи ве без здив со својот звучен тек. Вметнатиот медитативен амбиент и теренските звуци ве носат низ имагинарни пејзажи, раскажувајќи приказна за чувствата и природата. Нивните настапи се искуство кое може да се почувствува на патување низ далечните територии на македонските планини каде се снимени користените теренски снимки, давајќи јасни слики на суптилните звучни пејзажи.

CËRPA е проект на солунскиот уметник Григорис Корделас. Проектот се фокусира на експерименталнен и бучав звук со индустриски и power електронски елементи. Неговата продукција и хибридни сетови во живо се карактеризираат со темни, брутални и искривени фреквенции со скрим вокали, потопени во мрак и суровост.

Millions of Dead Tourists користат и злоупотребуваат синт, педални ефекти, две бас гитари, лаптоп, секвенсер и три луѓе. Јасон, Сотирис и Јанис се тројца искусни корисници и насилници на грчката подземна експериментална сцена, кои одлучија да ги здружат силите во ширењето на негативноста и очајот. Меѓу другото, тие не сакаат резервирани права.

———

КРИК – Фестивал за критичка култура се реализира во соработка со: Мутлимедијалниот Институт (MI2), од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Berliner Gazette од Берлин, n.b.k. Video-Forum од Берлин, Издавачка куќа Готен од Скопје, платформата Светот околу нас – критиката во регионот, организирана од партнерските организации kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија), SCCA – Љубљана (Словенија), Проектниот простор Прес ту егзит (Македонија).

Фотогалерија >>> Прв ден 21.11.2018 – Kontrapunkt (kontrapunkt-mk.org) <<<

Фотогалерија >>>Втор ден 22.11.2018 – Kontrapunkt (kontrapunkt-mk.org)<<<

Фотогалерија >>> Трет ден 23.11.2018 – Kontrapunkt (kontrapunkt-mk.org)<<<

Фотогалерија >>> Четврт ден 24.11.2018 – Kontrapunkt (kontrapunkt-mk.org)<<<

Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Фондација отворено општество – Македонија, Министерство за култура на Република Македонија, Фондацијата Култура нова од Хрватска и Креативна Европа 2014 – 2020.

Логистички партнери на фестивалот се: НУ Музеј на современа уметност – Скопје и порталот окно.мк


Споделено на: јануари 25, 2021 во 4:15 pm