„Заедницата која се заснова врз политичка култура на критичко дејствување и соочување преку конфронтација, е заедница на слободата, на взаемноста, на храбрата пловидба кон новите хоризонти на општеството со едра придвижени од ветриштата на креативната уметничка конфронтација и на политичката имагинација.“ (Ален Бадју)
КРИК – фестивал за критичка култура има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст.
КРИК – ФЕСТИВАЛ ЗА КРИТИЧКА КУЛТУРА ќе се застапува за афирмација на уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање на општествените процеси. Програмите на КРИК се креирани за да поттикнат критичка дебата во јавната сфера преку која би се промовирал социо-културниот капитал како јадро кое е длабоко поврзано со најрелевантните политички и општествени теми: човекови права, право на култура, идентитетски прашања, насилството во јавната сфера преку политичкиот и економскиот апаратус, како и зајакнување на заедниците преку културни и уметнички практики.
КРИК ќе застанe во одбрана на правото на критичка култура, која постојано ќе ги поместува границите на еманципаторските политики во социо-културниот простор. КРИК е платформа низ која ќе се истражуваат и изучуваат можностите на проникнување помеѓу естетското и политичкото, помеѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката демократизација на општеството, помеѓу граѓанските заедници и медиумските облици на борба. Со КРИК сакаме да ѝ се спротиставиме на „културата на тишината“ промовирајќи критички дијалог, нови форми на пласирање и примена на знаењето, на современата меморија и актуелната политичка историја, отворајќи можност за постојани општествени трансформации.
КРИК ќе се обиде да понуди модел на лабораторија, на експеримент, кој ќе ги истражува парадигмите на моќта, еманципаторските крстопати на политичкото и на естетското во патеката која комуницира со сите репресивни облици врз граѓанството поврзани со образовните, социјалните, културните, политичките, медиумските права и слободи.
КРИК ги промовира и истражува односите, меѓусебните влијанија и поврзаности на релацијата уметност – политика – општество. Во рамки на КРИК ќе се промовираат социо-културните и уметничките практики како важна алатка со која може да се влијае врз општествените промени и преку која може да се укаже на важноста на граѓанското учество во подигање на свеста за улогата на културата и уметноста во развојните процеси на општествената демократизација. Воедно, програмата на КРИК има за цел да стави поголем фокус на потребата за развој на граѓанска и критичка култура.
Воедно, со својата програма ќе истражува како современата уметност и култура може да ги (де)конструира националистичките митови, идентитети и слики на другоста, справувајќи се со трауматичните точки на општеството и акутните политички теми. Учесници на КРИК: Светлана Слапшак, Рената Салецл, Ана Вујановиќ, Бранислав Димитријевиќ, Славчо Димитров, Бранка Ќурчиќ, Катерина Колозова, Бранимир Јовановиќ, Петар Гошев, Кристина Ампева, Марсел Марс, Томислав Медак, Петар Милат, Мишел Теран, Јелисавета Благојевиќ, Зоран Гајиќ, Артан Садику, Никола Гелевски, Елизабета Шелева, Ивајло Дичев, Јане Чаловски, Лидија Димковска, Христина Иваноска, Анте Јериќ, Нада Прља, Ѓорѓе Јовановиќ, Сања Хорватинчиќ, Бојан Бабиќ, Ирена Бекиќ, Младен Бундало, Миљенка Буљевиќ, Зилке Витиг, Јанка Вукмир, Сабина Гузиќ, Драгослав Дедовиќ, диСТРУКТУРА, Ивана Ивковиќ, Мирослав Кариќ, Леонардо Ковачевиќ, Динко Крехо, Александра Лазар, Ариан Лека, Дуга Мавринац, Моника Мокре, Мелентие Пандиловски, Зоран Пантелиќ, Мирјана Пеитлер – Селаков, Зејно Пекунлу, Милан Радановиќ, Рајко Радовановиќ, Дарка Радосављевиќ Васиљевиќ, Нели Ружиќ, Лилјана Симиќ-Деру, Марко Стаменковиќ и Соња Шонбергер.