Историја
Контрапункт е организација основана во 2001 година во Скопје, со главен фокус на критичката теорија, политичката филозофија, критичкиот активизам и односот помеѓу уметноста и политиката. Од самиот почеток, Контрапункт е посветен на идејата за ширење на културата и културната продукција. Во амбиент на херметички идеи за тоа каква треба да биде културата, Контрапункт се обидува да развие промена преку промовирање на нови алатки и активности кои ќе ги стимулираат и мотивираат уметниците, независните групи и поединците, кои се обидуваат да се изразат во областа на културата. Со текот на времето, идејата за поддршка се разви во идеја за стимулирање на самоорганизација како итна потреба за понатамошен развој на независната културна сцена и на културниот амбиент воопшто.
Контрапункт влијаеше на неколку групи луѓе да се организираат во независни структурирани организации, кои моментално работат доста успешно во неколку градови. Како неформална група, Контрапункт е активен уште од раните 90-ти во областа на културата – меѓу другото и со водење на Независниот простор Културен центар Точка во Скопје (2002 – 2010 година) затворен со политичка одлука на властите, место погодно за организирање јавни дебати, културни и уметнички настани (особено оние поврзани со социјалното вклучување на уметноста). Програмскиот фокус на „Контрапункт“ беше најмногу фокусиран на еманципаторските, самообразовни практики и вклученоста на големата заедница во нивните проекти. Ова му помогна на Контрапункт да стекне капацитети за организирање на неформални образовни процеси преку кои ќе се обезбеди знаење кое треба ефикасно да функционира во микро контекстот. Од основањето, Контрапункт организира и коорганизира бројни регионални и локални настани и проекти. Во соработка со издавачката куќа Темплум, Контрапункт ги подигна своите издавачки активности во врска со современата теорија во културата, уметностите и хуманистичките науки, преку преведување на дела на: Јулија Кристева, Зигмунт Бауман, Тери Иглтон, Жан-Франсоа Лиотар, Славој Жжек, Жак Дерида, итн. Низ годините, Контрапункт бил домаќин на бројни предавачи меѓу кои: Гајатри Чакраворти Спивак, Гералд Рауниг, Марина Грзиник, Александар Гарсија Дитман, Что Делат, Сузана Милевска, Борис Буден, итн. Контрапункт е ко-иницијатор на националната асоцијација на независна културна сцена ЈАДРО и е меѓу основачките организации на регионалната мрежа КООПЕРАТИВА.