Премиера на филмот „Пејзажи на отпорот“ на Марта Попивода и Ана Вујановиќ и разговор со Марта Попивода

КРИК - фестивал за критичка култура Muzej na Sovremena Umetnost Пејзажи на отпорот/Landscapes of Resistance премиерно...

КРИК – фестивал за критичка култура

Muzej na Sovremena Umetnost

Пејзажи на отпорот/Landscapes of Resistance премиерно прикажување на филмот на Марта Попивода и Ана Вујановиќ | Србија, Германија, Франција| 2021 | 95’ | документарец проследено со присуство и разговор на авторката Марта Попивода

„Како може еден пејзаж да говори?
Тоа е како да се прашува дали тревата, штурците, или барата се само позадина за настаните, или дали всушност учествуваат во нив, со своите сенки, длабочини, звуци, чекајќи да станат раскажувачи?“ – Ана Вујановиќ, ко-авторка на : : Пејзажи на отпорот : :

КРИК – ФЕСТИВАЛ ЗА КРИТИЧКА КУЛТУРА го најавува со огромна радост најновиот филм на режисерката, продуцентката и ко-авторката Марта Попивода и ко-авторката Ана Вујановиќ, : : Пејзажи на отпорот : : Имаме привилегија во рамки на КРИК 06 да го споделиме македонското премиерно прикажување на оваа исклучителна филмска нарација, која ги поставува во совршена синергија интимниот, лирски пристап со силните идеолошко-политички светогледи на авторките.
Јазик: Хрватски
Превод: Англиски

После проекцијата на филмот со лгромна радост го најавуваме присуството на режисерката Марта Попивода која ќе има разговор со Ивана Хаџиевска.

Досега филмот освои неколку награди (Cinema du Réel – Library Award; Чонџу меѓународен филмски фестивал – Награда за најдобар филм; Документарен фестивал Солун – награда Златен Александар; Сараевски филмски фестивал – Срцето на Сараево). Особено сме радосни и почестени што со нас ќе биде и режисерката на филмот Марта Попивода, со која после проекцијата на филмот ќе имаме разговор кој ќе го води Ивана Хаџиевска.

Синопсис
Соња (97) е една од првите жени што му се придружила на партизанското движење на отпорот во Југославија. Инспирирана од револуционерните книги што ги добивала од еден соученик во средното училиште, таа ѝ се придружила на комунистичката и антифашистичка организација кон крајот на триесеттите години на дваесеттиот век и во 1941 година станала партизанка во Србија окупирана од Германците. На крајот била заробена, измачувана и по неколку затвори и други концентрациони логори, била одведена во Аушвиц-Биркенау. Таму станала членка на отпорот и водач на една негова единица.

Слушајќи ја приказната на Соња, патуваме низ пејзажите на нејзиниот револуционерен живот, онакви какви што се денес – српските шуми и планини каде што се собирале партизаните, како и калта и безборојните оџаци на Аушвиц – кон нејзиниот минијатурен белградски стан каде што таа живее со својот сопруг и мачка.

Преку десет години, режисерката Марта Попивода и внуката на Соња и ко-авторка на филмот, Ана Вујановиќ, ги снимале своите разговори со Соња. Она што почнува како величење на отпорот на една жена и нејзините другари, постепено се претвора во кинематографски антифашистички манифест, онака како што авторките сé повеќе се соочуваат со подемот на фашизмот во денешна Европа.

РЕЖИСЕРСКА ЕКСПЛИКАЦИЈА

Јас сум феминистичка, квир и антифашистичка уметница и културна работничка. Еден од главните интереси во мојата работа е одност меѓу меморијата и историјата. Денес, за мене, тоа значи преиспитување на растечката плима на фашизмот и на радикализацијата на класното општество.

Антифашистичкиот отпор е централната тема на филмот, и е раскажан од две гледни точки. Главната е онаа на животната приказна на Соња, којашто почнува среде подемот на фашизмот во Европа во триесеттите години на дваесеттиот век. Соња е исклучително сугестивна раскажувачка, којашто може да зборува за минати настани без оние согледувања отпосле. Директно нé внесува во атмосферата и начинот на размислување на времето во кое се родил антифашистичкиот отпор.

Другата гледна точка е онаа современа на нас двете, сценаристките – Марта Попивода и Ана Вујановиќ – квир пар левичарски активистки од Белград кои емигрирале во Берлин. Ја посетувавме и интервјуиравме Соња во текот на повеќе од десет години, сопоставувајќи ја нејзината приказна со нашите искуства на подемот на фашизмот во денешна Европа.

Ана во филмот вели, „многу југословенски херои од Втората светска војна добија јавни споменици. Некои од нив се жени. Но ниедна не е преживеана од Аушвиц.“. Овој филм е направен како алтернативен споменик за Соња и многу други незнајни херои на антифашистичката борба. Она што е важно е што таа не е монолитен и безродов херој за нас, како оние што ги знаеме од официјалната историја. Нашиот кинематографски споменик е и афективен и контемплативен, донесувајќи го „женското лице на војната“. — Марта Попивода, јануари 2021 —

ЗА СОЊА
Од Ана Вујановиќ

Софија Соња Вујановиќ е родена во селото Петка, близу Валево, во Југославија. Родена е во 1920 година во богатото селско семејство Стојановиќ. Татко ѝ политички се ангажирал како социјалдемократ, пратеник. А исто така и како борец во Првата светска војна против германските окупатори. По основното училиште, таа се запишала во Првата Белградска Гимназија, а во подоцнежните класови се префрлила во валевската гимназија. Таму таа била активна во книжевното друштво кое го карактеризирала остра поделба меѓу комунистичката младина и националистите нарекувани „Љотиќевци“. Соња му припаѓала на комунистичкиот кружок, каде што нејзиното чувство за општествените неправди само се изострило. Поради таквиот политички ангажман била исфрлена од средното училиште. Истовремено почнала да се забавува со претседателот на книжевното друштво, Сава (Саша) Станишиќ, кој исто така бил секретар на окружниот комитет на СКОЈ (Сојузот на комунистичка младија на Југославија).

Кога ја исфрлиле од училиште ѝ било страв да се врати дома и за да не ја казнат со затворање во куќата, таа заминала за Белград со Сава, каде што тајно се венчале. Почнале да живеат заедно и станале комунистички активисти, делејќи книги и летоци, учествувајќи во приредби и други настани посветени на женските права и експлоатацијата на работниците, како и работејќи на тоа политички да се активира младината, жените, работниците и селаните.
Кога силите на Оската ја окупирале Југославија во април 1941 година, Соња и Сава помогнале да се организира она што се смета за првиот партизански одред на антифашистичкото движење во Србија – Валевскиот одред, а на 28 јуни тие станале борци на Колубарската единица. Соња била првата жена што ѝ се придружила на единицата. Во следните неколку месеци учествувале во бројни герилски акции и битки против нацистите, сé додека Сава не загинал. Иако останала без својата голема поддршка и љубов, Соња продолжила да се бори и набргу станала командир на партизанска единица. Меѓутоа, за време на зимата, партизанското движење завлегло во криза и многу борци биле заробени.

Соња била заробена во фебруари 1942 година и од тој миг почнува нејзиниот мачен пат низ нацистилките затвори и логори: логорот во Шабац, затворот на Гестапо во Белград, концентрациониот логор Бањица во Белград, Аушвиц-Биркенау и Равензбрик. Во нејзиното досие кај Гестапо пишувало дека тоа што “Sie ist eine größe Kommunistin” („Таа е голема комунистка“) е причината зошто е затворена. Таа подоцна гордо ќе го покажува тој лист хартија секогаш кога за тоа ќе ѝ се укаже можност.

Во логорите Соња продолжила да биде активна во самоорганизирањето на затворениците, па дури и во движењето на отпорот во Аушвиц, каде што станала водач на борбена единица. Ги преживеала сите затвори, благодарение на среќата, семејните врски, недоразбирањата, доброто здравје, како и поради ангажирањето во организации кои обезбедувале грижа и морална поддршка за затворените жени. На крајот, таа, заедно со уште четири девојки, избегале од една колона од цивили и германска војска на 27 април 1945 година. Со една од нив, Вида Јоциќ, со која веќе се познавала уште од партизани и од Аушвиц, останала доживотна пријателка.

По неколку месеци талкање низ Европа и поминувајќи разни програми за рехабилитација, таа пристигнува во Југославија, каде што, како комунистка, требало да се соочи со испрашување: Дали соработувала со нацистите? Дали била капо во логорите? И покрај тоа, таа продолжила со својот општествено-политички ангажман. Откако дипломирала на катедрата за книжевност на белградскиот универзитет, таа работела како новинар, а потоа и како библиотекар во универзитетската библиотека. Истовремено, цел живот била активна во зачувувањето на сеќавањата на фашистичките и нацистички злодела, како член на СУБНОР (Сојуз на здруженијата на борците од Народноослободителната војна) и неговиот Оддел за преживеани, преку јавни говори, интервјуа, отворени писма против растечкиот национализам во Југославија во доцните осумедесетти на дваесеттиот век, како и преку работата на југословенскиот павилјон во Аушвиц-Биркенау.

Како средовечна, Соња се мажи за комунистот Иво Вујановиќ – партизан и комунистички дисидент, и живеат заедно до крајот на нивните животи, во нивините доцни деведесети, опкружени со бројни пријатели, членови на семејството, другари , како и старателите. Тие ги одржувале во живот, политички ангажирани, па дури и ентузијастички расположени во врска со постигањето на поправедно и поеднакво општество.
——

ЗА АВТОРКИТЕ

Марта Попивода
Режисерка, продуцентка, ко-авторка

Марта Попивода е филмска авторка, видео-уметница и истражувачка. Нејзиното дело го истражува тензиите меѓу меморијата и историјата, колективните и индивидуалните тела, како и меѓу идеологијата и секојдневниот живот, со фокус на антифашистичките и феминистичките можности на југословенскиот социјалистички проект. Таа ужива во колективната пракса и веќе неколку години е дел од колективот ТкХ (Теорија што оди). Првиот долгометражен документарец на Попивода, Југославија, како идеологијата го придвижуваше нашето колективно тело, имаше своја премиера на 63-тото Берлинале и подоцна беше прикажан на многу меѓународни фестивали. Филмот е дел од постојаната колекцијана МоМА во Њујорк и се прикажува како дел од Што е совемената уметност?, онлајн курсот на МоМА за совемената уметност од 1980 до денес. Нејзини дела се претставени во големи уметнички галерии, како Тејт Модерн во Лондон, МоМА во Њујорк, М ХКА во Антверпен, Музејот на современа уметност +МСУМ во Љубљана, и други. Досега филмот освои неколку награди (Cinema du Réel – Library Award; Чонџу меѓународен филмски фестивал – Награда за најдобар филм; Документарен фестивал Солун – награда Златен Александар; Сараевски филмски фестивал – Срцето на Сараево).

Ана Вујановиќ
Ко-авторка

Ана Вујановиќ (Берлин/Белград) е културна работничка на полињата на современите изведувачки уметности и култура: истражувач, драматург, писател, предавач. Има докторат по театарски студии. И таа исто така била член на колективот ТкХ (Теорија што оди) со седиште во Белград, главен уредник на ТкХ списание за теорија на изведувачките уметности, 2000-2017. Неколку години особено била посветена на зајакнување на независните сцени во Белград и поранешна Југославија. Има предавано на различни универзитети и образовни програми низ цела Европа. Од 2016 е дел од тимот и менторка за студентите од четврта година на SNDO – School for New Dance Development/Школата за нов развој во тенцот во Амстердам. Учествува во уметнички проекти од полињата на перформансот, театарот, танцот и видеото/филмот како драматург. Има објавено голем број статии во списанија и збирки и авторка е и уредничка на неколку книги, во најскоро време на Собирање во живо: Перформансот и политиката во современа Европа, заедно со Л. Пјаца (Берлин: b_books, 2019). Неодамна го заврши и документарецот Пејсажи на отпорот, заедно со Марта Попивода, и во моментов работи на долгорочниот истражувачки проект Кон едно трансиндивидуално јас со Б. Цвејиќ.

——-

Оригинален наслов: Pejzaži otpora
Јазик: српско-хрватски
Режисерка и пистаел: Марта Попивода
Писателка и драматург: Ана Вујановиќ
Директор на фотографија: Иван Марковиќ
Монтажа: Јелена Максимовиќ
Звук: Јаков Мунижаба
Продуценти: Драгана Јововиќ и Марта Попивода за „Теорија на дело“ и
Јасмина Сијерчиќ за Bocalupo Films
Извршен продуцент: Софи Лили Ковач

——-

ПРОДУЦЕНТСКИ КОМПАНИИ

Bocalupo Films
Франција

Bocalupo Films е продуцентска компанија со седиште во Париз. Основана е во 2008 година од режисерите Армел Хостиу и Мауро Херсе, а подоцна им се придружува и продуцентката Јасмина Сијерчиќ, во 2016 година. Тие ја споделуваат заедничката пасија за филмови што истражуваат оригинални наративи и тие бранат една силна соработка меѓу авторите и продуцентите. Од создавањето на компанијата, тие биле продуценти на наслови како Рив на Армел Хостиу (ACID Кан, 2012), Тврдоглав на Армл Хостиу (RDV со Францускиот филмски Линколн центар, 2015), Мртви полека напред на Мауро Херсе (Локарно меѓународен филмски фестивал 2016 – награда на жирито Cineasti del presente), Невидлива пирамида на Амал Хостиу (Cinéma du Réel 2019), Среќен Божиќ, Јиву на Младен Ковачевиќ (МФФР, 2020), Последното капење на Давид Боневил (Токио меѓунраоден филмски фестивал 2020) и Пејсажи на отпорот на Марта Попивода (ММФР натпреварувачка селекција Тигар, 2021).

Теорија на дело
Србија / Германија

Теорија на дело е филмска продуцентска компанија и колектив со седиште во Белград, Србија. Основана е од филмската режисерка Марта Попивода и драматургот Ана Вујановиќ, заедно со продуцентката Драгана Јововиќ. Теорија на дело е посветена на современите практики во креативната документаристика, експерименталните филмови и видео уметност. Нивна идеја е да создадат уметничка платформа за произведување на радикални експерименти во кинематографијата, особено од страна на женски и левичарски автори. Пејсажи на отпорот (2021) е првиот долгометражен документарец на Теорија на дело, чијшто тим веќе успешно соработуваше на Југославија, како идеологијата го придвижуваше нашето колективно тело од Марта Попивода, премиерно прикажано на 63-тото Берлинале.


Споделено на: септември 16, 2021 во 7:48 am