„Пиратска грижа: акти против криминализацијата на солидарноста“ промоција на книга и разговор со Валерија Грацијано, Марсел Марс и Томислав Медак

Со голема радост ве покануваме на 26 Јуни на промоцијата на македонското издание на книгата „Пиратска...

Со голема радост ве покануваме на 26 Јуни на промоцијата на македонското издание на книгата „Пиратска грижа: акти против криминализацијата на солидарноста“ од Валерија Грацијано, Марсел Марс и Томислав Медак во КСП Центар-Јадро, со почеток во 20 часот.

Книгата доаѓа во време кога прашањето за грижата повторно станува едно од најважните политички прашања на нашето време. Како да се грижиме едни за други кога институциите потфрлаат? Што се случува кога пазарот профитира од нашата ранливост? И што значи солидарноста кога самото помагање сè почесто се третира како престап?

Во свет во кој грижата сè повеќе се претвора во административна процедура, приватен товар или услуга достапна само за оние што можат да ја платат, таа повеќе не може да се разбере како лично или хуманитарно прашање. Грижата е политичко прашање. Кој има право на неа? Кој ја дава? Кој останува надвор? И кој се казнува кога ќе се обиде да помогне?

„Пиратска грижа“ нè воведува во радикална политичка и етичка визија што произлегува од практики на заемна помош, колективно организирање и непослушна грижа. Наместо да ја прифати претставата дека грижата е ограничен ресурс со кој управуваат државата, пазарот или семејството, книгата покажува дека грижата може да биде општествена сила. Таа расте преку споделување, соработка и заедничко дејствување.
Потпирајќи се на искуства од феминистички, работнички, дигитални, еколошки и мигрантски борби, авторите ја истражуваат можноста за создавање автономни инфраструктури на поддршка. Тие инфраструктури се истовремено форма на преживување и форма на отпор. Грижата тука не е приватна доблест или тивка жртва. Таа е политичка практика што може да создава нови општествени односи и нови начини на заеднички живот надвор од логиките на профит, казна и исклучување.

Во време на економски, еколошки и демократски кризи, „Пиратска грижа“ нè повикува да размислиме како да изградиме свет во кој нашата меѓусебна зависност нема да биде причина за доминација, туку основа за солидарност. Книгата ја отфрла наметнатата логика на оскудица. Наместо тоа, отвора простор за поинакво разбирање на богатството: како капацитет за заемна поддршка, одржување на животот и создавање услови за достоинствено живеење.

На промоцијата ќе разговараме со авторите за тоа што значи грижата да се мисли како бунт. Ќе зборуваме за тоа како се градат инфраструктури на солидарност во време на криза, зошто непослушноста понекогаш станува предуслов за грижа, и како оваа книга ни помага да ги препознаеме практиките на пиратска грижа што веќе постојат околу нас.

Книгата е издадена како дел од едицијата “Пунктум”, уредник е Искра Гешоска а, преводот е на Жарко Трајаноски и Мила Стаменова Бурнс.

Pазговорот со авторите и отворената дискусија ќе ги водат Артан Садику и Јована Ѓерасимовска.

Валерија Грацијано е културна теоретичарка и организаторка. Заедно со Марсел Марс и Томислав Медак е една од иницијаторките на проектот Pirate Care Syllabus. Учествувала во повеќе колективи, меѓу кои Precarious Workers Brigade, Radical Education Forum, Boycott Workfare и Women Strike UK. Коавторка е на книгата Rebelling with Care: Exploring Open Technologies for Commoning Healthcare. Живее во Риека, Хрватска.

Марсел Марс е напреден интернет-корисник. Заедно со Томислав Медак ја основа сенковната библиотека Memory of the World. Развива и одржува софтверска инфраструктура за поддршка на чуварите на универзалниот пристап до знаење. Неговото истражување Ruling Class Studies, започнато на Jan van Eyck Academy, ги испитува современите форми на дигитална иновација, адаптација и интелигенција создадени од корпорации како Google, Amazon, Facebook и eBay. Живее во Риека, Хрватска.

Томислав Медак е активист за заеднички добра и права на лицата со попреченост, како и независен истражувач со фокус на технологијата, еколошката криза и транзицијата кон одраст. Член е на зелено-левата партија Možemo! во Хрватска. Заедно со Марсел Марс и заедница на соработници во Загреб го основа Мултимедијалниот институт / МАМА, кој од 2000 година функционира како простор за културно и политичко организирање. Заедно ги уредувале Public Library и Guerrilla Open Access. Живее во Загреб, Хрватска.

Програмска уредничка и организаторка на КРИК – фестивал за критичка култура: Искра Гешоска

Програмски консултанти и организатори:
Тијана Ана Спасовска и Артан Садику

Соработнички тим:
Петар Милат, Зорица Зафировска, Александра Бубевска, Кома дизајн студио.

За повеќе информации:
https://kontrapunkt-mk.org/
https://www.instagram.com/critical.culture/
https://youtube.com/@ngokontrapunkt3837?si=iUuGWynjhBAVMZJ5

KРИК – фестивал за критичка култура е поддржан во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд. Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.
КРИК – фестивал за критичка култура е поддржан од ПроПис Северна Македонија, Фридрих Еберт Штифтунг Скопје, Швајцарската агенција за развој и соработка, Future Bright Art Foundation, Гете Институт Скопје и Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Финансирано од Европската Унија. Изразените ставови и мислења се само ставови на авторот/авторите и не ги одразуваат нужно ставовите на Европската Унија или на Европската Извршна агенција за образование и култура (EACEA). Ниту Европската Унија ниту EACEA не можат да бидат одговорни за нив.


Споделено на: јуни 11, 2026 во 10:21 pm