Јунска програма КРИК

Во долгите јуниски вечери, кога денот бавно се повлекува, а разговорите стануваат подлабоки од вообичаеното, КРИК...

Во долгите јуниски вечери, кога денот бавно се повлекува, а разговорите стануваат подлабоки од вообичаеното, КРИК – Фестивал за критичка култура ве поканува на серија средби со едни од најзначајните современи промислувачи, посветени на едно едноставно, но суштинско прашање: што значи да се живее овој живот – заедно со другите? Како дел од тематската рамка „Грижа – начини да се биде заедно“, ни претставува чест, но и предизвик заеднички да разговараме со најрелевантните имиња на современтата сцена на критичката теорија, филозофија и уметноста, Мартин Хеглунд, Томислав Медак, Валерија Грацијано, Алиса Жулина и Марсел Марс. 

Ова е време на изолација, на состојба на шок и тага кои водат кон парализа на сензибилното, на политичкото и заедничкото. Затоа нужно мора да се навратиме кон поимите и формите што го прават во животот јасна одредница, која се обесмислува доколку нејзината архитектонска псотавеност не почива врз љубовта, грижата, слободата, солидарноста, одговорноста и заедничкото дејствување. Не како апстрактни, веќе речиси обезвреднети поими својствени на испразните академски и политички флоскули и подиуми, туку како секојдневни практики преку кои се спротивставуваме на насилството, стравот, политичката, општествената, мисловната фрагментација и изолација.

Ќе се фокусираме на три главни, прилично деликатни области од нашето современо политичко и идеолошко опкружување. Станува збор за области кои се клучни одредници за историјата на филозофската и политичката мисла: слободата, секуларизмот и социјализмот. КРИК оваа година ќе се обиде да отвори и конфронтира различни епистемиолошки перспективи, прашања и полемики поврзани со воспоставувањето на овој (гол) живот кој постои во рамки на загрозените, изопачените, неправедните, и угнетувачките општества, кои почиваат врз новите техно-феудални наративи кои ја проголтуваат и уништуваат идејата за емпатични, грижливи и солидарни заедници. Каков вид на политички, социо-културен и економски поредок би бил идеален/ оправдувачки за нас како битија кои се соочуваат и не можат да ја прифатат сопствената смртност? Каков начин на живот треба да живееме и што треба да направиме колективно/заеднички, за да се овозможи коренита промена во идејата за заедниците? Како можеме да ги преиспитаме и повторно да ги земеме предвид концептите за слобода и еднаквост? Какви движења можеме да поттикнеме кои ќе го конфронтираат досегашниот концепт на заедници и ќе понудат праведни општествени концепти и практики? 

Инспирирани од трите брилијантни филозофски дела „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“ на Мартин Хеглунд, „Пиратска грижа: акти против криминализацијата на солидарноста“ на Валерија Грацијано, Марсел Марс и Томислав Медак и „Театар на капиталот“ на Алиса Жулина, ќе разговараме за нашата взаемност како услов за слобода, за грижата како форма на отпор и за можноста да замислиме поинакви начини на живеење надвор од логиката на профитот и отуѓувањето, за нашата конечност и нашето опходување кон времето, за демократскиот социјализам, за духовната слобода како секуларна одговорност, за економската и политичката еманципација на театарот. Ако, како што пишува Мартин Хеглунд, нашата конечност е услов за нашата грижа, тогаш прашањето што го поставува фестивалот е: што правиме со времето што ни е дадено? На кого и на што му се посветуваме? И какви светови создаваме преку тие посветености?

Затоа ве покануваме на заедничко обмислување на можностите за еден поинаков живот. Живот во кој грижата не е приватен товар, туку заедничка сила; во кој љубовта не е бегство од светот, туку начин да останеме во него; во кој слободата не значи независност од другите, туку способност заедно да ја преземеме одговорноста за светот што го делиме. Дојдете да ги заокружиме топлите јуниски ноќи во разговор, внимание и заедништво, како што велат и авторите, сè зависи од она што заедно правиме со нашето време.

29 јуни, 2026 | 20:00 
Мартин Хеглунд
„Овој живот – критика и еманципација“
предавање, разговор и дискусија со авторот предводени од Јасмина Поповска, Анастас Вангели и Славчо Димитров
Музеј на современа уметност, Скопје

30 јуни, 2026 | 20:00 часот
Алиса Жулина
„Театар на капиталот – модерната драма и економски живот“

предавање и дискусија предводена од Петар Милат
Музеј на современа уметност

На промоцијата на книгата „Пиратска грижа“, Томислав Медак, Валерија Грацијано и Марсел Марс ќе нè воведат во една радикална политичка и етичка визија што произлегува од конкретни практики на заемна помош, колективно организирање и непослушна грижа. Наспроти доминантните претстави дека грижата е ограничен ресурс со кој управуваат државата, пазарот или семејството, авторите покажуваат дека грижата е општествена сила што се умножува токму преку споделување, соработка и заедничко дејствување.

Потпирајќи се на искуства од феминистички, работнички, дигитални, еколошки и мигрантски движења, „Пиратска грижа“ ја истражува можноста за создавање автономни инфраструктури на поддршка кои истовремено се форма на преживување и форма на отпор. Грижата тука не се појавува како морална должност или приватна доблест, туку како политичка практика способна да создава нови општествени односи и нови облици на заедништво.

Во време на продлабочени економски, еколошки и демократски кризи, книгата нè повикува да размислиме како да изградиме свет во кој зависноста едни од други нема да биде причина за доминација, туку основа за солидарност. Наместо да ја прифатиме наметнатата логика на оскудица, „Пиратска грижа“ отвора простор за замислување на поинакви општества во кои богатството се мери преку капацитетот за заемна поддршка, колективна репродукција на животот и заедничко создавање услови за достоинствено живеење.

По промоцијата ќе следува разговор со авторите и отворена дискусија со публиката.
Разговорот ќе го водат Артан Садику и  Јована Ѓерасимовска.

„Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“, Мартин Хеглунд

Во своето предавање, Мартин Хеглунд ќе ја претстави својата  книга „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“ (Контрапункт, 2020, превод: Жарко Трајаноски), дело кое во последните години се наметна како една од најзначајните интервенции во современата политичка филозофија и критичка теорија. Поаѓајќи од едно навидум едноставно, но радикално сознание –  дека го имаме само овој живот – Хеглунд развива моќна одбрана на човечката конечност како темел на љубовта, посветеноста, етиката и политичката слобода.

Ова предавање ја развива врската помеѓу критиката и еманципацијата во мојата книга „Овој живот“. Следејќи го Маркс, Хеглунд тврди дека општествената слобода е нашето највисоко добро и дека религиозните проекции на „битие надвор од нашето смртно постоење би исчезнале под еманципирани услови“. Сепак, за да се покаже зошто Маркс е во право, потребен е аргумент што самиот тој не го „дава“. Соединувајќи ја иманентната критика на религијата и иманентната критика на „капитализмот“, покажува како „Овој живот“ обезбедува нова визија за слободата, која ја признава нашата меѓусебна „зависност еден од друг“.

Предавањето ќе понуди можност за продлабочено размислување за врската помеѓу љубовта и политиката, помеѓу личната посветеност и колективната одговорност, како и за потенцијалот на демократскиот социјализам да создаде услови во кои секој човек ќе може навистина да располага со својот единствен и незаменлив живот. По предавањето ќе следува разговор и критичка дискусија со авторот, а Хеглунд ќе реализира и дводневна менторска програма со учесници на фестивалот.

После предавањето на Мартин Хеглунд, разговорот ќе го водат: Јасмина Поповска, Анастас Вангели и Славчо Димитров

„Театар на капиталот – модерната драма и економски живот“, Алиса Жулина
Современото општество често се претставува како свет управуван од бројки, пазари и економски закони. Но зад апстрактниот јазик на капиталот отсекогаш се криеле приказни, конфликти, желби, стравови и човечки судбини. Токму затоа театарот и литературата не се само огледало на економскиот живот, туку и место каде што стануваат видливи неговите противречности, неговите ветувања и неговите насилства.

Во своето предавање, Алиса Жулина ќе ги претстави истражувањата развиени во книгата „Театар на капиталот: модерна драма и економски живот“, отворајќи простор за размислување за односот помеѓу естетиката и политичката економија, помеѓу драмската форма и историските трансформации на капиталистичкото општество. Поаѓајќи од клучни дела на модерната и современата драма, Жулина покажува дека  театарската сцена претставува привилегирано место од кое може да се согледаат механизмите на моќта, вредноста, трудот и општествената репродукција.

Предавањето ќе понуди можност за поширока дискусија за улогата на уметноста во разбирањето на современиот свет, за капацитетот на драмата да ги артикулира општествените противречности и за потенцијалот на критичката култура да отвора нови хоризонти на политичка имагинација. Во време кога економијата се претставува како неизбежна судбина, а не како историски создаден систем, „Театар на капиталот“ нè потсетува дека секој општествен поредок е истовремено и наратив — а секој наратив може да биде преиспитан, преобликуван и замислен поинаку.

После предавањето ќе следува разговор и дискусија со авторката.
Дискусијата ќе биде предводена од Петар Милат.

Мартин Хеглунд е шведски филозоф и професор по компаративна книжевност и хуманистички науки на Универзитетот Јејл, Соединетите Американски Држави. Автор е на четири високо ценети книги преведени на петнаесет јазици. Неговата работа се фокусира на прашањата за слободата, времето, одговорноста и секуларната вера, како и на начините на кои политичките, економските и културните системи ги обликуваат човечката зависност и грижата за другите.

Добитник е на бројни престижни признанија, меѓу кои Гугенхајмовата стипендија и наградата „René Wellek“, а неговите дела и идеи имаат значително влијание врз современите дебати за демократијата, социјалната правда и колективната одговорност.

Томислав Медак студирал филозофија, германски јазик и литература на Филозофскиот факултет во Загреб. Неговите теоретски интереси се фокусираат на констелации на современата политичка филозофија, медиумската теорија и естетиката. Тој е застапник за слободен софтвер и член на Одборот на хрватскиот тим за “Creative commons”. Томислав Медак е истражувач со докторат по технополитика и планетарна еколошка криза, стекнат во Центарот за постдигитални култури на Универзитетот Ковентри. Заедно со Валерио Грацијано и Марсел Марс, тој е коосновач на проектот „Пиратска грижа“. Дваесет години е член на теоретскиот и издавачкиот тим на Мултимедијалниот институт МаМа, Загреб и дел од уметничкиот колектив BADco. Исто така, повремено пишува за театар, танц и политика. 

Валерија Грацијано е теоретичарка на културата, како и едукаторка чие истражување се фокусира на создавање пост-работни имагинации, микро-политички практики и радикални педагогии. Магистрирала по визуелни култури на Универзитетот Голдсмитс (поддржана од AHRC) и докторирала  критичка организациска теорија на Универзитетот Квин Мери во Лондон. Валерија моментално е истражувачка на Универзитетот Мидлсекс. Нејзиниот постдокторски проект истражува различни „префигуративни практики“ како и улогата на имагинарните дејства во организацискиот живот на колективите. Со текот на годините, Валерија соработувала со голем број уметнички институции, вклучувајќи ги Ван Абемузејот (Ајндховен), MACBA (Барселона), CASCO (Утрехт), CCA (Талин), како и фестивали како што се Театарскиот фестивал Импулс (Диселдорф), Штајришер Хербст (Грац) и Ин Презентаблс (Мадрид). Таа е членка на Истражувачката група за микрополитика (2006–денес). Таа е исто така ко-уредничка на претстојното специјално издание на списанието Еphemera: theory & politics in organization, посветено на темата „Repair Matters“.  Список на нејзините публикации може да се најде во нејзиниот репозиториум на Humanities Commons (2022).

Марсел Марс е еден од основачите на Мултимедијалниот институт – mi2 и клубот net.culture mama во Загреб. Тој ја започнал практиката на споделување вештини – редовни неформални состаноци на ентузијасти во клубот МаМа. Марсел Учествувал во бројни колаборативни уметнички и истражувачки проекти, меѓу кои NRD Kit, gifoskop, EditThisBanner и Flying Carpet. Бил коорганизатор на летните кампови „Отокултиватор“ и SummerSource, а учествувал и во кураторската и продуцентската работа на повеќе изложби и фестивали посветени на слободната култура, технологијата и уметноста. Член е на Creative Commons Croatia и редовно одржува работилници и предавања за хакирање, слободен софтвер, социјален софтвер и семантички веб. Работел во Hacklab во МaМa (Загреб), а во Белград ги водел програмите „Чудото на технологијата“, „Хакерски леќи“ и „Програмирање за не-програмери“ на Факултетот за медиуми и комуникации. Во периодот 2011–2012 година работел на истражувањето „Студии за владејачка класа“ на Академијата Јан Ван Ејк во Мастрихт, кое подоцна го продолжил во 2015 година како докторски студии на Лабораторијата за истражување на дигитални култури. Денес тој активно се залага и работи на проектот Јавна библиотека / Сеќавање на светот. Покрај тоа, тој пее, танцува, раскажува приказни и создава музика под името Ненад Ромиќ за „Нови бајт“.

Алиса Жулина е уметница-истражувачка, драматург, тетаролог, доцентка по театарски студии на Одделот за драма на училиштето за уметности Тиш и придружна членка на факултетот на Одделот за руски и словенски студии. Таа има диплома по историја и литература и докторат по компаративна книжевност од Универзитетот Харвард.

Нејзините истражувачки интереси ги вклучуваат пресеците помеѓу театарските студии и економската теорија, политичкиот театар, модерната драма, историјата на европскиот театар, источноевропската изведба и новите медиуми. Нејзините дела се објавени во „Theatre Journal“, „Theatre Survey“, „Modern Drama“ во неколку изданија. Нејзиниот тековен книжевен проект, „Театар на капиталот“, се фокусира на тоа како театарот од деветнаесеттиот век, па наваму се залага во поставување и предизвикување  на економските идеи. Покрај нејзината научна работа, Жулина е драматургинка и театарска режисерка. Таа е основачка на „Каколет колектив“, изведувачка група посветена на истражување на алтернативни економии преку изведба и јавна уметност. 

КРИК има цел да застане во одбрана на правото на критичка култура, која постојано ќе ги поместува границите на еманципаторските политики во социо-културниот простор. КРИК е платформа низ која се истражуваат и изучуваат можностите на проникнување помеѓу естетското и политичкото, помеѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката демократизација на општеството, помеѓу граѓанските заедници и медиумските облици на борба. Со КРИК сакаме да ѝ се спротиставиме на „културата на тишината“ промовирајќи критички дијалог, нови форми на пласирање и примена на знаењето, на современата меморија и актуелната политичка историја, отворајќи можност за постојани општествени трансформации.

„Заедницата која се заснова врз политичка култура на критичко дејствување и соочување преку конфронтација, е заедница на слободата, на взаемноста, на храбрата пловидба кон новите хоризонти на општеството со едра придвижени од ветриштата на креативната уметничка конфронтација и на политичката имагинација.“

Програмска уредничка и организаторка на КРИК – фестивал за критичка култура: Искра Гешоска

Програмски консултанти и организатори: 

Тијана Ана Спасовска и Артан Садику

Соработнички тим: 

Петар Милат, Зорица Зафировска, Александра Бубевска, Кома дизајн студио.

Следетене на:
https://www.facebook.com/KRIKfestival/
https://www.facebook.com/kontrapunktskopje
https://www.instagram.com/critical.culture/ 
https://youtube.com/@ngokontrapunkt3837?si=iUuGWynjhBAVMZJ5

Партнерства и поддршка:
KРИК – фестивал за критичка култура е поддржан во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд. Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.КРИК – фестивал за критичка култура е поддржан од ПроПис Северна Македонија, Фридрих Еберт Штифтунг Скопје, Швајцарската агенција за развој и соработка, Future Bright Art Foundation, Гете Институт Скопје и Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Финансирано од Европската Унија. Изразените ставови и мислења се само ставови на авторот/авторите и не ги одразуваат нужно ставовите на Европската Унија или на Европската Извршна агенција за образование и култура (EACEA). Ниту Европската Унија ниту EACEA не можат да бидат одговорни за нив.




Споделено на: јуни 12, 2026 во 3:57 pm