Со голема радост и чест оваа година Контрапункт, во рамки на својата програма КРИК – фестивал за критичка култура, ќе биде домаќин на најзначајниот, напровокативниот и најактуелниот филозоф на 21 век, Мартин Хеглунд. На 29. 06. 2026 (понеделник), со почеток во 20:00 часот, во Музејот на современа уметност, ќе имаме привилегија да го проследиме предавањето на Мартин Хеглунд насловено :: Овој живот – критика и еманципација :: кое се заснова на неговите тези епистемолошки разработени во неговата веќе култна книга :: Овој живот – секуларна вера и духовна слобода :: која Контрапункт ја издаде во превод на Жарко Трајаноски уште во 2020 година, во својата едиција за современа критичка теорија, „Пунктум“, а со тоа го направивме воопшто првиот превод на оригиналното издание од 2019 година.
Во време во кое иднината сè почесто се доживува како закана, а не како ветување, прашањето како да се живее добар и слободен живот повторно станува едно од најитните филозофски и политички прашања на нашето време. Што е она што навистина му дава вредност на животот? Од каде произлегуваат нашите најдлабоки заложби? И како можеме да изградиме општество во кое грижата за другите не е спротивставена на слободата, туку е нејзин предуслов?
КРИК- фестивал за критичка култура со гостувањето на Мартин Хеглунд ќе се обиде да отвори и конфронтира различни епистемиолошки перспективи, прашања и полемики поврзани со воспоставувањето на овој (гол) живот кој постои во рамки на загрозените, изопачените, неправедните, и угнетувачките општества, кои почиваат врз новите техно-феудални наративи кои ја проголтуваат и уништуваат идејата за емпатични, грижливи и солидарни заедници. Неговите реисчитувања за нашата конечност, за начинот на градење заедници, за демократскиот социјализам, за одговорноста и за перспективите на капиталистичкото поимање на времето, односно за нашиот однос кон нашето врамено и ограничено време, сопоставено во однос на христијанските начела за времето, се револуционерни и се тема на стотици филозофски, теолошки и политички симпозиуми и дебати.
Едно од клучните прашања што ги разработува Хеглунд во своето капитално филозофско дело е како можеме да изградиме општество во кое грижата за другите не е спротивставена на слободата, туку е нејзин предуслов?
За предавањето:
Ова предавање ја развива врската помеѓу критиката и еманципацијата во неговата книга „Овој живот“. Следејќи го Маркс, Хеглунд тврди дека општествената слобода е нашето највисоко добро и дека религиозните проекции на „битие надвор од нашето смртно постоење би исчезнале под еманципирани услови“. Сепак, за да се покаже зошто Маркс е во право, потребен е аргумент што самиот тој не го „дава“.
Соединувајќи ја иманентната критика на религијата и иманентната критика на „капитализмот“, покажува како „Овој живот“ обезбедува нова визија за слободата, која ја признава нашата меѓусебна „зависност еден од друг“.
Предавањето ќе понуди можност за продлабочено размислување за врската помеѓу љубовта и политиката, помеѓу личната посветеност и колективната одговорност, како и за потенцијалот на демократскиот социјализам да создаде услови во кои секој човек ќе може навистина да располага со својот единствен и незаменлив живот.
После предавањето на Мартин Хеглунд следи модериран разговор со авторот кој ќе го водат: Јасмина Поповска, Анастас Вангели и Славчо Димитров.
За авторот:
Мартин Хеглунд е филозоф и професор по компаративна книжевност и хуманистички науки на Универзитетот Јејл, Соединетите Американски Држави. Автор е на четири високо ценети книги преведени на петнаесет јазици. Неговата работа се фокусира на прашањата за слободата, времето, одговорноста и секуларната вера, како и на начините на кои политичките, економските и културните системи ги обликуваат човечката зависност и грижата за другите. Добитник е на бројни престижни признанија, меѓу кои Гугенхајмовата стипендија и наградата „René Wellek“, а неговите дела и идеи се проценуваат како највлијателни во современите дебати за демократијата, социјалната правда и колективната одговорност.
****
Мотото на КРИК и понатаму останува втемелено во размислата на Ален Бадју:
„Заедницата која се заснова врз политичка култура на критичко дејствување и соочување преку конфронтација, е заедница на слободата, на взаемноста, на храбрата пловидба кон новите хоризонти на општеството со едра придвижени од ветриштата на креативната уметничка конфронтација и на политичката имагинација.“
Програмска уредничка и организаторка на КРИК – фестивал за критичка култура: Искра Гешоска
Програмски консултанти и организатори: Тијана Ана Спасовска и Артан Садику
Соработнички тим: Петар Милат, Зорица Зафировска, Александра Бубевска, Кома дизајн студио.
За повеќе информации:
https://kontrapunkt-mk.org/en
https://www.instagram.com/critical.culture/
https://youtube.com/@ngokontrapunkt3837?si=iUuGWynjhBAVMZJ5
Партнерства и поддршка:
KРИК – фестивал за критичка култура е поддржан во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.
Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд. КРИК – фестивал за критичка култура е поддржан од ПроПис Северна Македонија, Фридрих Еберт Штифтунг Скопје, Швајцарската агенција за развој и соработка, Future Bright Art Foundation, Гете Институт Скопје и Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Финансирано од Европската Унија. Изразените ставови и мислења се само ставови на авторот/авторите и не ги одразуваат нужно ставовите на Европската Унија или на Европската Извршна агенција за образование и култура (EACEA). Ниту Европската Унија ниту EACEA не можат да бидат одговорни за нив.
Споделено на: јуни 15, 2026 во 7:52 pm