КРИК – фестивал за критичка култура 2026, ќе се одвива од април, па сè до доцна есен, како простор за континуиранo промислување, заедничко соочување и истражување во релација со овогодинешната тема „Грижа: начини да се биде заедно“. Во време кога општествата низ светот, и Европа, се соочуваат со сè подлабока изолација, насилство, исцрпеност и фрагментација, прашањето како да бидеме заедно, грижливо, одговорно и посветено, станува истовремено итно и лично.
Грижата ја промислуваме не исклучиво како приватна и емоционално засегната категорија, туку како колективна и политичка практика. Грижата ја читаме како серија граѓански, индивидуални и заеднички практики, што се јавуваат онаму каде што институциите потфрлаат и изневеруваат. Тие практики подразбираат спектар на начини на градење доверба, редефинирање и одново воспоставување на моделите на солидарноста и преобмислување на условите за демократски живот. Фестивалот не нуди готови одговори, туку отвора простор да размислуваме за грижата не само како форма на одржување, туку како отпор, не само како поддршка, туку и како начин на повторно присвојување на моќта – како нешто што се раѓа во меѓупросторот на ранливоста и одговорноста, помеѓу нужноста и можноста.
Програмата започнува со две предавања кои ја поставуваат рамката на фестивалот: „Кураторство – грижата како задоволство и модел на работа“ од Франциска Вернер и „Грижа за граѓанската заедница“ од Карена Шлевит-Смит. Тие го практикуваат кураторството како комплекс на работни меѓучовечки односи, услови и заеднички простори, и ја прошируваат дискусијата кон пошироките општествени и политички димензии на грижата, како практика што се простира од личното кон колективното.
Програма за 01.04.26
19:00 Отворање на фестивалот
19:10 Грижа за граѓанството| Карена Шлевит Бекер
Во последниве години, концептот и праксата на грижа добија огромно значење во многу области од секојдневниот живот и работа, вклучително и во уметноста. Ескалацијата на конфликтите и кризите – како локално, така и глобално – честопати придружени со насилство, поларизација и омаловажување, неизбежно поттикнува на свест и потреба за одговор преку форми на грижа како форма на протест.
Мојот концепт на грижа опфаќа цела низа карактеристики и манифестации кои се протегаат подалеку од индивидуалната грижа – допирајќи до поширокото општество преку уметноста. Прво и најважно, станува збор за внимание – различен вид внимание од оној што нè тренира да обработуваме слики за неколку секунди или да се фокусираме на квантитативни мерки за успех.
Во нашата работа бараме внимание кое создава врски, поттикнува и произведува видливи процеси, вклучува различни реалности и може да генерира отпор. Сите овие точки се дел од уметничката програма и дел од нашите институционални и финансиски напори. Доколку можеме да ги одржиме овие процеси, можеме да кажеме дека грижата останува централен фокус на нашата работа.
Предавањето ќе се однесува на естетиката на грижата, уметничките практики на грижата, начините на соработка и работните процеси, како и грижата за публика и грижата за животната средина. Во овој контекст, институцијата ХЕЛЕРАУ и нејзините социјални, политички и финансиски услови, исто така, играат директна улога во нашите процеси на грижа и внимание.
19:50 Кураторство – грижата како задоволство и модел на работа | Франциска Вернер
Терминот кураторство отсекогаш бил тесно поврзан, во самото свое етимолошко потекло, со идејата за грижа. Латинскиот глагол curare значи да се грижиш, , да одржуваш – но и да надгледуваш.
Всушност, сите овие значења играат улога во мојата работа како куратор, драматург и уметнички директор.
Во мојата долгогодишна кураторска пракса – моментално како уметнички директор на фестивалот Импулс за перформанс, театар и танц во Северна Рајна-Вестфалија, но и претходно како директор на Sophiensaele, независна продуцентска куќа, во Берлин, како и преку разни фриленс кураторски проекти – кураторството сè повеќе станува, за мене, помалку избор на дела и уметници, а повеќе пракса на обликување на односите. Работа со услови. Со луѓе. Со време. Со простори. Во овој говор, ќе ве однесам на лично патување низ клучните аспекти на оваа практика: преку грижа, преку овозможување, преку колективно создавање простори за уметност, уметници и публика.
Ќе споделам сознанија за мојата моментална работа со фестивалот Импулс – како место каде што многу од овие прашања стануваат опипливи: во програмирањето, во условите за производство, во средбите.
Грижата, во овој контекст, не е само тема. Таа е начин на работа. А, исто така, доста често и предизвик.
Затоа што грижата не значи само поддршка, туку и одговорност.
Не само поврзување, туку и конфликт.
Голем број термини ќе ме придружуваат – како поттици, како концептуални алатки, како отворени фрагменти: Простори. Времени вредности. Пристап. Гостопримство. Ресурси. Самоексплоатација. Експлоатација. Медијација. Односи. Мрежи. Колективност. Поддршка. Притисок. Солидарност. Емпатија. Капацитети. Задоволство. Ентузијазам. Издржливост. Исцрпеност. Грижа за себе. Инспирација. … продолжува …
KРИК – фестивал за критичка култура е поддржан во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд. Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.
КРИК – KРИК – фестивал за критичка култура е поддржан од Гете Институт Скопје, Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија, ПроПис Македонија, Фридрих Еберт Штифтунг Скопје
@HeartefactFund @SwissEmbassySkopje @GoetheInstitutSkopje @Friedrich-Ebert-Stiftung Skopje @ProPeace North Macedonia
Споделено на: март 23, 2026 во 3:32 pm