Контрапункт – организација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики со задоволство ве поканува е на 9-тото издание на КРИК – фестивал за критичка култура во периодот од 1-ви до 5-ти јули 2024 година. КРИК 09 е воден од тематска рамка: „Желбени машини – уметноста како (р)еволуција“:
Желбата е вистинита, вирее од мноштвото на поврзувања, произведува и самата е истовремено резултат на тоа производство. Желбени машини насекаде. Тие не се веќе само човековите битија и нивните алатки. Нови желбени машини го колонизираат просторот насекаде, тие произведуваат и се резултат на производството на алгоритмите, платформите, облаците и вештачката интелегенција. Мноштво на поврзани желби, хипер забрзан процес на производство, податоци, информации, масивни дата сетови, и намaлен капацитет на разбирање и ставање во некоја, класично дефинирана, добронамерна цел.
Кога теориите се немоќни пред мета-универзумот на капиталистичкото производство на се поголемо спекулативно богатство на податоци, на нови желби и нови машини, кои се тешко разбирливи, а уште потешко запирливи, единствено уметноста преостанува како вечно поле на борба со неразбирливото и незапирливото. Иако длабоко поврзана, преку редици машини, желби и производи, сепак веруваме дека уметноста може да се откине, да стане своја линија на прелет, да начне процеси на транс-формативни желби и анти-продукција. Таква уметност посакуваме, и се додека нашата желба не е потполно стопена во кодот на капиталот, ако воопшто желбата може да се покори, за таква уметност ќе се залагаме. КРИК Фестивал за критичка култура во неговото 9-то издание ќе се обиде да ги стави во фукција постоечките јазични капацитети и уметнички потенцијали за да може да се мисли во негација на сегашниот тек на махиналната нихилистичка инерција на современите машини.
Со цел да ги предизвикаме постоечките текови на производство на мисла, уметност и воопшто да им се спротиставиме актуелните текови на создавање по инерција, заеднички ќе нурнеме подлабоко во често занемарената или намерно игнорираната од доминантните политички наративи, врската помеѓу уметноста и револуцијата. Ќе го истражуваме нивното постоење во симбиоза кое ги надминува популарните историски записи, навлегувајќи во самата суштина на човечкот, неговиот општествениот развој и еволуција.
Барајќи ги врските помеѓу уметноста и револуцијата, ќе се потрудиме да произведеме уште една нит, во повеќеслојна таписерија на идеи исткаена од уметници, мислители, и разноразни престапници на популарните и доминантни наративи, кои навлегуваат во онтолошките импликации на уметничкото изразување испреплетено во револуционерен жар. Овде, уметноста не претставува само медиум за естетско задоволство или културна рефлексија, туку сила која ги нарушува воспоставените парадигми, ја испитува динамиката на моќта и ја поттикнува колективната свест кон еманципаторсите и еволутивните хоризонти. Таа нѐ принудува да се соочиме со комплексноста на нашето делување и одговорност, наведувајќи нѐ, не само да создаваме уметност што инспирира и поттикнува, туку и критички да ги испитаме етичките димензии на нашите интервенции.
Во рамките на КРИК 09 заеднички ќе истражуваме делата и живот, на различни уметници и уметнички групи, почнувајќи од животот и делото на познатата антифашистичка и феминистричка писателка Дубравка Угрешиќ, чиј живот претставува симбол на издржливост и пркос пред неволјите, неправдите и центрите на моќ, а нејзиниот пишан збор стои како светилник на надеж и отпор против системското угнетување. Оваа година сакаме заеднички да се потсетиме дека уметноста, во нејзината суштина, е катализатор за револуција – медиум преку кој можеме да замислиме и да се стремиме за поправеден, посолидарен и поемпатичен свет.
#CC4WBs, #CCI #culture
Споделено на: март 1, 2024 во 11:20 am