Овој живот секуларна вера и духовна слобода

Петгодишнината на КРИК - фестивал за критичка култура, која се одвива во доба на пандемија, ние...

Петгодишнината на КРИК – фестивал за критичка култура, која се одвива во доба на пандемија, ние пркосно ја крунисуваме со издавањето на книгата „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“, на еден од најзначајните филозофи на нашето ново време, Мартин Хеглунд (Martin Hägglund). Беше вистински предизвик и чест да се биде во комуникација со авторот кој доследно, низ целото негово досегашно творешто, прави полемични исчекори, кои освен што создаваат провокативни и втемелувачи епистемолошки и филозофски парадигми, во сферата на континенталната и политичката филозофијам, а особено низ оваа книга, исцртуваат директен прогрмски влез во можните промени, кои нужно би го подобриле читањето на демократскиот социјализам и би создале општества што ќе бидат солидарни и емпатични.

„Интервенција во интелектуалната историја од прв ред!“

– ќе забележи реномираната платформа, Radical Philosophy.

„Измамувачки амбициозна синтеза на филозофијата, духовноста и политиката, која започнува со идејата за соочување со смртноста и завршува со идејата за демократскиот социјализам … Сè зависи од тоа што правиме со нашето заедничко време. Овој живот претставува моќен потсетник за запаметување на таа вистина“,

акцентира Оливер Буркеман, во The Guardian

Среќни сме што ја имаме честа да го претставиме на нашата публика Мартин Хеглунд токму со неговата последна книга, која беше повеќекратно вбројувана за најзначајна книга од сферата на политичката филозофија за 2019 од реномирани стручни списанија. Воедно, предизвикот беше уште поголем, затоа што ова е првиот превод на Хеглунд на еден од словенските јазици. А за брилијантноста на преводот на „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“, има заслуга Жарко Трајаноски, кој со исклучителна деталност и прецизност во користењето на филозофската, политичката и теолошката терминологија, успеа со чудесна јазична суптилност да ги ислика и специфичните, речиси книжевни слики, кои се основна специфика на стилот и на филозофскиот јазик на Хеглунд.

Хеглунд со својата книга, објавена во 2019 година, всушност ги полемично ги сублимира сите најважни теми кои нѐ измачуваат со децении наназад, а особено денес, во оваа тешка и пресвртна за целото човештво, 2020 година.

„Ова е ретко дело, производ на големата интелектуална снага и морална цврстина. Напишаното има извонреден опсег и поседува чесност и жар – сосема без цинизам. Под Хеглундовото афирмирање на секуларната вера и животната определба стои една неодолива преработка на егзистенцијалната аналитика на раниот Хајдегер, особено неговото разбирање на конечноста и екстатичната временост. Со голема разлика што станува збор за засебен левичарски проект, каде што секуларната вера води кон духовната слобода, која се подразбира како хегелијанско-марксистичка афирмација на демократскиот социјализам. Хеглунд е автентичен моралист на нашево време, кој поседува непоколеблива решителност и жестока посветеност кон интелектуалната честитост. Можеби тој е филозофскиот пандан на Карл Уве Кнаусгор“, вели во својата рецензија Сајмон Кричли, британски филозф.

„Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“, е дел од новата едиција Пунктум, која Контрапункт
ја покренува како дел од КРИК – фестивал за критичка култура.


Мартин Хеглунд е професор по компаративна литература и хуманитарни дисциплини на Универзитетот Јејл. Тој, исто така, е член на Здружението на стипендисти на Универзитетот Харвард, каде што беше помлад стипендист (2009 – 2012). Автор е на три високовреднувани книги, а неговите дела се преведени на осум јазици. Во неговата родна Шведска, тој ја издаде својата прва книга Хронофобија (Chronophobia, 2002), на возраст од 25 години и е добитник на Шиковата награда* на Шведската академија. Неговата прва книга на англиски јазик, Радикален атеизам (Radical Atheism, 2008), беше тема на конференција на Универзитетот Корнел, на колоквиум на Универзитетот Оксфорд и на специјален број од 250 страници на Њу сентенијал ривју (New Centennial Review), насловен Живеење понатаму: За Мартин Хеглунд (Living On: Of Martin Hägglund). Неговата неодамнешна книга Умирање за времето: Пруст, Вулф, Набоков (Dying for Time: Proust, Woolf, Nabokov, 2012) беше поздравена од Лос Анџелес ривју оф букс (Los Angeles Review ofBooks) како „револуционерно“ постигнување. Во 2018, тој беше награден со стипендијата „Гугенхајм“. Живее во градот Њујорк. (martinhagglund.se)

извадок од книгата „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“.

: : Препознавањето на нашата заемна конечност е неопходен услов за да биде разумно барањето за меѓусебна грижа, но ова препознавање во никој случај не е доволно за вистинска заемност. Наместо тоа, нашата зависност едни од други и кревкоста во нашите животи нѐ повикуваат да развиваме институции за социјална правда и материјална благосостојба. Нашата способност да ги третираме другите праведно зависи од тоа како пак самите ние сме биле третирани и згрижени, почнувајќи од нашите први искуства на родителска љубов, па до организацијата на општеството во кое се пронаоѓаме. Само една секуларна перспектива ни овозможува да се сосредоточиме врз овие нормативни практики – нашите форми на воспитание, образование, труд, политичко управување и така натаму – како суштински важни за она што ние го правиме, како практики за кои ние сме одговорни и кои треба да се одржуваат, или доведуваат под прашање, или ревидираат од нас, наместо да ни бидат дадени од природата или со натприроден декрет.

Поради истиот разлог, секуларната вера е услов за слобода. Да се биде слободен, тврдам, не e да се биде суверен или ослободен од сите стеги. Поскоро, ние сме слободни зашто сме во состојба да се запрашаме што би требало да правиме со нашето време. Сите форми на слобода – на пр., слободата на дејствување, слободата на говорење, слободата на сакање – се разбирливи како слобода само онолку колку што сме слободни да се занимаваме со прашањето што треба да правиме со нашето време. Ако ни беше зададено она што треба да го правиме, она што треба да го кажеме и кого треба да го сакаме – накусо: ако ни беше зададено тоа што треба да го правиме со нашето време – немаше да бидеме слободни.

Способноста да се постави ова прашање – прашањето што ние би требало да правиме со нашето време – е основниот услов за она што го нарекувам духовна слобода. За да водам слободен, духовен живот (наместо живот предодреден само од природни инстинкти), мора да бидам одговорен за она што го правам. Ова не значи дека јас сум ослободен од природни и социјални стеги. Не избрав да се родам со ограничувањата и способностите што се случи да ги имам. Притоа, немав никаква контрола врз тоа кој се грижеше за мене, што ми направија мене и за мене. Моето семејство – и поголемиот историски контекст во кој сум роден – ме обликуваа пред да можам да направам што било за тоа. Исто така, општествените норми продолжуваат да ме формираат за тоа како се прифаќам самиот и што можам да направам со мојот живот. Без општествени норми – норми што самиот не сум ги измислил, и кои го обликуваат светот во кој се наоѓам – не би имал никакво разбирање кој да бидам или што да правам.

Сепак, јас сум одговорен за одржување, предизвикување или преобликување на овие норми. Јас не сум само каузално предодреден од природата или од нормите, туку дејствувам имајќи ги предвид нормите што можам да ги предизвикувам и преобликувам. Токму ова е тоа што значи да се има духовен живот. Дури и по цена на мојот биолошки опстанок, мојата материјална благосостојба, или мојата општествена позиција, можам да го дадам својот живот за некој принцип на кој се придржувам или за некоја кауза во која верувам. : :


изданието е финансиски помогнато од:
Гете институт Брисел // Алијанс културштифтунг // Гете институт Скопје // Министерство за култура на Северна Република Македонија // Програма на Креативна Европа на Европската Комисија // Министерство за култура на Република Хрватска // Влада на Република Хрватска – Канцеларија за соработка со невладини организации // Канцеларија за култура на Град Загреб // Фондација Отворено Општество.

*Оваа книга е објавена во рамките на проектот Вектори на колективна имагинација, заеднички проект на Контрапункт со Multimedijalni institut (MI2) и Kulturtreger од Загреб, Berliner Gazette од Берлин, Glänta од Гетебург и kuda.org од Нови Сад. Проектот е поддржан од програмата на Креативна Европа на Европската Комисија.


Споделено на: јануари 13, 2021 во 11:23 am