Книгата „Уметност и револуција“ на Гералд Рауниг достапна во PDF формат за сите заинтересирани граѓани

Книгата „Уметност и револуција“ на Гералд Рауниг е многу повеќе од научна таа е афирмација на новите конститутивни практики, антиглобализацијата и политичката критика напишана во бурната средина на социјалните движења дваесеттиот век.

Во рамки на 9-тото издание на КРИК – фестивалот за критичка култура, годинава Контрапункт, во својата едиција Пунктум посветена на новите критичко-теориски правци на мислата и дејствувањето, на македонски јазик ја објавува „Уметност и револуција“ на Гералд Рауниг, во брилијантен превод од германски јазик на Катерина Шекутковска, во тврда копија и online, во PDF формат која можете да го преземете на линкот подолу.

„Уметност и револуција“ на Гералд Рауниг.pdf

На 3 јуни, со почеток во 19:30 часот во Националната галерија „Чифте амам“, низ дијалог помеѓу Рауниг и Ивана Драгшиќ беше промовирана култната „Уметност и револуција“, која е своевидна алтернативна историја на уметноста на „долгиот дваесетти век“ и го покрива периодот од Париската комуна, од 1871 година до турбулентните протести против глобализацијата во Џенова во 2001 година. Правејќи детален, прецизен и теориско-креативен премин од ситуационистите и Сергеј Ејзенштајн кон виенскиот акционизам и Publixtheatre Caravan како проект на Volxtheater Favoriten, меѓународна театарска трупа базирана во Виена која е со уметнички и длабоко политички предзнак и која развива критички перформанси, „Уметност и револуција“ се осврнува на револуционерните исчекори во уметноста и во општеството и оптимистички го исцртува излегувањето од своите приказни за трагичен неуспех и недвосмислена катастрофа.Со елоквентна примена на идеите и постулатите на Делез и Гатари за „машината“, Рауниг ја проширува постструктуралистичката теорија на револуцијата до експлозивната врска на уметноста и активизмот.

„Уметност и револуција“ ги охрабрува новите генерации уметници и мислители да одбијат да учествуваат во истрошените рецепти на диктирани од пазарот и авторитетите, а наместо тоа да создаваат радикални нови методи на социо-културно ангажирање. Рауниг развива неопходна, современа концепција за политичката промена – концепција што ги надминува застарените формулации на востание и отпор. Според Рауниг, се пролеа премногу крв и мастило за уметничките машини да смеат да си дозволат да останат одвоени од револуционерните машини.

„Уметност и револуција“ на Гералд Рауниг е многу повеќе од научен труд – оваа книга е афирмација на новите конститутивни практики, напишана во бурната средина на социјалните движења дваесеттиот век. Антиглобализациското движење е исто толку појдовна точка за книгата како и дискурсите околу конститутивната моќ и мултитудата (според Антонио Негри) и околу политичката критика на репрезентацијата на Феликс Гатари, Жил Делез и Мишел Фуко за запатистите/ките. Што се однесува до централното прашање за уметноста и револуцијата околу формите на преплетување помеѓу уметничките и револуционерните машини, како егземпларна подлога во „Уметност и револуција“ се користат антирасистичките, квир-феминистичките и номадските практики на Фолкс-театар-карванот.

Во предговорот од изданието од 2017 година, Гералд Рауниг запишува: „Уметничката историографија, критиката на уметноста и естетиката со задоволство молчат за политичката уметност и за политичкото во специфичните уметнички практики, а ова уште поизразено го прават во поглед на преплетувањето на уметноста и револуцијата. Толку многу големи имиња во историјата на уметност биле инволвирани и во револуциите, а опасните вкрстувања на уметничкиот и политичкиот активизам постојано се минимизираат, се претставуваат како безопасни или ненамерни. Тука преплетувањето не смее да се случи, уметноста како и револуцијата го губат својот машински квалитет преку историзацијата и разложувањето на науките за уметноста.“

Гералд Рауниг е филозоф и теоретичар на уметноста. Работи во eipcp (European Institute for Progressive Cultural Policies/Европски институт за прогресивни културни политики) како еден од уредниците на мултилингвалната издавачка платформа и како професор по филозофија на Zürcher Hochschule der Künste.

Неговите книги се преведени на Англиски, Српски, Шпански, Словенечки, Руски, Италијански, Холандски, Турски, а сега, во издание на Контрапункт во едицијата Пунктум, која е дел од платформата КРИК – фестивал за критичка култура, и на Македонски. Меѓу позначајните книги преведени на англиски во скорешно време се: Art and Revolution. Transversal Activism in the Long Twentieth Century, превод на Aileen Derieg, New York/Los Angeles: Semiotext(e)/MIT Press 2007; Art and Contemporary Critical Practice. Reinventing Institutional Critique, London: mayflybooks 2009 (Ed., with Gene Ray); A Thousand Machines, превод на Aileen Derieg, New York/Los Angeles: Semiotext(e)/MIT Press 2010; Critique of Creativity, London: mayflybooks 2011 (Ed., with Gene Ray and Ulf Wuggenig); Factories of Knowledge, Industries of Creativity, превод на Aileen Derieg, New York/Los Angeles: Semiotext(e)/MIT Press 2013; DIVIDUUM. Machinic Capitalism and Molecular Revolution, Vol.1, превод на Aileen Derieg, New York/Los Angeles: Semiotext(e)/MIT Press 2016; Dissemblage. Machinic Capitalism and Molecular Revolution, Vol. 2, Minor Compositions 2022. Во најава е Making Multiplicity, Polity Press 2024.

Последните години значаен дел од времето Рауниг работи и живее во Малага, Андалузија, каде што ги истражува и работи со автономните колективи и алтернативните форми на самоорганизација.

Книгата „Уметност и револуција“ е издадена со поддршка на Гете Институтот – Скопје.

#CC4WBs, #CCI #culture


Споделено на: јули 21, 2024 во 11:56 pm