Контрапункт во рамки на 9-тото издание на КРИК – фестивал на критичка култура го промовираше на македонскиот превод на книгата „Дивидуа“ (2016) од Гeралд Рауниг, која претставува дел од неговиот голем и исклучително значаен теориски и епистемолошки проект наречен „Машински капитализам и молекуларна револуција“. Книгата е во исклучително продлабочен, прецизен и комплексен превод на Жарко Трајаноски е објавена во едицијата „Пунктум“, која Контрапункт ја покрена во 2020 година, со цел да ја стимулира современата критичка теорија, филозофија и теорија на уметност и култура, преку преводи, но и преку промоција на домашни автори.
Книгата можете да ја преземете на линкот подолу.
„Дивидуа – Машински капитализам и молекуларна револуција“ на Гералд Рауниг.pdf
Во „Дивидуа“, Рауниг нè води низ испреплетената историја на индивидуалноста, општеството и заедницата, укажувајќи на можниот крај на централноста на „индивидуите“ и „индивидуалноста“ („поединците“ и „поединечноста“) како темелници на нашите доживеани современи искуства, а наместо тоа тој ги акцентира моделите на бидување заедно и на заедништво. Додека авторот ги препознава реакционерните аспекти на „дивидуата“ и „дивидуалноста“ бидејќи тие се спојуваат/конјугираат со поими како што се дисперзија, егзистенција и сличност, тој, исто така, нуди продуктивна и позитивна перспектива за нас и нашата општествено-политичка ситуираност, за тоа што значи да се биде дивидуален денес.
Книгата беше промовирана во разговор со Гералд Рауниг, кој своите ставови ги презентираше преку дијалог со бугарскиот филозоф и теоретичар Станимир Панајотов. Низ модерираниот разговор се разгледуваше значењето и влијанието на клучните критични прашања на нашето време: Каква трансформација опишува машинскиот капитал? Дали дивидуата е „подобар“ облик на „себството“? и Дали естетиката е невозможна форма на политика денес?
Гералд Рауниг е филозоф и теоретичар на уметноста. Работи во eipcp (European Institute for Progressive Cultural Policies/Европски институт за прогресивни културни политики) како еден од уредниците на мултилингвалната издавачка платформа и како професор по филозофија на Zürcher Hochschule der Künste.
Неговите книги се преведени на англиски, српски, шпански, словенечки, руски, италијански, холандски, турски, а сега, во издание на Контрапункт во едицијата Пунктум, која е дел од платформата КРИК – фестивал за критичка култура, и на македонски. Меѓу позначајните книги преведени на англиски во скорешно време се: Art and Revolution. Transversal Activism in the Long Twentieth Century, превод на Aileen Derieg, New York/Los Angeles: Semiotext(e)/MIT Press 2007; Art and Contemporary Critical Practice. Reinventing Institutional Critique, London: mayflybooks 2009 (Ed., with Gene Ray); A Thousand Machines, превод на Aileen Derieg, New York/Los Angeles: Semiotext(e)/MIT Press 2010; Critique of Creativity, London: mayflybooks 2011 (Ed., with Gene Ray and Ulf Wuggenig); Factories of Knowledge, Industries of Creativity, превод на Aileen Derieg, New York/Los Angeles: Semiotext(e)/MIT Press 2013; DIVIDUUM. Machinic Capitalism and Molecular Revolution, Vol.1, превод на Aileen Derieg, New York/Los Angeles: Semiotext(e)/MIT Press 2016; Dissemblage. Machinic Capitalism and Molecular Revolution, Vol. 2, Minor Compositions 2022. Во најава е Making Multiplicity, Polity Press 2024. Последните години значаен дел од времето Рауниг работи и живее во Малага, Андалузија, каде што ги истражува и работи со автономните колективи и алтернативните форми на самоорганизација.
Книгата „Дивидуа – Машински капитализам и молекуларна револуција“ е издадена со поддршка на Гете Институтот – Скопје.
#CC4WBs, #CCI #culture
Споделено на: јули 22, 2024 во 12:20 am