Школа за критичко мислење, пишување и дебатирање
септември – декември 2015 год.
Место: Агенција за сериозни интереси, Скопје
Проект на Контрапункт и Есперанца, Скопје
17. 09. 2015
“Вовед во критичкото мислење”
Предавач: Ана Димишковска
“Клучни теории на критичкото мислење”
Предавач: Жарко Трајаноски
01.10. 2015
“Логички грешки” – прв дел –
Ана Димишковска
“Логички грешки” – втор дел –
Мира Беќар и Елена Ончевска
Во ова предавање се презентираа теориските и практичните аспекти на расудувањето. Теориската перспектива беше претставена преку принципите на расудувањето употребени во формалната логика, додека практичната перспектива на расудувањето беше претставена преку неформалната логика, поточно начинот на кој лицата дејствуваат, убедуваат,но и манипулираат со својот дискурс. Проблемот што провејува при употреба на неформалната логика при расудувањето и развивањето на критичкото мислење е употребата на логички грешки (logical fallacies). Комплексноста произлегува од соодносот на правилата и стандардите за прифатливоста на гледиштата што ги застапуваме, од една страна и несоодветните аргументи кои ги даваме за да ја нагласиме валидноста на нашите гледишта, од друга страна.
Конкретно се фокусиравме на дискусија за потребата за аргументација, идеалниот модел за критичка дискусија (Frans H. Van Eemeren and Rob Grootendorst, 1995), Прагма-дијалектичкиот метод и правилата за критичка дискусија, дефиниција и анализа на конкретни логички грешки во дебати помеѓу републикаците и демократите во САД на теми како контрола на оружје, безбедност, образование,како и во коментари од читатели на статија на британскиот Гардијан. Учесниците ги јакнеа вештините на пронаоѓање и дискутирање на следните логички грешки во пишан текст: аргумент кон човекот, аргумент на стапот, лажна дилема, плашило, две зла прават добро, избрзана генерализација, оттргнување на вниманието, лизгав терен, итн.
08. 10. 2015
„Ан-архични тела: Размените помеѓу политиката, културата и уметноста“
Предавач: Славчо Димитров
Во рамки на презентацијата беа понудени неколку различни модели на мислење на концептот за “политичкото“ и неговата разлика во однос на концептите за политика, полиција и биополитиката/управување. Поаѓајќи од некои основни претпоставки на комплексното поле на пост-основополжничката политичка филозофија, сопоставувајќи и вкрстувајќи ги со историски различни режими на разбирање на културата и естетското, презентацијата имаше за цел да претстави неколку теориски модели за промислување на „културните политики“, односно да отвори повеќе „фронтови“ за дејствување, креирање и практикување на културни полиитки. Посебен фокус беше ставен на концептот за „дистрибуција на сензибилното“ и „дисензус“ (како прекин и редистрибуција на хегемониските модели на оркестрирање на заедничкиот живот), а со цел да се посочи кон точките на преклопување, ко-конститутивност и нужно разликување на естетското од политичкото.
Материјали за работа:
15. 10. 2015
Критичко преиспитување на концептите „демократско/а/и“, „демократија“, „демократизација“,„човекови права и слободи“
Предавач: Мирјана Најчевска
Во презентацијата фокусот беше ставен на анализа на демократијата низ призмата на пренесениот суверенитет од граѓаните и можност за донесување одлуки преку посредници, односно, партиципативната демократија.
Посебно внимание беше обрнато на разбирањето на индивидуалните и колективни права, како и односот на граѓански и основни човекови права.
Се разгледуваше и изборот како човеково право и можноста за остварување вистински избор (фактички и формални услови за практикување на правото на избор).
Критичката анализа се задржа на соодносот меѓу демократијата и човековите права (меѓузависноста и контраверзите кои ги спротиставуваат/можност за ограничување на демократијата со цел заштита на човековите права).
Критички прашања што беа покренати преку работилница (работа во групи):
– Дали постоечкиот изборен систем значи остварување на правото на избор како човеково право?
– Дали може да се оправда забрана на политички партии?
15. 10. 2015
„Пишувањето како начин да се промени светот“
Предавач: Анастас Вангели
Излагањето на Вангели се состоеше од споделување на личното искуство со најразлични пишани форми во различни контексти, а со особен осврт на политички ангажираното пишување во екот на општествените случувања во Македонија во последните неколку месеци. На крај од презентацијата следуваше синтеза на неколку различни пристапи кон интерпретирањето на и пишувањето за општествената реалност, со конкретни практични примери, насоки и технички совети. Особено внимание беше посветено на колаборативното пишување, метод преку кој се гради тимски дух, се споделува сопственото и се стекнува ново знаење, и со кој авторите се ослободуваат од сопственото его.
22. 10. 2015
“Работилница за критичко пишување на аргументативен есеј”
Предавач: Иван Додовски
Критичкото пишување е неопходна алатка за развој на добра политичка култура. Постојат различни критички жанрови. Но, изложувањето на добар аргумент е клучна и речиси секојдневна потреба. Оваа работилница имаше за цел да развие кај учесниците основни знаења и вештини за пишување аргументативен есеј на контроверзна општествена тема. Посебно внимание се посветува на елементите на композицијата и на стратегиите на добро аргументирање. Како да се искаже јасен став? Како да се развијат аргументи со кои ќе се брани тој став? Што да се прави со контрааргументите? Како да се почне за да се привлече интерес и како да се заврши со поента? Каков треба да биде општиот ефект? По разгледувањето на овие прашања, учесниците имаат можност да ги применат теоретските концепти преку конкретна тимска и индивидуална вежба за пишување аргументативен есеј.
08.12.2015
Втора, практична работилница за критичко пишување на аргументативен есеј, анализа и дискусија.
Учесниците имаа задача да напишат кус аргументативен есеј (400-500 збора) на една темa. Тие требаше да заземат страна „за“ или „против“. Есејот требаше да содржи 6 параграфи.
05.11.2015
„Идиотизми на еманципацијата“
Предавач: Петар Милат
Низ семинарот се испитуваа неколку клучни прашања поврзани со критичкото читање и мислење протолкувано преку форматите на еманципаторските тенденции. Милат ги постави следните прашања како основа за семинарот: Како да се третира дисциплината? Како преку дисциплината да се стане „идиот“? Како преку „идиотизмот“ да се покрене еманципацијата? Како преку еманципацијата да се трансформира нематеријалниот свет околу себе? Оваа семинарска сесија, третирана епистемолошки преку современата француска теорија, апликативно беше надополнета со анализа на филовите на Сергеј Лозница, Харун Фароки и Хозе-Луис Геран.
ноември, 2015
“Прагма-дијалектична теорија”
–прв и втор дел-
Предавач: Весел Мемеди
12.11.2015
“Аргументацијата како единствен начин за едно здраво, цивилно општество”
На првото предавање од Мемеди се дискутираше за аргументацијата како единствен начин за едно здраво цивилно општество, потпирајќи се на една од најпознатите аргументативни теории, Прагма-дијалектичната теорија. Се наведоа и десетте правила или десетте заповеди на прагма-дијалектичната теорија, како универзални правила за една разумна критичка дискусија или дебата од секојдневниот дискурс. Исто така Весел Мемеди ја бранеше тезата на ниво на практика дека Прагма-диалектичната теорија опфаќа секаква комуникација, говорна или напишана.
19.11.2015
“Десетте правила на прагма-дијалектичната теорија”
На второто предавање се дискутираше во детали за десетте правила на прагма-дијалектичната теорија, со единствена концентрација на грешките или манипулацииите што се прават со кршење на сите овие десетте правила, било намерно или ненамерно, од страна на дискутантите или авторите на напишен текст. Преку практично докажување на кршење на овие десетте правила Мемеди укажа дека ниското ниво на критичка дебата во нашето општество се должи на кршењето на овие правила што доведува во неразумна аргументација, дебата или дискусија.
01.12.2015
“Критичкото мислење преку разни искуствени примери”
Предавач: Сашо Орданоски
Орданоски ги испитуваше значењата на критичкото мислење преку разни искуствени примери, поврзани со важноста на дебатниот/дијалошкиот коцепт како клучен во поттикнувањето на критичко мислење. Тој во своето кусо резиме наведува:
„Критичкото мислење е секојдневен начин на конзистентно резонирање во врска со животните предизвици и проблеми. Тоа претставува интелектуален пристап кој го одразува интегритетот на личноста и вредносниот систем на културата во која е изграден личниот и групниот идентитет. Тоа е во врска со сфаќањето на сопствените и општествените вредности, верувањата и основните претпоставки, како и специфичното однесување коешто произлегува од критичкото обмислување на светот. Критичкото мислење ја продлабочува аналитичката моќ на размислувањето, ги изострува проценките за општествените процеси и на сеопфатен начин ги објаснува сопствените ставови во врска со концептите на праведност и за превладувачките општествени стереотипи и табуи.
Критичкото мислење ги опфаќа концептите на јасност во изразувањето, прецизност на мислата со уважување на контекстот во кој се промислуваат работите, точност на изнесените податоци, избалансираност и релевантност на информациите, длабочина на мислењето и соодветна точка (агол) на гледање. Во современиот свет, критичкото промислување е исправено пред предизвиците на фрагментираноста на општеството, мултиплицираноста на идентитетите, „судирот“ на културите во глобализираниот систем на информирање, превладувачката конзумеристичка култура и конфликтите како начин на решавање на проблемите.
Задачата на критичките мислители е да ги преиспитуваат виталните прашања и проблеми на модерниот живот, да му пристапуваат со здрава доза на скепса на воспоставениот систем на вредности и, во манирот на отворен ум, гласно да бараат подобри алтернативи за унапредена комуникација на комплексните предизвици пред кои е исправена секоја личност во заедницата во која живее.
Во оваа смисла, критичкото мислење претставува моќ за сопствена дисциплина во мислењето, со обид да се надминат его-центричните и општествено-центричните рамки на промислувањето на светот и векот.“
16.-17.12.2015
“Театарот на угнетените, на Аугусто Боал”
Предавач: Зоја Бузалковска
Во ова предавање/работилница Бузалковска се осврна на Театарот на угнетените на Аугусто Боал, бразилски театарски режисер, драматург, теоретичар, писател, педагог, политичар. Беа разгледани трите основни категории на Театарот на угнетените: Сликовниот театар или Театарот на слики, Невидливиот театар и Форум театарот. Меѓу овие три форми постои постојано преклопување и меѓуповрзаност, а изворот на одредена форма зависи од ситуацијата во која се работи и целта која се има со одреден театарски настан.
Ова е театар кој не се одвива во театарска зграда или друг очигледен театарски контекст, со публика која не знае дека е публика. Овој театар поставува прашања без да ги диктира одговорите. Ова е повторно фундаментално за Театарот на угнетените – тој никогаш не е дидактичен со публиката, тој повеќе опфаќа процес на учење заедно одошто учење во еден правец; ова претпоставува дека има поголема веројатност публиката да ги има одговорите одошто изведувачите.
Форум театарот е театарска игра во која проблемот е покажан во една нерешена форма, во која повторно „глед-актерите“ се поканети да сугерираат и да донесат решенија. Проблемот е секогаш симптом на угнетување и генерално вклучува видлив угнетувач и протагонист кој е угнетуван. Театарот на угнетените, е форма која низ светот се развила во многу различни правци. Се користи во училишта, фабрики, градинки, месни заедници, куќни совети, собиралишта за бездомници, во средини на луѓе со хендикеп, етнички малцинства итн. – било каде, каде што има заедница на колективно угнетени. Целта е секогаш да се стимулира дебата (и во форма на дејство, не само зборови), да се понудат алтернативи, да им се овозможи на луѓето „да станат протагонисти на нивните сопствени животи“.
Театарот на угнетените поаѓа од тезата дека сите човечки суштества се актери (тие дејствуваат) и гледачи (тие опсервираат!) Во Театарот на угнетените реалноста е покажана не само каква што е, туку исто така и каква што би можела да биде. Тоа е она за кое живееме, – потсетува Боал – да станеме она за кое имаме потенцијал да бидеме.
„Театарот е форма на знаење; тој исто така треба и може да биде средство за трансформација на општеството. Театарот може да ни помогне да си ја изградиме иднината, наместо само да ја чекаме.“ Аугусто Боал
Проектот е поддржан од Фондацијата Отворено општество- Македонија, во рамки на проектот на УСАИД за цивилно општество.
Галерија:
Биографии:
Aна Димишковска е родена 1971 во Скопје. Предава на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Докторира на тема „Логичките аспекти на правното расудување“. Во 2011 година е избрана за вонреден професор на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во научните области Логика и Епистемологија, Филозофија на јазикот, Филозофија на правото, и оттогаш ги предава предметите: Историја на логиката, Увод во симболичката логика, Филозофија на јазикот, Некласични логики, Филозофија на правото, Родот и јазикот, Теорија на познанието, Методологија, Академско пишување. Држи настава и на студиите од втор циклус по филозофија и по интеркултурни студии и на студиите од трет циклус по филозофија, а избрана е и за раководител на последипломските студии по интеркултурни студии и на докторските студии по филозофија. Од 2011 до 2014 година е учесник во меѓународниот истражувачки проект JURILOG, чиј носител е Универзитетот Шарл де Гол од Лил, Франција, а од 2015 година е учесник на меѓународниот проект “Savremena debata u društvenoj teoriji i filozofiji” чиј носител е Правниот факултет на Универзитетот во Сараево. Од 2013 година е главен уредник на меѓународното списание Филозофија/Filozofija: A Journal of Philosophical Inquiry што го издава Филозофскиот факултет во Скопје. Ги има објавено книгите Соцветија (збирка песни, Скопје: Темплум, 1994), Прагматиката и теоријата на аргументацијата (Скопје: Ѓурѓа, 2001), Логиката на правното расудување (Скопје: Аз-Буки, 2011), Основи на некласичните логики (Скопје: Аз-Буки, 2013), Приватна збирка (Скопје: Табернакул, 2015), како и голем број стручни текстови во домашната и странската периодика. Со свои излагања учествува на домашни и меѓународни научни научни конференции, а како визитинг професор има држено предавања по покана на неколку европски универзитети (Париз, Будимпешта, Белград).
Жарко Трајаноски е истражувач, аналитичар на медиуми, активист за човекови права и ко-уредник на списанието за род, политика и култура – „Идентитети“.
Проектот е поддржан од Фондацијата Отворено општество- Македонија, во рамки на проектот на УСАИД за цивилно општество.
Мира Беќар е доцент на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески,“ Скопје. Докторските студии ги завршила на Универзитетот Пердју во САД(Purdue University). Во 2003 е вработена како лектор на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески,“ Скопје при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј,“ Р. Македонија. Предавала Академско пишување на интернационални студенти, на Универзитетот Пердју, САД, а предава англиски јазик и Академско пишување на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески“ веќе 12 години. Нејзината област на проучување се применетата лингвистика и студиите поврзани со пишување и комуникација на втор и странски јазик.Публикува во странски и домашни списанија на македонски и англиски јазик. Како применет лингвист, нејзините интереси варираат од областа на дискурс анализата, преку реториката, т.е., пишувањето на странски јазик, до истражување на врската меѓу јазикот, општествената интеракција и онлајн комуникацијата.
Елена Ончевска Агер е доцент по современ англиски јазик и применета лингвистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. На Катедрата за англиски јазик и книжевност предава Академско пишување од 2006 година и предмети поврзани со методика на наставата по странски јазик од 2013 година. Редовно учествува на конференции и семинари за професионално усовршување во областа на наставата и академското пишување и публикува во странски и домашни списанија. Области кои за неа претставуваат посебен истражувачки се: професионална надградба за наставници, динамика на односите во група, мотивација, оценување, е-учење и нивните дискурзивни манифестации.
Славчо Димитров (р.1984) има дипломирано на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет на УКИМ, Скопје. Магистрира, првин, на Родови студии и филозофија на Институтот Евро-Балкан, а потоа на катедрата за Мултидисциплинарни родови студии на Универзитет на Камбриџ. Моментално ја работи својата докторска теза на Институтот Евро-Балкан. Работел како асистент на последипломските родови и културни студии на Универзитетот Евро-Балкан, и на додипломски и последипломски студии на Факултетот за медиуми и комуникации – СИНГИДУНУМ, Белград. Во последните неколку години има координирано голем број на академски проекти и летни школи, како и проекти во областа на човековите права на маргинализираните заедници, со посебен фокус на квир активизмот. Основач е на интернационалната Летна школа за сексуалности, култури и политики. Исто така е еден од основачите на Центарот за истражувања на идентитети, култури и политики, ИПАК.Центар во Белград. Во моментов работи како програмски координатор на Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници.
Мирјана Најчевска родена во Скопје, 1956. Дипломиран правник (Универзитет Кирил и Методиј – Скопје, 1979). Магистер по политички науки (1986) доктор по правни науки (1995).Редовен професор/Научен советник во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ -Скопје, член на повеќе експертски и професионални тела на национално и меѓународно ниво, граѓански активист и бранител на човековите права. Раководител на над 30 проекти и учесник во над 40 проекти. Автор или коавтор на над 50 анализи, извештаи, научни и стручни трудови од областа на дискриминацијата, меѓуетничките односи, заштитата на правата на маргинализираните групи и улогата на државата во промоцијата и заштитата на човековите права. Активно вклучена во изработката на законски текстови и транспонирањето на ЕУ директивите во националната легислатива.
Анaстaс Вaнгели е дoктoрaнт нa Висoкaтa Шкoлa зa Oпштествени Истрaжувaњa нa Пoлскaтa Акaдемијa нa Нaуки (ПАН) вo Вaршaвa, кaде е и истрaжувaчки aсистент при Интердисциплинарната прoгрaмa зa крос-национални истрaжувaња и тренинг (CONSIRT) која ПАН ја спроведува заедно со Универзитетот Охајо Стејт. Стипендист е нa Фoндaцијaтa ZEIT oд Хaмбург. Сoрaбoтувa сo ThinkIN China oд Пекинг, кaкo и Кoлaбoрaтивнaтa истрaжувaчкa мрежa зa еврoпскo-кинески oднoси при UACES. Негoвиoт истрaжувaчки фoкус е вo пoлетo нa дифузијa нa идеи и пoлитики, кoмпaрaтивнaтa пoлитичкa прoменa, oднoсите пoмеѓу Истoчнa Еврoпa и Кинa, и кинескaтa дoмaшнa и нaдвoрешнa пoлитикa. Во Македонија не може да седи мирен, и во моментов е активист нa ЛД Сoлидaрнoст.
Иван Додовски е вонреден професор по критичка теорија, литература и методологија на научна работа. Студирал општа и компаративна книжевност со американски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а магистрирал во областа на македонската книжевност, теоријата на литературата и наратологијата. Докторирал на Универзитетот Нотингем во Англија. Неговиот истражувачки интерес се однесува на врските меѓу литературата и политиката и репрезентациите на идентитетот, особено во современата драма. Декан е на Факултетот за политички науки, а претходно бил декан на Факултетот за странски јазици при Универзитетот Американ колеџ Скопје. Долги години претседава со одборот на Меѓународната конференција за европска интеграција и приредил седум томови со трудови од областа на европските студии. Објавил триесетина академски трудови, три книги поезија и една збирка раскази, кои се преведени на англиски и на германски јазик. Претходно работел како книжевен и театарски критичар и како експерт за културна политика и културен менаџмент. Член е на Меѓународната асоцијација за компаративна книжевност, Македонското друштво за компаративна книжевност и на Друштвото на писателите на Македонија.
Петар Милат е еден од најзначајните филозофи на поновата генерација, кој својот фокус го става на истражувањата поврзани со интерференциите и критичките релации помеѓу политиката, моќта, наложеноста, дисциплината и уметноста. Главен програмски координатор на култниот Мултимедијален институт во Загреб, МаМа. Ги координира издавачката, музичката и филмската програма на институтот. Од 2008 година е директор на Филмскиот фестивал за човекови права во Загреб. Нексусот на нормативните и општествените теории го претставува главниот фокус на неговите истражувања. Повеќе можете да погледнете на неговата лична веб страница www.zoeforward.org
Весел Мемеди своите основни студии ги завршува на факултетот по психологија во Куала Лумпур, Малезија. Заршува и две магистратури, првата во Лидс, Англија по психологија, втората во Амстердам, Холандија, по аргументативни студии. Докторира во Амстердам по аргументативни студии. Завршува и постдокторски, на Унивезитетот Колумбија, Њујорк, како дел од Fulbright Visiting Scholar. Блиска специјализација: аргументативни студии, разрешување на конфликти, особено длабоки конфликти, социална психологија, особено убедување и ставови. Професор на Универзитетот на Југоисточна Европа 5 години, Американски Универзитет во Косово 4 години, Државен Универзитет во Тетово 6 години, и шеф на катедра по психологија 4 години.
Д-р Сашо Орданоски е новинар, уредник и публицист со триесетгодишно искуство, кој работел за бројни домашни и странски, печатени и електронски медиуми. Покрај со новинарството и публицистиката, често е експертски ангажиран во областите на демократијата, медиумските системи, односите со јавноста, невладините организации, меѓуетничките односи и тн. Еден е од основачите на тинк-тенкот „Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација“, на антикорупциската невладина организација „Транспарентност Македонија“, како и на неколку други значајни регионални и меѓународни невладини иницијативи и професионални мрежи и организации. Долгогодишен предавач е на Универзитетот на Југоисточна Европа во Република Македонија на Факултетот за изучување на комуникациските науки.
Зоја Бузалковска е родена во 1971 година во Скопје, Македонија. Дипломирала Новинарство на Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1997 година и Театарска режија на Факултетот за драмски уметности на истиот универзитет во 1998 година. Од 2000 година работи на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде во моментов предава во звањето вонреден професор и води своја класа по Актерска игра. Зоја Бузалковска е магистер на науки од областа на културолошките студии и магистер на уметност од областа на театарската режија. Како режисер, работела во сите поголеми театри во Македонија. Некои од нејзините најзначајни остварувања се претставите „Ојдипус Тиранос Софоклеус“, „Тхе Ловер“, „Поручникот од Инишмор“, „Ждрело“ и „Како се станува цар“ во Драмскиот театар во Скопје, претставата „Вујко Вања“ во МНТ, претставите „Таму каде што не сум бил“ и „Калигула“ во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, „Да се заборави Херострат!“ во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, како и независните проекти „АРТ“ и „Кротка“ со продукцијата „Проартс“ и Културниот центар „Точка“ во Скопје и претставата „Спиноза“, копродукција на Мал драмски театар од Битола и Драмскиот театар од Скопје. Во 2006 година, во Театарот за музика и поезија на Елена Камбурова во Москва, Бузалковска со голем успех ја поставува претставата „Среќни патишта“/„Bakhtale dromensa“, според поемата „Цигани“ од Пушкин. Нејзините претстави учествувале на повеќе значајни фестивали како во државата, така и во странство (НЕТ Фестивалот во Москва, Русија; Московскиот театарски фестивал; Фестивалот „Златен Витез“, Москва; Балканскиот млад меѓународен фестивал во Софија, Бугарија; МЕСС – Сараево, БиХ; Меѓународниот фестивал на актерот во Никшиќ, Црна Гора; Третиот меѓународен фестивал во Пазарџик, Бугарија; МОТ, Скопје; Охридско лето; МТФ „Војдан Чернодрински“; ФКТ „Ристо Шишков“; Фестивалот на античка драма, Стоби).
ЈАВНИ ПРЕДАВАЊА
Како дополнителна активност, организиравме три јавни предавања надвор од курикулумот на школата, на која учествуваа алумните на Школата, а кои послужија и за промоција на Школата, на проектот, и воедно беа тест за стекнатите знаења во рамките на официјалниот курикулум на школата.
10.12.2015, ГЕМ Клуб
Лукаш Галусек (Полска)
„Кој се плаши од модернизмот?“
“…Со модернизмот имаме проблем. Повоената архитектура се поврзува со еден неправеден систем. Ѝ ги лепиме етикетите на тоталитаризмот и просечноста. Преокупирани со други работи, по 1989 година нѝ исчезна од видното поле. Постоеше, но за нас беше невидлива. Се радувавме кога почна …
10.12.2015, ГЕМ Клуб
Кшиштоф Чижевски (Полска)
„Слобода наспроти солидарност: Предизвикувајќи ја современата уметност и култура“
„…Се враќаме кон солидарноста како скитници кои се враќаат дома од долго патување долж патеките на слободата. Токму за слободата го ставивме картезијанскиот светоглед на човечкото “Јас” во центарот. Соодветно на тоа создадовме и систем на државата
Споделено на: февруари 24, 2021 во 3:31 pm