Постојано во транзиција – заробеност во скршените огледала​​​

Постојано во транзиција – заробеност во скршените огледала​​​ Второто издание на КРИК – фестивал за критичка...

Постојано во транзиција – заробеност во скршените огледала​​​

Второто издание на КРИК – фестивал за критичка култура, продолжува да ги истражува односите и проникнувањата на културата – уметноста – политичкото – политиката, преку критичка рефлексија, експеримент и лабораторија преку кои ќе се преиспитуваат парадигмите на моќта, еманципаторските крстопати на политичкото и на естетското во патеката што комуницира со сите репресивни облици врз граѓанството поврзани со образовните, социјалните, културните, политичките, медиумските права и слободи.

Постојано во транзиција – заробеност во скршените огледала е генералната тематска поставеност на овогодинешниот КРИК, кој се реализира со партнерска соработка со Курзив и Kulturtreger од Хрватски, SCCA – Љубљана од Словенија и SEECult.org. Во рамки на фестивалот отвораме и уште една тематска линија Светот околу нас – критичките ставови во регионот, која се застапува за развој и релевантност на критичката валоризација на уметничката продукција, укажувајќи на нужноста за едукација на автори кои критички ќе рефлектираат во полето на современите уметнички и културни продукции во сите медиуми.

​Читајќи го општествениот текст на заедничкото и поединечното, се најдовме исправени пред конфузијата што ја создава неврамената, некозистентната темпоралност врз која почива концептот на историската, но и на социо-културната транзиција.

Од формите на еманципација на работниците до режимите на идентификација со уметноста, од принципите на демократија до транзицијата во нејзините первертирани контексти, од теоријата на интелектуалната еднаквост до формите на задолжителен консензус изградени врз доминантниот апаратус, се чини дека живееме заробени во нашиот одраз на раскршените огледала на политичкото кое го илуминира и дизајнира уметничкото. Консензусот во секој транзициски историски, социо-културен контекст ја проголтува слободата која може да ја произведе само дисензусот, само разликувањето.

Оттука го поставуваме прашањето, што е транзиција? Која беше нејзината цела? Како да процениме дали таа беше успешна или не? Дали транзицијата можеше да успее и дали таа некогаш завршува? На крај, какви идентитети произведува?

Додека го подготвуваме овогодинешното издание на фестивалот, со оглед на моменталните политички промени во Македонија, но и пошироко во Европа, се запрашавме: кои се нашите очекувања од надоаѓачките социо-политички промени и како ние гледаме на моменталните промени што го ре.оформуваат нашето општество?

Сакајќи да ги истакнеме формите на отпор кон тиранијата на транзицискиот, проектен начин на создавање и мислење на слободата, на идентитетите, на „новото“, на современоста низ овогодинешното издание на КРИК се обидуваме да ги истражиме различните практики и знаења кои имплицираат одредена картографија на заедничката културна, уметничка и политичка меморија на копнежот за промена, имајќи ги на ум пресвртните мигови како Октомвриската револуција, Француската буржоаска револуција, па сѐ до нашите социјалистичко-капиталистички транзициони модуси во кои се родија новите травестирани популизми, политички и уметнички процедурални бирократизми и центрирани „демократско-граѓански“ авторитаризми.

Она што нѐ засега во нашата долгорочно истражувачка, но и применлива практика на „лабораториите на параестетското“, низ која се застапуваме за критичката релација на уметничкото и политичкото, овој пат го артикулираме низ темата Постојано во транзиција – заробеност во скршените огледала.

​Низ оваа тема ќе се проблематизираат разните наличја на побуната во уметноста, која често наликува на стратегиите кои ги нудат цитатот, колажот, монтажата. Затоа, неретко, сведочиме на нејзината миговност, привременост, неконзистентност „проектност“. И токму затоа, таа ја губи својата вредност на концентрација која може да предизвика промена и добива „билборд“ популистичка семантика, наметната од доминантните наративи на моќта. Едно од прашањата низ кои сме заталкани во уметничкиот и во политичкиот контекст е отсуството на онтолошката рамка во која јасно ќе се покаже дека се поставува наспроти секој облик на власт кој не дозволува артикулација на слободата, и го отвора прашањето за „изневерените револуции“.

Влеговме во несогледлив транзициски синдром во кој нема место за концентрација на „гневот“ и отпорот на начин на кој тој би имал перспектива за темелни промени поврзани со слободата, правдата, солидарноста и благосостојбата.

Отпорот во „добата на транзициите“ добива амблемска, симболичка перформативност  која нема капацитет за вредносна промена. А опортуните бранови на огорченост се претвораат во дебатни клубови. Овде и онде се појавуваат и по некои солидни и амбициозни политички проекти или мрежи од локално и регионално значење, но никаде не гледаме артикулирана визија и стратегија која би пружила радикално преиначување на крикот и незадоволството од социјалната и културната ретроградност. Имајќи ја на ум постојаната транзиција, нео-либералната реалност што полека надоаѓа и социјалистичко минато на нашата земја, си го поставивме прашањето каде се наоѓаме и кон што се стремиме? Овие прашања ги поставуваме од точката која е во нашиот домен на интерес: интерсекцијата на Уметноста и Општеството, и сакаме да ги посматраме овие проблеми преку неколку различни кураторски и уметнички позиции. Свесни за овие различни темпоралности на егзистирање на социјално и политичко ниво, ние би сакале да придонесеме во социо-политичкиот пејзаж, како и да го изостриме нашето разбирање за улогата на Уметноста и Културата во општеството.

Потенцијалното количество страдања, беда и неправда би требало да предизвика отпор и гнев што би воделе до промена со десет пати посилен интензитет од оној во 1917 година, особено доколку ги имаме предвид многу подобрите можности на информирање од тогаш до денес. Сепак, огорченоста не покажува веќе артикулирана утопија која ќе нѐ извади од замката на втолпеноста. Радикалноста се сведе на ниво на проектно-естетски став, можеби филозофски хабитус, а го изгуби значењето на политичка стратегија. Критичкиот нагон му го остава приматот на билбордот, на масовно препознаениот популистички јазик, како место на кое се рекламира промената на светот.

На крај, со поставувањето nа темата Постојано во транзиција – заробеност во скршените огледала, ние исто така сакаме од одредена аналитичка дистанца да ја искористиме можноста за нови промени во локалниот контекст, како можност за одново обмислување на општеството и одговорноста на уметниците и културните работници за критичко промислување. Истовремено, не сакаме да ја изгубиме и глобалната слика, онаа на растечки популизам и регресивни политики, лажни вести и дискутабилни новинарски репортажи, како и растечката нееднаквост во нео-либералната реалност; како дел од директните предизвици за одржување на демократските вредности и принципи.

Оваа издание на КРИК, во духот на прашањата што ги отвора веќе поставената тема, конкретно ќе се застапува и за еден сегмент кој директно ја засега уметничката продукција – станува збор за критиката и критичката рефлексија. Без критика не може да има вистински исчекор, вистинска промена. Клучното прашање кое ќе се отвори со регионалната партнерска платформа Светот околу нас – критичките ставови во регионот е што претставува критиката денес, со акцент на критиката на уметничките практики и нејзината фрагментираност со процесите што ја условуваат нејзината трансформација.

Искра Гешоска и Елена Вељановска

Програма

14. 12. 2017 

| 19:00 – 19:30 ​

​Отворање на фестивалот:

Министер за култура на Pепублика Mакедонија Pоберт Aлаѓозовски

| 19:30 – 20:30 ​

Презентација на работата на колективот Что делат

Что делат (Што да се прави) е колектив на уметници, критичари, филозофи и писатели од Санкт Петерсбург, Москва и Нижни Новгород, чија цел е да ги спои политичката теорија, уметноста и активизмот. Групата е формирана во 2003 година.

​Името на колективот се поврзува со првата организација на социјалистичкиот работник во Русија, која Ленин ја актуализира во сопствената публикација: Што да се прави? (1902). Колективот, како заедница која се занимава со организација на културни активности, но и политизација на „продукцијата на знаења“ од 2003 година започнува со издавање на англиско-руски весник, фокусиран на актуелни прашања од руската културна политика, во корелација со меѓународните настани.

Что делат се застапуваат за еднаквост на сите луѓе, притоа борејќи се против различните форми на патријархатот, хомофобијата и родовата нееднаквост. Своите идеи ги пренесуваат преку широка уметничка продукција: филмови, театарски претстави, радио-рограми, мурали, како и проекти, јавни кампањи и семинари. Главно се фокусирани на отфрлањето на сите форми на угнетување, вештачко отуѓување на луѓето, како и нивно искористување и експлоатација. Тие инсистираат на еднаква распределба на природните ресурси и богатството произлезено од човековиот труд, со цел благосостојба за сите.

Делата на колективот се карактеризираат со надреална сценографија, употреба на ефект на отуѓување, но најмногу со аналитички пристап на конкретни социјални и политички проблеми. Сите овие активности се координирани од јадрото на групата составено од: Цапља Олга Егорова (уметник), Артиом Магун (филозоф), Николај Олејников (уметник), Наталија Першина / Глуклаја (уметник), Алексеј Пензин (филозоф), Александар Скидан (поет и критичар) Оксана Тимофеева (филозоф), Дмитри Виленски (уметник) и Нина Гастева (кореограф).

Издвоени изложби:

On the Possibility of Light, KOW BERLIN (самостојна изложба) (2017), The Excluded. In a moment of danger, Сао Паоло Биенале (2014),Art, Really Useful Knowledge, Museo Nacional Centro de Arte Reina Sofía, Мадрид, (2014); Art Turning Left: How Values Changed Making 1789– 2013, Tate Liverpool, Ливерпул, (2013); FORMER WEST: Documents, Constellations, Prospects,Haus der Kulturen der Welt, Берлин, (2013); 10th Gwangju Biennale, Квангџу, (2012); Chto Delat

in Baden-Baden, Staatliche Kuntsthalle, Баден- Баден, (2011); Chto Delat Perestroika: Twenty Years After: 2011–1991, Kölnischer Kunstverein, Келн (2011).

14. 12. 2017 | 20:30 – 21:15 ​

Вештерство и солидарност, Оксана Тимофеева

Bоведно предавање

„Во одредени аспекти, револуцијата е чудо“, рече Ленин. А, пак, Роланд Бур ќе прокоментира дека клучната идеја за Лениновата равенка на револуцијата и чудото е тензијата меѓу организацијата и спонтаноста, меѓу таканаречената партиска авангарда и спонтаноста на народот или масите, разбрана како супстанца која историски станува субјект. Организацијата и спонтаноста се два дијалектичко спротивставени термини, а она што се чини чудесно е нивната синтеза. Фокусирајќи се конкретно на нечовечките аспекти на револуционерните напори, јас ќе ги разгледам овие два термина во многу специфична форма – вештерство и солидарност.​

15. 12. 2017 | 20:00 – 21:30 ​

Светот околу нас – критичките ставовиво регионот

​Разговор со локални и регионални куратори и критичари

Учесници: Миљенка Буљевиќ, Антонија Летиниќ, Лука Остојиќ, Лујо Парежанин, Весна Милосављевиќ, Лара Плавчак, Миха Келемина и Небојша Вилиќ.

Модератор: Владимир Јанковски

Ова издание на КРИК, во духот на прашањата што ги отвора веќе поставената тема, конкретно ќе се застапува и за еден сегмент кој директно ја засега уметничката продукција – станува збор за критиката и критичката рефлексија. Без критика не може да има вистински исчекор, вистинска промена. Клучното прашање што ќе се отвори со регионалната партнерска платформа Светот околу нас – критичките ставови во регионот е што претставува критиката денес, со акцент на критиката на уметничките пратики и нејзината фрагментираност со процесите што ја условуваат нејзината трансформација. Од една страна, станува збор за радикална и брза трансформација на медиумското поле, лесно воочлива во последните 40 години, катализирана од процесите на развој на новите технологии. Од друга страна, нејзината трансформација е условена и од самите процеси кои се случуваат во областа на уметничката продукција, а се карактеризира со интердисциплинарен пристап, потрага по нови форми, јазици, пристапи и платформи. Каде денес се наоѓа критиката, кому му се обраќа, која е нејзината улога и како таа ги наоѓа своите нови форми и јазици – се некои од прашањата на кои често се навраќаме и се обидуваме да ги држиме отворени во просторот на поширока јавна дискусија. Платформата Светот околу нас – критичките ставови во регионот е во партнерство со kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија) и SCCA – Љубљана (Словенија)

16. 12. 2017 | 20:00 – 21:30 ​

Eфект на пеперутката: од ветувањето на институционалната критика до потенцијалите на активистичката уметност, Cузана Mилевска

Bоведно предавање

Познатата поетска, но и научна метафора од теоријата на хаосот: „ефектот на пеперутка“ (според која минимални причини предизвикуваат големи ефекти), ја позајмувам со цел да поттикнам дискусија за важноста на даденото време за анализа, разбирање и антиципирање на односите помеѓу почетните услови и следствено на тоа ирационалните ефекти како на пример на повиците за отпор, петиции или бојкоти во форма на говорен чин. Потешкотијата, но исто така и важноста на обидот за одредување на првичните услови и парадоксалните последици коишто може да ги има потписот – давањето на/ потпишувањето на сопственото име под одредена изјава, како и потенцијалот на другите слични уметнички проекти (што повикуваат на учество, соработка, „обратно зацелување“, редистрибуција и одбивање или прекинување на инвестиција) како катализатори за општествени промени, ќе бидат дел од темите понудени како стимулација за поопшта дискусија во врска со односот помеѓу критичката и активистичката уметност.

Постои долга традиција на дихотомски дистинкции, па дури и конкуренција помеѓу звукот и сликата, гласот и пишувањето, шпекулациjата и изведбата (или моќта на дејствување (agency); и во философијата и во уметноста. Времето и различните институционални услови на исполнувањето одредуваат дали перформативните дела ќе бидат „прикладни“ (успешни) чинови, исполнителни или убедливи (J. L. Austin), или едноставно ќе останат залудни, и / или само во областа на поетиката и спекулативноста. Тие можат да имаат дури и спротивен, па и катастрофален ефект и да бидат предодредени на неуспех, токму поради измешаните јазични и визуелни пораки, без оглед на тоа колку слабо, со добра намера или наивно, било првичното замавнување на „крилјата на пеперутката“. Меѓутоа, прашањето во врска со одговорноста на уметниците, веќе еднаш потврдена со чинот на потпишување на нивната припадност, поддршка и/или солидарност со една политичка опција/страна, останува релевантна за нивната идна уметничка пракса. Прашањето за тоа како секоја почетна акција влијае врз идниот развој на уметничката пракса и други загатки што произлегуваат од контекстот на долготрајната транзиција во општествата обележани со тековните конфликти и социо-политички промени, е мотивирано од многуте контрадикции во уметничките практики и кариери на уметниците кои го надживуваат краткиот век на секој револуционерен период.

17. 12. 2017 | 19:00 – 20:30 ​

ЗА НАСТАНУВАЊЕТО, Что делат и локалните учесници

Јавен перформанс

Семинари:

14. – 16. 12. 2017 | 11:00 – 17:00

Светот околу нас – критичките ставови во регионот Семинар за пишување критика предводен од Антонија Летиниќ, Лука Остојиќ, Миха Келемина и Лара Плавчак ​

Загрижувачко е отсуството на критичка валоризација на уметничката продукција, како и едукација за користење техники и знаења за критичка аргументација и рефлексија на автори кои ќе ја бележат и вреднуваат современата уметничка и културна продукција во сите медиуми. Од една страна, станува збор за радикална и брза трансформација на медиумското поле, лесно забележлива во последните 40 години, катализирана од процесите на развој на новите технологии. Од друга страна, нејзината трансформација е условена и од самите процеси кои се случуваат во областа на уметничката продукција, а се карактеризира со интердисциплинарен пристап, потрага по нови форми, јазици, пристапи и платформи.

Семинарите кои ќе се одвиваат во рамки на регионалната партнерска платформа Светот околу нас – критичките ставови во регионот ќе се занимаваат со следните прашања: што претставува критиката денес, кои се процесите што ја условуваат нејзината трансформација, каде се наоѓа денес критиката, кому се обраќа, која е нејзината улога и како таа ги наоѓа своите нови форми и јазици, има ли за неа воопшто простор во јавната сфера, која е нејзината улога, на кој начин се прилагодува на брзиот развој на новите технологии и дали постојат можности за афирмација на нејзиното значење и видливост. Семинарите за критика ќе бидат со менторска поддршка од експерти за критика во сферата на книжевноста, изведбените и визуелните уметности.

13. – 17. 12. 2017  | 11:00 – 17:00

За настанувањето, семинарска подготовка на колаборативен перформанс предводена од Дмитри Виленски, Олга Егорова, Оксана Тимофеева и Нина Гастева (од колективот “Что делат”, Русија)

 Сите ние транзитираме од една состојба на нештата и битието кон друга. Ништо не е фиксно, стабилно и засекогаш дадено. Сè се менува во овој свет, со динамика на возбуда или резигнација во однос на промената. Движењето од точката А до точката Б никогаш не е во директна насока, и кога некој заминува од точката А мали се шансите директно да стигне до точката Б. Најчесто завршува/застранува на некое друго место.

Од неодамна забележуваме одредена фетишизација на настанувањето/трансформацијата од страна на таканаречените прогресивни луѓе – при што процесот станува поважен од резултатот, да се биде различен и провокативен по секоја цена е cool, идентитетот може да се смени во секој момент, флуидноста станува култ. Каде нѐ води оваа позиција? Дали стабилноста е проколната?

Мораме да признаеме дека ваквата позиција добро се совпаѓа со суштината на капитализмот – „сѐ што е цврсто се топи во воздухот“. Затоа, во денешно време е тешко да изградиме какви било форми на отпор и да ги замислуваме формите на живот што не се заробени, ако сме заглавени во повеќе или помалку истата реторика на бескрајната трансформација, и на отфрлањето на каква било суштинска сила во општеството и луѓето.

Ваквата состојба може да се смета и како проблем и како парадокс. Затоа, да се обидеме да се справиме со тоа!

Во тој случај, се прашуваме кои се можностите за спојување на настанувањето со резултатите од настанувањето? Која е нивната стратегија и тактика? Каков вид на свест треба да стекнеме, за да можеме да се избориме против промената на светот од страна на наративите на моќта, кои наметнуваат својата фиксирана и цврста слика за наличјето на борбата и јасни вредности за насоката на трансформација. Дали можеме да ги истражиме нашите облици на отпорот и нашата утопија за трансформацијата?

Низ петдневниот семинар и едукативните перформативни работилници, заедно со групата на учесници ќе се обидеме да ги истражиме и артикулираме овие теми, но и да отвориме многу други прашања поврзани со оваа проблематика.

Биографии:

Оксана Тимофеева е доцент на Европскиот универзитет во Санкт Петерсбург и виш научен соработник на институтот за филозофија на Руската академија на науките во Москва. Таа е член на уметничкиот колектив  „Что Делат?“(Што да се прави?) како и заменик уредник на списанието „Стасис“. Автор е на две книги  Историја на животните (Јан Ван Ајк, 2012; Москва, 2017; Блумсбери, 2018) /  History of Animals (Jan van Eyck, 2012; Moscow, 2017; Bloomsbury, 2018) и  Вовед во еротската филозофија на Жорж Батаиј (Москва, 2009) / Introduction to the Erotic Philosophy of Georges Bataille (Moscow, 2009).

Д-р Сузана Милевска е теоретичарка и кураторка на визуелна уметност и култура од Македонија, а моментално е вработена како главен истражувач/ка Политехничкиот универзитет во Милано за проектот „TRACES“ од програмата „Horizon 2020“. Нејзините теориски и кураторски интереси ги покриваат постколонијалната критика на хегемонистичките режими на моќта на претставување, феминистичката уметност и родовата теорија, партиципативните и колаборативни уметнички практики. Докторските студии по визуелна култура ги завршила на колеџот Голдсмитс во Лондон. Во 2004, Милевска е добитничка на стипендијата Фулбрајт за нејзиниот истражувачки проект во Конгресната библиотека во Вашингтон на темата „Репрезентација на жените-имигрантки од Балканот во раната американска фотографија“.

​Во 2010 Милевска ја издава книгата Родови разлики на Балканот (Saarbrucken: VDM Verlag, 2010) и ја уредува Машината за преименување: Книгата (Љубљана: П.А.Р.А.З.И.Т. Институт, 2010). Во 2011 станува истражувачка во проектот „Повикајте го сведокот“ – Ромски павилјон на 54 Меѓународна уметничка изложба – Венециското Биенале – колатерален настан и ги курира изложбите „Повикајте го сведокот“, „БАК“, „Утрехт“ и „Ромскиот протокoл“ во австрискиот Парламент. Во 2012 ја добива наградата „Алис“ за политичко кураторство и наградата за култура и теорија „Игор Забел“. Во периодот меѓу 2010 и 2012 година е професорка по историја на уметност и теорија на уметности на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, додека во 2013 година предава визуелна култура и род на Институтот за родови студии во Скопје. Во периодот од 2013 до 2015 година, Милевска била првата професорка по Централноевропска и јужноевропска историја на уметност на Академијата за ликовни уметности во Виена.

Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Фондација отворено општество – Македонија, Гете-институт Скопје, Фондацијата Култура нова од Хрватска, Фармахем и Министерство за култура на Република Македонија. 

Логистички партнери на фестивалот се: НУ Музеј на современа уметност – Скопје и порталот окно.мк. Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа од Загреб и kuda.org од Нови Сад.

Фотогалерија од настаните: >>> Крик 02 – Kontrapunkt (kontrapunkt-mk.org) <<<


Споделено на: февруари 23, 2021 во 2:47 pm