КРИК – фестивал за критичка култура (Прв дел)

Човек без својства - политики на маргините „Секогаш постои нешто сенишно во тоа да се живее...

Човек без својства – политики на маргините

„Секогаш постои нешто сенишно во тоа да се живее постојано во добро-уредена држава. Не може да се излезе на улица или да се испие чаша вода или да се влезе во трамвај, без да се допре балансираниот лост на гигантскиот апаратус на законите и взаемните односи, поставувајќи ги во движење или дозволувајќи им да ве одржуваат во мирно постоење; тешко дека некој може да ги спознае ваквите лостови, кои досегаат во длабочините на нештата и, провирајќи се од другата страна, се губат себеси во мрежата чија структура не била разоткриена никогаш од никого. Значи се порекнува нивното постоење, исто како што просечниот граѓанин го порекнува воздухот, тврдејќи дека станува збор за празен простор. Но, сите овие нешта кои се порекнуваат, овие безбојни, безмирисни, безвкусни, бестежински и морално неодредливи нешта, какви што се водата, воздухот, просторот, парите и времето што одминува, за право на вистината, се покажаа како најважни од сите, а токму тоа му дава на животот застрашувачко својство.“

Роберт Музил, Човек без својства

КРИК 04, со темата Човек без својства – политики на маргините ќе биде посветен на разговор, критичко промислување и анализа на политичкиот, економскиот и, пред сѐ уметничкиот синдром кој го живееме, а тоа е синдромот на човекот без својства кој е во постојана залудна потрага по изгубеното време.

Сведочиме на исчезнување на сите аксиолошки вертикали, на обезвреднетост на идеолошките наративи, на подемот на политичките наративи, кои наместо да создаваат простор за напредок во новите формати на заедници, сосема спротивно, го обесвојствуваат човекот дополнително.

Човекот без својства е човек на неприпаѓање, своевиден анархист, кој е во постојана потрага по методологијата со која практиките на неприпаѓање ќе ги вообличи во еманципаторски процеси. Бидејќи практиките на неприпаѓање водат во еманципација. Тој се обврзува кон процесите и кон изнаоѓање на вертикали на содржината преку која ќе го артикулира отпорот. Станува збор и за своевидна носталгија кон загубеното својство… кон загубениот пејзаж на и простор на политичкото…

Во деградацијата на јазикот, на мислењето, на знаењето, се случува сосотојба во која сме заробени во вителот на изгубените идеи и идеологии. Первертиранатие идеолошки системи, го растопуваат мислењето и капацитетот за стекнување, практикување и употреба на критичкиот дијалектички апаратус. Оттаму, социо-културниот простор е во вакуумот на отсуството на политичките, сензибилните, естетските својства кои ќе му обезбедат на човекот временска и просторна социо-културна вкотвеност.

Човекот без својства се обидува низ лавиринтите на загубените комуникациски вредности, на отсуството на заедниците кои обезбедуваат креативно проникнување во светот на другоста, отсуството на заедниците кои се емпатични и солидарни, да ги пронајде местата во кои ќе ја редефинира политичката ентропија која ризоматски се шири и го заробува субјектот и светот. Различни се наличјата на отпорот кон обесмисленоста и осаменоста: новите технологии во уметноста, новите критички теории, редефинирањето на постоечките идеологии кои се корпорациски обликувани од потребите на капиталот, создавањето на нови јазици и текстови на културата и уметноста кои ќе го проникнат обезвреднетото политичко – сето ова го креира напорот на човекот во неговата битка одново да ги открие своите својства.

Во таа потрага по загубените својства и по наметнатите заедници, она што е е клучно е отсуството на стабилноста. Уметникот, граѓанинот, политичарот ќе мораат да прифатат – стабилност не постои. Постои непрекинато создавање на критички перспективи, кои се единствениот начин да се артикулира слободата во концентрични кругови на единството на различностите. Ние кои сакаме да раскрстиме со историјата на угнетувачките и понижувачките модели на припаѓање, копнеејќи по недопрените полиња на новите потенцијали на политичката имагинација, мора да ја присвоиме токму неа, нашата позиција на талкачи – позиција на постојано разликување од познатите квалитети на сегашните општествени, културни и политички коњуктури. Да се биде без својства значи можност да се мисли суштински новата политика, која не е посредувана од својствата на „овој свет“ и која постојано се обидува да се преобмисли и пресоздаде себеси на самите маргини и, преку тоа, да генерира уште повеќе можности за бегство од кој било збир на својства, кои се обидуваат да се воспостават како авторитет во однос на мислата и животот.   

Во атмосфера каде  што медиокритетството е медиумски востоличено како ултимативен вредносен критериум, каде што историско-политичкиот ревизионизам, олицетворен во новите наличја на фашизмите, е фаворизиран, каде што антагонизмот кон другиот и поинаквиот е мерка за патриотизам, и доминација на една група во однос на друга, просторот за интелектуален, креативен отпор во однос на пост-национализмите и на новите фашизми  (и леви и десни) на капиталот и криминалот се минимални и ризични. Но, сепак, без разлика на лошите услови за организирање и манифестирање на отпорот, тој мора да постои и да егзистира.

КРИК 04 ќе се обиде да ги спои различните дискурзивни, уметнички, општествени, активистички и политички практики низ кои ќе се обидеме критички да ги истражиме и презентираме алатките, размислите и дејствувањата преку кои ќе можат да се создадат новите текстови на културата и уметноста.

Програма

19.06.2019

19:00 – 20:30

Нејтан Браун, „Празнината, темнината и соголеноста: засновани врз детерминантите во Цвеќињата на злото“ – предавање

Преку разновидни теми, концепти и форми, Les Fleurs du Mal (Цвеќињата на злото) постојано се занимава со детерминирањето на проблемот: во фокус е тензијата која се создава помеѓу тоа да се биде едновремено утврден и детерминирањето кое произведува субјективна желба и поетска конструкција. Ова предавање ќе го следи третманот на Бодлер во однос на овој проблем од самите корени, лиминалната негација на својствата кои ги поттинуваат психолошките контрадикции, книжевените изуми и историските промени. Преку филозофското разбирање за естетската определба и длабоките читања на песните на Бодлер, ќе се теоретизира односот помеѓу негацијата и трансформацијата на секое од овие нивоа.

20:30 – 21:30

Арон Шустер, „Театарот на мртвите на Жене“ – предавање

UP_2018_599 Society for the Humanities

Театарот на Жан Жене е еден од највеличествените политички театри на дваесетиот век, иако тој самиот ги нарекува своите претстави „имплицитно политички“ и често јасно и прецизно го одредува нивното политичко значење. Во ова предавање Арон Шустeр ќе зборува за појавата на „осамениот“ и „фаталниот“ политички субјективитет, кој е обработен во драмите на Жене (фокусирајќи се на Слугинки и Балкон), преку две различни насоки на истражување. Прво, преку истражување на темата на смртта, веројатно главниот предмет во сите дела на Жене, разликувајќи три вида смрт, кои тој ги поврзува со уметничкото дело (надоврзувајќи се на трите временски состојби содржани во иднината, минатото и сегашноста). Второ, преку невообичаената споредба на Жене со Кафка на тема законите и правото. Тешко е да се најдат два автора поспротивни од Жене и Кафка. Сепак, почнувајќи од некои забелешки за Кафка во едно од писмата на Жене, Арон Шустер ќе ни покаже како тие следат два спротивни пристапи кон законот (невротичен и перверзен), и како Жене предлага уникатен одговор кон проблемот на вина на Кафка.

20.06.2019

16:30 – 18:30

Нејтан Браун, „Естетичко образование наназад: политички ќорсокаци на сегашноста“ – семинар

Политичките случувања покажуваат перверзна, но, сепак, предвидлива врска помеѓу реакцијата и реакцијата-на-реакцијата. Семинарот во фокусот ќе го има разгледувањето на тоа како општествената  структура и историските ќорсокаци на ваквата релација можат да се анализираат и да се адресираат како ефекти од политичко-економските контрадикции. Навраќајќи се на Шилеровата теорија за „естетичко образование“ од персепктива на сегашноста, Браун ќе се обиде да ја врами дискусијата  на за патологиите на комуникацијата и колективниот субјективитет својствени  на увозот на неправовременоста и отпорот кон замките и искушенијата на политичкиот опортунизам.

20:00 – 21:00

Артан Садику „Илјада маргини“ – предавање

Ниедна теорија не може да се развие без соочување со препрека (ѕид), затоа нужна е практика за рушење на ѕидот (Делез). Нашите испробани, износени и исцрпени модели на практики, како што се отпорот и борбата против капитализмот, не успеаа да го скршат ѕидот кој радикалната теорија го постави многу години одамна. Како резултат на ова, ние сме сведоци на забрзано зголемување на теоријата позади ѕидот. Наместо испробување нови практики со цел да се сруши ѕидот, ние ги менуваме аглите (го менуваме гледиштето), од кои ѝ пристапуваме на сегашната состојба на капитализм. Ова доведува до два предизвика. Прво, како би знаеле дека новата практика ќе ни овозможи нов начин на промислување кој не е повторно, само нов агол (ново гледиште), второ, како теоријата би функционирала во релација со тоа што треба допрва да стане практика. Садику во своето предавање ќе ги истражува можностите за надминување на предизвиците преку идејата на маргините/маргиналноста. Тој предлага да се приближиме кон маргините и наместо револуционерни практики  да развиваме маргинални мисли, кои ќе ја заменат кохерентна радикална теорија. Оттука, комбинацијата на придвижување кон маргините и маргиналното/рабното промислување може да ни помогнат да развиеме анти капиталистичка имунологија наместо стратегија.

22.06.2019

19:30 – 20:00

Лина Гонан „Геј нормалност и анти-инклузивистичка квир мисла“ – предавање

Во предавањето ќе биде изложен концептот на геј нормалноста која ја изнел германскиот теоретичар Петер Друкер, како и избор од теоријата на современата анти-инклузивистичка/анти-асимилациска квир теорија. Ќе наведе, зошто според неа популарните квир социјални политики не се одржливи, на следниот начин: 1) преку краток преглед на досегашниот развој на квир движењето, 2) преку приказ на оној квир идентитет кој го создал доминантното квир движење, 3) преку преглед на анти-инклузивистичките квир мисли како одговор на таа идеологија на нормалноста. Изборот представува своевиден “квир“  метод, затоа што текстовите не доаѓаат од миљето на “релевантната“ продукција на квир теоријата и во поголем дел се текстови од одредени блогови, фанзини и протестни флаери. Афирмацијата на маргиналните позиции, како што се: теоријата на квир социјалната репродукција, теоријата на родниот нихилизам и трансфеминизмот во денешно време преставуваат предизвик во квир движењето.

20:00 – 21:00
Станимир Панајотов „Резервна армија на смртта“ -предавање

Станимир Панајотов во своето предавање ќе говори за поимот „резервна армија на смртта“, засновајќи ја својата теза врз тековната литература за некрополтиките (Мбембе, Грижиниќ) и врз теоријата за „резервната работничка армија“ на Маркс и Енгелс. Резервната армија на смртта ја дефинира како фигура на целосно остварување на капиталистичката утопија: крајно ослободување на капиталот од работничката сила. Сепак, според него, ова ослободување не треба да кулминира во конкретен утописки хуманизам на релаксација и брагосостојба/благосостојбизам (welfareism). Напротив, Панајотов смета дека премостувањето на капиталот од дијалектичките граници на резервната армија на трудот станува предвесник на смртта. Производството веќе не е врзано за политичкиот поим на животот и субјективитетот, кои се самите сведени на суверенот. За резервната армија на смртта, субјективитетот е несводлив на суверенот. Онаму каде што Маркс го препознава создавањето на резервна армија на трудот, Мбембе, а потоа и Грижниќ, иако попатно го спомнуваат Маркс, препознаваат нешто што лесно може да се нарече резервна популација на смртта или резервна армија на смртта. Бидејќи, ако е точно дека прилагодувањето на неолибералната демократија со некрополитиките е парадигматичен пресврт во владеењето во раниот 21 век, отфрлањето на животот како политичка вредност, како конститутивен фактор во политичката логика на неолибералните демократии оди рака под рака со бришењето на корелативната експлоатација – колку и да е бруталнa таа – на работните капацитети на работникот. Ако смртта стане политички проектил на идноста, трудот повеќе нема да е дел од управувачката космологија на неолиберализмот.

Станимир Панајотов предлага поим кој има цел да ја опише ирелевантноста (а не отфрлањето) на постструктуралистичката теза за „смртта на човекот“, како и биополитичката laissez-faire формула „да се живее и да се допушти да се умре“ на некрополитичките режими. Под некрополитиките, кога цели популации се исклучени од власта, тие се сметаат, не само за застарени за контролата на популацијата, туку и лишени од квалитети, вклучувајќи ја и нивната „способност да умрат”. Како резултат на тоа, резервната армија на смртта има за цел да ја анализира реалноста во која човечката популација е лишена од својата смрт како својство кое повеќе не може да го легитимира човечкиот живот врамен со спасението. Кога смртта не е својство, кога човекот не може да се квалификува како вреден за спасение, суверенот владее без луѓе: обесчовечениот суверен не е лишен од својствата на луѓето, туку од самите луѓе.

Биографии:

Арон Шустер е филозоф и писател, кој живее во Амстердам. Тој е стипендист на Друштвото за хуманистички науки при Универзитетот Корнел и работи како професор на Универзитетот во Чикаго. Неговата прва книга Проблеми со задоволството: Делез и Психоанализата (Trouble with Pleasure: Deleuze and Psychoanalysis) е објавена од MIT Press во 2016 година. Во 2019 година планирано е да се објават уште две негови книги: Владеење, АД: Три студии за политичкото и за уживањето (Sovereignty, Inc.: Three Inquiries on Politics and Enjoyment), во авторство со Ерик Сантнер и Вилијам Мазарела (University of Chicago Press); и Спазам:Филозофија на скокотливоста (Spasm: A Philosophy of Tickling), Cabinet Books.

Артан Садику е истражувач, теоретичар и активист кој има докторат по филозофија. Негови примарни научни интереси се теориите на субјектот, феминизмот, радикалните пракси во политиката и уметноста. Работел во Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје каде ја водел Школата за критика и политика и е основач на Левичарското Движење Солидарност и Културниот Клуб Синдиката. Студирал и истражувал во универзитетите во Минхен, Балтимор, Осло и Амстердам. Тој беше еден од клучните актери во протестните движења АМАН!, #протестирам и Академскиот Пленум а во моментот е дел од организациониот и програмскиот борд на КРИК фестивалот за критика култура. Редовен соработник е на регионални и меѓународни списанија како Le Monde Diplomatique, Journal Identities и Bilten. Неговите последни текстови се однесуваат на просторот за уметноста во општеството и естетската форма на работниците.

Лина Гонан дипломирала филозофија и историја на уметност на Филозофскиот факултет во Загреб. Таа е активистка на полето на јавни добра, работнички, женски и квир права. Поле на теориски интерес ѝ е марксистичкиот феминизам и квир теоријата. Работи во Мултимедијалниот институт во Загреб каде го води феминистичкиот кружок Фематик во Mama. Уредничка е на збирката Непомирливо – радикалниот квир против родот, државата и капиталот.

Нејтан Браун е вонреден професор по англиски јазик и управител на Центарот за проширена поетика на Универзитетот Конкордија. Во своите истражувања ги опфаќа следните хуманистички и епистемолошки области: поезија и поетика, модерна и современа филозофија, книжевност на 20 и 21 век, марксистичка теорија, наука и студии на технологијата. Неговите интереси се движат помеѓу поетиката, филозофијата и науката / технологијата, со акцент врз концептуалните и материјалните определби на структурата, обликот и фикцијата. Творештвото на Браун, исто така, се фокусира на современата уметничка и филмска теорија. Неговото исражување се темели врз материјалистичкиот пристап кон уметноста, филозофијата и политиката. Предмет на неговото проучување се и концептите и идеологиите на структурата и обликот на практикување на материјалната конструкција во науката и поезијата. Тој неодамна го заврши последниот негов ракопис насловен „Рационална емпирија: теорија на спекулативната критика“. Неговата прва книга „Лимитите на фабрикувањето: материјалистичка наука и материјалистичка поетика“, објавена е од Фордхам, во 2017 година. Заедно со Петар Милат, тој е координатор на тековната серија на симпозиуми под наслов „Коњуктури: филозофија, политика и естетика на дваесет и првиот век“.    

Петар Милат е поранешен филозоф кој моментално работи како програмски раководител во Мултимедијалниот институт / MaMa [Загреб, Хрватска], каде е задолжен за издаваштво, експериментална музика и филмски програми. Од 2008 година тој е директор на Филмскиот фестивал за човекови права, фестивал на cinéma d’auteur engagé. Главниот фокус на неговото истражување е врската помеѓу нормативната социјална и естетска теорија. Во 2018 година бил член на жирито на фестивалот за кратки филмови во Оберхаузен.

Веб-страни: www.mi2.hr/en | www. humanrightsfestival.org/en/

Лична веб-страна: www.zoeforward.org

Станимир Панајотов во моментов го завршува докторот по компаративни родови студии на Централноевропскиот универзитет (Будимпешта, Унгарија), со специјализација во областа на средновековните студии. Твори на раскрсницата на континенталната и феминистичка филозофија, нефилозофијата, неоплатонизмот и новиот / спекулативен реализам, а во овие области специјализирал на Словенечката академија на науките и уметностите во Љубљана (2013); Институтот за општествени науки во Скопје (2015); Универзитетот Линкопинг(2016); Американскиот истражувачки центар во Софија (2016/17); Универзитетот Кингстон во Лондон (2017); Универзитетот во Утрехт (2018). Член е на организацијата Non-Philosophique Internationale од 2016 година. Тој е ко-директор и ко-организатор на Sofia Queer Forum (Софија, 2012 – денес), како и на Летната школа за сексуалност, култури и политики (Скопје / Белград, 2012- 2017), а од 2017 година е уредник на списанието  Identities: Journal for Politics, Gender and Culture, како и член на уредничкиот одбор на списанието Oraxiom: A Journal of Non-Philosophy.

КРИК – Фестивал за критичка култура се реализира во соработка со: Мутлимедијалниот Институт (MI2), од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Berliner Gazette од Берлин, платформата Светот околу нас – критиката во регионот, организирана од партнерските организации kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија), SCCA – Љубљана (Словенија).

Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Македонија, Фондацијата Култура нова од Хрватска и Креативна Европа 2014 – 2020, Град Скопје.

Логистички партнери на фестивалот се: Национална Галерија на Македонија, КОТУР и порталот окно.мк.

Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа од Загреб и kuda.org од Нови Сад.

Фотогалерии:

КРИК 4-Човек без својства-политики на маргините 19.06.2019 – Kontrapunkt (kontrapunkt-mk.org)

КРИК 04 -Човек без својства-политики на маргините 20.06.2019 – Kontrapunkt (kontrapunkt-mk.org)


Споделено на: јануари 25, 2021 во 4:03 pm