На 26 април, со почеток во 19:30 часот, во рамки на КРИК 09, годинава со тематска рамка „Желбени машини – уметноста како (р)еволуција“ со голема радост ве покануваме на исклучителното искуство – отворање на изложбата на писателката Дубравка Угрешиќ, „Црвеното училиште“. Изложбата ќе биде поставена во КСП Центар – Јадро.
На отворањето на изложбата ќе говорат Маја Бојаџиевска и Петар Милат.
Воедно би сакале да ве поканиме во сабота, на 27 април, на ексклузивно водење низ изложбата во 18:30 со Петар Милат (Мултимедијален институт, Загреб).
Изложбата ќе се затвори на 9 мај, со почеток во 19:30 часот, а во рамки на затворањето на изложбата ве покануваме на промоцијата проследена со разговор на 4 книги box-set, од Дубравка Угрешиќ. (дополнително подетални информации).
:: За Црвеното училиште на Дубравка Угрешиќ ::
На почетокот на војната во Југославија, во рацете на Дубравка Угрешиќ случајно се нашол еден учебник, која според годината на издавање лесно би можела да биде и нејзина. Пред писателката одненадеж искрснале два света – дамнешен, заборавен свет на учебникот – книгата за почетници, кој ветувал среќна иднина, и другиот, стварниот, кој таа иднина брутално ја оспорувал.
Таа епизода ја поттикнала Дубравка Угрешиќ на собирање на учебници, а резултира со низа дела и текстови кои се претставени на оваа изложба.
На прашањето со што точно се бави во „Црвеното училиште“, Угрешиќ ќе одговори: „Искрено, не знам. Вистина, не ми се страни поимите како appropriation art, intervention art, soc-art… своевремено, бев магепсана со концептот soc-art на уметниците Илја Кабаков, Александар Меламид, на писателот Лев Рубинштајн и други. Го открив и искривоколчениот аматеризам на Хенри Даргер, го сакам југословенскиот соц-артист Душан Оташевиќ, ги обожувам филмовите на Душан Макавеев, но мислам дека одговорот не треба да го бараме во таа насока. Јас никако не сум „уметница“, и сѐ што е на изложбата е рециклажа, постапка на очудување или зачудност, кои настојувам да ги постигнам со мали интервенции. Што се однесува до интервенциите и во нив користам училишни техники: повторување на мотивите, прецртување, истакнување и задскривање, и слично. Кога велам дека сѐ е рециклажа, тоа пред сѐ се однесува на материјалот со кој се служам. Нема ниту една моја реченица, ниту еден мој цртеж (бидејќи не сум уметница). Тоа, од денешна перспектива е археолошки материјал, а со тој вид археологија малку кој се бави.
Посетителите на оваа изложба ќе ги воочат остатоците од минијатурното црвено училиште купени одамна во некоја амстердамска старинарница, како и мојата опсесивна (зло)употреба на петокраката ѕвезда и српот и чеканот. Од денот кога Хрватска е прогласена за независна држава, а од тогаш денес поминаа точно триесет години, хрватското ментално и визуелно поле постепено го окупираа свастики, црни како бубашваби, во сите големини. Петокраките ѕвезди расфрлани низ моите „дребулии“ спаѓаат во компулзивен гест на еден губитник. Иако „црвената ѕвезда“ не беше мојот идеолошки беџ, ниту пак во моето детство нејзината присутност не беше нападна, сепак, како би можело да се заклучи, судејќи по моите дела, таа стана присутна. Црвената ѕвезда не е ниту одбрана ниту заштита, ниту пак политичка стратегија. Таа е оној тивок, но постојан аларм. Beeper.
Црвената ѕвезда е тука за да се постави прашањет дали сите оние свастики – бубашваби навистина нѐ поплавија?“
***
Дубравка Угрешиќ (1949 – 2023) е авторка на книгите „Поза за проза“, „Штефица Цвек во челустите на животот“, „Животот е бајка“, „Форсирање на романот-река“, „Музеј на безусловното предавање“, „Забрането читање“, „Министерство на болката“, „Нема никој дома“, „Тука нема ништо!“, „Нарилник за вештерки“. Живееше и работеше во Амстердам.
***
„Желбени машини – уметноста како (р)еволуција“
Желбата е вистинита, вирее од мноштвото на поврзувања, произведува и самата е истовремено резултат на тоа производство. Желбени машини насекаде. Тие не се веќе само човековите битија и нивните алатки. Нови желбени машини го колонизираат просторот насекаде, тие произведуваат и се резултат на производството на алгоритмите, платформите, облаците и вештачката интелегенција. Мноштво на поврзани желби, хипер забрзан процес на производство, податоци, информации, масивни дата сетови, и намaлен капацитет на разбирање и ставање во некоја, класично дефинирана, добронамерна цел. Кога теориите се немоќни пред мета-универзумот на капиталистичкото производство на се поголемо спекулативно богатство на податоци, на нови желби и нови машини, кои се тешко разбирливи, а уште потешко запирливи, единствено уметноста преостанува како вечно поле на борба со неразбирливото и незапирливото. Иако длабоко поврзана, преку редици машини, желби и производи, сепак веруваме дека уметноста може да се откине, да стане своја линија на прелет, да начне процеси на транс-формативни желби и анти-продукција. Таква уметност посакуваме, и се додека нашата желба не е потполно стопена во кодот на капиталот, ако воопшто желбата може да се покори, за таква уметност ќе се залагаме. КРИК Фестивал за критичка култура во неговото 9-то издание ќе се обиде да ги стави во фукција постоечките јазични капацитети и уметнички потенцијали за да може да се мисли во негација на сегашниот тек на махиналната нихилистичка инерција на современите машини.
Со цел да ги предизвикаме постоечките текови на производство на мисла, уметност и воопшто да им се спротиставиме актуелните текови на создавање по инерција, заеднички ќе нурнеме подлабоко во често занемарената или намерно игнорираната од доминантните политички наративи, врската помеѓу уметноста и револуцијата. Ќе го истражуваме нивното постоење во симбиоза кое ги надминува популарните историски записи, навлегувајќи во самата суштина на човечкот, неговиот општествениот равој и еволуција.
Барајќи ги врските помеѓу уметноста и револуцијата, ќе се потрудиме да произведеме уште една нит, во повеќеслојна таписерија на идеи исткаена од уметници, мислители, и разноразни престапници на популарните и доминантни наративи, кои навлегуваат во онтолошките импликации на уметничкото изразување испреплетено во револуционерен жар. Овде, уметноста не претставува само медиум за естетско задоволство или културна рефлексија, туку сила која ги нарушува воспоставените парадигми, ја испитува динамиката на моќта и ја поттикнува колективната свест кон еманципаторсите и еволутивните хоризонти. Таа нѐ принудува да се соочиме со комплексноста на нашето делување и одговорност, наведувајќи нѐ, не само да создаваме уметност што инспирира и поттикнува, туку и критички да ги испитаме етичките димензии на нашите интервенции.
Во рамките на КРИК 09 заеднички ќе истражуваме делата и живот, на различни уметници и уметнички групи, почнувајќи од животот и делото на познатата антифашистичка и феминистричка писателка Дубравка Угрешиќ, чиј живот претставува симбол на издржливост и пркос пред неволјите, неправдите и центрите на моќ, а нејзиниот пишан збор стои како светилник на надеж и отпор против системското угнетување. Оваа година сакаме заеднички да се потсетиме дека уметноста, во нејзината суштина, е катализатор за револуција – медиум преку кој можеме да замислиме и да се стремиме за поправеден, посолидарен и поемпатичен свет.
Воведен текст на Искра Гешоска.
***
Изложбата е во организација и пријателско партнерство помеѓу Мултимедијалниот институт (Загреб) и Контрапункт/Крик – фестивал за критичка култура
Изложбата се реализира во рамките на проектот „Периферни погледи“ (Periferal visions), соработнички проект на European Institute for Progressive Cultural Policies (Виена), Контрапункт (Скопје), kuda.org (Нови Сад), Културтрегер (Загреб), Маска (Љубљана), Мултимедијален институт (Загреб), а кофинансирано е од средствата на Европска унија – Креативна Европа.
КРИК Фестивал 09 е поддржан од AICS Tirana во рамките на „Култура и креативност за Западен Балкан“ (CC4WBs), проект финансиран од Европската Унија кој има за цел да го поттикне дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културните и креативните сектори за зголемено социо-економско влијание.
Проектот е поддржан и од Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска, Канцеларијата за здруженија на граѓани на Владата на република Хрватска и Град Загреб.
Споделено на: април 15, 2024 во 8:36 pm