Изложба и перформанси

22 - 30.11.2016| Изложба  "Архиви на насилство"  Чифте Амам, Национална Галерија на Македонија-Скопје  Уметници: Соња Шонбергер,...

22 – 30.11.2016| Изложба  “Архиви на насилство” 

Чифте Амам, Национална Галерија на Македонија-Скопје 

Уметници: Соња Шонбергер, Мишел Теран, Христина Иваноска,

Ѓорѓе Јовановиќ, Memory of the world (Томислав Медак и Марсел Марс) и Зејно Пекунлу.

Моќта на архивирањето е документот, потенцијалниот иден факт. Архивите го чуваат знаењето, го превреднуваат минатото документирајќи ја сегашноста, создавајќи мемориски ресурси за иднината. Така, тие застануваат наспрема заборавот и историската ревизија. Во денешниот неизбалансиран свет, улогата на архивата е од клучно значење, како што кризата на демократијата станува поочигледна од кога и да е: прогресивните, хуманистички визии за општеството се сѐ повеќе загрозени од доминантните популистички и неолиберални наративи. Сето ова може да се согледа преку широкиот спектар на општествени и политички кризи – човекови права, родова нееднаквост, разорност и насилие врз животната средина, образование, слобода на говор, попречување на правото на домување, слобода на движење. Повторно во историјата сведочиме на поларизација на моќта, говор на омраза и растечка социјална сегрегација, како во “развиениот” така и во “неразвиениот” дел од светот.

Оваа изложба ја прикажува моќта на архивата да му се споротивстави на тоа насилство. Таа ќе се обиде да им даде облик, да направи видливи неколку истражувачки уметнички проекти, коишто обработуваат конкретни случаи на насилството. На тој начин материјалните факти / изложените дела самите по себе стануваат и документи- сведоци на тоа насилство. Публиката ќе може да ги искуси визуелните и звучните архиви кои истражуваат различни теми, од кризите со домувањето (Мишел Теран), корупција и репресија (Ѓорѓе Јовановиќ), исчезнување на знаењето (Меморија на светот), родови стереотипи, објектификација и медиумско насилство (Зејно Пекунлу), недостиг на архивите за жените (Христина Иваноска) или директно насилство врз клучни политички субјекти (Соња Шонеберг). Овој пристап на сондирање има цел да ги поттикне нашите сетила за препознавање и регистрирање на насилството кое нѐ опкружува секојдневно, она на кое сме се навикнале, но и на структурното насилство низ политичките системи. Овој документ ќе се обиде да ги визуелизира дисонантните односи помеѓу оние кои владеат и владеаните, и да го оприсутни невидливото, не толку лесно разликовно од насилството. Повеќеслојната природа на делата – обемната документација и архивските материјали, создава простор за отворање дијалог со конкретни случаи на насилство. Некои од делата ќе имаат додатен перформативен и едукациски предзнак. И така ќе направат поместување од статичко и чисто еститичко кон дискурзивно, а на тој начин стануваат дел од пообемната дискурзивна програма на Форумот за критичко мислење на фестивалот КРИК, со што ќе отворат партиципативен пристап и директно инволвирање со публиката.

Соња Шонбергер “The throw”

Мишел Теран “Mortgaged lives”

Христина Иваноска  “I am looking for myself through history and can’t seem to find me anywhere”

Ѓорѓе Јовановиќ “Cracks”

Томислав Медак и Марсел Марс “Memory of the world/Public library”

Зејно Пекунлу “How to properly touch a girl so you don’t creep her out?”

Уметнички перформанси:

25.11.2016| 

Мишел Теран “Испрекинати сесии” | перформативен разговор 

Испрекинати сесии креираат сцена за јавни читања на разговори водени помеѓу психолог и четири жени од Мадрид во врска со нивните лични искуства со присилно иселување. Транскриптот, кој е преведен и на други јазици (досега на англиски и француски) од оригиналниот шпански, е сведоштво за секојдневната реалност на современата криза, на тој начин пренесувајќи ги личните искуства во една универзална тема околу социјалните распади и дезинтеграцијата на домот. Јавното читање на овој текст претставува дискусија и анализа на разговорот преку естетска рефлексија. Циркулацијата и воведот на преведениот текст во други конфигурации и разговори, дава мотив за рефлексија на прашањата поврзани со современата криза и нејзиното влијание врз домот, кросполинација на идеи, која се јавува при дијалошка ситуација. За изданието во Скопје, Мишел Теран ќе соработува со Центарот за нови медиуми kuda.org и локални учесници и иницијативи за домување.

(перформансот е дел од изложбата „Архиви на насилство“)

25.11.2016|

Христина Иваноска “Документот што недостасува: перформанс бр.4 (Сослушувањето)”

Ова е четвртиот од серијата перформанси што Христина Иваноска ги концептуализира, пишува и изведува како дел од нејзиното докторско истражување, насловено како „Документот што недостасува: сложеното чувство за вистинитост на усните истории“. Нејзиниот истражувачки интерес и уметничка практика, се испреплетуваат околу прашањето за потчинувањето, контролата и конструкцијата на колективната меморија во однос на женските стратегии на отпор и политика. Како единствен протагонист, во своите перформанси, Христина Иваноска станува флексибилен и порозен ентитет, медиум низ кој различни идентитети можат да бидат оживеани. Низ нејзините текстови и акции таа создава ситуации кои се случиле или не, и се базираат на документи и усни интерпретации кои флуктуираат низ времето и просторот. Сведено на лично ниво, кое започнува со прашањето Која сум јас?, Иваноска го пронаоѓа својот пандан во улогата на Роса Плавева, револуционерка од почетокот на ХХ век, која е заборавена во архивите од минатото. „Документот што недостасува: перформанс бр.4 (Сослушувањето)“ е фантазмагоричка интерпретација на претпоставеното испрашување на Роса Плавева кое се случило најверојатно во 1951 година.

Биографии:
Мишел Теран е уметница којашто работи во мрежни уметнички пракси во живо (network live-art practice). Нејзината инволвираност во медиумските уметности започнува по завршувањето на студиите на историја на уметност, театар, теории на култура, сликарство во Hospicio Cаbanas, Guadalajara (1986-87), Instituto de las Bellas Arts, San Miguel de Allende (1987), и на Ontario College of Art. Нејзините дела се всушност истражувања на пресеците помеѓу социјалните и технолошките мрежи, како и физичкиот и медиумскиот простор којшто го отелотворуваме и населуваме. Во моментов живее во Берлин.

Христина Иваноска е докторандка на академијата за ликовни уметности во Виена. Таа работи интердисциплинарно, истражувајќи ги општествените и политички системи и нивната поврзаност со теоријата и историјата. Иваноска има изложувано во бројни домашни и светски галерии. Заедно со Јане Чалоски го ко-основаа “press to exit project space” во Скопје. Двајцата заедно беа претставници од Македонија на 56-тото биенале во Венеција во 2015 година.

Крик 01 – Kontrapunkt (kontrapunkt-mk.org)


Споделено на: февруари 23, 2021 во 2:26 pm