За книгата на Славчо Димитров :: ANARCHIC BODIES : CORPOREAL MATERIALISM, AFFECTS AND THE POLITICAL :: 

Дозволете ми да споделам на едно интимно семантичко рамниште што значи за мене Слвачо Димитров како...

Дозволете ми да споделам на едно интимно семантичко рамниште што значи за мене Слвачо Димитров како една од клучните личности – придвижувачи во нашето поприлично статично, ретроградно, заковано во сопствената игнорантност општество.

Славчо Димитров е оној кој ги поставува, ги креира и им дава глас на клучните прашање во нашата современа култура и во нашиот општествен простор, не плашејќи се да стои, многу често, дури на самиот раб, на маргината, секогаш вон зоната на конфорот, во срцето на ризикот, сакајќи да открие и да укаже со своето политично тело дека е можна и поинаква синтакса, поинаква артикулација и организација на борбата, на гневот, на тагата, на  ењето, поинаков свет, вон сите опортунистички зони. Утопист, активист, сонувач но и конструктивен, упорен застапувач за промени. Како што што вели Офелија за Хамлет, „неговата тага од украси бега, не оди со нив на покажување“… Не ја зазема позицијата на жртва, што е интристичен дел од минатиот, но и од современиот фолклор на нашата култура, туку неговото соочување, со хоророт кој го предзивикува баналноста на волјата за моќ и на злосторот, се мотив за зајакнување на должноста, за постојано, неуморно офанзивно, никогаш дефанзивно дејствување.

Историското бележење и архивирање како и дијахронискиот и синхорнискиот ракопис на мислењето, на социо-културната и уметничката продукција во современата култура,  но и модалитетите на толку посакуваниот отпор во нашето општество и пошироко, во овој, 21 век, нема да можат да го заобиколат Славчо. Неговата теориска фундираност и визија, неговите активистичка и артивистичка покренувачка и повикувачка манифестност создаваат перформативи, изрази, концентрични кругови, и заеднички простори низ кои постојано можат да се редефинираат и дијалектички да се конфронтираат човековите релации, мисловните динамики, емоционалните приближувања и одбивања, афектите, политичките, политичните, етичките и естетските хиерархии или можеби хоризонтали.

Говориме за личност – предизвик, личност – поттик, личност парадигма за темелните современи културолошки теорсики и општествени ризоми. Станува збор за анатомија на личност која страствено ги сублимира, обединува и предизвикува нашите  лавиринти, запрашаности, битки, конфронатции, со самите себе  но и со колективот. Во светот кој вратоломно се тркала удолу, кон дното, Славчо Димитров го држи кормилото кое не’ враќа кон координатите на бурната морска патека растерувајќи маглата и расчистувајќи ни го видното поле. Тој ни ја изострува диоптријата, и не’ повикува да бидеме одговорни и храбри каков што е и самиот.  

Кога мислам на Славчо мислам на одговорност, на посветеност, на темелност, на нешто што се одбива и се спротиставува на поданичката арматура која е толку силно вткаена во ова општество. Реткост е Славчо!

Кршлив, но силно субверзивен и храбар и во своето мислење и во своето дејствување. Радосни сме и почестени сме што Контрапункт, во рамки на овогодинешниот КРИК – фестивал за критичка култура, насловен Преобразба, ја објавува книгата на Славчо Димитров :: ANARCHIC BODIES : CORPOREAL MATERIALISM, AFFECTS AND THE POLITICAL :: 

автор: Искра Гешоска


Споделено на: јуни 24, 2025 во 1:01 pm