Во чест на Блаже Конески

Еве сме на крајот од годината во која ја чествуваме 100 годишнината од раѓањето на Блаже...

Еве сме на крајот од годината во која ја чествуваме 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески, еден од носечките столбови на образовните, научните, културните и уметничките современи политики, кој заедно со Михаил Петрушевски, Харалампие Поленаковиќ и други се основополжници на Филолошкиот факултет и трајни патокази за идниот развој на филолошките науки, како интегрален дел од хуманистиката. Во време кога, за жал, сведочиме на пенетрација на пазарниот концепт во образованието, кога тенденцијата на новите генерации, која е обликувана од генералниот економско-политички тренд во светот, е фокусирана на областите какви што се бизнис, економија, менаџмент, информатички науки, се чини уште позначајно, па дури и приоритетно да се негува, сочува и развива овој сегмент во научната и креативната дејност, бидејќи станува збор за образовен и хуманистички корпус што ги втемелува и ги обединува клучните човекови мислечки потенцијали, без кои не би можело да се замисли опстојувањето на времињата идни. Филолошкиот факултет низ сите овие децении од своето постоење бил јадрото кое стои наспроти културата на тишината, промовирајќи ги културата на дијалогот, на критичките, слободарски мислечки процеси. Можеме без задршка да кажеме дека Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ претставува парадигма за критичката педагогија, имајќи ги на ум сите клучни професори, научници, автори, студенти, јавни личности, кои низ изминатите седум децении посветено го граделе неговиот научен и креативен идентитет. Во нашето општество, токму Филолошкиот факултет, онака како што е устроен од самите почетоци, па до денес, укажува дека е можно во образовните институции да опстојуваат форматите на размена на знаења, кои лабораториски се истражуваат, кои се флексибилни во однос на духот и потребите на времето, и низ кои се промовираат интердисциплинарни формати и модели на академска, творечка, општествена и па дури и политичка акција. Филолошкиот факултет согледуваме дека ја развива визијата за нужноста од проактивно, критичко и дијалошко дејствување во и кон реалноста, со цел да се восприеми и разбере историјата како привремена состојба, која стреми кон постојани промени. Секоја идеолошка, политичка и културна матрица мутира и первертира во најневозможните насоки. Тоа, чинам, најмногу ги засега двете за мене клучни општествени полиња: образовните и културните политики.

Дозволете ми да го ставам акцентот на оној, според кој повеќе од заслужено е именуван достојно Филолошкиот факултет – Блаже Конески. 100 годишнината од неговото раѓање се чествуваше низ различни модалитети, и покрај деликатноста по многу прашања, но најмногу заради пандемијата на COVID 19. Ограничувања имаше многу. Но, за да имаме континуитет во паметењето, во активното, постојаното и динамично оприсутнување на оние личности кои се меѓници и темелници на нашата култура, не смееме да имаме изговор за ниту едно можно ограничување, за ниту еден прекин на континуитетот во секогаш одновното исчитување, толкување, дополнително вкотвување во современоста и во иднината на она што тие ни го оставиле како феномен во нашите идентитетски наративи. Ќе ми дозволите да нагласам едно мое длабоко уверување – императивните општествени, културни и уметнички вертикали, не постојат само за пригодни и протоколарни одбележувања. Доколку сакаме да покажеме дека навистина се грижиме за нашето наследство, тогаш треба постојано, посветено да го валоризираме, да го анализираме, толкуваме, реконтекстуализираме во согласие со актуелните и акутните социо-културни динамики и да покажеме дека тоа е длабоко вткаено во нашите идни гестови, во идните структури на посебноста на наративот кој сакаме да го создаваме – токму како што везилката на Конески ткае со внимателност, непрестано, со црвен и црн конец, „проста и строга македонска песна“. Веќе еднаш реков, но би сакал да повторам – не смееме да дозволиме културата на заборав да стане преовладувачка. Сите имам одговорност во спротиставувањето на ваквата тенденција.

Многу нешта се кажани, напишани и анализирани за научната, книжевната, па и општествената врвица и значајност на Блаже Конески. Но, никогаш не е доволно. Затоа што станува збор за личносно и творечко окно со длабочина до недоглед, во кое може да се ископуваат најскапоцените значења за нашето минато и за нашата современост. Кога зборуваме за Конески како втемелувач на нашата книжевна и научна модерна ера, во сферата на филолошките, лингвистичките и хуманистичите науки, не можеме а да не ја споменеме неговата комплексна патека на разбирањето на современоста – тој ја создава современоста во една силна критичка, но нераскинлива врска со наследеното, со народното, духовното, книжевното, и јазичното внимателно и деликатно архивирање и ре-исчитување на дамнината, која воспоставува релација со трансформацијата во модерноста. На некој начин, тој, особено низ своето поетско творештво, прави деконструкција на нашето минато, преведувајќи го во една метанарација за интимните и политичките соочувања со мигот во кој живее, а кои гледаме, од денешна перспектива, дека се сѐ уште актуелни. Ја моделира лексиката на нашиот јазик активирајќи богат и нов лексички материјал низ кој го изразува сознанието за често непријатната и болна општествена стварност.

Храброст е да се оди кон нови стилски и мисловни синтези кои ќе се вклопат во поставеноста на, како што вели самиот Конески, „снагата на литературниот јазик“. Позицијата на Конески и во неговиот лингвистички и во книжевниот подвиг е чудесно храбра – таа храброст не е само импулсивна, како што честопати храброста знае да биде, туку почива на длабоко промислување, стратешко согледување и неуморно и одговорно дејствување. Тој, до последниот здив верува дека јазикот не е даден еднаш засекогаш и дека мора да се има храброст, доблесност и трпеливост тој да прерасне во жив организам, кој постојано ќе се менува и збогатува, засновано врз воспоставениот континуитет. Тоа е единствениот начин да се развива, да се осовременува и мислењето, смета Конески – низ развојот на јазичните структури. Тоа мора да е синхронизиран процес, според Конески. Токму затоа, Конески е беспрекорен стилист, кој го „преведува“ и го синхронизира интимното и онтолошкото во свет кој прецизно и критички го артикулира политичкото. И сето тоа го прави низ совршената синергија на емоционалното и интелектуалното, што е една од најмоќните карактеристики на неговото поетско творештво.

Ќе ми дозволите да употребам една забелешка на Блез Паскал, која ми создава силна асоцијација за Конески. Тој забележува дека човекот е само трска, тенка и кршлива. Но, тој е трска која мисли, вели Паскал. Токму тоа е големината на нашиот Блаже Конески – тој е кревка трска која моќно, непоколебливо и сеопфатно го мисли светот, човекот, релациите помеѓу социјалните, психолошките и културните слоеви.

Имаме привилегија да имаме како дел на нашето културно, уметничко и научно наследство вертикала каква што е Конески – човек кој потврдува дека современ е оној кој е современ за сите времиња токму затоа што има сила и храброст низ своето творештво да го втренчи погледот во своето време не за да ја види светлината, туку за да ја согледа темнината. Според согледбите на Џорџо Агамбен, „Сите времиња се темни за оној кој го има искуството на современоста. Современ е оној кој може да ја види таа затемнетост, кој е способен да пишува натопувајќи го перото во темнината на мигот кој го живее. Современ може да биде единствено оној кој не се препушта на тоа да биде заслепен од светлата на векот и кој успева во нив да го согледа влогот на сенките, нивната интимна темнина. Зашто современ е оној кој ја перцепира темнината на своето време како нешто кое многу го засега и што не престанува да го интерпелира, како нешто кое, повеќе од кое било светло, му се обраќа нему. И така, на своето време навистина му припаѓаоној кој не се прилагодува на неговите барања, туку се обидува повеќе од кој било друг да го перцепира и сеопфатно да го согледа и разборито да го коментира.Ете, токму затоа, Блаже Конески останува современ за сите времиња. И токму затоа Филолошкиот факултет кој го носи неговото име, верувам дека ќе остане современ и траен за сите времиња.

Искра Гешоска


Споделено на: декември 19, 2021 во 5:58 pm