Кристијан Возницки : : Учењето како труд: Преобмислување на „училиштето“ како „фабрика“ : :

9 мај 2020 од Кристијан Возницки Блог: ТИХИ ДЕЛА Ковид-19 наметна безбедносни мерки чијашто последна, но...

9 мај 2020

од Кристијан Возницки

Блог: ТИХИ ДЕЛА

Ковид-19 наметна безбедносни мерки чијашто последна, но и важна, цел е да го минимизираат ризикот што луѓето го претставуваат за „капитализмот што тече без триење“. Ова значи „зголемување на безбедноста“ на „нашата“ ранливост и заразност. Во ова интервју на „Тихи дела“, Магдалена Таубе и Кристијан Возницки разговараат со критичарот Том Холерт со седиште во Берлин за контролните практики онаму каде што се воспоставува врската меѓу фабриката и училиштето.

(Фотографија извадена од Youtube видео, Чајна Морнинг Стар/CCTV) Студентите исто така мораат да носат маски и да вечераат посебно.

На почетокот на април, фабриките во Вухан, што беа затворени за време карантинот поврзан со пандемијата на Ковид-19, повторно беа отворени. Се известува дека биле воведени безбедносни мерки на многу високо ниво. Работниците кои влегувале во фабриката биле дезинфицирани со висококонцентриран алкохол и им се мерела температурата. Температурата на работниците им се проверувала уште двапати за време на нивната смена. Внатре, во фабриката, сите работници цело време морале да носат маски и комбинезони за специјална заштита. Местата што работниците ги користеле за дружење и собирање или каде што потенцијално можеле да се сретнат сега биле затворени – простории за пауза, конференциски сали, места определени за пушење итн. Тие морале „да си носат храна“ на работното место, каде што секој работник имал своја маса поставена на безбедно растојание од другите маси. Фотографијата на АФП, фотографирана во просторијата за пауза на повторно отворената фабрика на „Хонда“ во Вухан, моќно ја доловува логиката на „социјално дистанцирање“ во тоа работно окружување. Што е особено чудно, претставената ситуација по малку заличува на училница. Како ја читате оваа фотографија?

Тоа е интересна опсервација, но не ја споделувам нужно претпоставката зад неа. Просторното разделување на работниците во име на хигиенски мерки и во интерес на борбата против пандемијата може да заличува на други облици на одвојување и прохибиција (на собирање, здружување на трудова политика, на „непослушно“ однесување на работното место итн.). Сепак, би признал дека тие мерки имаат и минимум разумност во светлина на тековната ситуација. Пандемијата, во најмала рака, усложнува секаква критика, колку и да е оправдана, што се потпира на старите и почитувани традиции на анализа на моќта и дисциплината.

Секако, споредувањето на кореографијата на работата прикажана на фотографијата од фабриката на „Хонда“ во Вухан со фотографиите на одвојување и изолација на студентите во училница е донекаде валидна. Посебното седење во училниците е карактеристика што се провлекува низ историјата на образованието. Иако мерките за дистанцирање се предмет на повторувано преиспитување уште од раните денови на реформистичката и прогресивистичката педагогија во раниот дваесетти век, тие покажуваат тенденција на повторна и повторна примена. Наспроти сите трендови на групна работа, тимски предавања и промените во дисциплинарните, геометриски просторни уредувања на училниците (што секогаш претставувале потсетник за структуралната сродност на фабричката работа, престојот во затвор и формалното образование), моделот на учење од типот на „картон за јајца“ се покажа како мошне истраен.

Пред да навлезете подлабоко во просторната политика на образованието, може ли прво поопширно за вашите мисли за менувањето на трудовото окружување?

Во извесна смисла, Ковид-19 ги присили индустрискиот труд, како и трудот во „постиндустриски“ простори, да ги однаучат лекциите на флексибилниот работен простор или „активната канцеларија“, „Bürolandschaft“, или лажниот салонски либертинизам на седиштата на „Гугл“ и „Фејсбук“. Овие модели на окружување што поттикнуваат креативност и иновативност се појавија во педесеттите и шеесеттите на дваесеттиот век, кога корпоративната култура, кибернетиката, бихејвиоралната психологија и ергономиката беа искомбинирани за да се редефинира работното место, само за набргу да бидат поддржани од навидум антиавторитарните поп- и контра-култури од тој период (многу од овој развиток е проследен во телевизиската серија Момците од Медисон).

Авторитаризмот никогаш не престана, сепак само си ја промени терминологијата. Се наметна себеси во нови облици и форми, протоколи и „филозофии“, чијашто намера беше да сигнализираат слобода и немешање. Капитализмот отсекогаш бил особено успешен во прикривањето на својата насилна и пулсирачка дисциплинирачка моќ. Она што се случува сега, под многукратните влијанија на виролозите, епидемиолозите, политичарите и индустријата, е лупење на таквите површини на отвореност и слобода, и повторно откривање на соголените структури врз кои тие биле накалемени. Сепак, наметнувањето на правилата за дистанцирање, изолација и зголемување на безбедноста поради Кодив-19 се соочува со различни култури на трудот и образованието. Во зависност од националниот и географскиот контекст, карактеристиките на карантинот и превенцијата би можеле да им бидат повеќе или помалку туѓи на оние што ги засегаат, а оттука би можеле да бидат доживеани како повеќе или помалку исклучителни.

Можете ли да ни дадете пример?

Драконскиот режим на тестирање во Кина, отелотворен во пеколниот, национален гаокао испит, што го одредува запишувањето на универзитет за матурантите, има произведено претстави (и –ориентализирачки – фантазии) за испаничени, навежбани ученици седнати во големи бројки по огромни училишни фоајеа или понекогаш дури и стадиони, како украс на (безрадосните) маси, ако некогаш имало подобар пример за тоа. „Средните суперучилишта“ што ги подготвуваат учениците за ова премреже се нарекуваат „образовни фабрики“, бидејќи заличуваат на стариот тип фабрики со подвижна лента (метафора/аналогија популарна во шеесеттите години на дваесеттиот век кога операизмот, Андре Горц и други ја воведоа во продуктивна концептуална и политичка употреба). Може да се тврди дека видот на дисциплина присутен кај гаокао испитот ѝ припаѓа на посеопфатна шема на авторитарно владеење, што е дел од култура на подготвеност кога станува збор за здравствени кризи од размери на епидемиите на САРС, каква што беше првата во 2003 година, и САРС КоВ-2 пандемијата од 2019-20 година.

Не е за изненадување што сцените на „социјално дистанцирање“ стануваат вообичаени во светот на образованието. Всушност, за време на пандемијата на Ковид-19 сликата на „група изолирани поединци во една просторија“ прво беше создадена во училниците во Тајван, каде што акциите против ширењето на коронавирусот беа организирани уште кон крајот на декември 2019 година. Сликите на училниците прикажуваат ученици на поединечни клупи кои се заградени со жолти пластични ѕидови. Како што се вели, на Тајван не му е дозволено да биде земја-членка на СЗО, а сепак го фалеа како единствената земја што беше способна да изреагира на вирусот со цела низа де факто превентивни мерки, наместо да организира само ад хок адаптации. Како последица на тоа, се искажуваат многу малку критики во врска со применетите мерки. Како прво, каде ги гледате паралелите меѓу изолираните ученици и изолираните работници?

Аналогијата меѓу фабриката и училиштето е идеален кандидат да стане предмет на продлабочена студија на нејзината историја, семантика и употребна вредност. Како што кажав и претходно, не сум целосно убеден дали оваа аналогија всушност помага подобро да се разберат и концептуализираат специфичностите на оваа ситуација. Здравјето и хигиенските прашања стојат зад целиот процес на модернизација и го поттикнуваат, а продолжуваат и да влијаат врз секој аспект на просторната политика – во урбаното планирање, во просторните регулативи на фабричката и канцелариската работа (каде што здравствената администрација, градежните оддели и синдикатите работат заедно), како и врз образовните објекти.

Здравјето, бидејќи ги засега сите, иако можеби до различни степени, е универзализирачки и генерализирачки параметар за планирање и токму сега станува поголем приоритет отколку што е вообичаено. Така, прашањето дали практиките на изолација (и нејзините слики) на работните места и училишта говорат за континуитет на дисциплина и контрола низ сите овие места за работа треба внимателно да се премери за да се избегне колапсот на стандардната критика на моќта, отуѓувањето и апстрахирањето (на трудот, когнитивен и физички) во критика на антивиралните превентивни мерки. Сепак, не велам дека овие вторите не би можеле да се искористат да се поттикнат првите.

Во која смисла училиштето и фабриката се комплементарни институции што се однесува до „постапувањето“ со оглед на заканата од „непредвидливи“ поврзувања меѓу членовите на групите?

Изминативе неколку денови ја гледав (повторно) четвртата сезона на одличната телевизиска серија Нарко-мрежа (The Wire).Како што им е добро познато на фановите на серијата, во таа сезона серијата се фокусира на училишниот систем на Балтимор, Мериленд, град со мнозинство црно население, некаде во средината на првата деценија на дваесет и првиот век. Раскажувајќи различни приказни на ученици, наставници, директори и образовни експерти во едно локално, урбано средно училиште на речиси документарен начин, ни го прави неуспехот на системот да одговори на потребите на учениците и заедницата во целост многу опиплив. Итноста на прашањето на просторот и одвојувањето/сегрегацијата во образованието е убедливо артикулирана. Училницата е претставена како поле на мерење на силите и на преиспитувања и судири.

Сепак, во зависност од одговорниот наставник и учениците во просторијата, можат да се преземат курикуларни и просторни мерки за да се претвори просторот на училницата всушност во простор на учење и соработка. Но, за да се случи ова, просторното одвојување на оние ученици кои не гледаат никаква корист од наставниот план што го нуди системот и, наместо тоа, од витална важност им е да ги научат и да ги усовршат вештините и занимањата од „ќошињата“, продавањето дроги и преживувањето среде гангстерски војни, што се покажува како успешно. „Корисното знаење“ може да се генерира и да се добие кога ќе се земат предвид социопросторните проблеми на учењето.

Но, и покрај ова, за да се спречат „непредвидливите поврзувања“ понекогаш мораат да се најдат решенија што одат подалеку од (казнената) изолација по навика. Што би можело ова да значи кога станува збор за одвојувањата предизвикани од Ковид-19, не знам. Сепак, би бил љубопитен што Дејвид Сајмон (креаторот на серијата, како и на Аголот, Треме и Изедначување) би рекол за оваа сегашна криза во неговото пишување за образовните животи-светови.

Еден од феномените (всушност, и вистински проблеми) на сегашнава пандемија е дека „ние“ сме „присилени“ да избегнуваме потенцијална изложеност на зараза така што ќе водиме изолирани животи само онлајн. Интернетот се промовира како простор каде што нема зараза. Во текот на сè ова, онлајн-учењето цути без никакво подлабоко испитување на алатките, методите и последиците, а изолацијата на поединецот се зема помалку или повеќе здраво за готово. До која мера се работи за консолидирачки тенденции, чијашто цел е да се намали „факторот на човечки ризик“ (вклучувајќи и студентски штрајкови) и до која мера ова се однесува на подготвувањето на луѓето за похрабар нов свет на капитализмот со уште помалку триење?

Повторно, би бил претпазлив со екстраполацијата, за да не заклучувам премногу и пребрзо од феноменологијата на ситуација што сè уште и, веројатно, првенствено треба да се смета за ситуација поврзана со грижа за здравјето (со сите социјални, психолошки, економски, еколошки итн., импликации и реперкусии што доаѓаат со неа). Целиот систем на видеоконференции, предавање и учење од далечина, лајвстриминг итн. не е дека одвај ја дочекал „корона-кризата“ да се случи, туку се изградувал и претходно подолго време. Поранешните обиди за учење од далечина, теле-универзитетите итн., во поголеми размери почнуваат уште во шеесеттите и седумдесеттите години на дваесеттиот век. Технолошкиот сектор отсекогаш сонувал да се ослободи од материјалните просторности и инфраструктури, со физичката и живеената социјалност.

Телеологијата на кибернетиката е виртуализацијата на материјалниот свет, негово преведување во податоци. Toa е факт. И нема сомнение дека дигиталните индустрии имаат огромна корист од пандемијата и императивот за социјално дистанцирање, барем краткорочно. Зашто, она што исто така стана очигледно во текот на само неколку недели е дека ветувањата на „Зум“, „Скајп“, „Нетфликс“ и сличните исто така можат да станат бајати и затапувачки. Тие произведуваат свои сопствени замори и здодевност, опасно незадоволство за кое Силициумската долина бездруго веќе развива терапија (паралелно со трката на фармацевтските џинови за развивање вакцина и лек).

Во шеесеттите години на дваесеттиот век пишувањето на Норберт Винер и Џ. К. Ликлајдер придонесоа расправите за вештачката интелигенција да се рашират како пожар по универзитетите во САД, изградувајќи ја популарната слика за „машински супермозок“ – кој дури стана и филмска ѕвезда во 2001: вселенска одисеја на Стенли Кјубрик (1968). Оваа возбуда околу вештачката интелигенција послужи како катализатор за една транзиција во која капитализмот како саморепродуцирачки, самораководечки и, на крајот, „смарт“ систем се преобмисли себеси. Во овој период капиталот направи скок во една нова, нематеријална ера – извежбана на сеопфатната инструментализација на трудот, а истовремено смислена така за да стане целосно неодговорна кон трудот, како и трудовите борби, на пример, во облик на работнички (и студентски) револти, но исто така и кон движења на отпорот во (поранешните) колонии. Токму во овој период Бакминстер Фулер, за кого се верува дека ја разбрал вештачката интелигенција и интернетот уште пред да станат мејнстрим, пишува во својата книга Автоматизација на образованието (1962) за високоперсонализираните облици и простори на учење, исцртувајќи ги раните верзии на учењето и предавањето на далечина. Кои се предисториите што вие ги сметате за релевантни во овој контекст?

Имате право кога ги посочувате реципроцитетите меѓу кибернетиката (и [пра-]историјата на вештачката интелигенција) и педагогиите што се фокусираат врз поединецот и така си поставуваат цел да го персонализираат учењето (како во приодот „во чијшто фокус е детето“, кој им е својствен на сите „различни“ наставни планови и типови училишта). Бакминстер Фулер не беше осамен во своето повикување на радикално преобмислување на образовниот систем во шеесеттите. Цела генерација млади архитекти, образовни експерти, типови од контракултурата итн., промовираа нова просторна политика и проектирање насочени кон личноста што учи (видете ја, на пример, мојата „Просторите и личноста што учи“). Таквите замислувања на учење во окружување надвор од четири ѕида за секуларизираниот ученик кој престојува во „капсули“ и „кабини“ се оддалечија од новата економија на размер во образовните системи што брзо се развиваа по повоените децении, односно: она што јас предлагам да се нарече Образовен шок.

Може да се тврди дека насочувањето кон автономни системи на (знаење) производство што се подразбираат во развојот на вештачката интелигенција имало значително влијание врз дебатите околу образованието надвор од ограничувањата на училишните згради. Колку и да е вмрежена технологијата, вештачката интелигенција во раните денови се замислувала како заснована врз централен суперкомпјутер, наместо како мрежа на дистрибуирани центри на податоци. Индивидуализираните ученици требало да бидат хранети право во мозокот од една единствена машина како ХАЛ.

Одговарањето на потребите на поединецот е важна цел за секоја напредна педагогија; но би требало да се воспостави контратежа со препознавањето на нејзините општествени услови и условите на окружувањето. Во прогресивистичките и контракултурни дискурси пред и по 1970 година, индивидуалниот ученик оттука секогаш е поставен во рамките на „заедница“ или „племе“. А на компјутерот се гледало како на средство што ќе даде „радикален софтвер“ и учењето се замислувало како, во суштината, ослободувачка и еманципаторска активност, што ќе им се спротивстави на фабриките за учење на капиталистичкото образование (и образованието за капитализам).

Сепак, мора да се нагласи дека индивидуалистичките/трибалистички визии на (западните) култури обично не беа свесни за своите привилегии и елитизам. Ненамерно (или не), тие се исклучија од светот на трудот и неговите борби. Критиката на „машините“ на индустрија на образованието – материјализирани во огромните образовни центри изградени за илјадници ученици или мегаструктурите на универзитетските кампуси што никнуваа насекаде како печурки по дожд – често презриво ги отфрлаше и новите образовни „маси“ генерирани (на запад) од образовните политики на социјалната држава и (на исток) од социјалистичките мерки за зголемување на пристапот кон учење и знаење.

Вистинските и сериозни врски меѓу сè пораширениот образовен систем насочен кон тоа да создава работници за новите индустрии на знаењето и класната борба стануваа сè поневидливи. Технологијата и кибернетиката, поспецифично, секако имаа свој удел во ваквиот развој (иако особената историска улога на кибернетиката во комунистичките земји тука исто така треба да се разгледа).

Проектите за амбиенти за учење како оние прикажани на фотографијата фотографирана од Леон Кунстенар во 1971 година изгледаат многу очигледно како компјутерски-помагани работни места. Тука, тропата за „изолираниот поединец во групен контекст осцилира меѓу фабриката и училиштето, евоцирајќи хибриди како „фабрики на образованието“ и „училишта на работа“. Изгледа дека изолираниот поединец – неговото или нејзиното тело и мозок – успешно стануваа клучно место за произведување и акумулирање на „постојан капитал“ кога дисциплинирачките дискурси на работењето и учењето не беа само смешани туку и поставени во циркуларна врска, што мислите за тоа?

Фотографијата на хексагоналната „лабораторија за учење“ на Кунстенар била направена во едно експериментално училиште во бостонската област. Основното училиште „Монро Тротер“ во Роксбери, Масачусетс, е отворено некаде околу 1970 година за да го посетуваат главно црни деца. Една основна идеја на училишниот проект била да се искомбинираат групната работа во големи отворени простори со индивидуализирани станици за учење како оваа претставена тука. Кружноста на оваа специфична просторија резултира од хексагоналниот план на големи делови од училиштето. Тоа било исклучок, а не правило во време на големи училишта изградени како контејнери. Затоа би бил претпазлив, повторно, да не повлекувам толку лесни аналогии меѓу фабриката и училиштето. Иако, тука се согласувам, трудот што го сочинува учењето е она околу кое се вртеа повеќето „прогресивни“ архитектонски проекти од времето на Образовниот шок.

Врз оваа заднина се поставува прашањето како можеме да ја преобмислиме политиката на изолирано учење, бидејќи се реактивира и повторно се открива за време на сегашната пандемија.

Еве фотографија слична на онаа од Тајван што ја споменавте, прикажувајќи, како што вели текстот, „ученици од повисоките класови на едно средно училиште како учат со прегради во училницата“. Фотографирана е во училиште во Вухан во април 2020 година и фотографијата личи на јавните средби што сите ги доживеавме во последниве недели – пластични прегради меѓу касиерот и купувачот. Тоа е слика на свет што веќе минувал низ постојан процес на зголемување на безбедноста веќе подолго време. Илјадници продавници и канцеларии низ светот веќе имаа поставено пластични штитови (често непробојни за куршуми) за да ги одвојат купувачот (потенцијален ограбувач) и вработениот (релевантен за системот).

Безбедноста на работа и заштитата на работното место се само две страни од сè побрзо вртечката паричка. Заштитениот (здравствен) работник наводно станува предуслов за преживување на системот. Но, што е тоа заштитен начин на учење? Ограден училиштен двор патролиран од чувар од обезбедувањето? Секако не. Сепак, повеќе мислиме дека училницата со пластични прегради како потенцијално е „побезбедно“ место отколку учењето од дома. Иако околу 1970 година „слободните училишта“ беа фалени како утописка алтернатива на фабриките за учење на државниот образовен систем, домот и приватноста на семејството секогаш беа потенцијални навестувачи на насилство и злоупотреба. Формално, државното образование можеби има екстремно многу мани, но исто така е единствениот образец според кој е веројатно да се одвива одговорно и заштитено образование. Учењето дома и на далечина не се алтернатива.

За Том Холерт

Том Холерт работи како историчар на уметност, куратор и уметник во Берлин. Во 2015 година тој станува соосновач на Институтот „Харун Фароки“ во Берлин (HaFI), на интернет-страницата на која во моментов го уредува „Заемна помош“, тековно специјално издание на онлајн-списанието на HaFI, „Роза Мерцедес“. Во BAK (Basis voor actuele Kunst), Утрехт, бил куратор на „Лаборатории за учење: архитектура, технологија на подучување и општествена продукција на педагошки простор во седумдесеттите“ во 2016-17 година. Заедно со Анселм Франке го изградил концептот на изложбата „Неолитско детство: уметност во лажната сегашност, олку 1930 година“ во HKW во 2018 година. Во моментов работи на проект со истражување, објавување и изложување – „Образовен шок. Учењето, политиката и архитектурата во шеесеттите и седумдесеттите“ за HKW (отворањето на изложбата морало да биде одложено до јануари 2021 година поради Ковид-19). Го објавил следното: „Знаењето надвор од себе: епистемичката политика на современата уметност“ (2020), „Марион фон Остебн: еднаш бевме уметници“ (2017, уредник со Марија Хлавајова), „Вознемирувачко истражување: изведување на знаење во уметностите“ (2014, со Јохана Шафер и други). И „Übergriffe. Zustände und Zuständigkeiten der Gegenwartskunst“ (2014).

Кристијан Возницки (Krystian Woznicki) роден 1972 година во Клоџко, Полска, живее и работи во Берлин како критичар, организатор и фотограф. Вкоренет во пресекот на дигитализацијата и глобализацијата, неговата работа се фокусира главно околу социо-политичките прашања на заедничкото/commons. Во неговото најново дело Undeclared Movements издадено од b_books (http://b-books.de) во март 2020 година, тој ја истражува високата цена и границите на присвојувањето и на апропријацијата.  Фокусирајќи се на „катастрофите“ кои може  да се спречат во Шенген зоната – како што е „бегалската криза“ од 2015 година и „граѓанската војна“ за време на Г-20  самитот во 2017 година – Возницки покажува дека границите на апропријацијата се манифестираат како огромни опасности за општеството, но исто така, претставуваат и можности за појава на нови форми на политика.

Тој е автор и на: Fugitive Belonging, published by Diamondpaper in 2018, каде ги спојува критиката и фотографијата; A Field Guide to the Snowden Files (со Магдалена Таубе); After the Planes (со Брајан Масуми); and Wer hat Angst vor Gemeinschaft? (со Жан Лук Нанси), во издаваштво на Diamondpaper. Неговата прва книга book Abschalten. Paradiesproduktion, Massentourismus und Globalisierung излегла во издаваштво на  Kadmos.

Возницки е коосновач на Berliner Gazette,  кој тој го води од 1999 година заедно со новинари, истражувачи, уметници, активисти и програмери како експериментална онлајн платформа и офлајн формати, која вклучува и семинари, изложби и годишни конференции.

Има одржано предавања и семинари на универзитети и културни институции како што се: Documenta X, Mediamatik, Goethe Institut Belgrade, Schauspiel Stuttgart, Universidad Complutense de Madrid, Kunst Werke, Städelschule, Schirn Kunsthalle, Frankfurter Kunstverein, Media Lab Prado, Gorki Theater, Uni Leipzig, Medienturm, Public Netbase, Hokkaido University.

Превод од англиски:
Марија Јонес



Споделено на: февруари 1, 2021 во 10:54 am