Поимни катастрофи
Распад на реалноста во април 2020 година
Клуге: Замислете си дека кај нас дошле вонземјани. Немаат искуство, би нѐ убиле од несмасност. Така е и со овие корона-вируси. Вонземјани од истата планета. Доаѓаат од друга еволуција. И е апсолутна случајност што ги напаѓаат нашите бели дробови. Тие не перципираат „бели дробови“, „дишење“, „човек“, туку „топло“ и „многу интересен вид влага“.
Фогл: Чудно е што овие суштества, кои не се ниту живи, ниту мртви, некако како живи кристали, претставуваат предизвик на тој начин што изгледа како да имаат предност во однос на практичното знаење, зад кое принудно трчаат виролозите, епидемиолозите, хигиеничарите, политичарите. Објектите на природата, фактичките состојби на еволуцијата се сè само не глупави, тие попрво развиваат своја интелигенција која нема врска со нашата, со човечката интелигенција, односно со начинот како ги артикулираме работите таму надвор. Тие предизвикуваат поимни катастрофи. И сега ние – привремено и импровизирано – извежбавме одредени модели на однесување. Од една страна, ова се однесува на аритметичката обработка на непознатото, знаење за веројатноста и статистика, опфаќање зони на несигурност, кои можат да водат само до провизорни процени, кои не знаат што е точно или погрешно, оперираат во сива зона меѓу повеќе или помалку и веројатно затоа и имаат исклучително кратко времетраење. Половично знаење што мора да се проверува и да се приспособува секој ден и секој час.
Клуге: Но, на ова му се приклучува и нешто друго, а тоа е на општествено ниво, имено настанувањето на една агресија, која сега сака да ја воспостави старата реалност. И за ова ми е потребен непријател, со други зборови, она што не го разбирам, што не го знам и не можам да издржам, морам да му го префрлам, да му го препишам некому, да најдам виновник. Прогонството на Евреите за време на епидемиите на чума во 14 век, денес приказните на заговор – опасноста треба да има адреса.
Фогл: Да, зашто епидемијата е неудобен објект на веројатност, неизострен објект чијашто каузалност не може јасно да се следи, каде се кревки синџирите на причини и образложувања. И на овие места, се надоврзуваат наративите, што сакаат да имаат јасни причини, директни изведувања, прегледни контексти на образложување. Тоа е материјалот на сите видови теории на заговор: да ги трансформираат неизвесностите во дефинирани текови, во линеарни приказни, како случајноста, нејасното потекло едноставно да не може да се издржат.
Клуге: Човек повеќе би лажел – тука не мислам на намерна лага, туку некој попрво би ја продуцирал реалноста одново, би избирал илузии и толку долго би манипулирал, со помош на сите сетила, сѐ додека повторно не стекне доверба во веројатноста. На човека му е потребна оваа кожа. Ниче не може а да не каже дека сме трагачи по илузии, а не трагачи по вистината. Реалноста е многу чудно создание, а она што го нарекуваме реалност го вртиме како кожурец околу нас. И фантазијата функционира така, тоа е животно во бегство, ги слуша сигналите за опасност. И ова животно во бегство како алатка за напад се користи како одговор на реалноста, за создавање на критично богатство, онака како што еден коњ на кавалеријата е трениран да нападне, да јурне. Но, тоа е апсолутно спротивно на она што коњите инстинктивно го прават како животни во бегство. Мораш да ги полудиш, за водени од лудилото, да јурат напред, да напаѓаат непознати коњи, нешто што тие никогаш инстиктивно не би го направиле. Сеизмографски точни препознавачи на опасност, тие бегаат толку брзо колку што ги држат нозете. Така изгледа и нашата опрема за фантазијата, односно една половина од неа воопшто не е позитивно насочена кон блискоста до реалноста, до опасноста, туку кон одбрана и бегство. И овие две насоки би морале да научиме да ги разбираме, така што всушност зборувањето за вирусот би можело да почне дури сега бавно, во следните пет години, иако вакцините се одамна измислени.
Фогл: Но, од друга страна, распадот на реалноста што моментално го доживуваме е исто така поврзан со зголемениот интензитет на набљудувачи, неминовно одиме наоколу со изострени сетила. Ова е опишано уште во фиктивниот извештај на Даниел Дефо, Чумата од Лондон од 1722 година: Градот Лондон веќе не може да се препознае, сите сетила се збунети и ставени на тест, окото, увото, носот, преку вознемирувачки мириси, лелек и врескање насекаде, кулиси без луѓе. Напрегнато е дури и сетилото за допир: болните, кои ги допираат своите отоци од чума, веќе не се снаоѓаат во сопственото тело. Во основата, автор како Дефо опишува и една сензорна вонредна состојба. Покрај тоа, денес е сменета и социјалната кореографија, драма на далечина, танц на телата на растојание, поврзани со една нова свест за движење, што, пак, се комбинира со концентрација од сетилни активности. Кваки, кошнички за пазарување, лакти или глуждови, раце со или без ракавици, допирни алармни зони, растојанија на телата, минимални движења, насоки на гледање, акустични сигнали како кашлање, кивање или накашлување – сите овие сега му припаѓаат на сигналниот елемент на еден нов социјален свет. Овие сетилни светови и танци се веројатно експерименти за испробување на еден нов колектив.
Клуге: Тоа ме доведува до поимот на констелацијата. Него го користел Сергеј Ајзенштајн, барајќи филмот да се монтира констелативно. Значи, „ѕвездено“, како распоред на ѕвездите, подвижен и споен само од гравитацијата. Ѕвездите не се, како што ги нацртал Грандвил, поврзани со мостови и по нив може да се оди, од Земјата до Сатурн. Небесните тела не ги поврзуваат ниту шрафови, ниту прачки, туку супстанцијата, самата маса е таа што ги поврзува едни со други и го одржува целото во движење. Или на една страница испечатена хартија: ме пресретнуваат на пример седум зборови, распоредени по целата страница. И ако сега се потпрам на нив и не читам како на училиште, ред по ред, тогаш овие зборови, нивната минлива констелација, во извесна смисла предизвикува поттекст што воопшто го нема во книгата.
Фогл: Да, пред човек да почне да размислува, пред да се вклучи разјаснувачката интелигенција, почнува да чита, испробува различни читања. Како се создаваат соѕвездија: Гледаме во небото, препознаваме сличности, а во тие сличности се крие примарна сцена на читање, синопсис на елементи, букви, зборови. Окото преминува од гледање во читање, станува метаморфен орган, кому му се наметнува континуирана трансформација на само видливото во напишано. Валтер Бенјамин еднаш го опиша тоа во Поука за сличното. Тоа значи собирање кореспонденции во која се доведуваат во прашање суптилните односи што се развиваат помеѓу елементите на знаци. Во ова четиво, кое ги следи соѕвездијата, распределбата на елементите во просторот, се создава јазик од самиот јазик, јазик без зборови и без говор, текстура и испреплетеност што се должи единствено на кореспонденцијата на пишаните фигури – нивната сличност, нивната сродност или аналогија. Пред да се развие одредено сетило, пред да се развие одредено значење, пред да се воспостават контексти на значење, скитачкиот поглед се обидува да препознае фигури, премостувајќи ги големите растојанија меѓу расфрлените точки.
***
Констелации
***
Клуге: Сега зборувате за тоа што сѐ може да биде ракопис. Во една книга, обично, буквите се збиени една до друга. Но, мене ми се допаѓа кога можат да искинат делови од реченици и да се прочитаат, доведени во една голема слика, а потоа да се нурне повторно во текстот. Тоа е поинаку отколку наслов, повеќе како фрагмент, па дури потоа почнувам да го читам целото одново. Сакам да читам и наназад, на пример една таква прекрасна книга што многу ме фасцинира и која би можел да ја читам како картографија е Историја на филозофијата од Хабермас на две илјади страници: ако, така да се каже, инстинктивно погледнеме прво кон што се стреми на крајот, тоа ќе биде во последното поглавје. И кога го читам додатокот: кои клучни зборови, кои имиња и поими ги внел од А до Ш. Полека се приближувам, копајќи овде-онде како во рудник, продлабочувајќи ги катовите и потоа пристигнувам, на пример, во Месопотамија. И овој тип пребарување исто така би бил констелати…
Фогл: Да. Но, тоа значи дека дури и систематски мислител како Хабермас…
Клуге: …тој не би одобрил да се чита неговата книга од крајот нанапред…
Фогл: …не мора да одобри, но дури и тој што не може да не дозволи една мисла да не се развива од почеток до крај, дури и тој нуди можност за нелинеарно читање, дури и ако тоа е против неговата волја. Во секој ред мисли постои момент или ризик од отстапување, оддалечување или нелинеарност, па дури и во низата од зборови и букви се мрда една сила или отпор што лесно може да се превиди или да не се прочита, но ги претставува условот на можноста за читање, условот на можноста на азбуката и на ракописот воопшто, имено на меѓупросторот, празното место. Просторот меѓу две букви, просторот меѓу два збора всушност нема раширување, не е екстензивен, а сепак отвора бескрајно растојание помеѓу поединечните елементи, букви или зборови, односно предусловот за тоа воопшто да се појави поврзаност.
Клуге: Буквите и зборовите се всушност бунтовници, не сакаат да носат седло на значење, така да се каже, да управуваат инструментално со значењата. Наместо тоа, сакаат да бидат удостоени, сакани како букви или како зборови, и затоа имаат тенденција да ги распарчат речениците од меѓупросторите. Сега постои метод тие да се зашијат со помош на синтаксата и граматиката, можат да се формираат пасуси, поглавја и потоа книги, а потоа библиотеки. Но, може да се оди и по обратниот пат, одново да се воспостави точноста на зборот и да се генерираат полиња со зборови. Ако јас сега, наместо да раскажувам некое дејство или да раскажувам љубовна приказна или да развијам балзаковски роман, би ги зел сите зборови за љубов меѓу Ескимите, на руски, на француски, на латински, кај нас, кај античките Грци, кај Шекспир и би ги собрал како светлосни точки, ќе се добијат зборовни дрвја и дисперзии на зборови. За миг би ги ослободил зборовите од нивната присиленост да значат нешто во корист на односот меѓу сличностите и сличните зборови и, пред сè, сличните реалности претставени со различни зборови. Значи, еве, ако јас се прашувам, сега имам нежност, до него пишувам блискост на кожата, до него пишувам копнеж, до него го пишувам зборот љубов (но, би сакал да изберам друг чекор до зборовите, чиешто специфично значење допрва треба да се утврди). Потоа љубовта би ја напишал како страст, тоа е книга од Никлас Луман. Овде поимот станува појасен или означува ограничен, историски облик на љубов. Потоа љубовен роман, роман во продолжение, наклонетост. Сега следува зборот пријателство, тој е братучед на љубовта. Можеби е дури и поинаков вид внимание. Сега: опсесивна љубов. Љубов на прв поглед. И потоа другата форма на врска: едно поле се жени со другото. На ова место во зборовното поле би прескокнал на изреки. Ако ги пишуваме едни до други настанува еден вид мапа. Просторите меѓу зборовите и нивните разлики се занимаваат со картографијата на љубовта поинаку отколку начинот на кој тоа го прави авторот со линеарните романи…
Фогл: …што би препознале тогаш на оваа мапа?
Клуге: Таа би го направила јазикот повторно толку богат како во збирките на браќата Грим.
Фогл: Тогаш би имало најмалку две работи што би можеле да се појават во оваа просторна близина и оддалеченост, во овие констелации.
Клуге: Зборовите би си го повратиле своето достоинство, својата автономија, но и својата разновидност.
Фогл: Но, тие би ги активирале и своите соодветни сили на привлекување и одбивање, својот афективен набој, расфрлањето на љубовните зборови би развило дијаграм на афекти, еден вид пејзаж на чувства со подеми и падови, бранови на возбуда и чувства што се асоцираат со зборовите, различни драми на наклонетост. И згора на тоа – ова не би им било туѓо на браќата Грим – би можело да се скицира и еден вид геолошка карта и да се означат различните историски слоеви. Преку „љубовта на еден рицар кон дворска дама“, на пример, напишано до „љубовта како страст“, човек би бил фрлен во сосема поинакво време, констелацијата во просторот би преминала во временска констелација, врз сите зборови и понатаму се залепени трагите од нивната мината употреба, судбините на генерации. Што би значело тоа за нарацијата?
Клуге: Видете, цел живот ме вознемирува проблемот што човекот ѝ е покорен на стрелата на времето и што затоа не може да се ослободи од минатата вина. Нема метод да се поправи она што е направено погрешно. Посакувам со сето мое срце, со сета сила на оптативот, како во грчкиот, да ја свртам стрелата на времето. Тоа би била приказна во која куршумот веќе заглавен во градите на еленот повторно се составува, раната се затвора, чадот, огнот од испукувањето и стрелањето исчезнуваат во цевката на пушката, па исчезнуваат дури и намерите на стрелецот. Сите знаеме дека не постои такво нешто, дека не може да постои. Но, во природата не е сосема невозможно да се смени стрелата на времето; во квантниот свет тоа може да се случи. И со многу работа, со бесконечно многу работа, можеби и ние би можеле да направиме такво нешто.
Фогл: Како што се обидел Хорхе Луис Борхес да го направи тоа во расказот Градината на патеките што се разгрануваат: Можеш да бидеш сторител или жртва, и двете истовремено и ниту едното ниту другото – но сè треба да се каже во исто време?
Клуге: Да, сферично раскажување со ослабени последици и причинско-последични синџири. Стрелата на времето се врти како игла на компасот, настануваат поместувања и преку менување на аголот пристигнуваме во поинаква реалност од онаа од која сте тргнале. Значи, ако се држиме до обилноста на конјунктивот, кој е секогаш сферичен, бидејќи ги содржи сите можности, ако сетилата научат да се справуваат со тоа и работната сила се навикне на тоа, тогаш би се надоврзале многу конкретно на нелинеарноста, како градежните работници на утопистичката архитектура. Во музиката, впрочем ова исто така постои, во редовите на призвуците не постои само линеарната прогресија. Значи, ако го отсвирите тонот Ц и потоа тонот Е, тогаш над нив лебди една низа од призвуци, која е особено бесконечна, некогаш веќе престанувате да ја слушате. Но, во основата, полнотата на сите тонови се отсвирува истовремено и еден добар композитор може да се движи во неа. Тоа би била сферична драматургија. И така, би било можно и едно полифонично, полигласовно размислување…
Фогл: …кое не се движи само во шеми од поими. Се задлабочуваме во особености, тие се размножуваат и со еден куп вакви составни делови со големина на стапало одиме на патување.
***
Талкање на контаминирана британска флота во Кримската војна
Се вели дека црн облак се движел повеќе од еден час попладнето над британската флота, која се нишала на патот кон Балтикот. Морнарите на „Британија“ не ја сфатиле оваа небесна појава како предзнак, туку како причина за смртните случаи што толку ги преплашиле во следните две ноќи. Болните оставале барички со вода под себе, низ облеката што не можела доволно брзо да се соблече. Состојба на шок што настапила брзо. Ниту еден од лекарите на бродот немал претходно искуство со колера.
МРТВИТЕ починале од несакани дејства, како откажување на бубрезите. Во многу случаи се полнат белите дробови. Па, така, никој навистина не знаел како болеста сама да заврши. Течности во литри што истекуваат од анусот. Ова можеле да го потврдат лекарите на британската флота во Црното Море. „Како свежо зготвена супа од ориз со покиснати овесни снегулки.“ Лекарите мислеле дека оваа „вода“ е отровна. Морнарите, како што рековме, се сомневале во темниот облак.
Флотата во паника испловила на отворено море. Седумте бродови се вратиле 18 наутички милји во југоисточен правец под североисточниот ветер. Тоа било дента, почнувајќи од четвртиот час од ноќта, пред да се случи најтешкото избивање на болеста. Бродовите пловеле како да ги гонат. 58 морнари ги спакувале во вреќи и ги фрлиле во Црното Море. Многу ветар. Бродовите обилно го орале морето. Така, ескадрилата поминала дополнителни 32,2 наутички милји во насока на Мала Азија без да има никаква намера да се закотви на тамошниот брег.
Хирургот д-р Рис, лекар на водечкиот брод „Британија“, отишол на терен против верувањето на екипажот дека причина за сѐ е темниот облак. Не било проклетство, ниту, пак, изолирање на еден облак што донело смрт врз флотата. На Рис му се чинело опасно суеверието дека во овој случај само еден светол спротивставен облак, а не човечка рака, би можел да донесе спасение. Д-р Рис, трета генерација на лекари на флотата, се раководел според максимите на шкотското просветителство. Младиот просветител не знаел ништо за патеките што вибрионите ги пробивале во телата на настраданите.
Заради своја безбедност (и за безбедноста на неговите двајца медицински помошници) ја ограничил својата „клиника“ во опашката на бродот и поставил чувар пред влезот во болницата. Колку пати страшниот гнев на очајната екипа се свртувала против исцелителите кога нивната умешност очигледно не носела промени? Д-р Рис повеќе се плашел од линч отколку од болеста. Набљудувал ваква сцена за време на бунтот на Карибите.
***
Клуге: Уште еднаш: „Поимни катастрофи“, зборот беше споменат претходно. Навистина, како што рековме, интелигенцијата на вирусот е сосема различна од нашиот тип интелигенција, од емпатичната интелигенција. Нејзиното успешно однесување во еволуцијата се одвива во стохастичка маса, во трилиони роеви вируси. Интелигенцијата што е содржана во нив има свои корени во грешките при копирање, во несреќите што настануваат кога тие брзо мутираат. Таканаречениот идентитет би бил последното нешто што го владее вирусот. Вирусот постои во постојани варијации и модификации: еволуција во забрзана снимка. Се одвива како на филм. И е понуда до околината која одлучува кои од синџирите на мутации се поволни за репродукција, а кои не. Како што вели вирологот Карин Мелинг: настанува отпад, но можеби и вирус Моцарт… И во овој процес на иновација и интелигенција еднакво се активни РНК-програмата на вирусот, неговите мутации и одговорот на околината. Ваквата форма на еволутивна интелигенција секогаш ги има овие три корени во исто време.
Фогл: Но, на тој начин има посебни квалитети кај овие необични суштества, имено од една страна, исклучително голема способност да се создаваат грешки, да создаваат грешки при копирање, да се стане неспоредлив со себе; а од друга страна да ја искористат моќта на случајноста, бидејќи секоја мутација е количински одредена во строга смисла на зборот: Наидува на средина, се судира со таа средина, напредува или оваа ја уништува. Моќта на преживувањето лежи во способноста да се мултиплицираат случајностите.
Клуге: Практична интелигенција, не произведена со средствата за размислување.
Фогл: И тоа нѐ принудува да размислуваме за нешто што е фундаментално спротивно на нашето размислување, имено дека овие природни суштества немаат никаква цел и смисла.
Клуге: Освен нивното размножување.
Фогл: Но, ние ќе можеме да ги откриеме, одредиме или интерпретираме целите или смислата само отпосле. На пример, приспособувањето на одредена средина. Мораме да се помириме со фактот дека светот што нѐ опкружува сега, оваа инфекциозна состојба на пример, се спротивставува на преведување во нашите поими. Таа го попречува нашето размислување, ги нарушува неговите процедури, неговите каузални идеи и обиди за ред на непријатен начин. Го предизвикува размислувањето, го присилува и врши насилство врз него. Не постои природна склоност да се размислува за ова надвор, многу повеќе постои длабоко непријателство меѓу светот и поимните инструменти со кои повеќе или помалку си уредуваме да ни биде удобно.
Клуге: …уредување и ограничување. Но, тоа има сличности со вирусот. Кога еден вирус, ми раскажа Карин Мелинг, таа беше виролог на Институтот за молекуларна генетика „Макс Планк“ и професор на Универзитетот во Цирих, кога вирусот ќе навлезе во клетка на белите дробови, на пример, тогаш затвора зад себе, гради ѕид од клеточен материјал, еден дел од себе и еден дел од домаќинот, и го запечатува влезот низ кој продрел. Последователните вируси не треба да го оспоруваат неговиот животен простор. Ова е слично на повлекувањето граници на Орбан во Унгарија или на медитеранската политика на ЕУ. Вирусот се обезбедува себеси за да го има целото богатство на клетката домаќин за себе. Ова многу ме збуни, дека вирусите работат со интелигентен егоцентризам, дека произведуваат скржавост… „Апстрактна зависност од добивка и скржавост.“ Изградба на тврдина.
Фогл: Но, начинот на кој зборувате за тоа е особено извонреден, имено за изградба на тврдини, на пример, за утврдување граници, за обезбедување територии. Зар не се движиме поради одредена беспомошност со такви формулации и би морале да си признаеме дека тоа не се ништо друго освен метафори? Дека се метафори за работи за кои не постои термин на располагање? Реториката има термин за ова, тоа се нарекува катахреза. Катахрезите се изрази за факти за кои не постои термин. Наједноставниот пример би бил ногалката на столот: Ногалката на столот не е нога, туку метафора за тоа на што стои столот. Значи, ние сме зависни од метафоричната, сликовита продуктивност на јазикот и правиме две работи истовремено – имено, ставаме нешто во разбирлива, појаснувачка слика и во исто време ја промашуваме поентата.
Клуге: Ова ме потсети на принципот на куклен театар. Палјачото никогаш не го прави она што би било правилно според мислењето на децата кои го гледаат. Значи, ако се појави зад него крокодилот, тој не го гледа крокодилот. Децата стануваат екстремно активни. Му довикуваат на палјачото што да направи. Ако самиот палјачо како во еден пропаганден филм од ГДР ја предложи и ја спроведе вистинска работа, тогаш децата не можат да ги додадат своите предлози. Создаваме огромна забава кога за малку ја утнуваме работата. Преку грешките се создаваат шеги и овие јазични моќи не лежат во јасноста на информациите, туку во луксузното производство на разлики и грешки.
Фогл: Тоа е чудната страна на размислувањето, каде што поимот и грешката се уиграни како палјачото и крокодилот. Но, можеби постои и една друга, помалку комична отколку злонамерна страна на ова кога станува збор за совладување на случајноста преку размислување. Можеме да се потсетиме на приказна која почнува чудно со зараза и инфекција и веќе го содржи случајното или зададеното во насловот. Тоа би бил расказот со наслов Најденкото од Клајст. Дејството е сместено во Италија, еден богат трговец патува со својот млад син и завршува во област каде што избила епидемија слична на чума. Од сожалување зема заразено момче сираче во кочијата, полицијата го запира и го става во карантин, каде што неговиот син умира, но Најденко закрепнува и преживува. Го зема детето дома, го посвојува. Детето расте и по низа збунувачки помешувања, случајности, заблуди и лажни сличности, овој Најденко и посинок ги уништува семејството и трговецот. И овој псевдосин, кој е најден преку епидемијата, која случајно ја преживел, на крајот е злобен не само поради моралните слабости туку како олицетворение на чистата случајност, зло отаде доброто и злото.
Клуге: И кога на крајот емпатичниот спасител на детето, таткото, кој го зема на местото на синот, конечно го убива, за да биде потоа осуден на смрт и кој треба да биде помилуван од папата на денот на погубувањето, вели не и одбива да биде помилуван – тој ова го прави од една единствена причина: имено, за да го следи овој случаен син и најденко во пеколот и таму да ја продолжи својата одмазда. И по сопствената смрт… морам искрено да кажам дека ова е најодлучувачката форма во која може да се раскажува. Дали тоа би било катахреза?
Фогл: Да, во структурата на расказот: она што е чиста случајност и затоа беспоимно, подоцна се опремува со значење. Потрагата по контекст, по права линија, по причина и повод, по веродостојност во размислувањето, оваа принуда да се размислува е крајната измама и го одржува константно случувањето на катастрофите, сѐ до задгробниот живот.
***
Како Хегел побегнал од јамата за вар
Во сабота присуство на филозофот на претстојните испити на универзитетот. Вечерта напад на слабост, ледена кожа на лицето. Прекумерно гадење и повраќање. Вода избива од анусот, срамна, густа супа што продира низ облеката. По 30 часа смрт.
Лекарите и домаќинката се обиделе да ја прикријат причината за смртта. Мари Хегел ги бакнала очните капаци на својот сопруг пред сведоци. Не се плашела да го допре. Се обидела да докаже дека ова мртво тело не е заразно, дека не се работи за колера. Заразата, рекла, веќе стивнува во градот. Дали била грешка во исхраната? Дали бил мозочен удар? Смеело да биде што и да е, само да не биде пречка за уреден погреб. Не грда масовна смрт, не погребување во масовна гробница! Лекарите го поддржале комуникацискиот курс на вдовицата. Д-р Руст, висок владин лекар, го направил ова и затоа што се чувствувал виновен. Имено, во неделата дошол предоцна.
Тајно се испитувало што внел во себе ГОЛЕМИОТ ЧОВЕК во последните неколку дена. Штом се прочуло за епидемијата, филозофот создал одбранбен обрач околу себе, станал недостапен за гостите. Избегал од градот на свеж воздух. Избегнувал млечни производи. Се верувало дека тие ја пренесуваат болеста. Имал намера да не се изложува на каква било опасност. Неговиот гастроинтестинален тракт отсекогаш бил во хаотична состојба. Ниту една диета што ја пробала Мари, не му одговарала. Потоа сепак го обземал див апетит. Јадел и по цена на болки во желудникот.
Во четвртокот Хегел ненадејно, откажувајќи се од секаква претпазливост, одлучил да изеде големо количество грозје. Потоа се пожалил дека грозјето му го „оладило стомакот“. Грозјето било измиено во ладна вода. Или микробите од колера биле на надворешната лушпа од грозјето и ја издржале водата или биле скриени во водата за миење и така завршиле во грозјето. Хегеловиот одбранбен систем против заразата се покажал дека има пропусти.
Но, кога веќе зборуваме за вината за смртта на Хегел, тогаш ова се однесува на пруската медицинска администрација во целост. Традиционално, болницата Шарите и управувањето со сите одбранбени мерки против епидемијата биле подредени на војската. Ставот на началникот на армиските медицински служби, д-р Руст, бил полициски, односно негативно-одбранбен. Никаков акцент на истражување на болеста, без потрага по лекови веднаш штом избувнала, без размислување за тоа како ќе се сместуваат и ќе се лекуваат болните, туку мерки на границите на државата за да се спречи да навлезе. Заклучувањето останало нецелосно. Всушност, сите писма што влегле во земјата биле продупчувани и чадени. Строги телесни контроли на сите патници на царинските пунктови. Но, ги заборавиле реките и каналите. Заразата дошла во Берлин преку бродари.
Починатиот лежел уредно на креветот. Живи преговори со полициските службеници. Била ветена дозвола за погреб на гробиштата Доротеенштат, под услов присутните лекари да бидат подготвени да издадат потврда за смрт во која не се споменува колера. Ако оваа фурија (која убивала за само неколку часа) всушност го однела мислителот, тврдела Мари Хегел, тогаш тој немало да лежи тука со опуштен израз. Таа опишала надолго и нашироко, колку возвишено и мирно, односно со убав став, а не со одвратно давење и валкање на креветот, заспал љубениот. „Заспал“ не бил медицински термин за потврдата за смрт. Во академските кругови веќе се разговарало за тоа како колерата со еден од своите последни удари ѝ одзела на Прусија еден од најголемите научници. Вакви формулации се ширеле низ универзитетот. Меѓутоа, на крајот, бидејќи членовите на научното тело биле обврзани да молчат, се договориле за погребна поворка, ја игнорирале епидемијата и од страна на полиција било доделено погребно место во близина на гробот на Фихте. Многу вар во ковчегот и врз трупот. Мари Хегел не се заразила од ниту еден свој демонстративен експеримент, повеќепати го прегрнала трупот пред сите, со свои раце го измила и го облекла, дури и го бакнала. Ја поминала ноќта покрај неговиот кревет. Државните службеници ова го сфатиле како доказ дека мистериозната смрт има друга причина, а не заразна. Ова се случува еднаш во светот, рекле. Во неделата во која Хегел веќе бил под земја, било возможно потомството да се натера да ја признае малку по малку ВИСТИНАТА, БЕДАТА на еден толку случаен крај (полуисушено грозје, за кое не ни помислил дека навистина ќе го јаде).
***
Клуге: Ако се постават овие два елемента еден до друг: исклучувањето на интелигенцијата и формирањето поими, без премногу реалност, ја сортирам реалноста така за да ми одговара во главата; и посветениот метод, оној на рибарска мрежа, да уловам колку што можам повеќе реалност – тогаш тоа не се алтернативи што апсолутно важат, можам и двете да ги одведам во апсурд, дури и повеќе, можам да ги менувам двете како систола или дијастола…
Во однос на вирусот, се прашав: моментално се мобилизирани огромни количества интелигенција во лабораториите, во политиката, а и во јавната дискусија, кои се занимаваат со прашањето како се однесуваме, освен што одржуваме растојание, освен што ги миеме рацете и притоа пееме песна што е доволно долга за да си ги измиеме рацете, како се однесуваме? Постои голем колективен, брмчечки напор всушност насекаде низ планетата. Кинеската комунистичка партија со својата размислувачка машинерија одеднаш добива нова задача, логична задача. И пред заднината на она што тукушто го дискутиравме, за прашањето за различните типови интелигенција и интелигентни текстови, обидите да се изрази способност за разликување и на тој начин да се каже: ајде прво да го земеме она што е маргинализирано, како што тоа го прават Макрон и другите кога велат, ова е војна, ова е воена состојба. Но, дури и ако се мобилизира сè, ако се соберат сите идеи за дезинфекција, се концентрираат сите контрамерки, конечно се стави во употреба вакцина, се продолжи борбата, се извојува победа, тогаш таа сè уште нема да биде конечна или апсолутна. Но, сега можеме да тргнеме и по спротивниот пат, да се обидеме да му се приближиме на вирусот со емпатија. Каква е неговата природа? Јас го проучувам. Имам ли нешто од вирусот во мене? Сигурно го имам… 51 процент од мојот геном се поранешни вируси, тие станале патриоти на моето тело и го градат мојот имунолошки систем, зафатени со соборување на ужасни болести од пред 45 милиони години. Но, како да комуницираме со нив? Карин Мелинг ги нарекува вирусите аналфабети. Нивната РНК-програма не зборува како нашата ДНК. Како можеме да комуницираме со аналфабети, кога генетскиот материјал може да разбере само биолошки ракописи? Со знаци? Преку мимика?
Фогл: Најпрвин експериментално повикувајќи се на еден сетилен свет кој не се совпаѓа со нашиот. Немаме заедничко сетило, немаме заеднички канал преку кој можеме да комуницираме. Тоа е предизвикот за науката. Таа оди во анестетското, онаму каде што не можеме да го насетиме животот, директно да го согледаме, да го почувствуваме, бидејќи ние самите немаме сетила за ова. Очигледно нашите сетилни органи не се доволни за да го сфатиме нашиот сопствен живот. А она што се преведува во сетилни дразби не мора по секоја цена да се однесува на елементарните животни процеси, дури и ако понекогаш предизвикуваат пријатност или болка. Овој живот и неговата физиологија се многу пошироки, поголеми и помоќни од она што го собира во садот на едно човечкото суштество. А токму заканата по живот на ова органско случување е сосема парадоксална: болеста, инфекцијата, налетот на вируси доведуваат до превирање во кое се манифестира не помалку, туку повеќе живот. Тогаш се повикуваат виталните сили, кои буквално експлодираат и во одреден момент едвај се разликуваат од умирање. Самиот живот ја произведува сопствената смрт.
Клуге: Така да се каже, ова е рудникот под Јас, катакомба кон која свеста се однесува како надземна руина. И превирањето, вулканот во нас, создава бариера за разбирање на тоа како клетките разговараат меѓу себе. Прво синапсите на мозокот, тие создаваат концерт без пауза. И додека зборуваме, тие црцорат – како што еднаш објасни еден невролог – како птички, тоа звучи како гласови на птици, кога разговараат меѓу себе на нивниот јазик, кој не е човечки јазик. Додека разговараме со луѓето, тие се изразуваат со кратенки, паралелно со нас, тие имаат нешто сосема непознато за мислите, но нешто систематско во себе. Електрични и хемиски процеси во мозокот и нервите лежат под црцорењето на синапсите. Тие ги разбираат клетките, но не и синапсите. Затоа она што во крајна линија го нарекуваме свест вклучува (од психологијата, па сѐ до клетката) масивни слоеви што се изолирани еден од друг, слично како во геологијата. И токму во овој контекст треба да го видиме нашиот комуникациски проблем со вирусот. Се прашувам, дали би можеле да му се доближиме со музика или со сликање?
Фогл: Жил Делез еднаш си го поставил следново прашање: Зар не би било задача на сликањето да ги направи видливи силите кои самите не се видливи? А задача на музиката да ги направи звучни силите кои не се слушливи? Значи, би станувало збор за фаќање на сите незабележливи сили кои продираат во телото, организмите, клетките. Според Делез, ова се случило во сликарството на Френсис Бејкон, на пример: деформации, модификации и метаморфози на тела на кои дејствувале сите можни сили – односи на притисок, центрифугални сили, контракции, моменти на свртување итн. И сето ова би било манифест на нечуена виталност.
Клуге: Откажување од владејачките поими и императивот: Треба да го слушаш моето разбирање. Но, може да се каже и, те галам, те мамам, ти си прекрасна срна и имаш убави очи, така би можел да им зборувам и на најмалите делови на светот.
Фогл: Но, има два различни вектора. Еден вектор е искажан со реченица како: „Ние сме во војна“. Тоа значи: реченица, збиен наратив, форма на дејство со јасни протагонисти и инструменти, пријател и непријател, мобилизација, борба и триумф. Ваквите наративни дестилати произведуваат препознатливост, прегледност, бидејќи се повикуваат на познати работи и наративни шаблони. Би можело да се каже и: Прават камен, кој се наоѓа пред нас, едноставен е и камен, сличен со себе. Но, постои и спротивен начин, имено преку раскажување и приближување до предметот, не за да се истакне неговата сличност, познатото, туку…
Клуге: …течат планини. Приливот и одливот го зафаќаат морето; но на претпазлив начин што се состои од многу ситни делчиња и не може толку едноставно да се види, па така Хималаите и Памир преку лунарните сили течат заедно со приливот и одливот.
Фогл: И набљудувано во текот на милиони години, овој камен е течен објект што сè уште ги носи во себе сите свои движења и промени, сили на компресија, сили на кристализација, топлина и ладење.
Клуге: Метаморфоза во основата. Како кај Овидиј во Метаморфозите: боговите не разбираат ништо за луѓето, се однесуваат со нив произволно. Она што оваа самовљубена божица на љубовта Венера го прави со Енеј, нејзиниот син, како го разгалува, таа практично ја убива снаата Дидо. А не знаеме ни дали основањето на Рим била толку особено добра идеја на боговите. Ги фаќаме боговите колку несмасно се однесуваат со луѓето. Но, луѓето, вели Овидиј, не смеат да бидат без свест. И кога Аполон, богот на алгоритмите, денес бог на Силициумската долина, посегнува по нимфата Дафне, не како дебел, препотен филмски продуцент, не, величествен, божествен, слаб, алабастерска кожа – нимфата сепак не го сака. И сега тој ја зграпчува и таа се претвора во дрво во неговите раце. Но, Овидиј не застанува тука. Приказната треба да ги охрабри луѓето. Затоа од дрвото на Дафне настанува лаворово дрво. Може да се најде насекаде на бреговите на Средоземното Море. Милиони лаворови дрвја на бреговите, а и на главата на тиранинот Цезар, три дена пред неговата смрт, се наоѓа лаворовиот лист што не венее. Но, причината за неговото настанување била едно силување. Дали ваквите метаморфози би биле наративен тип за 21 век?
Разговори на „Скајп“, водени на 11.4.2020 година и на 8.7.2020 година; кратка верзија е објавена во: Александер Клуге / Јозеф Фогл, Олово на приказните. Разговори, Цирих / Берлин (Дијафанес) 2020 година. Редакцијата ѝ се заблагодарува на издавачката куќа „Дијафанес“ за дозволата за оваа објава.
Превод од германски: Ксенија Чочкова
Споделено на: јануари 11, 2022 во 1:55 pm