Кристијан Возницки : : Работење, работење заедно и вмрежување за време на веб-возбудата на пандемијата : :

Работење, работење заедно и вмрежување за време на веб-возбудата на пандемијата 2 април 2020 од Кристијан...

Работење, работење заедно и вмрежување за време на веб-возбудата на пандемијата

2 април 2020

од Кристијан Возницки

Блог: ТИХИ ДЕЛА

Во еден критичен момент во кој цели групи население се присилени да избегнуваат каква било потенцијална изложеност така што водат изолиран живот само онлајн, работните услови се понесигурни од кога било. Во овој есеј од „Тихи дела“ Магдалена Таубе и Кристијан Возницки прашуваат што можеме да сториме сега. И како – попатно – би можеле да ги разобличиме капиталистичките митови потхранувани од вештачката интелигенција.

Во моментов од нас се бара, па дури и сме присилени да живееме и да работиме во самоизолација – без да го напуштаме домот. Ни се вели да користиме онлајн-алатки за да продолжиме со работа. Предавањето во училници, одржувањето настани, организирањето за политички каузи – сè би требало да се пресели целосно онлајн. Во текот на ова, нашите работни места се собираат до мали ќелии во глобалниот град на битови. Сите контакти – целата заразност – меѓу човечките суштества сега се посредувани посилно од кога било од страна на „интелигентни машини“, сугерирајќи дека не е вклучен никаков човечки труд (потенцијално заразен). И затоа што киберпросторот одненадеж се смета за „чиста мрежа“, „војната против коронавирусот“, „сериозно го поттурна дигиталното општество“, како што тврди Мари Розенкранц. Во оваа смисла, многумина ја слават сегашнава епизода како уште еден магичен миг на добата на интернетот.

               Како да сме „судбинска заедница“ без избор, ни се вели – а и ние самите си велиме – дека само „се снаоѓаме“ со тоа што ја населуваме интернет-мрежата. Во меѓувреме, критичарите на дигиталното општество се замолчени или стануваат сè потивки деновиве. Поддржувачите на приватноста, крипто-борците, како и киберкомунистите се сметаат за занемарливи. Силните дигитални права и одржливата инфраструктура на податоци се сметаат за „луксузни проблеми“ во времиња на предвидувано истребување. На Ноевата арка на карантинираната национална држава, критичкото мислење се фрла од палубата в море. И додека се чини дека е потешко од кога било порано да се допре до „масите“ за прашања поврзани со дигиталните политики, пореалистичен предизвик изгледа е мобилизацијата на оние што работат – повеќе или помалку – професионално на пресекот меѓу истражувањата, новинарството, културата и активизмот. Се поставува прашањето: што можеме да сториме? Како би можеле да работиме заедно кон еден хоризонт на еднаквост и ослободување? Како би можеле да изградиме мрежа на транснационална грижа?

Изборите што ги правиме денес

Прашањето што можеме да сториме заедно е суштински и интимно поврзано со тастатурата што се користи за чукање и екранот што се користи да се читаат зборовите, можеби уште поуниверзален од тастатурата. Екранот е интерфејсот за „културата на очното јаболкце“ на кликање, лајкување и споделување. И сега, кога се префрламе на работа само онлајн се поставува прашањето, дали ова ќе биде само кус момент, во кој ќе треба едноставно креативно да го премостиме „мртвото време“ на затвореноста? Или дали ова дигитално подобрено тренирање за опстанок нè подготвува за неповратно изместување во методите на работа? Дали сегашното ширење на догмата „само-онлајн“ ќе стане вообичаено во секојдневниот живот во иднина? Овие прашања се итни и неодложни, а конечно и, иако не помалку важно, затоа што веќе е очигледно дека заканата од пандемии ќе остане латентно фиксна величина на политичкиот радар – исто како што тероризмот стана фиксна величина на психополитичкото окружување по 11 септември.

               Денес, виролозите и политичарите расправаат за можностите да се вклучуваат и да ги исклучуваат сегашните карантински мерки секогаш кога ќе се појави потенцијална закана од пандемија. Во меѓувреме, критичките гласови предупредуваат дека што и да се примени во сегашната итна состојба ќе остане со нас на неодредено. Ова предупредување не е никако производ на алармисти. Туку поточно, тоа е лекција што може да се научи од историјата, вклучително и неодамнешната. Погледнете ги само тивките приспособувања што се случија по повод 11 септември, кои сè уште се со нас: скратувањето на граѓански и човекови права, културата на страв, спекулативната безбедносна политика на закани, да спомнеме само некои. Така, наместо да попуштаме и безумно да придонесуваме кон ова „сериозно поттурнување“ што дигиталното општество во моментов го доживува, причините за нет-активизам и дигитална политика би требало одново да се преразгледаат. Гласовите на свиркачите како Кајзер, Вајли и Сноуден, кои ја разоткрија корумпираната состојба на мрежата, повторно би требало да се зајакнат. Поддржувачите на приватноста, крипто-борците и киберкомунистите повторно би требало да се чујат.

               На крајот на краиштата, додека дигиталното општество доживува „сериозно поттурнување“, сите ние сме соучесници во тековната преродба на технолошките компании и нивните бизнис-модели. Не изненадува тоа што тие прават огромни профити среде глобална „корона-криза“. Збунети и изместени од кризата, сè поголем број луѓе ги пренебрегнуваат – и се заведени да го сторат тоа – проблемите дека овие компании и нивните алатки се многубројни и дека овие проблеми се, всушност, само влошени за време на сегашната пандемија, проблеми што опфаќаат прашања што ја засегаат приватноста, па сè до лошото постапување со работниците. Сега, повеќе од кога било, многу важна задача е да се крене свесноста и да се истражуваат алтернативите.

Чудата на технологијата среде криза

Меѓу безбројните вознемирувачки аспекти на „корона-кризата“ е ослободувачкиот ефект што таа го има врз технологиите и политиките за надзор базирани врз вештачката интелигенција. Не само што кризата им обезбедува досега невидени можности на технолошките џинови за црпење податоци да ги прошират своите досег и моќ туку исто така ја „поттикнува тековната преобразба на глобалниот капитализам во огромна демократски нескротлива технолошка лабораторија“, како што посочува критичарот Том Холерт во специјалното издание на Роза Мерцедес. Можеби најјасен показател на овој тренд се направите за следење на инфекцијата што навлегуваат и го контролираат индивидуалното и групното поднесување. „Клирвју Ал“ (Clearview AI) е бентамијанското име на компанијата што, според „Њујорк тајмс“,применува сомнителен софтвер за препознавање лица што ја нарушува приватноста во обид да го контролира вирусот. Како и многу други иницијативи што се поддржани од вештачката интелигенција и применети во социјалните мрежи, онлајн-училниците, железничките станици и другите јавни простори, препознавањето лица покажува тенденции да ја нарушува приватноста на податоците и на поединци и на групи. Засновани врз вештачката интелигенција алгоритмите за следење и сузбивање очигледно „читаат“ лица, анализирајќи интернет-страници, вести и извештаи, постови на социјалните мрежи во потрага по знаци на симптоми, како што се проблемите со дишењето и треската.

Како што посочуваат многу експерти за вештачка интелигенција, вклучувајќи ја и Абеба Бирхани, таквите технолошки кампањи се сосема „фантазмагорични“. Ова значи дека тие ја претставуваат вештачката интелигенција како непогрешлива и ефикасна технологија со тоа што ја потхрануваат заведувачката фантазија дека од лицата на луѓето или нивното однесување на мрежата може да се открие состојбата на нивното здравје – па дури и ширењето на вирусот. И додека целото население на многу земји е подложено на спекулативно коцкање, се попречува поставувањето на прашањата за нарушување на приватноста, дискриминирањето и расизмот. Ова се оправдува со тврдењето дека „сè тоа се прави во име на заштита на населението“. Но, оние што имаат вистинска корист од интервенциите помогнати од вештачката интелигенција се властите и компаниите што се соучесници во нивните политики – особено компаниите што ги собираат, анализираат и складираат „нашите“ податоци за „нивни“ комерцијални цели, како што имаат истражено голем број иницијативи, вклучувајќи ги и „Големо количество податоци во нашите раце?“

               Во двете децении пред избувнувањето на епидемијата на коронавирусот, податоците беа славени како „нафтата на 21 век“. Жедта за податоци беше огромна уште тогаш и стана уште поголема за време на сегашната пандемија. Актерите од власта и корпорациите наводно не познаваат граници во оваа смисла. Податочното рударење во врска со локацијата – преку мобилните телефони – е на јавно-приватната агенда на најразлични земји, како Израел, Јужна Кореја или Германија. Во меѓувреме, прибирањето на здравствени податоци се забрзува од страна на такви гиганти на информатичката технологија како „Гугл“. Сега сè уште заспаната иницијатива за „Гугл грип трендови“ доволно јасно укажа дека гигантот во информатичката технологија открил дека податоците поврзани со здравјето се неисцрпен извор на „постојан капитал“, како што тврдат истражувачот на медиуми Аника Рихтерих и социјалниот критичар Макс Хајвен. Сега, проектот „Основна линија“ е меѓу најновите обиди да се капитализира на сметка податоците во доменот поврзан со здравјето… Има многу критичари, на пример, основачот и директорот на „Кул Квит“, кој се бори против пандемијата на коронавирусот (и против зависноста од тутун) со помош на телемедицина. Во еден твит тој го коментира проектот „Основна линија“ на „Гугл“: „Интернет-страницата за скрининг за коронавирус изгледа како една огромна операција за податочно рударење и за собирање инфомации за вашето здравје за комерцијални цели. Не изгледа дека ги следи законите за приватност на HIPAA (Health Insurance Portability and Accountability Act)“.

И додека дигиталното општество доживува „сериозно поттурнување“, носејќи му голема корист на податочниот капитализам во целост и додека луѓето стануваат сè позависни од онлајн-услугите, сè повеќе е потребен клауд-простор за 1) да се прошират онлајн-активностите за време на пандемијата, и 2) да се собираат податоците генерирани во процесот. Овие денови, овој клауд-простор го обезбедува главно „Амазон“, па така не изненадува што „Амазон“ е еден од главните профитери од сегашната пандемија. Во првите десет дена на пандемијата основачот на „Амазон“, Џеф Безос, се збогатил за десет милијарди евра како лично богатство, додека, пак, пазарната вредност на неговата компанија пораснала за сто милијарди евра. Славен како чудо – бидејќи многу бизниси банкротираат во сегашнава криза – луѓето изгледа се премногу заслепени за да прашаат за трудовите судири зад најновите магични трикови што ги изведува компанијата што претставува најуспешен модел на капитализмот што се заснова врз вештачката интелигенција.

Алтернативи за чуда

Она што ја интензивира оваа тенденција е фактот што среде „коронакризата“ – што е исто така и економска криза – се одвива неумолива потрага по профити. Не мора ни да се каже дека профити не бркаат само технолошките компании во САД, туку исто така и стартапи во Германија, Франција, Кина и Русија. Згора на тоа, овие земји изградуваат свои „сопствени“ иницијативи за податочно рударење; и си негуваат нивни „сопствен“ пазар за високотехнолошка безбедност. Но, нив – а ова е клучно – ги предизвикуваат чинители на граѓанското општество кои се спротивставуваат на овие трендови и се борат за граѓанските права во доменот на податоците и политиките поврзани со мрежата. Во САД, главните чинители на граѓанското општество, на пример Здружението за американски граѓански слободи и Фондацијата за електронски граници, зазедоа став во врска со дигиталните технологии во контекст на пандемијата. Во Германија, компјутерскиот клуб „Хаос“ исто така се справува со овој проблем поврзан со човечката/дигиталната инфраструктура.

Со ова на ум, не сме сами во кревањето на свеста и истражувањето на алтернативите на сегашните податочни капиталистички режими. А може и многу да се стори со малку напор. Да се користи колаборативниот уредник „Етерпад“ (Etherpad), чијшто домаќин е yourpart.eu за пишување и споделување документи, наместо „Гугл.док“ (Google.doc); да се користат сервери за електронска пошта како „Постео“ (Posteo), кој поддржува енкрипција, наместо само да плаќате со сопствените податоци за таканаречените „бесплатни“ снабдувачи со електронска пошта; да се користат видеоповици „Џици“ (Jitsi) со повеќе корисници за онлајн-часови се само првите чекори кон поголема (податочна) автономија и поодржлив дигитален еко-систем со благотворни ефекти за поединците и општествата во целина.

Не мора да се каже дека прашањето на алатките отсекогаш било политичко и отсекогаш било неразделно поврзано со поголемите структури на моќта пред кои сме исправени – и сега и порано.

Знаејќи дека центрите за податоци што го поддржуваат интернетот користат огромни количества енергија, време е да се прашаме за еколошкиот данок на „сериозното поттурнување“ што дигиталното општество во моментов го доживува. Знаејќи дека дигиталните технологии што најмногу придонесоа кон подемот во меѓуповрзаноста само го зацврстуваат чувството на отуѓеност меѓу луѓето, треба да ги разгледаме предвидливите ефекти на тековната „нормализација“ на „социјалното дистанцирање“ како поврзана со бумот во „социјалните медиуми“.

Знаејќи дека интернет-мрежата не ја водат само ботови (во моментов можеби најпопуларниот облик на вештачка интелигенција) туку исто така и човечки суштества кои тајно ја овозможуваат или оптимизираат работата на ботовите, не можеме да ги земеме и интернетот и неговата преродба здраво за готово и треба да ги испитаме скриените трудови борби зад технологијата водени од човечките суштества кои ги нарекуваат „турк“ работници. Знаејќи дека технологиите не се никогаш неутрални, туку секогаш наклонети кон инструментализација од страна на силите што постојат, од најголема важност е да се прашаме како да му се покаже отпор на свртувањето кон авторитаризмот кај владите поттикнато од оваа пандемија – конечно, но не и најмалку важно, во секојдневното користење на технологиите поврзани со работата.

Надвор од ограничувањата на карантинскиот ум

Впуштањето во вакви испитувања на колективен начин, како и споделувањето на согледувањата и нивното продлабочување со понатамошно читање можат да ја создадат нужната основа за изградување на колективна свест во контекст на сегашната пандемија. И исто така можат да ја постават колективната апропријација на дигиталната компетентност на посигурни темели. На крајот на краиштата, дигиталната компетентност е она што денес – за време на „сериозното поттурнување“ за кое станува збор – е толку итно потребно, но не се (или е само несоодветно) промовира и поттикнува. „Учењето преку правење“ би можело да се активира како приод против овој тренд.

За таа цел учењето како неразделно поврзано со правењето би требало да се сфати како облик на труд, кој обично се обидуваме да го избегнеме зашто претпочитаме да видиме како интернет-мрежата се користи како облик на игра или како некоја погодност. Сепак, станувањето свесен за нашето секојдневно користење на интернетот како облик на работа би можело да ја отвори можноста да се издигне еден заеднички простор на судир, споделуван со оние на другиот крај на спектарот – оние што ги кодираат, водат, надгледуваат или ги одржуваат машините. На крајот, ова би можело да ги направи ѕидовите на „самоизолацијата“ порозни, како и границите меѓу инаку одвоените домени на работа.

Дали ова исто така би нè доближило и до несигурното поле на снабдување, грижа и здравствена работа – тој огромен и растечки терен на итни случаи што ескалираат? Националните држави сега не само што ги „откриваат“ своите мртви здравствени системи туку исто така се обидуваат да компензираат за овие недостатоци со мерки на „национална безбедност“ што ги вјармуваат и нивните државјани и туѓите. Овие вторите – на пример оние заглавени во бегалски логори или кај жешките точки на надворешните граници на ЕУ – се очигледно погодени на најтешкиот начин. Тие се едноставно избришани од сите списоци на приоритети, како да нема ништо „поприродно“ од тоа да поврзеш нешто толку универзално како здравствената грижа со државјанството. Сепак, штом ја демистифицираме навидум „чистата мрежа“ како свет во дигитално огледало на националната држава во карантин, тогаш исто така ќе добиеме и посилно чувство дека таквите нешта воопшто не се „природни“. Штом почнеме да мислиме надвор од ограничувањата, ќе можеме да сфатиме дека сите ние би можеле да придонесеме кон изградбата на мрежа на транснационална грижа.

За ТИХИ ДЕЛА

Проектот „Тихи дела“ е посветен на ископување на облиците на работа што се закопани под сегашните режими на капитализам поддржувани од вештачката интелигенција. За детали и најнови информации за проектот „Тихи дела“ види: silentworks.info.

Под капитализмот на вештачката интелигенција се чини дека трудот – низ различни класи и контексти – постепено исчезнува, иако трудот всушност поминува низ длабоки трансформации. Така, на крајот на краиштата, задачата е да… СЕ ЧИТА ПОВЕЌЕ.

Клучни зборови: вештачка интелигенција, капитализам, корона, Ковид-19, интернет, алатки, мрежа.

Кристијан Возницки (Krystian Woznicki) роден 1972 година во Клоџко, Полска, живее и работи во Берлин како критичар, организатор и фотограф. Вкоренет во пресекот на дигитализацијата и глобализацијата, неговата работа се фокусира главно околу социо-политичките прашања на заедничкото/commons. Во неговото најново дело Undeclared Movements издадено од b_books (http://b-books.de) во март 2020 година, тој ја истражува високата цена и границите на присвојувањето и на апропријацијата.  Фокусирајќи се на „катастрофите“ кои може  да се спречат во Шенген зоната – како што е „бегалската криза“ од 2015 година и „граѓанската војна“ за време на Г-20  самитот во 2017 година – Возницки покажува дека границите на апропријацијата се манифестираат како огромни опасности за општеството, но исто така, претставуваат и можности за појава на нови форми на политика.

Тој е автор и на: Fugitive Belonging, published by Diamondpaper in 2018, каде ги спојува критиката и фотографијата; A Field Guide to the Snowden Files (со Магдалена Таубе); After the Planes (со Брајан Масуми); and Wer hat Angst vor Gemeinschaft? (со Жан Лук Нанси), во издаваштво на Diamondpaper. Неговата прва книга book Abschalten. Paradiesproduktion, Massentourismus und Globalisierung излегла во издаваштво на  Kadmos.

Возницки е коосновач на Berliner Gazette,  кој тој го води од 1999 година заедно со новинари, истражувачи, уметници, активисти и програмери како експериментална онлајн платформа и офлајн формати, која вклучува и семинари, изложби и годишни конференции.

Има одржано предавања и семинари на универзитети и културни институции како што се: Documenta X, Mediamatik, Goethe Institut Belgrade, Schauspiel Stuttgart, Universidad Complutense de Madrid, Kunst Werke, Städelschule, Schirn Kunsthalle, Frankfurter Kunstverein, Media Lab Prado, Gorki Theater, Uni Leipzig, Medienturm, Public Netbase, Hokkaido University.

Превод од англиски:
Марија Јонес


Споделено на: февруари 1, 2021 во 10:49 am