Простор на слободата – Freiraum :: Искра Гешоска

Простор на слободата - Freiraum Да се биде слободен бара поголема одговорност отколку да се биде...

Простор на слободата – Freiraum

Да се биде слободен бара поголема одговорност отколку да се биде угнетуван: тоа бара акција.

Ова не е само уште една конфернеција, уште една затворена дискурзивна „панична соба. Freiraum е заедница во која се поместуваат хоризонтите на очекување, во која трансферзално се отвораат прашањата и се пресекуваат концептите кои извираат од лавиринтите на уметничкото, политичкото, општественото, ранливото патување низ сите искушенија кои ги нудат различните социо-културни контексти. Freiraum е лабораториски замислена заедница која ги испитува границите на политиките на пријателството за јавно добро, преку постојано преиспитување на идејата и просторите на слободата. За нас слободата не е простор кој треба да се освои, туку дејствие, акција кое треба постојано да се презема и практикува. Поточно, тоа е практиката на навигација на односите на начини кои ги одржуваат отворени и динамични и кои, притоа, овозможуваат развој на нови, алтернативни начини на размислување и постоење. Затоа сме заедно.Затоа, со оваа платформа се обидуваме да создадеме пристаниште во кое едновремено ќе можеме да се вкотвиме (да фрлиме котва), но и да бидеме храбри кормилари кои ќе се предизвикуваат себеси, светот, доминантните политички и културни наративи пловејќи и низ мирните и низ сѐ побурните мориња на времето во кое живееме. 

Простор за човек да се чувствува безбедно, луто/гневно критично, прифатено, вклучено, почитувано. Простор во кој слободата, демократијата, заедницата и органски се споделуваат, создавајќи колективно одредени идеали глаголи кои можат да се применуваат, преку чие практикување се случува граѓанството и припаѓањето. Како простор на креативна конфронтација и политичка имагинација, Freiraum сака да биде агент за позитивни промени, преку инклузивна колективност, солидарност, размена и преговарање.

Freiraum е, исто така, пакет со алатки на практики и мрежа на актери и места, кои создаваат нови наративи и алтернативни иднини. Во оваа ера каде што има итна потреба за промени во правата, благосостојбата и слободите, Фрајраум истражува како праведниот гнев може да се канализира во креативноста и која ќе доведе до практикување на различните концепти на слободата.

Се обидуваме да создадеме просторот во кој ќе ги анализираме, реобмислуваме клучните политички, но и онтолошки битки на нашата сегашност – како да се воспостави заедница во ера во која биомоќта и партикуларност, себецентричноста, а не заедницата и моќта доминираат, се закатанчиле и не’ заробиле, притоа зачувувајќи ја слободата и автономноста. Како да се создаде заедница, а не зомбирачка толпа, која е опиена од ПР носиоките за доминантниот избор на однесување. Како да се зачува демократијата и да не се сведе во дискурзивна категорија за која се дебатира на конференции. Како да се создаде тело кое ќе застане наспроти и ќе ги редефинира наметнатите лаги на капитализмот, на неправдата

Во сржта на производството и репродукцијата на современото општество, заедничкото општествено тело по кое трагаме, е потенцијална матрица што може да создаде нови, алтернативни заедници. Овие нови алтернативни заедници треба да ги гледаме како различно ткиво – аморфно и течно ткиво кое допрва ќе го формира своето тело. Freiraum е таква заедница во создавање.

Се обидуваме да ги истражиме можностите за новите општествени топографии

Живееме во глобален апартхејд и тој систем не е само систем на исклучување, туку е и продуктивен систем на хиерархиски вклучувања на претставувањето на моќта.Контурите на новата топографија на социо-културните, политичките и економските хиерархии одат над и под националните граници. Денес, новите процеси на легитимизација почиваат на биополитичката продуктивност на моќта. Треба да најдеме начин да ги препознаеме предупредувачките знаци и на тој начин да го препознаеме потенцијалот на нашиот современ свет.

Демократијата остана незавршен проект. заробена во нејзините национални и локални форми, додека процесите на глобализација во последните децении само ги надополнија нејзините предизвици. Примарната пречка за демократијата, сепак, е постојаната состојба на исклучување. Затоа, современиот сон за демократија може да се смета за проект кој е неповратно изгубен, закопан под паноптичкото оружје и безбедносните режими.

Глобалното општество се чита како глобален безбедносен режим. Политиколозите велат дека националните држави и стариот меѓународен поредок повеќе не можат да не штитат од заканите со кои сега треба да се соочи светот. Потребни се нови форми на суверенитет за управување со конфликтот на светот со себе. Ниту еден од овие аргументи, меѓутоа, не дозволува целосна реализација на концептот на еманципација/демократија. Сите тие ја продолжуваат организацијата на општествените елементи во органско политичко тело, намалувајќи ги слободите за дејствување и воспоставувајќи ги нивните хиерархии.


Споделено на: мај 18, 2023 во 6:56 pm