Арно Видман
Кон стогодишнината од раѓањето на Јозеф Бојс: Да се осмелиме на повеќе толкувања
Јозеф Бојс се родил на 12 мај 1921 година. Едно приближување.
Франкфурт – Попрочуено од кое било дело на уметникот на векот Јозеф Бојс (1921 – 1985) е неговата реченица „Секој човек е уметник“. Во неа се споени проширеното поимање на уметноста и проширеното поимање на политиката. Човекот кој веќе не живее само во традиционалните односи туку и ги разбира и ги менува како животен свет што треба да го обликува е уметник. Од дадениот материјал тој создава еден – свој – нов свет. Ова беше основното спознание на Јозеф Бојс. Револуцијата може да успее само ако ги ослободи естетските и креативните способности на луѓето. Тоа беше елемент внесен во протестното движење од шеесеттите и седумдесеттите години на 20 век, меѓу другите, и од Херберт Маркузе. Односот меѓу политизацијата на естетиката и естетизацијата на политиката уште еднаш беше жестоко оспоруван во протестното движење во тие години.
Јозеф Бојс одигра централна улога во овој спор. Тој беше еден од најпознатите уметници во светот и не се срамеше да основа политички организации и на улица да дели летоци за новата партија „Зелените“.
„Секој човек е уметник“ беше ветување. Но, и објавување војна. На оние што се обидуваа да ја задушат креативноста на луѓето. Но, и на силниот тренд, во тоа време, да се укинат уметноста и уметниците. Тоа беа години во кои веќе не се зборуваше за поети и романсиери, туку за „автори“. Последниве вклучуваа новинари, критичари, писатели на нефикција, филмски, телевизиски и радио-писатели. Сите тие беа продуценти на текстови. Бојс се бунеше и против оваа навидум демократска идеја за сведување на сите на најмалиот заеднички именител. „Сите луѓе се уметници“ не го намали барањето, туку уште повеќе го поткрепи.
Ова ветување не се реализираше, можеби никогаш нема да се реализира, но поттикна на повеќе размислување отколку, во меѓувреме, исто толку, дисперзираната идеја за „продуцентска демократија“.
Политичарот е скулптор. Работи на „социјална скулптура“, на нашето општество и на неговите институции. Во оваа смисла, секој од нас е политичар и скулптор. Без разлика дали е свесен за тоа или не: Човекот секогаш е зафатен со обликување на себе и на околината. Женските групи кои во тоа време ги критикуваа „тој-раскажувањата“ и воведуваа „тој/таа“ додека не стигнавме до *,1 кога станува збор за различни родови, го менуваа и го менуваат нашиот свет, исто толку колку и оние што по глобалната економска криза од 1929 година ги поништија воведените ограничувања за банкарското работење. Не се сеќавам кога беше, но на една од акциите на Јозеф Бојс имаше слоган „Само уште 2.272 дена до крајот на капитализмот“.
Уште нешто од кое не испадна ништо. Бојс беше голем уметник на уништувањето. Тој беше акциски уметник. Многу од неговите дела треба да се гледаат како остатоци, траги, урнатини од акции. Акциски уметник – секој што ќе го каже тоа веднаш разбира зошто секој човек е уметник. Една од најпознатите акции на Бојс беа 7.000 дабови дрвја на „Документа“ во 1982 година. Оние што дојдоа на „Документа“ во Касел видоа 7.000 базалтни палисади пред Фридерицијанум, поставени во декоративен хаос, 7.000 базалтни палисади што требаше постепено да исчезнуваат и да бидат поставени покрај новозасадените дабови во градот. „Пошумување на градот наместо администрирање на градот“ беше паролата. Секој што донираше 500 германски марки финансираше ваков пар. Додека скулптурата пред Фридерицијанум стануваше сè помала, растеше во градот: „Не градење, не разградување, туку и двете истовремено во зависност едно од друго“. Преку овој начин на учество на јавноста не се собраа доволно пари. Бојс мораше да направи употреблива уметност – на пример, да стопи копија од круната на царот и да ја искористи за да го направи „Зајачето на мирот и додатоците“ – што потоа еден колекционер на Бојс можеше да го купи за 777.000 германски марки. На 12 јуни 1987 година – по смртта на Бојс – неговиот син го засади последното дрво покрај дабот што прв беше засаден во 1982 година пред Фридерицијанум. „7.000 дабови“ е еден од најголемите уметнички објекти од повоениот период. Исто така е и еден од највпечатливите документи на „Естетиката на исчезнувањето“ пропагирана од Пол Вирилио во 1980 година.
„Дискурс ослободен од доминација“. Не знам дали Бојс некогаш ја употребил оваа фраза. Но, знам дека се управуваше според неа. Сметаше дека она што го кажува може да го разбере секој. Па, така, тој зборуваше со секоја и со секого исто. Њујоршкиот уметнички критичар Питер Шјелдал еднаш напиша за Јозеф Бојс дека тој е „најхаризматичниот маж“ што „некогаш го видел одблизу“. А потоа објасни: „Харизмата можеби лежи во способноста да се убедат луѓето дека имаат потенцијали, за кои никогаш не претпоставувале дека ги поседуваат“. Можеби ова сѐ уште не е ослободено од доминација, но отвора пат за расправа од иста позиција. Не со потиснување, туку со кревање.
Затоа што би сакал да се осврнам на современоста на Јозеф Бојс, кој е роден во Крефелд во 1921 година, а пораснал во Клеве, и Јирген Хабермас, кој е роден во Диселдорф во 1929 година, а пораснал во Гумерсбах, потсетувам на „дискурсот ослободен од доминација“. И двајцата сакаа да донесат „повеќе демократија“ во Сојузната Република. Хабермас се интересираше за критичката „компатибилност“ на своите аргументи со оние на неговите пријатели и противници. Демократијата зависи, неуморно посочуваше, од тоа колку што е можно повеќе граѓани да заземат став за размислувањата на државните позиции што ги засегаат. Требаше да бидат вклучени во одлуките. Нивните аргументи требаше да бидат важни. Требаше да се создадат комисии за да им се даде можност на граѓаните да учествуваат во обликувањето на колку што е можно повеќе нивоа.
Бојс веруваше во шокот. Кога во мај 1974 година помина седум дена и седум ноќи заедно во соба со којот во њујоршката галерија на Рене Блок, тој сакаше да направи и да покаже нешто. Не знаеше што точно. Знаеше само: нешто ќе стане јасно. Тој ја именуваше својата акција. „Којот: Ја сакам Америка, и Америка ме сака мене“. Секој што го видел филмот од акцијата или ги набљудувал макар и само фотографиите, знае дека секој што тврди дека акцијата покажува дека човекот и животното можат да живеат заедно, не ја видел акцијата. Празната просторија не е соодветна за ниту еден од видовите. Тие се сретнаа како на состанок на непознато место, кое потоа и двајцата го напуштија повторно колку што е можно побрзо. Во тоа време Бојс многу зборуваше за улогата на којотот во индиската митологија, во сликата за себе на САД. Акцијата не покажа ништо од ова. Покажа само дека којотот и Бојс можат да издржат заедно неколку дена. Ништо повеќе.
Како и да е, се потсетив на легендата за свети Франциско, за кого се вели дека издејствувал договор со волкот од Губио: Жителите на местото, тоа се вели во договорот, ќе бидат поштедени од волкот ако му обезбедат храна. Јозеф Бојс беше убеден дека без мировни договори со природата, човештвото нема ни најмала шанса за опстанок. Ние сме сраснати заедно со сѐ друго, секако со животните и растенијата, но и со камењата и ѕвездите. Тој не бараше аргументи за овој став, туку сакаше да ни го покаже колку што може повеќе. Сакаше да нѐ заведе повремено да го имитираме. Секој според своите можности и желби. Но, за тоа е потребно да се стане, да се направи нешто. Само читање не беше доволно.
Секој што имаше дваесет години во 1970 година не само што имаше избор помеѓу „Битлс“ и „Ролинг стоунс“, помеѓу Багван и синдикална група, меѓу левичарскиот радикализам и љубов и мир, туку и меѓу Јозеф Бојс и Јирген Хабермас. Вториот припаѓаше на генерацијата помошници за воздушни напади од крајот на Втората светска војна. Од друга страна, Бојс беше авијатичар и беше соборен над Крим. По војната, Бојс не тргна по долгиот пат на запад. Тој управуваше со својата историја, која беше и онаа на националсоцијалистичка Германија. Тука беше и Рудолф Штајнер, чиишто дела длабоко го импресионираа. Ова доведе до многу иритирачки пропусти. Неговата критика на капитализмот, на пример, колку и да беше посакувана во ’68-та, потекнуваше од многу матни извори. Од друга страна, целиот напор на Хабермас беше да се ослободи од струите на ирационалистичката германска традиција, со која бил многу добро запознаен и егзегетот Шелинг.
Бојс или Хабермас. Но, онака како што некои не можеа да се одлучат меѓу синдикална група и Багван, други се обидоа да поткаснуваат и кај Бојс и кај Хабермас. Научија така што очигледно мораа да се потпираат на тоа, па и на двајцата – на разумот и неразумноста – да им отстапат право за престој во сопствената глава. Надевајќи се дека меѓусебно ќе се поправаат. Овој судир не е завршен ни до ден-денес. Се разбира, тука човек препознава дека и инсистирањето на разумот и аргументите во одредени ситуации може да здобие шамански особини.
Но, пред сè, во овие децении стана јасно дека не само што секој човек е уметник туку е и уметничко дело. Шапката на Јозеф Бојс и неговиот рибарски елек беа заштитен знак на еден производ. Приказната за неговото прекрасно спасување од страна на кримските Татари, кои љубеле маст и филц, беше обид да се осигури неговата уметничка практика низ историјата на неговиот живот – во духот на „Доживувањето и поезијата“ на Дилтај. Но, вистинскиот Јозеф Бојс не го лекувале со недели во маст и филц, туку бил пренесен во една германска воена болница дента по несреќата (16 март 1944 година). Уште во тоа време веќе немало Татари на Крим.
Во својата наклонетост кон целокупното уметничко дело, Бојс, покрај сето она што го правеше, создаде и многу лична митологија, во која неговите акции добија значење. Јозеф Бојс никогаш не се откажа од својата глад за значење. Како и многумина што знаат дека постои само значењето што им се дава на нештата, на светот, на целината.
Превод од германски: Ксенија Чочкова
1 Во германскиот јазик родовото разликување се прави со вметнување *. На пример, професор*ка (заб. на прев.).
Споделено на: јануари 14, 2022 во 12:40 pm