Историјата на театарот, а со тоа и историјата на човековите релации, мисловни динамики, емоционални приближувања и одбивања, политичките, етичките и естетските хиерархии можат да се согледаат низ архетипот, низ парадигмата на Хамлет. Создадена е анатомија на личност која ги сублимира, обединува сите човекови лавиринти, запрашаности, борби, конфронатции, внатрешни и оние со светот – Таков е светот, умира сè живо… Вели Шекспир низ Хамлет…
„Да бидеш или не… Без ропот, молкум да го трпиш срамот и сите стрели на судбата дива… или пак да се спротиставиш гневно, да станеш веднаш, да победиш в борба. Или да паднеш, да умреш. Да спиеш? да знаеш дека така ќе ја скинеш нишката на безброј лишувања, маки на ова тело. Тоа ли е целта? Да умреш? да сонуваш? Да спеш?да тука е јазолот.“
Слободата е сѐ само не идеја. Таа е факт на егзистенција како сопствена есенција. Таа себеси се гради и го предочува искуството не низ историјата на слободата, низ теолошките и есхатолошките епопеи на откровение, туку низ слободата на историјата, низ трансгресиите, низ постоењето во кое „времето излегува од зглобот“, како што вели Хамлет.
Ниту еден друг книжевен лик нема ваква архетипска, феноменолошка, културолошка, политичка вредност. Но ги оставам сите овие во ова наше кусо споделување на мисли за нежниот, кршлив, но субверзивен и храбар принц. Поважно ми е да споделам, на едно интимно семантичко рамниште што значи за мене оној кој го поставува клучното прашање, стоејќи на работ од својот живот, сакајќи да открие дали има одговорност или не и понатаму да биде, да живее и да се бори за правдата, која како што ни покажува историјата на човештвото, е речиси имагинација, или, пак да не биде. Утопист, активист, сонувач но и дејствувач за промени, затоа што, како што вели, „неговата тага од украси бега“, не оди со нив на покажување… Не ја зазема позицијата на жртва, туку неговото страдање и констатирање на ужасите кои ги презивикува волјата за моќ, се должност за постојана борба.
Хамлет е битие, чудовиште, сениште, кристал, црн бисер кој е постојано присутен во сите витални органи, во срцето кое е машина, кое е благороден израсток во телото на интимниот, партикуларниот, културниот, заедничкиот, политичкиот простор. Тој крал на бескрајот кој може да е и во ореова лушпа, и пак да биде карај на бескрајот, ни го дава кислородот во загадената планета зенја но некогаш нè стега како менгеме, нè боли, со цел да нè сепне, да нè освести и соочи. Преку него ги истражуваме суптилните односи на субјектот и заедницата. Преку него учиме како тагата и болката мора да се трансформираат во борба. Тој правдољубов монах растргнат помеѓу молкот и субверзивното дејствување од маргините – бидејќи иако е принц, тој е на маргините – копнее за слободата, за правдата и за љубовта. Тој е просветлен активист.
Хамлет е како повеќекратен заплет, како лик кој излегува од драмската структура и супериорно флотира по нејзините маргини, за да биде совршен диригент на заплетот и расплетот, на логосот. Хамлет се движи кон хаосот за да создаде космос. Слично како и ние. Тоа непредвидливо море, разбраннувано, тоа внатрешно цунами на гневот, тагата и борбата го прави дополнително наш современик.
Тој е оној кој никако не може да се вклопи во твитер форматот бидејќи неговата длабочина ни е непозната.
Она што можеби е најважно е прашањето за слободата кое Хамлет го поставува не само политички туку и онтолошки. Тоа е прашање на внатрешните вертикали, искуства, утопии и граници. Тоа е прашање на љубовта.
Сонот, љубовта и слободата се ризици – на тоа нè учи Хамлет. Тие можат да убијат, да усмртат но и одново и одново да родат. Љубовта, како и останатите, по себе не се помирољубиви и помалку ризични од револуционерните политики. Затоа, ги поврзувам со панкот а не со хипи движењата. Затоа ги прогласувам за субкултурни. Бидејќи, вистината, а Хамлет е и парадигма за вистината, не е нешто што се создава во цветна и миризлива рајска градина (да не заборавиме на Гетсиманиското искуство, кое нѐ соочува со вистината за човековата порозна природа… таму, со бакнежот во образот, со парадигмата за љубовта, беше извршено предаство, беше најавена нечија смрт, која е указ за големата вистина за човекот – а тоа дека му е насушно предавството). Таа/љубовта има свој систем на контрадикции и жестокости. Таа е побуна. Побуна која има иманинетна, интристична, внатрешна драматичност која не ја дефинираат нужно концептите за постоење на непријател, туку често го водат идентитетскиот нагон во конфликт со разликата. Љубовната драма е најчистото искуство на конфликтот помеѓу идентитетот и разликата.
Овој ренесансен принц, иако изговара по некоја ренесансна воскликна мисла, сепак не е идеолог на ренесансата а неговите постапки ги изразуваат сложеноста на емоциите и на разумот не само на една епоха туку и на нашата современост…
Ако се споредува со Рaсиновиот Тристан, што често се прави, едноставно Хамлет е неприкосновен – Тристан е ограничен, вештачки и поизволен. Успехот на Хамлет е во тоа што до ден денешен тој е нашиот квир пријател, интимен е со нашата современост.
Хамлет, секако, може да го сметаме за првиот активист кој е посветен на со креативниот активизам, па дури и на артивизам. Страствено, посветено и темелно, тој се обидува да го деконструира полето на моќта, кое е неправедно, користејќи го театарот како алатка за соочување со тогашната политичка неправда. И тоа го прави со огромен успех, храбро, под мотото „Да се биде или не!“, по цена на својот живот. Се спротивставува на политичката измама и се обидува низ разни креативни алатки да ги соочи сите со утопијата дека е потребна промена на монархистичкиот/политичкиот систем, со надеж дека преку својата мала „револуција“ ќе создаде подобра и поблагородна заедница, како што му прилега на еден благороден принц-уметник-активист. Хамлет е најсветлата парадигма на отпорот. Секој во чија сфера на интерес се критичкото дејствување и институционалната критика, мора темелно да ги запознае методологиите на дејствување на Хамлет – неговото „лудило со метод“, неговата љубов, страственост и бескомпромисност, со цел правдата да се изведе на виделина, треба да се основна лекција за секој кој го има на ум активизмот, а особено креативниот активизам, и за секој кој смета дека е одговорно да се стреми кон застапување за општествени промени.
Она што се случува во општествените динамики и во создавањето заедници, а кое ги прави вознемирени нашите животи, е создавањето структурно засновани лаги, празнини и пропусти. Ги има насекаде – во нашите интимни и колективни политики, во секој процеп на пројавување на нашите животи, па следствено ги има и во читањата на уметноста и културата во однос на политичкото дејствување, каде што се создаваат таканаречени „револуционерни“ флуксеви. Биополитичката и постструктуралистичката теорија на револуцијата се обидуваат да ја проектираат револуционерната машина како тројство, надоврзувајќи се на Антонио Негри. Трите поединечни компоненти на револуционерната машина меѓусебно се диференцираат и актуализираат во својот заемен однос, кој се заснова на побуната, отпорот и на конститутивната моќ. И токму ова е многу важно за да се разберат поривите, но и форматите на креативниот активизам. Она што можеби ги разликува креативниот активизам и артивизмот од другите облици на „револуционерната машина“ е отсуството на потребата за себеконституирање во полето на моќта. Повеќе станува збор за укажување на аномалиите на едно поле на моќта кое треба да биде заменето со друго, поблагородно и поправедно, но кое, за жал, нема да го избегне предзнакот на моќ, бидејќи тој е неизбежен.
Всушност, преку креативниот активизам и артивизмот се акцентираат најсуптилните потреби за длабокосежен внатрешен пресврт во општествените односи, и тоа преку формати кои нужно не подразбираат немири, толпи, ниту пак становиште на „неред“, туку суптилна интервенција со силна порака и поттекст.
Затоа Хамлет е исконската парадигма за сите архетипски прашања кои се’ уште го бараат одговорот.
Автор: Искра Гешоска
Споделено на: јуни 12, 2025 во 10:55 am