Една од најстаменитите вертикали на македонската визуелна уметност

Ибрахим Беди е една од најмаркантните фигури на културниот живот во Македонија, но и втемелувач на...

Ибрахим Беди е една од најмаркантните фигури на културниот живот во Македонија, но и втемелувач на меѓународен план на она што се нарекува културна дипломатија преку трансдисциплинарно уметничко творештво.

Кога во една култура ќе се изнедри автор и личност како Ибрахим Беди, можеме да кажеме дека станува збор за привилегија, празник, но и оставина која поттикнува одговорност и посветеност. Ибрахим беди несомнено е една од најзначајните вкотвувачки вертикали во нашето современо визуелно уметничко творештво, но и котва која го обликува она што се нарекува современо културно наследство. естетските, културните, интелектуалните, но и духовните и општествените слоеви кои ги наследуваме благодарение на недобројниот опус на Ибрахим Беди се одговорност за сите нас. Не станува збор за вообичаена културна наследеност, која само треба внимателно да ја сочуваме и конзервираме, туку станува збор уметничка и културна провокација, која е актуелна, трае и се втиснува длабоко во денешнината и во иднината. И токму затоа ќе треба сериозно да се сфати задачата/мисијата дека и ние и идните генерации, ќе треба постојано, со истата посветеност со која Ибрахим Беди создава, да го потврдуваме, анализираме, афирмираме, реартикулираме, реисчитуваме неговото творештво. Бидејќи само така ќе останеме доследни и достојни за вредносните слоеви кои Ибрахим Беди, како мултимедијален уметник но и како брилијантен педагог, неуморно и секогаш во регистерот на извонредноста и неповторливоста, ѝ ги подарува на нашата култура преку темите кои сите нѐ засегаат, преку својата мултидисциплинарна постапка, преку сите жанрови низ кои го изразува сопствениот свет и светот околу себе. Наша е одговорноста да продолжиме да го вткајуваме неговиот исклучителен творечки подвиг во современоста.

Несомнено е дека Ибрахим Беди е посебно поглавје во македонската култура и уметност, во јавната, прогресивна уметничка и интелектуална динамика. На светот му е потребна семантичката загадочност, која Ибрахим Беди ја нуди, пред сѐ како естетска но и како етичка позиција – бидејќи уметноста и културата длабоко во себе ја вткајуваат и етичноста. Тој со своето богато творештво, кое реферира на слоевите на културното наследство низ современо читање, ни покажува дека времињата и искуствата не постојат изолирано туку дека се претопуваат едно во друго, надополнувајќи се, но и креативно конфронтирајќи се меѓусебно. Творештвото на Ибрахим Беди е брилијантен указ за одговорноста кон наследеното, кон древното како единствен патокоз за синергијата со современото и идното. Неговото творештво е визија за безвременоста, и арматура за традицијата и нејзината критичка индивидуална деконструкција.

Ибрахим Беди во макеоднската уметност, во нашето поимање на културата, преку читањето на традицијата, го создава она што во теоријата на уметноста се нарекува „друга сцена“ – критичко исчитување, деконструирање и одново формулирање на веќе востановените, наследените вредности. Неговиот визуелниот текст станува сцена на која се преплетуваат интимните со колективните, и минатите со сегашните наративи. Токму затоа во творештвото на Ибрахим Беди безбројни се хипотезите на субјектот, како и патиштата на читање и интерпретација. Тоа е неговиот ументнички и политички став – повеќзначноста како единствена можна стратегија за критичко согледување на светот. Затоа неговата уметност секогаш постои во силен дијалог со погледот, со рецепцијата. Токму преку творештвото на Ибрахим Беди ја согледуваме онаа многу важна димензија/перспектива на уметноста и културата – нејзината длабоко критичка дијалошка и општествена вредност.

Во неговото творештво се длабоко инкорпорирани, цитирани историските слоеви на ова поднебје, но во една многузначност која јасно се поставува наспрема комерцијалното и популистичкото (зло)употребување на наследството и на историјата. Историските перспективи во неговите апстракции претставуваат скалило кон иднината, кон актуелноста а не како што често знаат да бидат – мртво слово во животниот текст.

Аналитичноста, истражувачкиот процес и суптилната но моќна субверзивност, каква што доликува на секој комплексен уметник, сеопфатен мислител на општествените и уметничките динамики и мрежи на релации, се нешто што го одликуваат творечкиот и уметничкиот дух на Ибрахим Беди.

Автор: Искра Гешоска


Споделено на: октомври 9, 2025 во 11:06 am