“There is no book. There is no set. There is no music. There is only life and us.
Дали е танц, дали е театар или едноставно, дали е самиот живот…
It is about life it is not about esthetics, Wim Wenders on Pina Bausch
Од повеќе страни доаѓа назнаката дека она што го создава Пина Бауш е организам, кој има свој живот што длабоко црпе од искуство на овој живот, кој се одликува со болести, со рани, со воздигнувања и пропаѓања во бездна.
Не сум заинтересирана за движењето на танчерите туку за тоа што нив ги придвижува.!!!! Така танцот, така нејзините кореографии, нејзината драматургија во своето јадро го содржат барање на одговорот за тоа кои сме, како се соочуваме со животот, љубовта, стравовите, радоста… Нејзиниот пристап на танцот прави да ги откриваме сите овие прашања со/низ телото, во една пред-когнитивна состојба, пред умот и расудувањето да реагираат. И тоа е тоа што е фасцинантно. Телото мисли и чувствува. Телото е во дисензус со законите на јазикот, односно станува нов јазик, нов трансмитер на пораки.
Кафе Милер би го именувала како тетатрски, перформативен гест кој претставува екцес, не само во жанрот, во рамката на зададениот формат, туку и во културниот контекст кој има цел да ја предизвика толкувачката, херменевтичката капацитираност поставена и предложена од оние форми кои ги нуди доминантната култура. Пина го прави токму она кое што го дефинира Жорж Батај како трансгресија – создава внатрешно искуство во кое индивидуата или колективот ги надминуваат границите на секојдневното однесување. Силна емоционална напрегнатост во телесната моторика. Симетрична повторливост на движењта која води до екстатичност и своевидна ритуалност, анрхично кршејќи ја цврстата кореографска воспоставена структура. Интервенција на телото во текстот на животот и на психолошките динамики, опасност наспроти конфор, опозиција на нормалното, пречекорување на границите на телото. Нејзиниот свет може да се сврсти во најбрилијантните авангардни трансгресии бидејќи претставуваболен прекин, субверзија, телесно исчекорување, уметнички и антиестетски експеримент, утопија на несвесното, на револуционерното во однос на доминантните центрирани хиерархии на императивите во уметноста, културата и општеството.
Кафе Милер може да го читаме и како експеримент и како нормативност. Кафе милер е парадигма за драматуршки и перформтивен конфликт со себе и во релацијата си другиот, кој ја деконструира аристотеловата патека на конфликтот. Тој не води кон катарза туку напротив до имплозија на сите собитија не во туку вон единството на просторот, времето и местото. Нема разрешница за копнежот по другиот. Во механичноста и повторливоста дејствијата, строго пропишаните движења кои динамично се забрзуваат стануваат простор на концентрација на конфликтноста во себе и со другиот и со тоа прецизната стратегија на движење на телото која ја создава низ својата кореографија Пина Бауш, се претвора во поетско-драмски чин со високи амплитуди на емоционална семантика која води до кршење на целиот интимен свет кој ја чита љубовта сфатена како нужен коридор на болката.
Станува збор за отстапка во рамки на нормираната наративна и перформативна форма, деконструкција на постапката и моделот на театарското изразување и прикажување (и во драматуршка и во мизансценска и во визуелна перспектива). Сѐ е превртено. Во кафето/во кафеаната што е симбол за на општествената слободна комуникациска вредност, одеднаш токму испревртеноста укажува на искршеноста, на можноста за одземената слобода и борба да ги воспоставиме релациите. (може да се извади)
Речиси скулптуралното тело станува лирски хологарм кој поддржан од музиката која често е тишина, создава нов јазик со слоевити, повеќезначни семантички вредности. Па така, Пина Бауш создава политики на синергија помеѓу перформативите на телото и перформативите на невидливиот јазик. Таа е нежно субверзивна, но и отворено разговорлива. Сѐ е отворено, а со тоа и таканаречената авторска автономија е отворена и како ризом разгранета – толкувањата се движат во илјада насоки. Структурата која ја создава Бауш прецизна е како најсовршен механизам на часовник, кој, сепак, во зависност од императивните референци но и емоционални и интелектуални контексти на рецепиентот, на гледачот, може да се деконструира и да се толкува на безброј начини.
Кафе Милер поставува силни врски со широките значења на културата, на современата култура но и на исконската потреба на човекот да воспоставува релации. Едноставно тука има безброј врски со други текстови на културата. Фасцинантен е интердисциплинарниот начин, модел, формат преку кој Пина Бауш го инаугурира човековото тело како коридор помеѓу сцената/артифициелноста и непосредното длабоко интимно искуство на животните бездни. Таа јасна естетска структура на перфромативниот текст се прекршува и се отвора како ружа помеѓу чии латици се наоѓаат тагата, болката, љубовта, борбата, незадоволството, очајот во нераскинлива врска со надежта, емпатијата и копнежот по заедништво. Пина Бауш создава текст кој се движи без зборови низ сцената на животот.
Нејзиниот поетски танцов театар е интермедијален и наликува на асамблаж, на традицијата на слободниот стих, на бихевиоралната и концептуалната пракса. Дури може да се насети и длабоко антрополошки и психоаналитички амбиент и простор. Затоа сведочиме на употребата на амбиенталните решенија како феноменолошки и структурален поредок на генерирање на претсавата. Бауш се бави со комплексен систем на феномени!!! Таа гради лабораторија за развивање комуникативни стратегии за канализирање на оние тропи и метафори кои се конфликтни во нашите психолошки и емоционални лавиринти.!!! Сето тоа преку постапката на она што се нарекува пост-драмски театар. (Ханс Тис Леман)
Театарот, перформативноста на Пина Бауш е парадигма за постдрамскиот театар – јасно се гледа како на сценста се еманципираат сите изведувачки сегменти: музиката, говорот, телото, светлото, костимот, движењето, сценографијата. Нејзините кореографски, интердисциплинарни наративи, се хипертекст кој е континуум и сублимат на сите значајни исчекори во германската култура, и кој ги изразува спецификите на германската уметност, од експресионизмот, преку силниот спој на емоционалното и интелектуалното, чистата форма во движењата, сведеност на минимални надворешби ефекти, повторливост која создава емоционална експлозија и имплозија и соочување со сите неугодни нешта кои културата, во една Фројдовска перспектива на читање ја создава. Да не заборавиме дека Пина Бауш длабоко е вкотвена во културното и естетското германско наследство… Тоа силно се чувствува во нејзиното авторско кредо… Уште Хегел, на пример, смета дека во театарот е клучна „преформативната авторефлексија на драмата, на драмското дејствие“. Тоа подразбира „плуралност на гласови“, партикуларни, поединечни субјекти кои добиваат автономно оправдување за своето постоење во мрежата релации. Токму според тој принцип и телата во кореографијата на Пина Бауш, се движат на сцената создавајќи изолирани биографии на ликовите, а при тоа сепак воспоставувајќи силни взаемни врски. Како и сите ние во животот. Хегел актерите ги набљудува како скулптури поставени во движење и во взаемни релации, со цел да предизвикаат скандалозен исчекор. Така се создава напнатост во перформативноста, во изведбеноста. Така доаѓа до деконструкција помеѓу драматуршката и мизансценската субјективност и објективност.
Телата се во напрегнатост, спора динамика, која вели: да тешко и мачно е да ги откриеме нашите чувства. Само низ болка и солзи и борба можат да се артикулира љубовта, со сите нејзини рани и радости. И воопшто културата и релациите во неа.
Целокупната наша растргнатост помеѓу умирањето и раѓањето, помеѓу животот и смртта – недоумица дали да се живее или дали да се умре. Борба. Фуриозност.
Искра Гешоска
Споделено на: јануари 15, 2024 во 6:04 pm