Работилници…
24.11.2016
“Критичкото пишување во уметноста и културата- градење на критичко социо-културно размислување во јавната сфера”
Работилница предводена од Ана Вујановиќ
Целта на работилницата на Ана Вујановиќ е да се истражува и нагласи потребата за одразување широк и комплексен спектар на политичност, кој ја карактеризира секоја уметничка работа како социјален настан кој зазема простор во јавната сфера. За време на работилницата ќе се истражува овој феномен, но и ќе се направи обид да се разјасни што значи и што би можела да значи политиката во современата уметност. Затоа, целта на Вујановиќ не е да ја застапува политичката уметност, ниту пак да ги двои уметничките дела на политички ангажирани и ларпурлартистички. Во овој случај политиката се набљудува како интервенција на уметничката практика или работа во јавната сфера, стремејќи се кон редистрибуција или оспорување на нејзината постоечка конфигурација и на деловите. Секој кој се бави со критичко пишување во уметноста и културата денес не може да го избегне прашањето на политичноста на современата уметност. Како и да е, тоа е амбивалентна тема: политиката е едно од клучните прашања на критичката уметност денес, во неолибералниот капиталистички контекст, каде што политиката како специфична општествена практика исчезнува од јавната сфера и каде што нематеријалното и пост-фордовското производство цврсто ги врзува praxis-от и poiesis-от на макро-социјалната скала.
Од теоретската гледна точка на Вујановиќ, политичките аспекти можат да бидат изведени и анализирани не само во регистарот (а) на содржината на уметничката работа – што е добро позната традиционална гледна точка – туку исто така во регистрите (б) на нејзиниот медиум или форма – како што нѐ учи пост-структуралистичката теорија – и (в) нејзините услови и процедури на работа – што е аспект кој произлегува од актуелната политичка економија, и кој не е во голема мера теоретизиран во полето на уметноста.
Повеќето примери за анализа ќе бидат земени од изведувачките уметности и активизмот, додека централниот случај за дискусија ќе биде изложбата Архиви на насилство.
25 – 26.11.2016
“Дигитална библиотека/Моја архива: од корисник до аматер-библиотекар”
Работилница предводена од Марсел Марс и Томислав Медак
Како се дигитализираат книги, списанија и архивски документи? Каде може да се најдат електронски книги, списанија и документи? Кој е најдобриот начин да се организира нечија електронска колекција на архиви? Како се споделува истата? На кратко, како да се стане добар архивар и библиотекар? Како најдобро да се користат документите и публикациите во моите истражувања? Како се креира библиографија и како се создава збир од цитати?
Ако се соочуваш со вакви и слични практични грижи, те покануваме на работилницата „Моја дигитална библиотека/архива“. Ќе ви го прикажеме процесот на дигитализирање, создавање и споделување на дигитална колекција и притоа ќе ви помогнеме да го организирате вашиот истражувачки процес со дигитални документи и архиви. Донесете го вашиот компјутер и, доколку користите, вашиот e-book ридер.
24.11.2016
Симпозиум Јавна Библиотека /Меморијата на светот
Јавна Библиотека /Меморијата на светот – проект на Томислав Медак и Марсел Марс
http://www.memoryoftheworld.org
Кога доминaнтната идеја за слобода во едно време е онаа која е регулирана од пазарот, колективниот капацитет за стремеж кон автономија, еднаквост и развиток е сведен на ниво на слобода на конкуренцијата и слобода на потрошувачкиот избор. Под притисок на пазарот и со својата немоќ да го хармонизира значењето на демократската еднаквост со глобалната слободна трговија, слободата на новинарството се преобразува во корумпирани медиуми кои служат како соработници на корпоративните и политичките интереси; слободата на изразувањето се изобличува во официјално прифатениот говор на омраза; слободата на истражувањето и образованието во вртоглаво високи школарини, додека пак ризичниот, храбар академски труд се извитоперува во интелектуално само-цензурирање. Во едно такво време, кога доминантната идеја за слобода во едно место е онаа за самопотврдување и етничка доминација, како што е случај во земјите на бивша Југославија, тогаш корумпираните медиуми, општо прифатената дискриминација и самоцензурата ги затвараат очите кога се исфрлаат книги од библиотеките, кога документи исчезнуваат од архиви и споменици се дигаат во воздух, со цел да се избрише колективната меморија на еманципаторното минато и одново да се напише историјата.
Јавната библиотека како институција е во амбивалентна позиција со доминацијата на пазарот и на нацијата. Потекнувајќи од буржоаските и пролетерски револуции на 18. и 19. век, оваа институција како таква постепено се формира во граничната зона на процесот на капиталистичкиот развој. Со овозможување на де-комодифицираниот пристап кон културата и знаењето, јавната библиотека ја ограничува моќта на пазарот да одлучува на кого ќе му биде одбиен пристапот кон усовршување и образување, како и дали ова знаење ќе биде во служба на континуираната доминација или трансформација на светот.
Уште од своите почетоци, јавната библиотека нуди едно утописко ветување дека целата меморија на светот ќе стане достапна на сите членови на општеството, кое со ширењето на интернетот делува како да станува скоро остварливо. Но сепак, паралелниот подем на дигиталниот капитализам и на вгнездувањето на национализмот екстремно ја ограничува оваа институција во стремежот кон нејзината еманципаторска мисија, понекогаш наведувајќи некои премногу ревносни библиотекари да извршат дела на систематско идеолошко прочистување. Ова доведува до создавање на одреден број на рефлексивни дигитални архиви и библиотеки креирани од интернет заедниците, често со најотворено непочитување на законите за авторски права и на доминантната идеологија на национализмот. На таков начин, тие овозможуваат пристап до знаењето за сите и сочувување на колективната меморија таму каде на јавните институции не им било дозволено тоа да го направат или потфрлиле во истото.
“Од сеќавање за насилството до методи на насилен заборав”
Предавање на Сања Хорватинчиќ
Мноштвото споменици од втората светска војна изградени во Социјалистичка Југославија беа посветени на паднатите партизани – членови на народната ослободителна армија- и цивили, жртви на фашистичкиот терор, создадени од неколкуте окупации и колаборационистички воени формации на територијата на поранешна Југославија. Самиот поим – фашистички терор, во опозиција со генералниот термин фашизам – јасно реферира на специфичен историски настан и метод на насилство којшто во тие случаи се применувал. Спомениците од овој тип, не се само придружувани со објаснувања, епитафи и долги листи на имиња на жртви, туку тие и често се карактеризираат и со визуелни и/или симболични репрезентации на овие настани, и на тој начин преку траен и комуникативен трансфер го пренесуваат колективното сеќавање на идните генерации. Овие репрезентации, во распон од дескриптивни фигуративни композиции до симболични форми, коишто потекнуваат од вербата во универзална, хуманистичка порака на модерната уметност.
Во првиот дел од предавањето, ќе претставам краток преглед на стратегиите коишто се вклучени во репрезентацијата на различни трауматски сеќавања на насилство во формат на меморијална скулптура и архитектура, додека пак во вториот дел, ќе дадам преглед на вообичаените методи и нивното уништување, бришење и иделошка “неутрализација” во пост-социјалистичкиот контекст – од насилните актови на директно физичко уништување и преместување, преку деконструкција на соодветните едукативни платформи (специјализирани музеи и колекции), до речиси невидливите, но моќни методи на долгорочниот институционален ревизионизам во полето на заштита на културното наследство.
“Архивирање на сеќавањето и знаењето: Воените злосторства во Југославија 1941-1945”
Предавање на Милан Радановиќ
Предавањето ќе се одвива во два дела. Првиот и пообемен дел ќе ги разгледува колекциите на архивските институции низ Југославија во коишто е содржана документацијата на воените злосторства направени за време на Втората светска војна. Целта е да се објасни како се создадени овие колекции, кои беа институциите кои ги создадоа и која е целта на овие колекции. На кратко, во 1944 година Владата на партизанскиот отпор формира комисии во сите федерални региони на земјата со мисија да собира информации за воените злосторства извршени од страна на окупаторските сили и нивните соработници. Документацијата собрана од страна на федералните и регионалните комисии опфаќа неколку стотици илјади документи и содржи информации за поголемиот дел од воените злосторства извршени од страна на сторителите. Оваа документација сè уште не е доволно истражена. Најзначајна меѓу овие збирки е колекцијата на Државната комисија за злосторствата извршени од страна на окупаторските сили и нивните соработници депонирани во Архивата на Југославија (Белград), којашто содржи информации собрани од цела Југославија. Слични, иако помали се збирките на регионалните комисии депонирани во централните државни архиви на сите поранешни југословенски републики. Со оглед на тоа што јас претежно ја истражувам колекцијата на Државната комисија и колекцијата на Регионалната комисија за злосторствата извршени од страна на окупаторските сили и нивните соработници во Архивот на Србија (Белград), најмногу време ќе посветам во презентирање на овие збирки. Исто така ќе презентирам и две збирки кои се чуваат во Историскиот архив во Белград: документи на Специјалната полиција и документи на Гестапо во Белград. Овие две колекции се содржат околу 17.000 досиеја на лица кои биле интернирани и се предмет на репресија во Белград и низ други места во Србија. Исто така ќе разгледам до кој степен информациите содржани во документацијата на вооружените сили на Хрватската државна самостојност (НДХ) и на Третиот рајх, кои се чуваат во Воениот архив во Белград, се релевантни за истражување на воените злосторства и нивните сторители.
Во вториот дел од моето обраќање ќе ја разгледувам он-лајн дата-базата на интернет страницата znaci.net: начинот на којшто таа е креирана, како е структурирана и која била намерата на нејзиниот креатор во создавањето и структуирањето на колекцијата. Ќе подвлечам дека овој веб-сајт е најголемата он-лајн дата-база на информации за воените злосторства во Втората светска војна на територијата на Југославија. Акцентот ќе биде ставен на податоци коишто се однесуваат на воените злосторства.
Биографии:
Марсел Марс (Ненад Ромиќ) е истражувач на културата и социјален поттикнувач кој се застапува за слободен софтвер. Тој е еден од основачите на Мултимедијалниот Институт – mi2 и net.culture club MaMa во Загреб, и е член на тимот на Creative Commons во Хрватска. Редовно држи работилници како ‘’Програмирање за почетници’’ и предавања на теми како хакирање, филозофија на слободен софтвер, собири на заедници за добри каузи, забушавање, правење ништо, глупави/умни бизнис модели на музичките индустрии, социјален софтвер и семантички веб. Во последно време Марсел се залага и работи на проектот он-лајн “Јавна Библиотека”. Тој пее, танцува, раскажува приказни и создава музика како Ненад Ромиќ за Novyi Byte.
Томислав Медак студирал филозофија, германски јазик и литература на Философскиот факултет во Загреб. Во фокус на неговите теориски интереси лежат констелациите на современата политичка филозофија, теорија на медиуми и естетика. Од 2000 година ја координира теориската програма и издавачките активности на Мултимедијалниот институт МАМА (Загреб, Хрватска). Тој се застапува за слободен софтвер и е член на Управниот Одбор на хрватскиот Creative Commons тим. Тој е член и на урбаната активистичка иницијатива Право на Град, Загреб и работи со загрепската театарска група BAD.co како перформер, драматург и директор.
Ана Вујановиќ е независен културен работник во полето на современите перформативни уметности и културата. Таа е доктор по драмски студии. Член е на уредувачкиот колектив TkH [Теорија која хода], теориско-уметничка платформа од Белград и е главна уредничка на TkH списанието за теорија на изведувачките уметности. Особена нејзина заложба и посветеност е да ја зајакне независната (културна) сцена во Белград и поранешна Југославија. Како драматург и ко-авторка таа учествува во уметнички проекти кои ги опфаќаат полињата на перформанс, театар, танц и видео/филм. Во моментов работи на независен истражувачки проект насловен како: Performing the Self in the 21st Century, заедно со Бојана Цвејиќ и Марта Попивода од TkH.
Сања Хорватинчиќ е историчар на уметност, во моментот докторант на универзитот во Задар и работи како истражувачки асистент на Институтот за историја на уметност во Загреб. Таа е извршен уредник на списанието Život umjetnosti, и член на тимот на научниот проект ARTNET предводен од Д-р Лилјана Колешник. Автор е на неколку научни текстови и држела бројни научни и јавни предавања за споменични скулптури/архитектура во Југославија и Европа по Втората светска војна.
Милан Радановиќ дипломирал историја на Филозофскиот факултет во Белград. Работи на истражувања на теми поврзани со Втората светска војна во Србија и Југославија и прашања поврзани со ревизијата на историјата. Неговиот основен фокус на истражување се воените злосторства извршени од фашистичкиот окупатор и нивните колаборационисти на територијата на Југославија. Има објавено неколку академски текстови и три книги: Места на страдање и антифашистичката борба во Белград 1941-1944; Водич за читање Град (ed. Rena Radle, Milovan Pisarri), Белград, 2013 (коавтор); Ослободување: Белград, Октомври 1944, Белград, 2013; Казна и злосторство: Колаборационистичките сили во Србија: Одговорност за воените злосторства (1941-1944) и воени загуби (1944-1945), Белград, 2015.
Крик 01 – Kontrapunkt (kontrapunkt-mk.org)
Споделено на: јануари 25, 2021 во 3:33 pm