24.04.2018, 20ч.
Македонски народен театар, Скопје
Помеѓу епското и постдрамското – одисеја за излегување од културата на тишината
„Минатата ноќ ја сонував стварноста. Какво олеснување кога се разбудив!” , Станислав Лем
Текст: Искра Гешоска
Добредојдовте во просторот каде што ве пресретнуваат множествата на неугодното во културата, во кој сте приморани конечно да се соочите со порозноста на фрагментираниот, распарчениот, одземениот, украдениот живот, во просторот каде што никој нема да ве поштеди прикривајќи го зад некоја флоскула или билборд фактот дека нашите постранзициски, неолиберлани, капиталистички животи се мачно и опасно мноштвени, каде што привидот и стварноста се секогаш рака под рака, каде што гневот, љубовта, стравовите, дилемите, одлуките, прашањата, одговорите, крстосниците, патеките, солзите, насамевките, посакуваните сништа и ноќните морења се стекуваат како силен и моќен водотек. Добредојдовте во она „не-место“ на флуидната модерност, кое се поставува како референтна точка за утопијата на театарот која станува материјална рефлексија на „политиките“ на животните копнежи, ‘рвања, самувања, разидувања и можни пронаоѓања.
Дејан Дуковски и Срѓан Јаниќијевиќ, како и сите автори и духови кои се движат низ ова сценско патување, исцртуваат драматуршка, перформативна, звуковна и визуелна конструкција, која ни укажува дека театарот има одговорност да се појави за да ја искомуницира и искоментира општествената, политичката, историската реалност преку интимните психодинамски, емоционални и интелектуални животни параболи, преку драмските ситуации и конфликти кои ќе понудат рефлексија за некоја можна, нова реалност, што ќе го претстави сеопфатното, повеќеслојното и повеќезначното лице на светот и на релациите во него.
Животот е фабрика за лешеви. Секој во себе ја носи сопствената смрт, од која всушност сака да побегне. Во логорот во кој се наоѓаме ние сме лешеви чиј живот е понижен во сериска продукција. Не постои друг начин да се излезе од наметнатиот, но и од внатрешниот логор, освен преку протестот, преку револуцијата.
„Дух“ е претстава која нѐ поставува ничкум превртени помеѓу епскиот и постдрамскиот театар. А тоа е така затоа што ова е претстава која созадав мапа на која Брехт и Шекспир можат да ги вкрстат своите патишта, на која Хамлет, Робеспиер, Мара се содружници и присутни вон временските рамки, но во синхорницитет со своите утопии. На оваа сценска мапа тие се длабоко вкоренети како наши современици низ директните, но редефинирани и реконтекстуализирани референци во самиот текст на Дуковски, но и низ режисерскиот манифестен гест на Јаниќијевиќ. Тоа е мапата на отпорот, на протестот, на соочувањето со гнилоста и нужноста да бидеме во постојана, често болна, а неретко и крвава конфронтација со светот во кој го живееме привидот на нормалноста. Тоа е мапата на која постои нов сообраќаен патокоз на кој е испишан и понуден „отворен повик“ за радикалната промена. Авторите ни ја исцртуваат можната картографија на револуцијата во нејзиното слободно толкување, револуцијата како нужен напор во кој ќе се концентрираат љубовта, копнежот, солидарноста не како миг на нужноста, туку како наша континуирана состојба. Духот кој едновремено нѐ прогонува и ни шепоти дека ние сме самиот тој, со сета негова обестелеснетост, е она место каде што птиците успеваат да му се доближат на небото најблиску што можат, раскрилувајќи се во најголемиот распон кој нивните, често поткршени крилја, можат да го имаат, обидувајќи се да го поместуваат постојано небесниот хоризонт. Тоа е местото на кое успеваме да стекнеме храброст за да ја досегнеме барем за миг слободата со која ќе исчекориме од културата на тишината и на безусловното прифаќање на секој акт на неправда, што плутократијата го произведува, а во кој ние вратоломно тонеме како во црна дупка, како во дупло дно кое нема крај.
На сцената се случува ултимативен исчекор, отклон, пречекорување, субверзија, консензус кој говори дека само дисензусот, само разногласието може да доведе до промена и да го врати одамна загубеното чувство на припаѓање. Од слика во слика, авторите создаваат контекст кој од замолчени ве поттикнува да станете храбри говорници. Од бездејствителни да станете двигателен мотор на граѓанската и општествената турбина. Болката е соголено споделена, искомуницирана, а со тоа општествено индуцираната кома добива шанса да биде залечена. Авторскиот тим на „Дух“ нуди иљач за можно заздравување на раните од кои постојано капе крв. Оти, она што се случува на сцената ве провоцира да прокрварите за да може да се соочите со телсната повреда, со „политиките на незамисливото“, со дистописките димензии на вашиот живот. „За да разговараме треба крв да прсне на сите страни.“, се изговара од сцената. И тоа е, се чини единствената опција за тишината и за приватното шепотење да се преобразат во говор кој ќе менува, ќе создава нови наративи. Токму заради ваквиот свој капацитет, сценското вообличување на „Дух“ може да се нарече политичко тело кое покажува иницијатива да поставува коридори, капии, исчекори помеѓу светот и „другата сцена“, која треба да ја создаваме заедно.
Па, така со пулсот на сцената, сите го живееме она внатрешно искуство преку кое индивидуата, заедницата и општеството создаваат прекин со очекувањето и субверзивно, низ пародсиката постапка, низ гротескното како алатка, го потенцираат отсуствата на значењата по кои копнееме. Во привидот на редот (визуелен, мизансценски, концепциско режисерски и драматуршки) постои екстаза и анархија на болката, кои се прецизен указ за девастацијата на вертикалите кои ги немаме повеќе. Сведочиме и ја прифаќаме траумата како едновреман фикција и како дословна телесност.
„Дух“ е тетар кој наликува на архитектура. Во него сте како во совршено изграден објект во кој сте безбедно ситуирани и чиишто ентериерен распоред ви дозволува непречено, смело и без сомнеж да се движите низ сите дилеми, прашања кои се дел од актуелниот општествен гнилеж, што ги загадува нашите интимни кралевства, што како буништа шират реа, која како да не ја ни забележуваме, сѐ додека не предизвика клеточен хаос и канцер.
На сцената едновремено се именува светот, онаков каков што го живееме но се нуди и сликата на неговиот двојник, кој често го игнорираме, а кој е парадигма за насилство, рана, повреда, отсуство на животот во неговата утопистички замислена појавност како искуство на слободата и правдата.
Помеѓу насилството и бруталноста на натурениот свет, постои обидот да се разбере животот како неканонско практикување на емоционалните, социјалните интелектуалните заобиколници на љубовта. Дуковски и Јаниќијевиќ, секој низ својот медиум, поткрепени во синергија со сценографијата, костимите, музичките и звучните интервенции и со актерските читања, успеваат да го направат невозможното – да покажат дека нашата љубов, денес и овде, слично како и нашиот страв, можеме да ја сметаме за еклектична, колажно-монтажна, присобрана од некој филм или книга, но сепак единствена алатка во борбота, во отпорот. Станува збор можеби навистина за хамлетовско „лудило со метод“, но од сцената манифестно се упатува дека немаме друг излез освен стравот да го преобразиме со, низ и во љубовта. Во базата на емотивниот регистер, чии високи фрекфенции само стравот може да ни ги разбуди, се крие нужноста која ја именуваме како љубов.
„Дух“ е одисеја низ слики и текст, која нѐ води во современиот самрак обележан со стварноста во која сме, што нѐ проголтува. Ова е претстава за една преобразба – преобразба на историските референци, на копнежите кои не се промениле со милениуми, на солзите кои со векови ги проголтуваме, на стравот во љубов, на болката во протест. Драмскиот текст и режисерската постапка не се само артефакти туку и мотор што произведува низ симпотоми кои стануваат погон кој ја покренува незаприливата дијалектика на секое значенско, естетско, идеолошко прелевање од уметноста во животот од живот во уметноста.
Сцената е во постојана трансгресија, налик на авангардните трансгресии. И тесктот на Дуковски и неговата сценско-концепциска разработка која бескрајно прецизно ни ја пласира Јаниќијевиќ се во постојан отклон, субверзија, пародиско подражавање, болни фрагментирани прекини, мисловни и емоционални шокови и експерименти кои всушност се парчиња од сонот но и од дилемите за револуцијата, за нужноста од неа. Сите, преку комплексниот сплет на релации, наративи кои се преслика на сите општествени гнили точки, но и на интимните копнежи кои немаат реален објект во стварноста, стануваме и Хамлет и Робеспиер и Мара и сме повикани на одговорност да ја фрлиме ракавицата во грдото лице на доминантните олигархиски модели и парадигми на моќта кои го разјадуваат телото на општеството. Приказот на црвјосаното општествено тело е критичката субверзија на авторите кон егзистенцијалните, политичките, интимните, заедничките динамики и модели на оденсување.
Подгответе се за субверзија на наративниот, интимниот и колективниот поредок кој станува мапа на можни граматики, значења во различните контекстуализации. Авторите ви ја даваат слободен но и одговорноста како спектатор да толкувате, да соучествувате во менувањето на светот.
22.04.2018
Скопје, некаде и никаде…
Претставата се реализира во соработка со Контрапункт, а е финансиски поддржана од Општина Центар.
Автор: Дејан Дуковски
Режисер: Срѓан Јаниќијевиќ
Улоги:
Мара – Гораст Цветковски
Кирил, банкарот – Никола Ацески
Никола, таткото на Марa – Емил Рубен
Аспасија, мајката на Мара -Тања Кочовска
Жанко, братот на Мара – Ивица Димитријевиќ
Марија, жената на Мара – Тина Трпкоска
Попот – Оливер Митковски
Милена, ќерката на Мара – Матеа Јанковска
Николај – Сашко Коцев
Жозефина – Нина Деан
Месарот – Јордан Симонов
Волкот – Тони Михајловски
Пијано: Надежда Рубен
Гитара: Ивица Димитријевиќ
Извршен продуцент: Виктор Рубен
Сценограф: Велимир Жерновски
Костимограф: Лидија Георгиева
Музика: Надежда Рубен, Срѓан Јаниќијевиќ и Ивица Димитријевиќ
Дизајнер на звук и звучни ефекти: Илија Цветковски
Дизајнер на светло: Илија Тарчуговски
Инспициент: Никола Кимовски
Фотограф: Кире Галевски
Дизајнер на плакат: Зоран Кардула
Суфлер: Тања Ивановска
Раководител на работилници: Татјана Христоска
Вајари: Ангел Петровски и Дарко Базерко
Светло – мајстори: Дарко Младеновски, Игор Ѓеоргиев и Горјан Темелкоски
Тон – мајстори: Симон Кипровски и Ненад Трпеноски
Манипуланти на горен и долен погон: Трајче Тасевски и Васко Бојаџиски
Видео оператор: Филип Петровски
Графички дизајнер на програмка: Димитар Димитров
Гардеробери: Валентина Чонкова, Скендер Бериша и Весна Ковачевска
Реквизитери: Соња Крстевска и Лазо Миев
Шминкери и фризери: Бранка Пљачковска и Моника Грковска
Декоратери: Мартин Китановски, Срѓан Павловски, Саво Ивановски и Дејан Стамчевски
Споделено на: февруари 24, 2021 во 3:39 pm