Архиви на насилство

 „Лаборатории на параестетичкото – ревоспоставување на политичкото“ „Лаборатории на параестетичкото – ревоспоставување на политичкото“ е ресидентна...

 „Лаборатории на параестетичкото – ревоспоставување на политичкото“

„Лаборатории на параестетичкото – ревоспоставување на политичкото“ е ресидентна програма од интердисциплинарен карактер. Целта е да се создаде лабораторија, експериментално опкружување кое ќе ги истражува парадигмите на моќта, еманципаторското разгранување на политичкото и естетското преку кој  комуницира со сите репресивни форми во јавниот домен на нејзините граѓани: образовно, социјално, културно , политички и медиуми.

„Архиви на насилство“

2015 – 2016

​Низ овој резиденцијален модул (во чии рамки ќе се одвиваат повеќе предавања и семинари во периодот на 2015/2017 година) ќе се истражува и презентира процесот на архивирање на насилството во 20 и 21 век. Насилството сфатено дискурзивно, теориски, мислечки, а артикулирано преку разни уметнички практики. Едно од основните прашања ќе биде како преку испитување на практиките на моќта и на насилството да ги разликуваме препознаваме и архивираме карактеристиките на политичките манифестации на заедницата и на субјектот, она што ја овозможува неговата егзистензија во услови на интелектуална, творечка и политичка репресија. Кои се перформативите на насилие во мултикултурни политички некултивирани средини. Како моќта и потчинувањето стануваат дискурзивен услов во артикулацијата на секое „ние“.

 „Лаборатории на параестетичкото – ревоспоставување на политичкото“ претставува резиденцијален концепт од интердисциплинарен карактер. Целта е да се понуди модел на лабораторија, на експеримент, кој ќе ги истражува парадигмите на моќта, еманципаторските разгранувања на политичкото и на естетското во патеката која комуницира со сите репресивни облици врз граѓанството: обрaзовниот, социјалниот, културниот, политичкиот и медиумскиот.

Во социо-културниот контекст каде што се случува целосна девастација на политичката култура и недостиг на дијалог внатре културните формации и различните културни идентитети и практики, нужно e формирањето на јадро кое критички ќе ги преиспитува можностите и границите за формирање на оние формати на комуникациски алатки и вредности кои ќе бидат база за понатамошни дискурзивни, но и оперативни, активистички, социо-културни и политички артикулации на и во јавната сфера. Македонија станува сè поизолирана и поретроградна на социо-културен, образовен, медиумски план и во однос на источно-западниот регион и во однос на ЕУ семејството. Особено, загрижувачка е состојбата во однос на практикување на критичко мислење, критичка теорија, дијалошки концепт во читањето на политичките и уметничките практики, како и во однос на пошироката социо-културна динамика.

Во недостиг на знаења (knowledge) кои ќе упатат на тоа дека уметничката продукција, културниот капитал и политичките перформативи во рамки на самоорганизираните граѓански заедници и рефлекси во агората, мора да се афирмира потребата од хибридност во акциите, особено во општество каде што имаме повеќеслојни етнички и културни идентитети, каде што медиумите и просторот за граѓанско дејствување е деградиран и киднапиран од политичките елити. Неопходно е да формираме континуиран модул каде што ќе се истражуваат и изучуваат можностите на интерферирање помеѓу естетското и политичкото, помеѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката демократизација на општеството, помеѓу граѓанските заедници и медиумските облици на борба. Во политичкото миље каде што речиси целосно стануваат испразни од значења и содржина сите основни, дигитални комуникациски формати за пренос на информации, за градење заедници на активна размена на знаењата, нужни се модели кои би промовирале критички дијалог, нови форми на пласирање и ефектуриање на знаењето, на современата меморија и актуелната историја и постојано преиспитување на општеството.

Параестетичкото подразбира форматирање на мисловни/дискурзивни и активистички експерименти во сферата на хибридното уметничко и политичко дејствување. Како да се воведе деконструкција и делегитимизација на системски догматските макроестетички системи кои секако го обликуваат политичкото. Со параестетичкиот концепт се обезбедува критика на границите и ограничувањата на затворените политички нормативи во дискурзивното поле. Со параестетичката појдовна точка политичкото се деелитизира и деконструира преку уметничката продукција. Овој концепт ги поставува следните прашања: Како одредени социјални и политички категории  да се мислат во термините на културата и уметничката продукција, и како културната продукција да се мисли во термините на политичкото. Параестетиката ги исцртува филозофските, политичките и историските врамувања со кои социо-културните практики се поврзани. Не е доволна авторефлексивна критичка теорија или естетичка практика туку постојано конфронтирање на политичкото и естетското, конфронтирачка општествена анализа на продукциските односи. Постои нужна потреба фразите на дискурсите на културата и на политичкото взаемно да се поврзат.

Крајниот резултат на ваквиот лабораториски концепт е формирање платформа за употреба на уметничките практики во критичко преиспитување на идеолошките, социјалните, политичките дискурси.

 

6 ноември 2015, 19:30 ч., ГЕМ Клуб

Гералд Рауниг, „Машинистички капитализам, поделеност и насилство“

(Предавање)
7 ноември 2015, 12:00 – 17:00 ч.

Гералд Рауниг, „Трансверзален интелект и поделено пишување“

(Семинар)

„Архиви на насилството- генеалогија на отпорот“

семинари и јавно предавање

Борис Буден и Петар Милат

јануари 2016, Скопје

Семинарите се дел од резиденцијалниот модул наречен „Архиви на насилството- генеалогија на отпорот“, во организација на Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики.

Резиденцијалниот модул пак е дел од поширокиот концепт „Лаборатории на параестетичкото“ кој Контрапункт го креираше во рамки на проектот „Проширено естетско образование“. Низ овој резиденцијален модул ќе се одвиваат повеќе предавања и семинари во периодот на 2015/2017 година. Истражувачкиот модул „Архиви на насилство“ којшто Контрапункт го започна во 2015 година, има за цел да го истражува и презентира процесот на архивирање на насилството во 20 и 21 век. Насилството сфатено историски, социо-културно, дискурзивно, теориски, критички, а артикулирано преку разни уметнички практики.

Во оваа втора фаза, фокусот на истражувањето ќе биде ставен на истражување на односите помеѓу насилието и отпорот. Како ќе се обликува социо-културниот контекст преку феномените на обликување на отпорот во дискурзивните пори на општеството но и во директните политики и уметнички практики. Дали во услови на граѓанска амнезија и социо-културно и државно насилство може да се обликува нова форма на отпор кон постоечките системи на мислење и политичко дејствување. Со овој модул ќе се истражат формите на баланс и вземност помеѓу отпорот и покорувањето, разните формати на ирзазување во социо-културниот простор, преку кои субјектот се поставува како столб на судирот во човековата политичка и уметничка продукција.

СЕМИНАР #001: Борис Буден

“Мислејќи го насилството: Границите на ретроспективитетот”

27 Јануари 2016 | 18:00-20:00 ч. | ГЕМ Клуб, Скопје

Оние кои го разгледуваат насилството низ архивистичкиот концепт, можат да бидат втурнати во неразбирање на светот кој го живееме како пост-насилен, а кој очигледно не е тоа. Не само што насилството е сеприсутно денес, туку тоа насекаде се пројавува во својата креативна моќ, менувајќи го радикално глобалниот политички пејзаж, па, дури, и дефинирајќи го хоризонтот на нашите пост-историски можности. Сепак, ние го согледуваме насилството само низ трагите кое тоа ги оставило зад себе. Зошто гледаме на насилството како на контемплативна форензичка ретроспективност, а не, на пример како на практичeн трансформативeн критички потенцијал за нашите главни рефлексивни алатки кои ќе се справат со насилството денес? Ова ќе биде прашањето кое ќе се обидеме да го одговориме во рамки на семинарот.

СЕМИНАР #002: Петар Милат

„Предизвиците на моќта и отпорот“

29 Јануари 2016 | 18:00-20:00 ч. | ГЕМ Клуб, Скопје

Истражувајќи ги траекториите на насилството, еманципацијата, моќта и отпорот ќе се отворат прашањата на нивното генеалошко вкотвување во современата политичка теорија кај Фуко и Агамбен. Воедно, ќе се направи обид да се конкретизира прашњето на генеалогијата врз концептуалните фигури кои го претставуваат отпорот преку исчитувањето на политичко-филозофските перспективи на Бадју (Св. Павле), Делез (Бартелби) и Диди – Хаберман (филмот „Сауловиот син“ на Ласло Немец).

Низ семинарот се испитуваа неколку клучни прашања меѓу кои и како преку еманципацијата на отпорот да се трансформира нематеријалниот свет околу себе?

ЈАВНО ПРЕДАВАЊЕ: Борис Буден

„Насилството во пост-историското доба“

Дискусија по предавањето со Борис Буден и Петар Милат

28 јануари 2016 |19:00ч | ГЕМ Клуб, Скопје

„Секогаш историзирај!“, уште одамна советуваше Фредрик Џејмсон, проблематизирајќи ја и расправајќи за претпоставката дека историјата треба да биде оној ултимативен хоризонт за разбирање на светот и на нашите акции со кои сакаме да го промениме. Но, како да „историзираме“ во доба кое со гордост се нарекува „пост-историско“? Како да ја откриеме историската логика на феноменот каков што е насилството, ако историјата не е ништо друго туку кошмар од кој за среќа успеавме да се разбудиме? Некогаш, кога историјата постоеше, насилството беше согледувано како нешто што е поттикнато од општествените конфликти и објаснето врз основа на политички причини. Тоа беа времиња кога војната сѐ уште беше „продолжение на политиката со други средства“. Денес, кога говориме за насилството станува збор повеќе за логика обликувана од културата, која креира своевидно „рационално“ насилство. Ние гледаме во неговите последици и ефекти од моралистичка ретроспектива, како да е прашање на нашето минато и како да е чист објект на нашата меморија. А, сепак, насилството е наша современост. Згора на сѐ, насилството, токму сега, ја обликува нашата иднина. Зошто ли сите ние тоа не можеме да го видиме?

Биографии:

Гералд Рауниг е филозоф, теоретичар на културата кој ги истаржува врските помеѓу политиката – уметноста – културата; Работи во Zürcher Hochschule der Künste и во eipcp (Европски институт за прогресивни културни политики); член на уредувачкиот одбор на повеќејазични издавачки платформи  како transversal texts и списанието Kamion. Неговите книги се преведени на англиски, српски, шпански, словенечки, руски, италијански и турски.

Понови објавени книги на англиски јазик: Уметност и револуција. Трансверзален активизам во долгиот дваесетти век, во превод на Aileen Derieg, Њујорк/Лос Анџелес: Semiotext (e)/MIT Press 2007 година; Уметноста и современата критичка пракса. Преобмислување на институционалната критика, Лондон: mayflybooks 2009 (Ур. со Gene Ray); Илјада машини, во превод на Aileen Derieg, Њујорк / Лос Анџелес: Semiotext (e)/MIT Press 2010 година; Критика на креативноста, Лондон: mayflybooks 2011 година; (Ур., со Gene Ray и Ulf Wuggenig); Фабриките на знаење, индустрии на креативноста, во превод на Aileen Derieg, Њујорк/Лос Анџелес: Semiotext (e)/MIT Press 2013.

Претстојни книги: DIVIDUUM. Механичкиот капитализам и молекуларната револуција, Vol.1, во превод на Aileen Derieg, Њујорк/Лос Анџелес: Semiotext (e)/MIT Press, 2016.

Борис Буден е писател, критичар на културата и преведувач. Студирал филозофија во Загреб и докторирал во областа на Културна теорија на Хумболт универзитетот во Берлин. Во текот на 1990-те е еден од уредниците и публицисти во списанието Аркзин, Загреб. Неговите есеи и текстови покриваат теми од филозофијата, политиката до културна и уметничка критика. Меѓу неговите преводи на хрватски јазик се вбројуваат и две значајни книги од Сигмунд Фројд. Негови текстови се објавени во бројни печатени изданија вклучувајќи ги и BAK publication Concerning War: A Critical Reader in Contemporary Art (2006/2010) and Art and Contemporary Critical Practice: Reinventing Institutional Critique (2009). Буден е автор на следниве книги: Барикади, Загреб 1996/1997, Шахтата од Вавилон: Дали културата е преводлива?, Берлин 2004, (Вавилонска јама, Белград 2007), Превод: Ветувањата на концептот (со Стефан Новотни) (2008) и Зона на транзиција: За крајот на посткомунизмот, Белград 2012. Во моментов Буден е гостин –  професор на Факултетот за Дизајн и уметност, Баухаус Универзитет, Вајмар. Тој живее и работи во Берлин.

Петар Милат е еден од најзначајните филозофи на поновата генерација, кој својот фокус го става на истражувањата поврзани со интерференциите и критичките релации помеѓу политиката, моќта, наложеноста, дисциплината и уметноста. Главен програмски координатор на култниот Мултимедијален институт во Загреб, МаМа. Ги координира издавачката, музичката и филмската програма на институтот. Од 2008 година е директор на Филмскиот фестивал за човекови права во Загреб. Нексусот на нормативните и општествените теории го претставува главниот фокус на неговите истражувања. Повеќе можете да погледнете на неговата лична веб страница www.zoeforward.org

.

***

„Проширено естетско образование“ е продолжение на соработката помеѓу пет истакнати организации коишто работат на полето на современата уметност, теорија и рефлексија, и општествена акција: Мултимедијални институт, МаМа (Загреб), kuda.org, (Нови Сад), Контрапункт, (Скопје), Berliner Gazette (Берлин) и Културтрегер (Загреб).

Проектот „Проширено естетско образование“ е финансиран со средства на Европската комисија, во рамки на програмата Креативна Европа, Гете-институт канцеларија за врски-Скопје и  Министерството за Култура на РМ.

Овој настан се реализира во соработка со ГEM и Агенција за Сериозни Интереси.


Споделено на: февруари 24, 2021 во 3:43 pm