КРИК 07 : : ВО ПОСТОЈАН ОТПОР : :

Седмото издание на КРИК - фестивал за критичка култура, во својот фокус има широк спектар на...

Седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, во својот фокус има широк спектар на формати низ кои ќе се обидеме да ги артикулираме темата и потребата која сметаме дека ни е приоритена особено во овие времиња кога натежнуваат многу од основните прашања забележани како придобивка на современите цивилизациски придобивки: демократија, солидарност, создавање заедници. Овогодинешниот КРИК 07 го насловивме : : ВО ПОСТОЈАН ОТПОР : : истражувајќи ги и промислувајќи ги критичките и автономните стратегии на отпор, низ лепеза на уметнички, мисловни, разговорни, теориски формати. Стратегиите на заеднички и индивидуален отпор ни се чинат исклучително важни како начин на живеење во времињата кои непрекинато ни приредуваат нови предизвици. Со пандемијата навлеговме во нова војна и продлабочување на економската, општествена и политичка криза во која мораме повторно да ја пронајдеме патеката низ која достоинствено и со интегритет ќе се движиме понатаму, индивидуално и колективно.

КРИК 07 ќе започне во месец јуни, а својата програма ќе ја продолжи и во есенските месеци.

ВО ПОСТОЈАН ОТПОР
Стабилноста е привремена, конфликтите се вечни. Конфликтноста и нестабилноста на состојбите, во овој контекст, никако не се сфатени како трепетен деструктивен немир, туку како непрекинато создавање на критички перспективи, кои се единствениот начин да се артикулира слободата во концентрични кругови на единството на различностите. – Јулија Кристева

Целиот живот е уметност, вештина, техне на соочување со загубата. Целиот живот е совладување на уметноста на губењето. Учиме како да се справиме со загубата на денот, на ноќта, на љубовта, на пријателствата, на заедницата, на самоста, загубата на правото да припаѓаме, загубата на слободата, загубата на идеологиите, на општествените и политичките модели во кои сакаме да веруваме. Се губиме себеси копнеејќи да се најдеме во другиот, во заедницата, во огледалото на групата, во негативот. Во изминатата декада, а особено во последните две години се соочуваме со копнеж по она што не сме го досегнале, што сме го напуштиле, што нѐ напуштило, сон за она што доаѓа а кое ни е попривлечно од она што сме решиле да го избришеме од меморијата, да го оставиме во заборавот.

Револт, тага, обезнадеженост и резигнација. Можеби смртта, војната, агресијата, кои ги сведочиме ќе завршат на некој волшебен начин доека сме трепнале со окото. Но, дали воопшто некогаш насилството завршило и дали воопшто некогаш ќе заврши? Двигателниот копнеж, во една психоаналитичка смисла, кај нас е волјата за моќ а не волјата за љубов, за взаемност. Па, оттаму, историјата на човештвото е историја на насилството, на надметнувањето, на раните и повредите. Наративите за слободата, еднаквоста, правдата, интегритетот и невтолпеноста стануваат амблемски, декоративни.

Повторно, веќе никој не брои по кој пат, се соочуваме со ентропичното тело на човековите цивилизациски придобивки. И повторно, сведочиме дека под итно ни е нужен дисензус, кој ќе води кон перманентен и структуриран креативен политички/општествен отпор, за да можеме да ја потврдиме нашата поединечна одговорност за секое заедничко/колективно страдање. Демократиите, или барем системите врз кои мислиме дека функционираат, се поприлично кревки, ранливи, со стаклени нозе – тие можат да се распаднат за една ноќ и да преминат во смрт и крвопролевање.

Зар не е нашата утопија главен извор на нашата сила? Нашата работа е навистина утописка и таа треба да биде таква. Она што треба да се менува не е прво овој, а потоа оној детал, туку структурата на институциите, темелите на политичките програми, опходувањето во однос на политичкото.

Културните и уметничките практики, втемелени длабоко во едновремениот отпор и во создавањето на алтернативни општествени, политички текстови и јазици, директно ја проникнуваат, анализираат, аргументираат и толкуваат застрашувачката слика која денес ја живееме – еколошката смрт, ресурсната неодговорност, човековото унижување, био-политичките ентрописки слики – обидувајќи се да се обликуваат себеси како политички субјект кој може да интервенира во понатамошните текови и промени поврзани со општественото тело.
Да постоиш, значи да не се покоруваш на некој наметнат, втолпен модел, па дури тоа да биде и модел на правда и на вистина… Постоењето е географија, атлас на посебности, на различни емоционални и интелектуални пејзажи и топоними… Ние сме поединечни мапи кои можат да се проникнат во заедница надминувајќи ги унифицирачките модели за животот, љубовта, мислењето, утопиите, политиките. Но, сепак, постои ли друга смисла освен оваа – да продолжиме да создаваме солидарни и емпатични заедници кои ќе се стават наспрема неправдата, тагата и болката која животот ја носи – Жил Делез

Дилемата која изнурнува од желбата да се забележи, мапира креативната конфронтација со политичките системи на едно време е огромна – како да се артикулира, архивира, дефинира и формулира полето во кое уметноста/креативноста интервенира политички и општествено. Дали интервенцијата е институционална или вонинституционална? Зошто во одредени читање и толкување на општествените динамики имаме помалку или повеќе отклони од вообичаените дискурзивни или протестни изрази и дали се тие доволно ситуирани во потребата на критичката маса?

Секогаш треба да се биде наспроти, но секогаш мора да се мисли организирањето согласно потребата на заедницата. Само во содружништво на она што значи „наспроти“ и на благородните модели на „(само)организирање“ културата може да се реализира како простор на автономија, слобода, одговорност, утопија, критика, отпор, побуна.

Секогаш постои оној речиси невидлив повик за пресврт на вообичаените наративи, вредносно поставени оценки и инертни навики наметнати од некаде горе, од државните и идеолошките апаратуси. Токму она што ни е потребно, а ни се измолкнува од животната прегратка, може да се освои само и само на креативен, уметнички, мета начин, бидејќи, креативноста и уметноста за тоа и постојат – да создадат нова стварност, нови наративи онаму каде што политиката не сака или не може.

ПРОГРАМА
јуни – јули

Резиденцијална програма

8 -10.06.2022, КСП Центар – Јадро
18:30 – 20:30 Семнар со Нејтан Браун „Проширена поетика: романтичното, модерното, современото“

15.06.2022, среда, Музеј на современата уметност
18:00-20:00 Семинар со Синтија Мичел „Вовед во психоаналитичките интервенции на Вили Аполон“


16 – 24.06.2022, Чифте Амам и Скопје
„Мапирање на занаетите во Скопје„ – Работилница со уметникот Билал Јилмаз и кураторката Лидија Хаѕиоану

Јавна програма

21.06. 2022, вторник, Чифте Амам
20:00 – 21:00 Нејтан Браун – „За жал, кутриот Јорик! и „Постоењето на духот е коска“, предавање


23.06. 2022, четврток, Сули Ан, атриум на Факултет за ликовни уметности
20:00 – 22:00 „Гозба или За љубовта” – концептуален, перфромативен дијалог, во духот на Платоновите симпозиуми, каде што критичкото мислење за демократијата, уметноста, љубовта, пријателството и убавото се стимулира со храна и пијалак.

Учествуваат: Славчо Димитров, Никола Маџиров, Ивана Хаџиевска, Милица Пекиќ, Владимир Јанковски, Петар Милат и Елизабета Шелева. Кормилар: Артан Садику

„Гозбата“ ќе биде придружена и со снимени видео матеројали на дијалози за демократијата, од Србија, Косово и Северна Македонија.
[оваа наша „Гозба“ е дел од проектот „Изведување демократија“ које партнерски проект со Киоск (Србија) и Докуфест (Косово)]

24.06. 2022, петок, Даут Пашин Амам
20:00 „Сенката на Бодлер” – промоција на двотомното издание на преводот од француски на англиски на „Цвеќињата на злото“ од Шарл Бодлер, од Нејтан Браун и пропратното изднаие на анализата преведувачот, во разговор со Петар Милат. Книгата е заедничко издание на Мултимедијалниот институт од Загреб и на Контрапункт – Скопје.

30. 06. 2022, четврток, КСП Центар – Јадро
20:00 „Сенката на занаетите – Скопје” – инсталација со светло-сенка-звук на Билал Јилмаз од материјалите собрани преку истражувачкиот процес на мапирање на занаети заедно со Лидија Хаѕиоану.

01. 07, петок, Музеј на современа уметност Скопје
19:00 Презентирање на лејбели од Бугарија Amek Collective & Kontingent Records со Ангел Симитчев, Мартин Луканов, Иван Шентов во разговор со Станимир Панајотов и Ивана Драгшиќ

21:00 Live set Shentov, Simitchiev, Lukanov

Најава на програмата за месеците септември и октомври:

Изложба и промоција на книга на Дубравка Угрешиќ, разговор со Сезгин Бојник, промоција на книга на Артан Садику, изложба и разговор на Шејла Камериќ, во соработка со Тииит!Инк., промоција на книга на Александер Гарсија Дутмман, перформанс и разговор со Феликс Фалцук и Јохана Хершел.

—-

КРИК – фестивал за критичка култура е платформа која се застапува за афирмација нa уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање општествените процеси.
Програмите на КРИК се креирани за да поттикнат во јавната сфера критичка дебата преку која би се промовирал социо-културниот капитал како јадро кое е длабоко поврзано со најрелевантните политички и општествени теми.

—–
Тимот на КРИК – фестивал за критичка култура се: Искра Гешоска, Артан Садику, Петар Милат, Јана Коцевска, Тијана Ана, Станимир Панајотов, Наташа Гелева, Ѓорѓе Јовановиќ. Односи со јавност на фестивалот: Александра Бубевска.

—-

Логистички партнери на фестивалот се: Националната Галерија на Македонија, КСП Центар-Јадро и Музеј на современата уметност

Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа (https://www.mi2.hr/en/) од Загреб

Партнери за 2022 на фестивалот се Киоск од Белград, Центар Мултимедиа од Приштина, ДокуФест од Призрен, Културтрегер од Загреб, Тииит! Инк, од Скопје, Маска, од Љубљана и kuda.org (https://kuda.org/) од Нови Сад..

Особена блгодарност до КОМА (@koma.mk) студио за графички дизајн.

Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Македонија и Allianz Kulturstiftung, Креативна Европа.

Контрапункт и фестивалот КРИК се поддржани од Министерството за култура на Северна Македонија, Гете институтот, Европската Унија преку проектите на Креативна Европа, Re-Imagine Europe и Peripheral Visions. Настанот се реализира во соработка со КСП Центар Јадро.

Ko-финансирано од Европската Унија. Сепак, искажаните ставови и мислења се само на авторот(ите) и не мора да ги одразуваат ставовите на Европската Унија или Европската Извршна Агенција за образование и култура (EACEA). Ниту Европската унија, ниту органот што го доделува не може да биде одговорен за нив.


Споделено на: јуни 1, 2022 во 4:06 am