Фестивал за критичка култура (септември)

КРИК - Фестивал за критичка култура (септември) 15.09. -18.09. 2020 година Музеј на современа уметност, Скопје...

КРИК – Фестивал за критичка култура (септември)

15.09. -18.09. 2020 година

Музеј на современа уметност, Скопје

15.09.2020

19:30Тропи на ранливоста (потеклото како долг или бегство од биографија)“ – предавање на Елизабета Шелева во разговор со Мања Величковска

Ковид денешницата ја размрда подзаборавената а длабока потреба (и потрага) на човекот за поинаква праведност и моралност (онаа, која не исцрпува во селфи-идеологијата како метафора, туку примарно постои преку заемноста, базичната грижа за Другиот и неговата добробит), етичноста – при тоа, не толку однадвор наметната како покорност (кон Бога), туку изнедрена однатре, како инхерентна потреба од “доброволна”, изворна заемност, но, и утопизам: непресушна верба во подоброто утре, или, во самиот концепт на иднината,различна од (тековната) апокалипса, деструкција или се’општо обезвреднување.

Како што, сосема умесно, посочува Александар Генис, создавањето на анти-утопија и не претставува некаков подвиг, кога се има предвид темелниот аксиом, дека: “Самиот живот е антиутопија: почнува со љубов, завршува со смртта” (“Контакт”, Часови читања, Геопоетика, Београд, 2015: 17). Отаде, а особено во актуелниот ковид контекст се соголува и разоткрива и истрошеноста или нефостатноста на цинизмот како (оперативна) алатка, но и слоган на целата епоха.

Писмото и неподносливото (бегство од Биографија) “Пишувам, затоа што едноставно нешто станало неподносливо. Без тоа, неподносливо, не би постиела ниту литературата” – порачува Лиди Саверл (угледна шпанско – француска писателка и ценет психијатар). Според неа, вајарот Ѓакомети за нас останува препознатлив и вреден, токму поради неговиот акцент ставен врз ранливоста (неподносливото) – човекот, сведен на ранливоста, обликуван како фигура (тропа) на ранливото. Во оваа точка, време е да се спомене, дека една од важните форми на неподносливоста неретко се крие во самото потекло, исходувајќи при тоа во неодоливата потреба за “бегство од биографијата”.

Книжевноста и долгот Инспирирани од занимливите антрополошки премиси на Давид Гребер околу антрополошката природа на долгот, книжевноста може да се толкува дури и низ “економска” призма, имено, како форма на симболичко раздолжување со минатото, (независно од тоа, дали станува збор за личното /семејното /етно-националното). Отаде, за книжевноста (како “модус” на симболичка отплата на долгот кон претците и претходниците), отсекогаш бил и останал како суштински значаен, аксиомот на секогаш веќе зададеното потекло (што ние самите, се разбира, не го одбираме, ниту пак сме имале било каков удел во него, но, затоа, како наша целоживотна задача останува социјалниот налог истото оптимално да го “менаџираме”)! И самиот лично подложен на незаобиколниот притисок на потеклото, Д. Гребер отворено признава, оти е горд на себе, што, до крајот, останал анти-ционист: “Една од работите, што ги сметам за најнавредливи е тоа, дека јас сум себе-мрзечки Евреин, доколку останам лојален на онаа традиција на јудаизмот, што ги создаде Спиноза, Исус, Маркс – сите тие еврејски еретици – а кои, на свој начин, се фрикови (чудаци)”. Според Гребер, теолошката тријада на денешницата ја сочинуваат: светоста на долгот, работата, пазарот!

Според Гребер, неведените три, во основа, сосем профани категории, денес станаа сакрализирани, до степен на нивна ултимативна беспрашалност. Следствено, и современиот феномен на “должничко ропство” е можно и легитимно да се проучува, не само низ призмата на вообичаените економски категории, ами и како психолошка категорија, односно, посебна форма (модус) на ранливоста. Овде на дело ја гледаме либидиналната економија на долгот, зависна токму од соодносите на моќта, односно, нејзината “вродена” асиметрија!

Но, како што луцидно сведочи и Д. Гребер, одлагањето (простувањето) на долгот е прашање на политиката.Тоа значи, дека тука е делотворно вклучена самата добра волја (либидиналната подготвеност) како оперативен агенс. Ние кон ова би додале: простува оној што е во позиција (хиерархиски поставен), да прости!

Да си ја дозволи таа привидна великодушност, откако еднаш веќе ја злоупотребил “жртвата”, за самиот да профитира (од сопствената улога) на хиерархиската скала! Така, политиката вешто си манипулира со простувањето на долговите, за уште поголемо дисциплинирање, на задолжените (поединци и држави), маѓепсаниот круг, што, во иднина, води кон нивно дополнително и уште поголемо “заглавување”во новопроизведените и, под туѓ налог, превземени долгови.

21:00 Кабадајас – Концерт 

16.09.2020

19:30 „Политичкото естетско: релационост, ранливост и антагонизам“ – предавање на Славчо Димитров  во разговор со Артан Садику

Во рамки на мојата презентација сакам да го понудам концептот на телеснувањето-во-заедничкото како ново-материјалистичка разработка на анархичноста на политичкото, односно да ја аргументирам естетската втемеленост/растемеленост на политичкото.

Импликациите на ваквата имагинација и изведба на политичкото се двострани. Од една страна се претпоставува радикалната ранливост, конечност, смртност и пасивност која произлегува од телесната изложеност во темелот на политичкото, а од друга страна се инсистира на монструозната трансформативност, отпорност и недофатливост на телесниот пластицитет и екстензија во мноштво на екотехнологии и сингуларни релации, и следствените можности за мислење и перформирање на заедничкото битствување. Со ваквото разбирање на политичкото сакам да понудам предлог за политики на еднаква дистрибуција, можности за иновација, учество во процеси на одлучување и пролиферација на екотехнологии на телесноста, а кои не можат да бидат втемелени ниту во индивидуалистичката либерална логика, нити во комунитарните фантазми, токму поради она што јас го нарекувам, следејќи го Нанси, телеснување-во-заедничкото, како извор на ранливост, меѓузависност, изложеност на апарати на контрола и регулација, но и на антагонистични, дисензуални колективни трансформации.

17.09.2020

19:30 „Смртта и сексуалноста“ – дијалог на Артан Садику и Станимир Панајотов

Дијалогот и настапот помеѓу Садику и Панајотов ќе биде одржан во два дела. Во првиот дел тие ќе разговараат за тоа каков е моменталниот режим на производство на сексуалност под гнилиот посткапитализам. Но, исто така, ќе го постават прашањето: како перверзните економии на неолибералниот капитализам се вкрстуваат со која било форма на сексуалност која се смета за „перверзна“? Во фокусот ќе бидат Де Сад, Ник Ленд, Денис Купер, Жан Жене, Џонатан Кемп, Пјер Гјујот, итн. Исто така, Садику и Панајотов ќе се обидат да реферираат на жив материјал од секојдневните практики, барајќи содржина која живее под нашиот уморен/истрошен производствен циклус, оној кој нѐ соочува со два избори: (1) да повториме сè и да станеме подобри манипулатори или (2) да заборавиме на сè и да станеме аматери. Во вториот дел од настанот Панајотов и Садику ќе ги читаат своите песни посветени на „оваа изопаченост наречена љубов“ (Jun’ichirō Tanizaki), на сексуалната „жед за анихилација“ и други грандиозни неправилности. Песните се дел од заедничката книга која ни претстои и која се состои од нивна поезија, заедничко читање и меѓусебно креативно уредување, со цел да се произведе искривен чуден глас на изопачености. 

18.09.2020

19:30 „All time is all time“ 9 мин. – Фотографски филм на Иван Блажев

Проектот „СЕТО ВРЕМЕ Е СЕТО ВРЕМЕ“ е инспириран од литературното дело на Курт Вонегат, „Кланица 5“, за контроверзното бомбардирање на Дрезден на крајот на Втората Светска војна во кое Дрезден е разурнат и целото историско јадро на градот е срамнето со земја. Проектот се фокусира на Дрезден и неговата обновата како претекст за истражување на историјата, сеќавањата, фрагилноста на меморијата и нелинерното, прекршено време.

„СЕТО ВРЕМЕ Е СЕТО ВРЕМЕ“ е фотографски филм направен од фотографии на Иван Блажев и звук креиран од звучниот уметник Мајк Блоу. Фотографиите на Блажев се снимени во Дрезден во периодот 2018 – 2020 и наместо да само да ја покажат сегашноста, овие фотографии отвораат пукнатина кон минатото, кон остатоците од уништениот простор, како живи сведоци на бомбардирањето. Фотографиите може да се сметаат како спомени и/или факти, вистина и/или фикција. Дизајнот на звукот произлегува од теренски тонски снимања  и експериментални звучни истражувања со цел да го надополни визуелниот наратив за просторот, времето и искуството.

Тоа е филм за симбиотска врска помеѓу литературата, фотографијата и реалноста.

19:40 „Пролегомена за една комунитативна ангажираност“ – предавање на Небојша Вилиќ, проследено со излагања и разговор со Натали Р. Павлеска и Јованка Попова

Да ја погледнеме тековнава ситуација со пандемијата од нејзината посветла страна и да видиме што може да се искористи од неа. Пореметувањата кои настанаа во подрачјата на здравјето и здравството (како прв столб на кризата), најпрво ја уприличија промената на или нужноста за промена на дружебните односи меѓу субјектите (како втор столб на кризата), а тоа, пак, до прераспределбата на дел од државниот буџет за да се поткрепат промените во производството и услугите (како трет столб на кризата). Тоа, се разбира, воведе до или нѐ принуди да воспоставиме нов тип на односи.

Како резултат на првиот и вториот столб на кризата, се воведоа ограничувачки типови на односи, на оние меѓу индивидуалните субјекти и на оние меѓу институционалните субјекти. Првите, всушност, организираа исклучување (во првата фаза) или оддалечување (во втората фаза) на меѓуиндивидуалните односи, додека вторите дадоа предност на институциите кои се задолжени за јавното здравје (Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство) и на институциите за одржување и спроведување на одлуките за поинаква организација на индивидуалните субјекти (Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи). Како резултат на третиот столб на кризата, се воведе државниот интервенционизам со јасна назнака за привремено отстранување на правилата за пазарно работење и воведување на типови на државни субвенции кои претходно се сметаа за нарушување токму на тие пазарни принципи и законитости, а со цел да се оддржи, колку-толку, ликвидноста на економските субјекти.

Сѐ тоа доведе до: 1. нужност од преиспитување на постоечките односи и 2. можност за воспоставување на нови односи, најпрво меѓу субјектите на заедницата (солидарност со и емпатија кон другите), потоа на односите меѓу индивидуалните субјекти и институционалните субјекти (поединецот и заедницата и државата), па, на крај, најсложените и најсуштинските, и меѓу тројните односи меѓу индивидуалните субјекти, институционалните субјекти и економските субјекти. Порадикални промени, покрај веќе пројавените, допрва следуваат.

Во вакви околности и со вакви појавени нужности и можности се појавува и едно клучно подрачје во кое се можни и други афирмативни промени за една нова (или, барем, поинаква) функција на тоа што го именуваме како култура. Едно од суштинските прашања во овој период, секако, не е веќе прашањето дали е модернизмот „испразнет“ (бидејќи тој одамна е), туку дали е и постмодернизмот испразнета од својата суштина и значење категорија?

Ако постмодернизмот беше реакција или последица на започнувањето на последната фаза од капитализмот во/со поимот „неолиберализам“ (со неговата крилатица: „Не постои такво нешто како општество“, Маргарет Тачер) и ако станува сѐ поочигледно дека општеството допрва почнува да се враќа („Такво нешто како општество постои!“, Борис Џонсон), тогаш предизвик е да се размислува за тоа: Каква култура (та, оттука, и уметност) ќе биде потребна за ова повторно откривање (можеби и враќање) на значењето и важноста на општеството во животот и организацијата на заедницата (при тоа, заедницата не ја подразбирам како едноставен збир на индивидуи/субјекти, туку како целина, како самостоен и автономен ентитет)?

Моето застапување е насочено кон две фази во потрага по одговорот на ова прашање:

1. преобмислување на ангажираноста и 2. преосмислување на ангажираноста како би можеле да влеземе во следната, воведувачка и постварувачка, фаза: 3. промена на постоечките општествено-економски односи во односи на една нова општествено-економска формација која ќе има: а.) поголема одговорност кон природната околина; б.) поголема рамноправност меѓу субјектите на заедницата и в.) поголема и подобра, фер и подеднаква распределба на постоечкиот капитал.

Се разбира, бидејќи ништо во историјата не се појавува исто по втор пат (заради тоа што ниту околностите ниту односите се исти), така и поимот и дефиницијата за ангажираноста не може (а и не треба) да биде преповторување на веќе појавените во историјата. Затоа „комунитативната ангажираност“ е предлогот кој (барем во овој период) се појавува како еден можен поим.

Зошто токму „комунитативната ангажираност“? Ако идеологијата е отслик или одраз на стварноста, ако таа од таа и таква стварност извира и/или произлегува, тогаш и културата (та, оттука, и уметноста), заради својата вградена идеологичност е (или треба да е) отслик или одраз на стварноста, бидејќи и таа од таа и таква стварност извира и/или произлегува. Оттука, ако нормалноста на тековнава стварност ја определиме како „комунитативна“, тогаш и ангажираноста би можела да се определи како „комунитативна“, односно, да се воспостави ангажман на уметникот кој во себе ќе ја содржи и состојката на „комунативното“ и онаа на „комуникативното“. Поточно, културата и уметноста преку ваквата ангажираност би можела да стане поттикнувачка, дејствувачка и остварувачка алатка за постварување на намерата, потребата и нужноста за промена на тековнава општествено-економска формација во некоја друга, поинаква, а зотшо да не и – нова.

Во оваа прилика ќе се обидам да го определам поимот на „комунитативната ангажираност“, имајќи го на ум, пред сѐ, ставот на Жак Рансиер според кој: „Не постои ангажирана уметност, постојат само ангажирани уметници!“.

Небојша Вилиќ

Уметничката валентност во мисловниот простор – субјект на онтолошка трансформација

Нереализираниот облик на разорната моќ, сега во облик на пандемија, како најсурова дехуманизација, го покажува сиот потенцијал за контрола врз однесувањето и дејствувањето, но и врз ноезисот (noesis), изолирајќи го субјектот се до негово исклучување. Субјективацијата како процес се појавува како интензитет кој се обидува да се спротивстави на изолацијата, на инерцијата на производство, на хиерархијата на односите и формите на репрезентација, на отуѓувањето како редукција на мисловното и искуственото. Во овој комплексен систем на односи, пред целосното затворање на субјектот во постхуманистичкиот облик – киборг на XXI век, пред целосно претворање на поетиката во информација, уметноста се промислува себеси, обидувајќи се да ја задржи онтолошката перцепција на човечкото. Од односите кои се воспоставуваат помеѓу уметничкото постоење во и преку субјектот, субјектот со сиот потенцијал на променливост, произлегува потребата од преиспитување на присуството на уметноста во социјалниот простор, нејзината концептуалност (форма на знаење), која се јавува како последица на политизацијата на уметноста и според тоа и променливост на внатрешните принципи на творештвото. Денес политичноста и политиките на видливост се во потполна зависност од комуникацијата, од идеолошкото препознавање на субјектот во комуникативните практики, од растојанието меѓу појавата и постоењето, кое се чини дека се повеќе се растегнува.

И пред да се привикнеме на процесот на разделување и отуѓување, оваа нова наметната нормалност, која се предлага како алтернатива на старата нормалност, искуствено не може да се осознае доколку на неа се гледа како ново-настаната нормалност во која есенцијализмот одамна е во процес на исчезнување. Таа не може да биде резултат само на нашето поимање на состојбите во општеството, и во него индивидуата како елемент кој го сочинува тоталитетот и апсолутното, туку како наше (не)прифаќање на состојбите кои ја условуваат нашата нормалност. Поимот апсолутно, така како што е дефиниран во Бадјуовиот речник, не може да се задржи како предикат во однос на знаењето, времето и тоталитетот. За Бадју (Alain Badiou): “ прифаќањето на апсолутното би било катастрофа за мислата, каде вистината и знаењето би биле едно исто, не би имало случување, ниеден субјект не би бил возможен” Затоа е важно да се отвори простор за полемичко размислување: што е знаењето и како тоа се применува; што значи тоталитетот и во него позицијата на индивидуата како субјект кој би можел инклузивно (интерпелирано) или дијалектички да пристапи кон целината; кои се местата на прелом и прекин со формите на утврденост; и конечно што е субјект, и кои се можните услови за негово постоење?

Можеби најважно е да се одреди улогата на уметноста, да се преиспита нејзината онтологија како својство на создавање и ко-создавање на субјектот, односно уметноста како корпорален ентитет кој би го задржал сопственото право на постоење, во услови на условеност и возможна идна детериторијализација и раслојување на ентитетот – уметност. Тогаш, концептот на каузалност и концептот на ефект, како услови на новата нормалност која единствено го формализира репрезентативниот режим на виртуелното присуство и имагинарните односи, не мора да се поимаат како нужен однос или исход на одредена ситуација, туку наместо тоа, како однос поставен на една полемичка рамнина кој ќе создаде ситуација за можно ко-постоење.

Натали Р. Павлеска

Да паднеме подобро: Курирање зад политики на репрезентација

Која е придобивката од социјалните „судири“ во процесот на идентификување на слепите точки и неуспеcи на делотворност во културата? Дали терминот „курирање“ може да биде поим за социјална солидарност или е начин за материјализирање на разновидни политички агенди? Дали кураторската практика може да отвори „простор за поинаков начин на соживот, простор за револуции, создавање нов поредок надвор од нередот“. Неможноста од справување со „болеста“ не соочи со фактот за карактеризирање на се она што е “кревко, слабо, поинакво“ како „помалку вредно“ со намера да се оправда насилното системско угнетување. Оттука, излагањето се однесува на можностите на кои кураторските практики ги реструктуираат хроно-нормативни логики потчинети на потребите за профитабилност и владеење; начините на кои институциите ги реформулираат своите етички и политички ставови и структури; односно начините на кои го преиспитуваат отпорот од перспектива на оние кои се слаби, девијантни или неприфатливи, со можност за создавање визуелни јазици надвор од репрезентативните политики. Акцент е ставен на ангажираноста и учеството како одраз на сите несовршености при изнаоѓање креативни стратегии за преживување во процесот на компензирање со условот за „учество“. Оттука „да паднеме подобро“ се однесува на потенцијалот за само-зајакнување кој овозможува трансформација на неуспешните доминантните нормативи во културата, здравството, процесите во општеството воопшто.

Јованка Попова

Биографии:

Елизабета Шелева, литературен критичар и теоретичар, е родена во

Охрид, 1961 година, докторирала на Универзитетот „ Св.Кирил и Методиј“во Скопје каде моментално е професор по Теорија и  Методологија на литература на оделот за Компаративна книжевност. Таа е актуелен претседател на Независните писатели на Македонија како и уредник на списанието за литература (книжевното списание) Наше писмо. Меѓу другото, Шелева е претседател на одборот на меѓународниот фестивал Струшки вечери на поезијата и уреднк на регионалното списание за култура и книжевност Сараевски тетратки. Шелева има објавено повеќе од 230 статии и 10 книги.Во нејзините истражувања, помеѓу другото, таа се фокусира и на пост-колонијален критицизам (Балканска имагологија), родови прашања и современа македноска литература.

Мања Величковска дипломирала на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Моментално е на магистерски студии на програмата Естетика на катедрата за Филозофија на истиот универзитет. За време на своите додипломски студии волонтира во издавачките куќи Готен и Темплум и е дел од тимот на студентската филолошка конференција „Како си ми?“. Учествувала на неколку интернационални симпозиуми и волонтирала и работела на домашни фестивали во областа на културата („Друга приказна“, „Стушки вечери на поезијата“, „Прво па женско“, „КРИК“ итн.). Сега работи како програмска асистентка во Коалиција МАРГИНИ, а членка е и на регионалната група на книжевни критичарки ,,Pobunjene čitateljke” и на ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена.

Славчо Димитров е асистент на Факултетот за правни и политички науки на ФОН Универзитетот, на предметите по Современа политичка филозофија, Историја на политички теории, Род и политика, Политика и култура, и Политики на тела и емоции.

Има дипломирано Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет на УКИМ, а магистрира првин на Родови студии и филозофија на Институтот Евро-Балкан, а потоа и на Трансдисциплинарни родови студии на Кембриџ Универзитетот во ВБ. Во

моментов ја работи неговата докторска дисертација на тема Ан-архични тела: Корпореален материјализам, афекти и политичкото, на Одделот за трансдисциплинарни студии на современите медиуми и уметности на ФМК, Белград. Има работено како асистент на Институтот Евро-Балкан на последипломските Родови студии и Културни студии, и на Факултетот за медиуми и комуникации – СИНГУДУНУМ, Белград, на предмети од областа на квир теоријата, културните теории, отелотворување и род, критичка теорија итн. Во изминатата декада има координирано голем број на академски проекти, летни школи, и проекти од областа на човековите права и маргинализираните заедници. Основач е на интернационалната летна школа Summer School for Sexualities, Cultures and Politics во Белград, и е еден од основачите на IPAK.Center – Research Center for Identities, Cultures and Politics in Belgrade. Славчо Димитров има курирано неколку уметнички и културни проекти, и повеќе конференции во Северна Македонија, вклучувајчи ги: Афективни странци: уметноста на неуспехот, групна изложба во Националната галерија на Македонија, во 2014 (вклучително и уредено зборник текстови и каталог поврзан со изложбата), Архива на квир искуствата, во Чифте Амам, во 2012 година., All Beauty Must Die, со Велимир Жерновски во 2014 година и др. Куратор е веќе шеста година по ред на Скопскиот викенд на гордоста, интердисциплинарен фестивал за квир уметност, култура и теорија. Димитров има објавено многу текстови во областа на културните студии, политичката филозофија, студиите на перформансот, телесноста и афектите, квир теоријата итн. во регионални и интернационални списанија и книги. Автор е на книгата Невозмоќни исповеди: субјективитет, моќ и етика (2014). Во моментов Димитров е вклучен во два интернационални ЕУ поддржани проекти за Курирање во контекст и Геофилозофија на Балканот.

Артан Садику е истражувач, теоретичар и активист кој има докторат по филозофија. Негови примарни научни интереси се теориите на субјектот, феминизмот, радикалните практики во политиката и уметноста. Работел во Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје каде што ја водел Школата за критика и политика, е основач е и на Левичарското движење „Солидарност“ и Културниот клуб Синдиката. Студирал и истражувал во универзитетите во Минхен, Балтимор, Осло и Амстердам. Тој беше еден од клучните актери во протестните движења АМАН!, #протестирам и Академскиот пленум а во моментот е дел од програмскиот и организацискиот борд на Контрапункт и на КРИК – фестивал за критичка култура. Редовен соработник е на регионални и меѓународни списанија како Le Monde Diplomatique, Journal Identities и Bilten. Неговите последни текстови се однесуваат на просторот за уметноста во општеството и естетската форма на работниците. 

Станимир Панајотов роден во Сливен, Бугарија, моментално го завршува докторатот по компаративни родови студии на Централноевропскиот универзитет (Будимпешта, Унгарија), со специјализација во областа на средновековните студии. Твори на раскрсницата на континенталната и феминистичка филозофија, нефилософијата, неоплатонизамот и новиот/спекулативен реализам, додека пак во овие области специјализирал на Словенечката академија на науките и уметностите во Љубљана (2013); Институтот за општествени науки во Скопје (2015); Универзитетот Линкопинг (2016); Американскиот истражувачки центар во Софија (2016/17); Универзитетот Кингстон во Лондон (2017); Универзитетот во Утрехт (2018). Член е на организацијата Non- Philosophique Internationale од 2016 година. Тој е ко-директор и ко-организатор на Sofia Queer Forum (Софија, 2012-денес), како и на Летната школа за Сексуалности, култури и политики (Скопје / Белград, 2012- 2017), а од 2017 година е уредник на списанието Identities: Journal for Politics, Gender and Culture, како и член на уредничкиот одбор на списанието Oraxiom: A Journal of Non-Philosophy.

Иван Блажев (1974) живее и работи во Скопје. Дипломирал филмска режија на Бруклинскиот Колеџ (Њујорк, САД), а подоцна се стекнал и со диплома на Магистер на ликовни уметности по фотографија на Академијата за уметности во Нови Сад (Србија). Своите дела ги има изложувано на самостојни и групни изложби во Македонија и надвор од земјата. Досега има поставено 10 премиерни самостојни изложби на фотографии и учествувал на повеќе од 20 групни изложби. Во 2008 год. неговиот проект „Македонија сонувајќи” бил дел од програмата „Преку ѕидовите – Источна Европа после 1989“ на Нордерлихт фестивалот за фотографија во Леуварден, Холандија. Во 2011 год. дел е од изложбата „Фрагменти: Македонска уметничка сцена 1991 – 2011“ поставена во Музејот на современа уметност во Скопје. Блажев има издадено 6 книги со фотографии, а негови фотографии се дел и од неколку групни публикации, меѓу кои Исток (Мозер Верлаг), 12 Македонски фотограф(к)и (Темплум) и Скоро вистинито (Воид). Фотографии на Блажев се дел од постојаните колекции на Музејот на современа уметност – Скопје, Националната галерија – Биљарда (Цетиње, Црна Гора), Галеријата на клубот Алхемија (Краков, Полска) и приватни колекции.

Небојша Вилиќ , роден во 1962, во Велес, Република Северна Македонија, е историчар на уметноста и редовен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Република Северна Македонија.

Натали Рајчиновска Павлеска е независен истражувач во областа на современите уметнички практики, ликовната критика и теорија. Дипломирала на Архитектонски факултет, во Скопје (2006), со одбрана на дипломски труд: анализа на контекст и проект “Центар за сценски и визуелни уметности”, плато на МНТ, во Скопје. Магистрирала на Филозофски факултет во Скопје, при Институтот за Историја на уметност и археологија, модул Современа уметност, со одбрана на дисертација: “Концептуалната уметност во делото на Марсел Дишан, Јозеф Бојс и Art & Language од почетокот до крајот на 20-тиот век.” Од 2018-та е докторанд на Трансдисциплинарни студии на современа уметност и медиуми во оквир на Интердисциплинарни студии, при Факултетот за медиуми и комуникации, Универзитет Сингидунум во Белград, Србија. Нејзиното истражување вклучува трансдисциплинарен аналитички пристап, често во релација со актуелните теориски струења и книжевни референтни системи, преку вкрстување на современите уметнички практики и различните општествени и институционални контексти. Автор е на повеќе ликовни рецензии, воведни предговори во уметнички книги и каталози на групни и самостојни изложби, како и дел од кураторскиот тим кој го подготви и реализираше концептот за претставувањето на Република Македонија на 15-тото Венецијанско Биенале за Архитектура во 2016 година, со проектот “Ничија Земја”. 

Јованка Попова работи како куратор во Музејот на современата уметност – Скопје и е програмски координатор на Проектниот простор „Прес ту егзит“ во Скопје. Во моментов е докторант на Факултетот за медиуми и комуникации „Сингидунум“ во Белград. Работела на повеќе домашни и интернационални кураторски проекти. Соработувала на повеќе научни и истражувачки проекти од областа на историјата на уметноста. Во 2019 била куратор на северно македонскиот павилјон на 58. Венециско биенале. Како дел од програмата на неколку меѓународни конференции и симпозиуми одржала презентации и предавања на Humboldt University Берлин, Goethe University, Франкфурт, Central European University, Будимпешта, Hankuk University of Foreign Studies, Seoul, Kunsthistorisches Institut, Фиренца, Norwegian University of Science and Technology, Трондхејм, Bahcesehir University, Истанбул итн. Била извршен директор на Јадро Асоцијација на независната културна сцена. Претседател е на AICA Македонија – здружение на ликовни критичари, историчари на уметноста и кустоси кои дејствуваат на полето на модерната и современа уметност.

Фотогалерии:

15.09.2020 Концерт Кабадајас – Kontrapunkt (kontrapunkt-mk.org)

15.09.2020 Тропи на ранливоста – Kontrapunkt (kontrapunkt-mk.org)

16.09.2020 Политичкото естетско – Kontrapunkt (kontrapunkt-mk.org)

17.09.2020 Смртта и сексуалноста – Kontrapunkt (kontrapunkt-mk.org)

18.09.2020 Пролегомена за една комунитативна ангажираност – Kontrapunkt (kontrapunkt-mk.org)


Споделено на: февруари 24, 2021 во 3:12 pm