Изабел Лорај : : Презентистичка деократија: :

Актуелноста на презентистичката демократија Претставничко и идентитетско-критичките движења што окупираа плоштади од 2011 година наваму измислуваат...

Актуелноста на презентистичката демократија

Претставничко и идентитетско-критичките движења што окупираа плоштади од 2011 година наваму измислуваат нови облици на демократија за кои јас го предложив терминот „презентистички“. Презентистичката демократија не значи само преговарање или опачина на политичкото претставување. Презентистичкото не е во дихотомен однос кон претставничкото, туку се појавува како резултат на прекинувањето со идентитетските конфронтации меѓу „нас“ и „нив“, преку еден егзодус, оддалечување од дуализмите на одбивањето и ангажирањето или консензусот и конфликтот.

Токму претставничко-критичките движења се оние што темелно го доведуваат во прашање начинот на кој сме владеени. Тука, критиката значи одбивање на историски еволуираните односи во сегашноста и развивање на нови начини на субјективизација во ова движење, во кое критиката станува став. Презентерот ја поврзува ваквата критичка актуелност со настанувањето на демократијата и времето-сега на борбите.

Во ограничениот контекст на дискурсите на либералната демократија наидуваме на вечно истата одлука: или политичка претставеност и организација или неполитичко присуство како естетска и општествена непосредност, бидејќи спонтаноста на движењето одбива одржлива организација. Оддалечувањето од овој стар начин на размислување значи два прекина во драматургијата на времето: прво, прекинот со хронополитичките фази на развој, кои канализираат политичка акција во правец на традиционалната политичка претставеност. Зашто оваа хронополитика, следејќи ја традицијата на Хегел, малку се грижи за сегашноста, насочена кон одржување на ветувањето за демократија во настанување; а второ, прекинот со линеарните и продолжени наративи на времето (какви што ги бараат постколонијалните теории), насочени кон практикувањето на ненавремено и неодложено неевроцентрично настанување на демократија во времето-сега. Ова настанување на нови облици на демократија се одвива во конститутивен процес, што е насочен не толку кон конкретна цел во догледен временски период, туку повеќе и потемелно кон појавувањето на нови политички субјективизации. Централното прашање е следното: Како би можеле темелно да ги промениме постојните политички, општествени и економски услови, а истовремено да испробаме облици на демократско самоуправување што претходно биле незамисливи?

Постојаното ветување на демократија што доаѓа

Актуелните кризи на претставничката демократија се дел од традицијата на буржоаскиот облик на демократија и апориите што ја сочинуваат. Една од овие апории произлегува од конститутивното одвојување на државата од една страна и (граѓанското) општество од друга страна. Претставничката демократија не треба да се одвојува од државноста и во оваа смисла се смета за „политичка демократија“, што е отсечена од општеството, од сите што би требало да бидат претставени – за што Маркс веќе го критикувал Хегел. Од одвојувањето меѓу политичкото и општественото, што се смета за нужна политичка поделба на трудот во буржоаската либерална демократија, се појавува неопходниот факт на политичката претставеност. Буржоаската демократија е така заробена во замката на понатамошна апорија: претставеноста е секогаш ексклузивна, аспирациите кон еднаквост не можат да се остварат со овој инструмент, нееднаквоста е конститутивна. Масовното сеопфатно учество треба да се разбере само како иден телос, како начелно бескрајна експанзија на партиципативни права за кои треба да се избори. Неисполнивото ветување на демократијата што треба да настане, на демократија бескрајно одложувана за во иднина е основата на оваа политичка демократија одвоена од општествената.

Опачината на овој концепт на политичкото, што е обележана како неполитичка, се однесува на особеното, ситуирано присуство што, редуцирано до автентизам и непосредност, е поместено во доменот општественото и естетичкото и е замрзнато во сегашноста. Во овој вид на разбирање на непосредноста и присуството како негација на (политичката) претставеност е јасно видлив ракописот на Хегел, бидејќи нему дефинитивно многу малку му било грижа за сегашноста. За него таа е само миг што не може да биде уловен од нашето мислење, чувства и дејствување, кој е само минлив и конечно без историја.

Многу малку да се грижи за сегашноста е темелот на „западното“ разбирање на демократијата според кое креативното самоуправување на неодредливиот и хетероген демос мора да се одбие. За Маркс, актуелноста на Париската комуна ја прекинува ваквата логика, бидејќи не следи никакви идеали ориентирани кон иднината. Самоуправувањето на Комуната произведува елементи на новото општество во сегашноста. Елементи што веќе биле развиени во кризата на буржоаската доминација. Од буржоаската телеологија на историјата се развива општествената револуција и прекинува со неа, оставајќи ја зад себе.

Борбите на времето сега

Во неговиот текст „За концептот на историјата“ Валтер Бенјамин ја опишува буржоаската историографија како историографија на победниците, која мора да биде прекината во нејзиниот линеарен наратив што ја обезбедува доминацијата. Идејата за историјата како континуум првенствено служи за да ги репродуцира односите на доминација за кои предуслов е сегашноста да не се зема предвид. Токму во револуционерните движења што тргнуваат од сегашноста прво се појавува прекинот во овој континуум – што Бенјамин го нарекува „тигарски скок“. Овој тигарски скок е очигледен во (класните) борби за материјални нешта исто колку и во „фините и продуховени нешта“, како што се храброста, хуморот и лукавоста, кои се појавуваат истовремено. Овие афекти и наклонетости постојано ги доведуваат во прашање победите на владетелите, темпоралниот континуитет на историзмот и ја „чешлаат историјата во обратен правец“.

Борбите се случуваат во „времето-сега“ (Jetztzeit), но тоа не значи дека остануваат недопрени од минатото. Времето-сега никако не е темпоралност што останува самоидентична самата по себеси, како непосредно присуство, како автентичност на телото и афектот или како чисто емоционална состојба. Тоа е конструктивна темпоралност, во која иверки на историјата наново се составуваат, во која историјата упорно се појавува. Времето-сега е креативна средишна точка, не преод на минатото во иднината.

Бенајминовското време-сега бега од хуманистичките и идеалистички поими за прогресот што се хранат од идејата за цивилизациски развој и колонизирачка темпоралност. Ваквиот вид проицирање во иднината не се придржува до стварноста и, според Бенјамин, ја намалува сегашната револуционерна сила. Наместо да биде фиксирано врз прогресот, времето-сега на борби ги актуализира запрените констелации на еманципација и не продолжува по поплочените патишта на угнетувањето и насилството: сегашноста станува политичка. Тигарскиот скок има способност да намириса што е актуелно во дел од минатото. Прекинува со континуитет на историјата преку сегашен скок во минатото со кој се открива што има актуелно таму. Доколку е револуционерен, тогаш е скок што почнува под условите на владејачката класа, прекинува со нејзиното командување и излегува надвор од него.

Конститутивен процес за Европа

Врз ваквата заднина од теории за демократијата и филозофијата на историјата, презентистичкото во контекстот на тековните демократски движења значи оддалечување од историзмот на либералната демократија, како и од хронополитичките развојни парадигми. Новите демократски практики се појавуваат среде потворувани и климаксни кризи на претставничката демократија што се претвори себеси во неолиберално владеење преку прекаризација и задолженост. За прекарните, врската со минатото е прекината на повеќекратни начини, а иднината не може да биде испланирана. Среде оваа разбиена и отворена темпоралност, се појавува и прекин со поимот дека политичката акција мора да биде поврзана со претставеност, а истовремено и револуционерна желба за нов облик на демократија што не нуди празни ветувања за некоја постојано одложувана иднина, туку таква со која веќе се експериментира во времето-сега.

Од гледна точка на теоријата за презентистичка демократија, постојните претставничко-критички движења за демократија развиваат ненавремени трансверзални констелации. Тие не поставуваат барања кон владите за понатамошна демократизација, туку, наместо тоа, практикуваат нов облик на демократија во борбите на времето-сега. Идентитетско и претставничко-критичкиот став на движењата на прекарните не е минливо расположение, не е недоразбирање, не е политички наивен став. Хетерогениот прекаријат не може да биде обединет или организиран според логиката на идентитетот. Поради хетерогеноста на социоекономските модуси на постоење, потребни се процеси на преговарање и структури за донесување одлуки, што ќе ја канализираат повеќекратноста на стојалиштата, но нема да ги доведат до ќор-сокак во дуалната логика на вклучување и исклучување. Поентата е не толку да се соберат „сите поединечно“, туку многуте заемно меѓусебно поврзани подробности да учествуваат, но не како посебни поединци.

Афективната поврзаност и практиките на солидарност – префинетите и духовните нешта за кои зборува Бенјамин – ги сочинуваат демократските движења од времето на окупациите на плоштадите во 2011 година. Од почетокот, општествената репродукција беше наново организирана, што игра сè поважна улога во солидарните мрежи што се развиваат од окупациите на полето на здравството, образованието и домувањето. Феминистичките промислувања за реорганизирањето на поделбата на трудот и репродукцијата тука добиваат нова актуелност, на пример, оние на мадридскиот колектив „Прекаријас а ла дерива“ (Precarias a la deriva) за државјанство, општественост заснована врз грижа.

За разлика од буржоаската-капиталистичка традиција, да се биде поврзан со другите тука не е девалвирано. Сè повеќе и повеќе општествени полиња се уредуваат околу отворени собири, преку начини на учество што се егалитарни колку што е можно повеќе, и преку радикална инклузија. Со вакви инструменти споделуваните интереси и проблеми во заедниците или во образовните и здравствените институции се самоорганизираат и приватизациите – на исто така заедничките добра како водата – се спречуваат. Солидарните мрежи создавани низ и со оние што го изгубиле здравственото осигурување поради политиките на штедење и умереност, како социјалните клиники во Грција или мрежата „Јо си, санидад универсал“ (Yo Sí, Sanidad Universal) во Шпанија, која поддржува мигранти, успешната и влијателна шпанска платформа за оние на кои кредитите за куќи им нанеле штета (РАН) и сите иницијативи што собираат храна за осиромашените не се гледаат себеси само како сервиси за социјална помош за оние на кои таа им треба туку и како политички практики за развивање на нов демократски начин на живеење заедно.

Новите облици на политичка акција се подготвени со желбата за целосно поинаква демократија, за скок, за тигарски скок, и тие отвораат процеп за поврзување на неуспешните, спречените и успешните револуционерни практики од минатото: процедурата на влечење сламки од античката грчка демократија, во која еднаквоста не се смета за одложена нормативна аспирација, туку за актуализација на еднаквоста на оние што учествуваат; советите на Париската комуна од 1871 година; стратегиите на запатистите од деведесеттите на дваесеттиот век; инструментот на хоризонталност од Аргентинската револуција од 2001 година; идентитетската критика од (квир) феминистичките движења; окупацијата на плоштадите во Тунис и Каиро.

Сите овие компоненти на презентистичкото настанување на демократијата се одвиваат во конститутивен процес. Преку егзодусот надвор од хронополитичките и историски обрасци на мислење, демократскиот конститутивен процес веќе не е само спротивставен на востановената конституирана моќ; се конституира себеси, не само како контрамоќ туку и како нов состав на просторот и времето. Така, инструментот на хоризонталност не значи афирмација на другата страна на вертикалните, хиерархиски структури. Наместо тоа, хоризонталноста се претставува, на пример, во аргентинската револуционерна практика, како појдовна точка за експериментирање со трансверзалното спојување со претставничко-критичните практики, подредените мандати и делегации, па сè до нови политички партии посветени на хоризонтални собири. Се работи за хетерогени и опфатни експериментирања со истовремено случување на различни констелации од нови и минати практики, што постојано се менуваат и одново се составуваат, за да поттикнат конститутивниот процес.

Сепак, овој конститутивен процес не се појавува само при составувањето на хетерогени практики и дисконтинуирани ритми на времето. Презентистичката демократија не е првенствено прашање на партиципативни процедури. Зависи до клучен степен од тоа како одново ќе се развие како став во субјективизациите – како критичен став на подробностите што отсекогаш биле односни и социјални. Во овој став, различноста веќе не е причина за загриженост и обезвреднување, туку гарант за трансверзални врски и нови демократски облици на субјективизација и самоуправување.

Ваквите конститутивни процеси можат да се забележат во сите земји каде што демократските движења се рашириле со нивните солидарни мрежи низ нивните респективни општества. Се надеваме дека тие сè повеќе ќе ги заразуваат областите низ Европа на кои не им се закануваат политики на штедење во толкава мера како на оние во Јужна Европа, но кои ќе мораат да заземат стојалиште за поинаква Европа во конститутивниот процес на презентистичката демократија.

Изабел Лори (Isabell Lorey ) студирала политички науки, филозофија и африканска и европска етнологија на Универзитетот Гете во Франкфурт, додека нејзината теза во 1996 година била прва монографија за американската феминистичка филозофка Џудит Батлер, една од најзначајните теоретичарки во сферата на квир студиите. Во 2009 година, Изабел Лори ги завршила своите пост-докторски студии  на Универзитетот во Виена со студија за формирањето на општеството и консолидација на владеењето, објавено од Diaphanes во 2011 година како Figuren des Immunen. Лореј е веројатно најпозната по својата книга Die Regierung der Prekären, која оттогаш е преведена на пет јазици и за која  предговорот е напишан од Џудит Батлер. Во неа Лори пишува за несигурноста која се шири низ општеството, социјалната несигурност во неолибералниот контекст, поврзани со родова политика, говорејќи и за можностите за промена.Долги години била асистентка и визитинг професорка на Берлинскиот универзитет за уметност и Универзитетот Хумболт во Берлин, а воедно држела и предавања на универзитетите во Базел, Виена и Касел. Исто така, има долгогодишно искуство како телевизиска новинарка, особено во уредничката екипа на детските вести logo. За време на нејзиното работење се здобила со одлична мрежа и реноме во меѓународниот уметнички свет, што се рефлектира во нејзиниот придонес кон нови еманципаторски форми на демократија во каталогот документа 14. Лори моментално работи како професорка по квир студии во уметноста и науките Келн, каде работеше во 1996 година како уредничка на списанието Texte zur Kunst.

Превод од англиски:
Марија Јонес


Споделено на: февруари 1, 2021 во 10:37 am