Несистематски забелешки за една бесконечна историја[1]
Рецензентски проблеми
Маркс бил баксуз. Кога во 1867 година го објавил првиот том на Капиталот во издавачката куќа „Ото Мајснер“ во Хамбург, местото и времето за оваа книга речиси и да не можеле да бидат полоши.
Веројатно во 19 век Карл Маркс бил најдобриот познавач на економската теорија. Уште во 1844 година во Париз почнал со економските студии. Летото 1845 година Маркс во меѓувреме бил протеран од Париз и со своето семејство живеел во Брисел, заедно со Фридрих Енгелс отпатувал за Манчестер – за да ја проучува економската литература во Четамската библиотека. Кога Маркс по задушувањето на револуцијата од 1848 година морал да емигрира во Лондон, ова за него и за неговото семејство на почетокот значело страшна беда. Но, за неговите студии не постоело подобро место: Лондон не бил само центарот на тогаш најразвиената капиталистичка земја, со печатени медиуми што се занимавале подробно со економските теми, и парламент кој објавувал истражувачки извештаи за економските кризи или за работничките услови во англиските фабрики; Лондон во Британскиот музеј располагал и со најголемата библиотека во светот во тоа време. Никаде на друго место не можело да се најде една до толку опширна збирка на познати, како и на целосно непознати економски текстови од повеќе земји и на различни јазици. Кога се чита првиот том на Капиталот, пред сѐ фуснотите оставаат впечаток дека Маркс поседувал енциклопедиско познавање на економската литература. Но, колку детално навистина се занимавал со едно мноштво различни автори може да се дознае дури на почетокот на 20 век, кога Карл Кауцки ги објавил, меѓу 1905 и 1910 година, Теориите на зголемена вредност. Колку Маркс навистина работел, што сѐ прочитал, многу повеќе од она што се слеало во Капиталот или Теориите на зголемена вредност, може да се види дури од пред неколку декади, откако се целосно објавени Марксовите исписи во IV дела на големото комплетно издание на Маркс и Енгелс (МЕГА[2]).
Ова енормно опширно занимавање со економската теорија е она што го оправдува програмскиот поднаслов на Капиталот: Критика на политичката економија. Во Англија и Франција политичката економија уште од 16 век била ознака за тогаш новата наука за економијата на цела една земја. Критика на политичката економија не значи само критика на одделните теории туку и критика на цела една наука – огромна претензија, но како никој друго од неговото време Маркс имал прегледност врз оваа наука.
Во Капиталот, пред сѐ, тој ја разработува „класичната“ политичка економија, со што во прва линија се мисли на „англиската“ економија, која го достигнала својот врв со делата на Адам Смит (1776) и Дејвид Рикардо (1870). Во Германија, оваа „класика“ во времето кога Маркс го објавил првиот том на Капиталот, сѐ уште не била вистински пристигната. Впрочем, делата на Смит и Рикардо уште одамна биле (лошо) преведени на германски, но не паднале на плодна почва. Соодветно малку германските економи можеле да почнат и со Марксовата критика. Не биле само политичките причини што довеле до не-рецепција на Капиталот по 1867 година туку и провинцијалноста на академската германска економија, која уште долго не можела да стои рамо до рамо со англиските и француските дебати.
Да бил објавен првиот том на Капиталот на англиски во 1867 година во Лондон, веројатно ќе предизвикал поголема сензација. Но, на англиски бил објавен дури 20 години подоцна – а тогаш и во Англија веќе било предоцна за пристојна рецепција. На почетокот на седумдесеттите години на 19 век со речиси истовремените објави на Вилијам Стенли Џевонс (1871), Карл Менгер (1871) и Леон Валрас (1874) почнала „маргиналистичката револуција“. Додека Адам Смит успешно ги критикувал корисните теории на вредноста и наместо тоа ја етаблирал човечката работа како вредносна величина, сега бил воведен концептот на „маргиналното“ користење или на граничното користење (тоа значи на дополнителното користење на дополнителна единица добро), како и понатамошни „маргинални“ поими во економијата, што многу брзо довело до нивно понатамошно математичко анализирање. Во 1887 година, кога во Англија бил објавен првиот том на Капиталот, класичната економија веќе важела за застарена. Само три години по англискиот превод на Капиталот биле објавени Принципите на економијата (Principles of Economics) на Алфред Маршал, со кои маргинализмот – во 20 век означен како неокласика – се пробил како нова ортодоксија. Дури и поимот „политичка економија“ бил заменет со „economics“. Во 20 век неокласичарите на „класиката“ го затвориле Марксовиот Капитал и тој бил набљудуван како научно надминат.
Па, добро, би можело да се приговори дека Маркс воопшто не го напишал Капиталот за економскиот стручен свет, туку дека тој многу повеќе требало да биде оружје во политичката борба, „најстрашниот проектил што им бил фрлен на граѓаните (вклучувајќи ги тука и земјопоседниците) на глава“, како што му пишал Маркс на 17 април 1867 година на Јохан Филип Бекер (Делата на Маркс и Енгелс, 31: 541). Но, која требало да биде вистинската целна читателска публика на Капиталот? Првиот том чинел 3 талири и 10 гроша (1 талир = 30 гроша). Тоа била приближно една неделна плата на квалифициран работник; работничките заработувале значително помалку. Само сосема малку работнички и работници можеле воопшто да си го дозволат Капиталот. Ако се обиделе да го читаат, наидувале на значително поголеми тешкотии отколку ние денес. Првото издание речиси и да не било поделено: се состоело од само шест поглавја со само малку одделни точки. Енгелс пцуел како никогаш порано: „Како можеше да ја оставиш поделбата на книгата таква каква што е! Четвртото поглавје има речиси 200 страници и има само четири дела означени со тенко отпечатени наслови што одвај можат да се препознаат. Притоа, текот на мислата постојано е прекинат од илустрации, а точката што треба да се илустрира никогаш не е резимирана на крајот од илустрацијата, така што постојано се скока од илустрацијата на една точка директно во поставување на друга точка. Тоа е ужасно истоштувачки и ако човек не е особено внимателен изгледа збунувачки“ (Писмо од 23 август 1867, од ДМЕ 31: 324). Во второто издание од шест поглавја настанале седум големи дела со вкупно 25 потпоглавја, кои речиси сите биле понатаму поделени. Но, друга тешкотија и во второто издание била сѐ уште нерешена. Поинаку отколку во денешните изданија, странските цитати не биле преведени: покрај латински и старогрчки, има и англиски, француски, а понекогаш и италијански. Дури и необичните туѓи зборови или митолошки имиња никаде не биле објаснети. Оној што сакал да го чита Капиталот, морал да има огромно образование.
Имплицитна критика
Но, за да може да се развие вистински експлозивната моќ на Капиталот, не било потребно само општо образование туку и познавање на познатите економски и филозофски теории, за да можат да се перципираат не само експлицитните туку и имплицитните критики. Уште првата реченица на првото поглавје содржи фундаментална критика на Богатството на нациите од Адам Смит: „Богатството на општествата, во кои владее капиталистичкиот начин на производство, се појавува како ’ужасна збирка на стоки‘, единствената стока како негова елементарна форма. Оттаму, нашето истражување почнува со анализата на стоките“ (МЕГА II/5: 18; ДМЕ 23: 49). Маркс тука не пишува дека богатството се состои од стоки, туку дека богатството во одредени општества (онакви во кои владее капиталистичкиот начин на производство) презема одредена форма, онаа на една збирка стоки. Обратно, тоа значи дека во други општества богатството поседува и друга форма. По неколку пасуси експлицитно се споменува мноштвото општествени форми на богатство: „Корисничките вредности ја создаваат материјалната содржина на богатството, која секогаш е неговата општествена форма“ (МЕГА II/5 18, ДМЕ 23: 50 истакнувања од Маркс во првото издание). Адам Смит, пак, верувал дека може да ја направи својата Inquiry into the Nature and Causes of the Wealth of Nations (како што гласи целосниот наслов на неговото дело) без едно вакво разликување. Тој ја набљудувал формата на стоките во богатството како сосема разбирлива, така да се рече природна одредница на формата. Критиката во однос на натурализацијата на општествените одредници на формата, кои преку оваа натурализација важат за вечни и непроменливи, се провлекува низ сите три тома на Капиталот, од испитувањето на фетишот на стоките во првиот том до дешифрирањето на „формулата на тројството“ на крајот од третиот том, но таа почнува уште во првата реченица како имплицитна критика на Адам Смит (в. фуснота 2).
На повеќе нивоа се наоѓаат вакви критики и на почетокот на второто поглавје (во пописот на второто издание): „Стоките не можат да одат сами на пазар и самите да се разменат. Мораме да видиме, значи, кои се нивните чувари, сопствениците на стоките“ (МЕГА II/5: 51 ДМЕ 23: 99). Тука јасно се кажува дека дури во второто поглавје станува збор за сопствениците на стоките. Во првото поглавје Маркс го истражувал односот на размена на стоките, во второто поглавје го анализира процесот на размена што го спроведуваат сопствениците на стоките. Дури откако се претставени економските одредби на формата на стоките, врз оваа основа се истражуваат активностите на сопствениците на стоките – имплицитно, ова е фундаментална критика на „методолошкиот индивидуализам“ (замислата дека општествените соодноси можат да се анализираат поаѓајќи од одделните индивидуи), од кој поаѓаат како класичната политичка економија, неокласиката, како и големи делови на модерната социологија. Во оваа смисла може да се набљудува и познатата изјава од предговорот дека тука станува збор за капиталистот и земјопоседникот како „персонификација на економските категории“ (МЕГА II/5: 14; ДМЕ 23: 16).
Но, тоа не е сѐ, понатаму се вели: „За овие предмети да се однесуваат меѓусебно како стоки, чуварите на стоките мораат да се однесуваат меѓусебно како личности, чијашто волја постои во овие предмети, така што секој само со својата волја и волјата на другиот, значи обајцата само со својата здружена волја можат да ја присвојат туѓата стока, на тој начин што ја продаваат сопствената, а ја продаваат сопствената, за да си ја присвојат туѓата“ (МЕГА II/5: 51 и сл. стр.; ДМЕ 23: 99). Наспроти основната претпоставка на граѓанската социјална филозофија од Лок до Хегел, тука станува многу јасно дека својството „приватен сопственик“ во никој случај не е својство „на“ човекот, кој на тој начин што станува сопственик на одредена работа, ја остварува својата слобода – што потоа обратно би значело дека поништувањето на приватната сопственост би било идентично со поништувањето на човековата слобода. Напротив: променливото признавање како приватен сопственик се покажува дури во рамките на одреден социјален сооднос – размената на стоки – како нужност. Да се биде приватен сопственик не е ништо општо човечко, туку нешто историски особено (спореди тука Хајнрих, 2016: 219 и следните стр.).
Што било ново во Марксовата теорија на вредноста и капиталот?
Напредувањето на маргинализмот ја истуркал Марксовата теорија на страната на класиката и ова било прифатено од повеќето марксистки и марксисти: дебатата до длабоко во 20 век се вртела, пред сѐ, околу спротивставеноста на теоријата на вредност на трудот и теоријата на користење на вредноста, при што теоријата на вредност на трудот во прва линија била бранета како основа на една теорија на експлоатација. Згора на тоа, првиот том на Капиталот, што како предмет го имал процесот на производство на капиталот, бил објавен речиси 30 години пред третиот том и доминирал врз рецепцијата. Изгледало како „производството“ да е суштинското, „циркулацијата“ само подреденото, несуштинското.
Како централни согледувања на првиот том од Капиталот важеле одредувањето на вредноста преку работата и доказот дека експлоатацијата на работничките и работниците е основа за зголемена вредност и профит. Обете изјави се наоѓаат повеќе или помалку јасно долго пред објавувањето на Капиталот. Одредувањето на вредноста преку човечкиот труд било сознание уште на класиката и левите рикардијански приврзаници, како Чарлс Вентворт Дилк (1789 – 1864) или Томас Хоџкин (1787 – 1869), и тие заклучиле дека профитот на капиталистите се заснова врз вредноста што ја создале работничките и работниците, но не ја добиле (тука спореди Хоф, 2008).
Маркс во капиталот не ги повторил веќе постојните сознанија; тој ги критикувал на тој начин што навлегол уште подлабоко во нив. Нагласил дека работата не е едноставно онаа што ја создава вредноста, туку тоа е „апстрактната работа“.[3] Тоа има последици за поимањето на вредноста, имено тогаш таа е само „апстрактна предметност, предмет на мислите“ (МЕГА II/6: 72; ДМЕ 23: 52). На оваа апстрактна или сенишна предметност ѝ е потребно самостојно, конкретно обликување на вредноста, за да може економски да се управува со неа. Ако едно вакво обликување на вредноста важи за вредноста на сите стоки, ако е општоважечка, тогаш преминува во парична форма. Оттаму, во второто издание, Маркс како цел на својата анализа ја именува формата на вредноста: „Тука сепак значи да се достигне она во што граѓанската економија не се ни обидела, имено да се докаже генезата на оваа парична форма, значи да се следи развојот на изразувањето на вредноста содржана во вредносниот сооднос на стоките од неговиот наједноставен најнезабележлив облик сѐ до заслепувачката парична форма“ (МЕГА II/6: 81; ДМЕ 23: 62).
Во првото столетие по објавувањето на првиот том од Капиталот, она што Маркс тука го покажува како особено достигнување наспроти граѓанската економија, не е удостоено ниту од критичарите на Маркс ниту од марксистите. Во влијателните воведи во марксистичката економска теорија оваа анализа на формата на вредноста главно се игнорира (Свизи, 1952; Мек, 1956) или се разбира како апстрактен преглед на историското настанување на парите (Зелени, 1962; Мандел, 1968). Ова историско поимање ја занемарува не само разликата меѓу паричната форма и парите туку и имплицира дека Маркс бил голем фалбаџија: Што се однесува имено до претставувањето на историското настанување на парите, во никој случај не може да се тврди дека немало обиди за такво нешто и пред Маркс од страна на граѓанските економи. Напротив, ова било дури и често обработувана тема. Но, не била тема генезата на паричната форма, односно нужната категоријална врска меѓу вредноста и паричната форма, врска што Маркс ја наметнал прв како тема и дозволува Марксовата теорија на вредноста да се означи како монетарна теорија на вредноста[4] – за разлика од не-монетарниот пристап и теоријата на вредноста на трудот на класиката, како и вредноста на користењето на неокласиката.[5]
Слично површно долго време се рецепирало и четвртото поглавје (во пописот на второто издание). Често се зборувало речиси само за неговиот трет пасус за купувањето и продавањето на вредноста работна сила и тука пречесто се нагласувала „експлоатацијата“ – иако Маркс во четвртото поглавје на ниедно место не ја споменува експлоатацијата. Експлоатацијата (или „exploitation“) се споменува сосем попатно дури во седмото поглавје, каде што се покажува дека ратата на зголемена вредност е мерка за „степенот на експлоатација“ на работната сила. Говорењето за експлоатација нема никаква врска со моралната критика на капитализмот. Попатното споменување на експлоатацијата на работната сила има исто толку малку за цел ваква критика како и говорењето за експлоатацијата на природните закони (МЕГА II/5: 316; ДМЕ 23: 407 и сл. стр.) или за „експлоатацијата на парниот разбој“ (МЕГА II/5: 352; ДМЕ 23: 452). Уште во својот последен економски ракопис, Маргиналии за Вагнер, Маркс се буни против претставата дека неговата теорија на зголемена вредност содржи некакви си претстави за „пљачкање на работникот“ (ДМЕ 23: 359 и сл. стр.). Анализата на стоката работна сила би требало токму да покаже дека создавањето на зголемена вредност е можно и тогаш кога работничките и работниците целосно ја добиваат вредноста работна сила на стоката што ја продале.
Основните одредби на формата на капиталот (безмерноста, бесконечноста) се анализираат во првиот потсегмент на четвртото поглавје – и тоа пред Маркс да почне да зборува за „капиталистот“. Овој не се воведува како сопственик на капиталот, туку како „свесен носител на овој процес“ на управување со капиталот: „Објективната содржина на оној процес – реализација на вредноста – е негова субјективна цел и само така растечкото присвојување на апстрактното богатство единствениот мотив на неговите операции, тој функционира како капиталист или како персонифициран капитал, надарен со волја и свесност“ (МЕГА II/5: 108; ДМЕ 23: 167 и сл. стр.). Тоа што капиталистот му е категорички подреден на капитализмот, непосредно има политички консеквенции: проблем не е вистинскиот или под претпоставка „алчниот капиталист“, туку економските односи што не само што ја овозможуваат оваа алчност за сѐ повеќе профит туку дури и ја присилуваат. Од Марксовата анализа не следува укорување на капиталистите, туку критика на капиталистичкиот начин на производство.
Веројатно најчесто потценет е вториот потсегмент на четвртото поглавје. Таму Маркс се занимава со привидните изјави за зголемена вредност, кои водат до забележителен резултат: Капиталот значи не може да потекнува од циркулацијата и може исто толку малку да не потекнува од циркулацијата (МЕГА II/5: 119; ДМЕ 23: 180). Иако често се аргументирало дека Маркс го објаснува управувањето со капиталот од продукцијата, Маркс тука појаснува дека зголемената вредност и капиталот впрочем не можат да бидат објаснети само со помош на циркулацијата, но не можат да бидат објаснети ни без циркулацијата. Чистите теории на производство на вредност и зголемена вредност се исто толку погрешни колку чистите теории на циркулација.
Стереотипи на
критиката на Маркс
Откако на Енгелс му успеало во годината на својата смрт да го издаде третиот том на Капиталот, биле објавени и прилози од граѓански „економи и социјални научници, почнувајќи од Ојген фон Бем-Баверк (1896) преку Јозеф Алојз Шумпетер (1954), па сѐ до Карл Попер (1957), кои се занимавале критички со Капиталот. Денешната критика на Капиталот, доколку воопшто ја има, во суштината ги повторува старите тези – по правило без да се осврне на одговорите што ги добиле овие тези од марксистите и без макар и малку да ги земе предвид значително проширените текстови, кои со години се ставени на располагање во МЕГА. Исто како и претходно, критиката се концентрира, пред сѐ, на две точки: Марксовата „теорија на вредноста на трудот“ и Марксовото „претскажување“.
Особено површно со критиката на Марксовата теорија на вредноста (за „теорија на вредноста на трудот“ Маркс не зборувал на ниедно место) се занимава неолибералниот економ Ханс-Вернер Зин, познат од многуте германски телевизиски дебати, кој секако може да биде земен како застапник на голем број економи: „Едно од најголемите научно-погрешни достигнувања на Маркс е теоријата на вредноста на трудот. […] Тврдењето дека релативните цени на добрата во стопанската економија во основата се ориентираат кон работното време вложено во стоките, е едноставно погрешно, зашто како прво платите се само една од многуте компоненти на трошоци на една фирма и како второ цените во основата се скудни цени, кои својата вредност ја изведуваат и од преференциите и од меѓусебната конкуренција на побарувачите. На пример, каква врска има цената на една слика од Рембрант со платата на уметникот? Каква врска има цената на гасот со платата на работниците кои ја дупчат дупката? Никаква, или речиси никаква“ (Зин, 2017: 24).
Настрана тоа што Зин тука ги става на еден куп одредбата на вредноста преку работното време со одредбата на вредноста преку платите на работниците – разлика на која не упатува прв Маркс, туку Рикардо уште во првото поглавје на своите Принципи, Маркс никаде не го изнел тврдењето дека релативните цени во стопанската економија (значи во секојдневната размена) „се ориентираат според работното време вложено во стоките“. Напротив: уште во првиот том на Капиталот Маркс во две фусноти посочува на тоа дека вредносните величини на стоките во никој случај не се идентични со просечните цени на стоките во капиталистичкото секојдневие (МЕГА II/5: 119, 165; ДМЕ 23: 180 и сл. стр., 234), а во третиот том на Капиталот потоа Маркс се занимава опширно со темата: цените на пазарот не осцилираат околу вредностите, туку околу цените на производство.
Критичарите на Маркс, чиешто читање е попрецизно отколку она на Зин, затоа редовно го наведуваат таканаречениот проблем на трансформација како побивање на теоријата на вредноста. Во третиот том Маркс покажува дека вредностите мораат да бидат трансформирани во такви цени, кои во различните бранши ќе овозможат приближно исти рати на профит. Строго земено, квантитативната постапка на трансформација што се користи за илустрирање е погрешна – нешто што Маркс и самиот го истакнува (ДМЕ 25: 174). Какви последици од оваа погрешна постапка на трансформација произлегуваат, навистина е спорно од пред цели сто години. Но, побивање на марксистичката теорија на вредноста би следувало од проблемот на трансформација само тогаш кога како прво целта на теоријата на вредноста би се состоела исклучиво од тоа да се објаснат соодносите на цените во капиталистичкото секојдневие, и како второ ако воопшто не е можен ниеден вид на „трансформација“. Но, наместо воопшто да се начнат ваквите прашања, од постоењето на еден „проблем“ без заобиколувања се заклучува „побивање“ на теоријата на вредноста.[6]
Другиот стереотип е побивањето на Марксовото претскажување, притоа најомилена е „тенденцијата на осиромашување“. Така се нарекува кај Улрике Херман (2017: 19): „Критичарите и денес ги забавува прогнозата на Маркс за целосно осиромашување. Така се потсмеваше нобеловецот Пол Семјуелсон: ’Ако ги погледнеме работниците во нивните автомобили и нивните стада од микробранови – не изгледаат особено осиромашено‘“. Херман Маркс на ова се спротивставува фино наведувајќи дека во 19 век навистина имало многу сиромаштија: „Пробивањето на модерното општество на благосостојба почна дури кратко пред смртта на Маркс. Од приближно 1880 година реалните плати значително пораснаа“ (исто таму). Вака се побудува разбирање за погрешна прогноза, дека Маркс воопшто презел ваква прогноза, но ова му се подметнува како факт.
Во Комунистичкиот манифест од 1848 година Маркс навистина поаѓа од една тенденција на апсолутно осиромашување – но, тоа веќе не го прави во Капиталот од 1867 година. Впрочем, таму се вели дека „како што капиталот акумулира, така се влошува положбата на работникот, во однос на неговата исплата“ (МЕГА II/5: 520; ДМЕ 23: 675, истакнување во првото издание). Но, со ова влошување не се нишани кон „целосно осиромашување“, како што појаснува и дополнувањето, „во однос на неговата исплата“. На што мисли Маркс е формулирано неколку реченици подоцна: „Акумулацијата на богатство на едниот пол е истовремено акумулација на сиромаштија, работничко мачење, ропство, несигурност, бруталност и морална деградација на другиот пол“ (исто таму). Со капиталистичкото разврзување на продуктивните сили впрочем расте севкупно богатството на општеството, но не е само целосно нееднакво разделено, развојот на продуктивните сили, ориентиран само кон профит, оди на сметка на вработените, иако платите растат. Маркс покажува опширно во Капиталот како би можеле да се спроведат дури и елементарни правила за заштита при несреќа и заштита на здравјето наспроти огорчениот отпор на капиталистите, како „попродуктивната“ техника често оди рака под рака со засилената психичка оптовареност. Но, дека сето она за што некогаш се избориле луѓето во однос на правилата за заштита на вработените и делумно тие и се слеале во државните закони, во никој случај не е осигурено за век и веков, покажува и развојот во Германија во последните декади. Од прописи за пауза во погоните преку заштита од отпуштање, па сѐ до развлекување на (по правило, лошо платената) работа со договор на дело во последните 20 години – и тоа пред сѐ во времето на црвено-зелената сојузна влада – се променети мноштво прописи и закони во корист на вработените, така што нивната животна и работна ситуација делумно стана значително понесигурна, иако платите не се намалија.
Што се однесува до куповната моќ на платите, Маркс уште во својата анализа на производството на релативната зголемена вредност покажа дека зголемената вредност и степенот на експлоатација на работната сила можат да пораснат, без да се намали куповната моќ на платите. Имено, ако порасне продуктивната моќ на трудот (на пример, преку подобрена работна организација, поголема поделба на работата или вклучување на машинерија), тогаш е потребно помалку време за производство на зададеното количество стоки. Иако куповната моќ на платите останува иста, при растечката продуктивност е потребно сѐ помал дел од дневното работно време, за да се создаде вредноста на (дневната) плата, соодветно на тоа останува еден поголем дел за создавање на (дневната) зголемена вредност. Ако сакаме да изведеме претскажување од Капиталот, тогаш тоа не е целосното осиромашување, туку растечката нееднаквост меѓу вработените и оние што располагаат со капиталот. И ова претскажување и до денес е многу добро потврдено.
Дали „Капиталот“
сега конечно е готов?
Во предговорот на првиот том на Капиталот, објавен во 1867 година, Маркс најавил вкупно четири тома: за производствениот процес на капиталот, за процесот на циркулација на капиталот, за облиците на вкупниот процес и за историјата на теоријата. Но, до неговата смрт во 1883 година бил објавен само првиот том. Енгелс дури по смртта на Маркс во 1885 и 1894 година ги објавил вториот и третиот том, а на крајот Карл Кауцки ги објавил 1905-10 година Теориите на зголемена вредност, кои важат како четврти том на Капиталот. Впрочем, траело повеќе од 40 години, но во тој момент изгледало како Капиталот конечно да е целосно објавен. Сепак, приказната не е толку едноставна; во последните децении станаа јасни повеќе проблематични нивоа.
Уште во дебатите од седумдесеттите на 20 век се покажа дека Теориите на зголемена вредност се сѐ друго освен нацрт за четвртиот том што го планирал Маркс. Овој требало да содржи историја на економските теории, но во Теориите на зголемена вредност се работи за историјата на една единствена категорија. Исто така, теориите не се формулирани врз основа на развиената Марксова критика на економијата, многу повеќе тие претставуваат важен чекор во развојот на оваа критика на економијата (спореди тука ПЕМ 1975). Во МЕГА затоа не е објавен четврти том на Капиталот, ниту, пак, се претставени одделно Теориите на зголемена вредност, туку се објавени онаму каде што припаѓаат, како дел од ракописот 1861-63 (МЕГА II/3).
Друг проблем е англиското издание на Марксовите текстови. Откако на почетокот на деведесеттите години беше објавен марксистичкиот оригинален ракопис на третиот том (МЕГА II/4.2), се покажа дека Енгелс особено забележливо се замешал во оригиналниот текст: Има многу пречкртувања, преместувања, нови формулации и додавања што Енгелс не ги означил како такви. Голем дел од поделбата со сè насловите потекнувале од него. Дискусијата водена во деведесеттите години покажа дека еден дел од овие вмешувања имале содржински последици врз одделни изјави (според опширно Јунгникел/Фолграф, 1995). Енгелс сакал да го направи почитлив недовршениот Марксов текст, и без него денес веројатно не би имало втор и трет том на Капиталот. Но, почитта кон достигнувањето на Енгелс не би требало да води кон тоа да се занемарат разликите меѓу неговото издание и Марксовиот оригинален ракопис.[7]
Друг проблем се наоѓа во Марксовите ракописи. Маркс еднаш напишал дека Капиталот е „артистичка целина“ (писмо до Енгелс на 31 јули 1865, ДМЕ 31: 132). Дека трите „теоретски“ томови на Капиталот создаваат силно поврзано единство, знаат сите што ги имаат прочитано овие три тома. Ако се чита само првиот том, тогаш читањето е не само нецелосно туку и води кон погрешни заклучоци: Така вредностите лесно се разбираат погрешно како варијабилни центри на пазарните цени, зголемената вредност лесно се помешува со профитот или добивката на претпријатието, а капиталистичкиот производствен процес изгледа како единствена навистина важна економска сфера. Но, во секој случај, трите тома, онака како што ги познаваме денес, имено во издание на Енгелс, се базираат на ракописи, кои се настанати во сосема различни времиња и ги претставуваат различните нивоа во анализата на капиталистичкиот начин на производство.
Првиот том, издаден во 1867 година, Маркс значително го преработил за второто германско издание од 1872/73 година, планирал понатамошни промени за францускиот превод, кој бил објавен во одделни поглавја меѓу 1872 и 1875 година. Во четвртото германско издание, објавено од Енгелс во 1890 година, денес насекаде низ светот стандардно издание на првиот том, се интегрирани повеќето (но, не сите) промени во францускиот превод од второто германско издание. На тој начин, ова издание го претставува статусот на познавања на Маркс од првата половина на седумдесеттите години од 19 век. За изданието на вториот том Енгелс користел ракописи, кои настанале меѓу 1868 и 1879 година. Додека, пак, третиот том се заснова исклучиво врз еден ракопис настанат во 1864/65 година, односно тој го претставува најмалку напреднатиот статус на познавања од сите три тома на Капиталот.
Во повеќе области третиот том посочува на значителни дефицити. Процесот на истражување во кредиторството уште долго не бил завршен, така што третирањето на темите кредит и банкарски капитал станале претставување на протоколот за обновен истражувачки процес. Преку особено интензивно преработување Енгелс се обидел да го прикрие ова, но на тој начин на одредени места ја затемнил насоката кон која се стремеле Марксовите истражувања. Во секој случај, Маркс го сметал овој дел за застарен, во седумдесеттите години на 19 век планирал целосно ново обликување на овој дел, при што претставувањето не требало да се ориентира на англискиот, туку на американскиот капитализам на САД, чијшто развој Маркс прецизно го набљудувал во седумдесеттите години [спореди го интервјуто на Џон Свинтон (1880) со Маркс].
Дефицити покажува и теоријата на кризите. Впрочем, важно достигнување на Маркс е дека тој ги набљудувал економските кризи не како случајни погонски несреќи, туку ги разбирал како нужна последица на капиталистичкиот развој, но теоријата на кризите во никој случај не е развиена докрај. Најопширните текстови на Маркс на оваа тема, и за кои постојано се дискутира, потекнуваат од Теориите на зголемена вредност (1861-63) и од ракописот за третиот том на Капиталот (1864/65). Но, Марксовата анализа на кризите продолжува и по 1865 година. Англиската криза, на пример, од 1866 година покажала ново лице, така што Маркс во 1867 година вметнал неколку забелешки за „чисто финансискиот карактер“ на оваа криза на целосно несоодветно место во ракописот на првиот том (МЕГА II/5: 540; ДМЕ 23: 697). Прецизното испитување на оваа криза следувало во еден испис, планиран во 1868 година, но досега необјавен (спореди Де Паула, меѓу другото, 2016). Опширните исто така сѐ уште необјавени исписи за кредитот, монетарниот пазар и кризите, кои настанале во 1868 и 1869 година, биле последица на оваа анализа на кризата. Но, тука не завршило занимавањето на Маркс со кризи и теории на кризите. На десетти април 1878 година му пишал на својот руски пријател Николај Ф. Даниелсон дека не може да ги заврши вториот и третиот том, „пред моменталната индустриска криза во Англија да ја достигне својата кулминација. Феномените овој пат се посебни, се разликуваат во многу насоки од претходните […] Значи, мора да се набљудува моменталниот тек, додека работите не созреат, дури потоа тие можат да се ’консумираат продуктивно‘, односно ’теоретски‘“ (ДМЕ 34: 370 и сл. стр.). Значи, Маркс не сака да ја земе најсвежата криза само како емпириска илустрација, нему очигледно му е јасно дека неговата теорија на кризата теоретски сѐ уште не е готова.
И во неговиот прочуен „закон за тенденциозниот пад на ратата на профит“ се насетува пресврт. Во ракописот од 1864/65 година, кој на Енгелс му бил основа за издавање на третиот том на Капиталот, Маркс се трудел да го образложи овој закон, но неговите повторувачки обиди покажуваат дека тој не бил вистински задоволен со својата сопствена аргументација. Маркс го споменува овој закон последен пат во едно писмо до Енгелс од 1868 година. Во ракописите од доцните шеесетти години на 19 век и во еден долг ракопис од 1875 година, Маркс прикажува мноштво сметки како пример, од кои станува јасно дека и при растечкото спојување на вредностите на капиталот падот на ратата на профит во никој случај не е неминовен. Во ракописот од 1875 година Маркс сака „законите, кои го одредуваат зголемувањето или намалувањето или константата на ратите на профит, да ги нарече со еден збор закони на нивното движење“ (МЕГА II/14: 128 и сл. стр.). Тука веќе не се зборува за закон за тенденциозен пад на ратата на профит. И една своерачна забелешка во личниот примерок на Капиталот на Маркс, која Енгелс ја вметнал како фуснота во третото и четвртото издание на првиот том, што тој ги објавил (МЕГА II/10: 564; ДМЕ 23: 657), го констатира токму спротивното од тенденциозниот пад на ратата на профит, имено дека ратата на профит е повисока кај капиталот што акумулира со растечко спојување на вредностите на капиталот, отколку кај капиталот што акумулира со константно спојување на вредностите (спореди тука Хајнрих, 2016б: 126 и следните стр.).
Значи, Капиталот уште долго нема да биде завршен. Ова не се однесува на баналната смисла дека капитализмот сѐ уште се развива и затоа се постојано потребни актуализирања и дополнувања. Капиталот во однос на важни теоретски основни прашања, на пример теоријата на кредитот или на кризите, сѐ уште не е завршен. За да се запознаеме со Марксовиот истражувачки статус, не е доволно да се занимаваме со различни ракописи на Капиталот, кои во меѓувреме се целосно објавени во II отсек на МЕГА. Во иднина, веројатно сѐ повеќе ќе се навраќаме на исписите, кои ќе бидат објавени во IV отсек. Притоа, вниманието долго се концентрираше на сѐ уште нецелосно објавените „Лондонски тетратки 1850-53“ (МЕГА IV/7-9), кои Маркс ги подготвувал кога во Лондон почнал уште еднаш од почеток со студирањето на економската теорија. Во 2017 година беа објавени ракописите за кризата од 1857/58 (МЕГА IV/14), во кои Маркс собирал материјал за кризата од 1857/58 година, која може да се нарече прва економска криза, бидејќи ги опфатила сите капиталистички центри (спореди ги тука материјалите за студирање на Маркс, преглед од Хекер, 2016).
Во исписите од доцните шеесетти и седумдесетти години на 19 век зачнати се повеќе еколошки прашања (Фолграф, 2016). Досега беше познат прекорот дека Маркс бил слеп за еколошките прашања, посочувајќи низа забелешки во Капиталот. Тука Маркс, впрочем, не бил слеп, но не може да се занемари дека еколошките проблеми немале систематски рејтинг во критиката на политичката економија. Преку досега најопфатната проценка на Марксовите исписи од шеесеттите и седумдесеттите години на 19 век, Саито (2016) можеше да покаже дека еколошката проблематика (без да го користи овој поим) добивала за Маркс сѐ поголема важност и дека Маркс имал намера да го преработи Капиталот – не само ракописите за вториот и третиот том туку и темелно да го преработи и првиот том (сп. писмо на Маркс до Даниелсон од 13 декември 1881, ДМЕ 35: 246) – каде што многу веројатно ќе бил опфатен и систематскиот развој на противречноста меѓу управувањето на капиталот и човечката материјална размена.
Значи, и по 150 години, во никој случај не е кажано веќе сѐ за Капиталот, во одредени области дискусијата допрва почнува.
Литература
MEGA: Marx-Engels Gesamtausgabe, Berlin: de Gruyter Verlag.
MEW: Marx Engels Werke, Berlin: Dietz Verlag.
Backhaus, Hans-Georg (1997). Dialektik der Wertform. Freiburg im Breisgau: ca ira Verlag.
Böhm-Bawerk, Eugen v. (1896). Zum Abschluß des Marxschen Systems. In: Eberle, Friedrich (Hg.), Aspekte des Marxschen Systems, Bd. 1. Frankfurt/Main: Suhrkamp 1973: 25-129.
De Paula, Joao Antonio; da Gama Cerqueira, Hugo Antonio; Gomes de Deus, Leonardo; Supriyak, Carlos Eduardo; da Motta e Albuquerque, Eduardo (2016). Investigating Financial Innovation and Stock Exchanges. Marx’s Notebooks on the crisis of 1866 and structural changes in capitalism. In: Beiträge zur Marx-Engels-Forschung Neue Folge 2014/15, Hamburg: Argument Verlag 2016, 194-217.
Elbe, Ingo (2008a). Marx im Westen. Die neue Marx-Lektüre in der Bundesrepublik seit 1965. Berlin: Akademie Verlag.
Elbe, Ingo (2008b). Die Beharrlichkeit des ‚Engelsismus‘. Bemerkungen zum „Marx-Engels Problem“. In: Marx-Engels-Jahrbuch 2007. Berlin: 92-105.
Hecker, Rolf (2016). Thematische Vielfalt und inhaltliche Konstanten in Marx‘ Studienmaterialien. In: Beiträge zur Marx-Engels-Forschung Neue Folge 2014/15, Hamburg: Argument Verlag 2016, 89-105.
Heinrich, Michael (2016a). Wie das Marxsche „Kapital“ lesen? Leseanleitung und Kommentar zum Anfang des „Kapitals“, 3. Auflage, Stuttgart: Schmetterling Verlag (engl. Übersetzung in Vorbereitung, erscheint 2020 bei Monthly Review Press, New York).
Heinrich, Michael (2016b). „Capital“ after MEGA: Discontinuities, Interruptions and New Beginnings. In: Crisis and Critique 3(3): 92-138.
Heinrich, Michael (2017). Die Wissenschaft vom Wert. Die Marxsche Kritik der politischen Ökonomie zwischen wissenschaftlicher Revolution und klassischer Tradition, 7. um ein Nachwort erweiterte Auflage, Münster: Dampfboot Verlag (engl. Übersetzung: Science of Value, Leiden: Brill 2020 im Erscheinen).
Heinrich, Michael (2018). Kritik der politischen Ökonomie. Eine Einführung, 14. Auflage, Stuttgart: Schmetterling Verlag (engl. Übersetzung: An Introduction to the Three Volumes of Karl Marx’s Capital, Monthly Review Press 2012).
Herrmann, Ulrike (2017). Das „Kapital“ und seine Bedeutung. In: Aus Politik und Zeitgeschichte 67(19/20): 17-22.
Hoff, Jan (2008). Karl Marx und die „ricardianischen Sozialisten“. Köln: PappyRossa.
Jevons, William Stanley (1871). The Theory of Political Economy. London.
Krätke, Michael R. (2007). Das Marx-Engels-Problem: Warum Engels das Marxsche „Kapital“ nicht verfälscht hat. In: Marx-Engels Jahrbuch 2006. Berlin: 142-170.
Marx, Karl (1850-53). Londoner Hefte 1850-53, MEGA2 IV/7-IV/9.
Marx, Karl (1861-63). Theorien über den Mehrwert, MEW 26.1-26.3 [enthalten in Zur Kritik der politischen Ökonomie (Manuskript 1861-63), MEGA2 II/3.1-II/3.6].
Marx, Karl (1864/65). Ökonomische Manuskripte 1863-1867, Teil 2, MEGA2 II/4.2 [Originalmanuskript zum dritten Buch des Kapitals].
Marx, Karl (1867). Das Kapital, Band 1, MEGA2 II/5 (MEW 23).
Marx, Karl (1875). Mehrwertrate und Profitrate mathematisch behandelt. In: MEGA2 II/14: 19-149.
Marx, Karl (1894). Das Kapital, Band 3, MEGA2 II/15 (MEW 25).
Marx, Karl (1879/80). Randglossen zu Adolph Wagners „Lehrbuch der politischen Ökonomie“. In: MEW 19: 355-383.
Marx, Karl; Engels, Friedrich (1848). Manifest der kommunistischen Partei. In: MEW 4: 459-493.
Mandel, Ernest (1968). Marxistische Wirtschaftstheorie. Frankfurt/Main: Suhrkamp.
Marshall, Alfred (1890). Principles of Economics. London.
Meek, Ronald L. (1956). Studies in the Labour Theory of Value, Second Edition. London 1975.
Menger, Carl (1871). Grundsätze der Volkswirtschaftslehre. Wien.
Mosley, Fred (2016). Money and Totality. Leiden: Brill.
PEM (Projektgruppe Entwicklung des Marxschen Systems) (1975). Der 4. Band des „Kapitals“? Westberlin: VSA.
Popper, Karl (1957). Das Elend des Historizismus. Tübingen: Siebeck.
Ramas San Miguel, Clara (2018). Fetiche y mistificacación capitalistas. La crítica de la economía de Marx, Madrid: Siglo XXI.
Ricardo, David (1817). On the Principles of Political Economy and Taxation. In: The Works and Correspondence of David Ricardo, Vol. I. Cambridge 1951.
Saito, Kohei (2016). Natur gegen Kapital. Marx’ Ökologie in seiner unvollendeten Kritik des Kapitalismus. Frankfurt/M. (engl. Übersetung: Karl Marx’s Ecosocialism. Capital, Nature and the Unfinished Critique of Political Economy, New York: Monthly Review Press 2017).
Schumpeter, Joseph A. (1954). Geschichte der ökonomischen Analyse. Göttingen 1965.
Sinn, Hans-Werner (2017). Was uns Marx heute noch zu sagen hat. In: Aus Politik und Zeitgeschichte 67(19/20): 23-28.
Smith, Adam (1776). An Inquiry into the Nature and Causes of the Wealth of Nations. In: The Glasgow Edition of the Works and Correspondence of Adam Smith, Vol. 2. Oxford 1976.
Sweezy, Paul M. (1942). Theorie der kapitalistischen Entwicklung. Frankfurt/Main: Suhrkamp 1970.
Swinton, John (1880). Account of an Interview with Karl Marx (Published in The Sun 6. September 1880). In: MEGA2 I/25: 442-443.
Vollgraf, Carl-Erich; Jungnickel, Jürgen (1995). Marx in Marx‘ Worten? Zu Engels Edition des Hauptmanuskripts zum dritten Buch des „Kapitals“. In: MEGA-Studien 1(2): 3-55.
Vollgraf, Carl Erich (2016). Marx über die sukzessive Untergrabung des Stoffwechsels der Gesellschaft bei entfalteter kapitalistischer Massenproduktion. In: Beiträge zur Marx-Engels-Forschung Neue Folge 2014/15, Hamburg: Argument Verlag 2016, 106-132.
Walras, Leon (1874). Eléments d’Economie politique pure ou Theorie de la Richesse social. Paris.
Zeleny, Jindrich (1962). Die Wissenschaftslogik bei Marx und „Das Kapital“. Berlin 1968.
Михаел Хајнрих (Michael Heinrich) е германски политички научник кој предавал економија многу години на Универзитетот за применети науки во Берлин и бил главен уредник на PROKLA: Journal for Critical Social Science. Неговата работа се фокусира на марксистичката теорија и историјата на формирањето на економската теорија. Хајнрих спаѓа во групата лево ориентирани економисти следбеници на професор Елмар Алтватер.
Хајнрих е автор на голема, повеќе-томска биографија за Карл Маркс. Првиот том излегол во 2018 година – со цел, да се совпадне со 200-годишнината од раѓањето на Маркс – моментално се преведува на англиски јазик. Истражувањето на Хајнрих за Маркс се совпадна со проектот за собирање на познати ракописи на Маркс и Енгелс во делото Marx-Engels-Gesamtausgabe. Неговата докторска дисертација, објавена како Наука за вредноста [Die Wissenschaft vom Wert – 1991], се занимава со критика на Маркс за политичката економија, како и пошироките традиции на класичните и неокласичните теории на политичката економија. Хајнрих, исто така, има напишано критики и рецензии за Капитал и политичката економија, и бил ангажиран во неодамнешните дебати на Anglophone за теориите на Маркс во Капитал.
Превод од германски:
Ксенија Чочкова Гиесе
[1] Проширена верзија на еден текст издаден во ПРОКЛА. Списание за критичка социјална наука, бр. 188 (47 година на издавање, списание 3), септември 2017 година, 421-434.
[2] Длабока анализа на концептот на фетишизам во рамките на Марксовата критика на политичката економија прикажа Клара Рамас Сан Мигел (2018).
[3] Согледувањето дека „работата содржана во вредноста е двополна“ (но, не секоја работа е двополна) Маркс го претставува како централно сопствено сознание (МЕГА II/5: 22), во второто издание се зборува за „двојниот карактер на работата претставена во вредностите“ (ДМЕ 23: 56). Како конкретна работа (на пример, столарството) работата создава корисничка вредност, како апстрактна работа, при која се апстрахира од секоја особеност) создава вредност.
[4] Изразот потекнува од трудовите на Бакхаус во седумдесеттите години на 20 век (повторно отпечатено во Бакхаус, 1997), кој Марксовата теорија на вредноста ја разбирал како критика на премонетарните теории на вредноста.
[5] Спореди и Хајнрих (2018, поглавје 3; опширно: 2017, поглавје 5). Опширно претставување во однос на дебатите за теорија на вредноста дава Елбе (2008а: 30 и следните стр.).
[6] На пример, и влијателната и економско-политички „левата“ германска економска новинарка Улрике Херман (2017: 20) во истиот број како Зин. Тука не е место да се дискутира поопширно за проблемот на трансформација, спореди Хајнрих (2017: 267 и следните стр.). Нов, интересен прилог кон оваа дискусија испорача Мозли (2016).
[7] Цели десет години по овие дебати Кретке (2007) се обиде да ги намали овие разлики. Критички кон ова Елбе (2008б).
Споделено на: февруари 1, 2021 во 10:51 am