Кристоф Менке : : Силата на уметноста. Седум тези : :

1. Никогаш во модерната немало повеќе уметност, уметноста не била повидлива, поприсутна и повпечатлива во општеството...

1. Никогаш во модерната немало повеќе уметност, уметноста не била повидлива, поприсутна и повпечатлива во општеството отколку што е денес. Никогаш уметноста не била истовремено толку многу дел од општествениот процес колку денес; само една од многуте комуникациски форми што го прават општеството: производ, мислење, спознание, оценка, дејство.

Никогаш во модерната категоријата на естетското не била толку централна за културната саморазбирливост како во сегашната епоха, која во почетната претераност се нарече „постмодерна“, а сега сѐ појасно се покажува како постдисциплинарно „контролно општество“ (Делез). Никогаш естетското истовремено не било толку многу само средство во економскиот процес на искористување – дали директно како продуктивна сила, или индиректно, за одмор од напрегнатоста во продукцијата.

Сегашноста на уметноста што се случува насекаде и централното значење на естетското во општеството одат рака под рака со загубата на она што предлагам да се нарече нивна сила – со загубата на уметноста и естетското како сила.

2. Нема излез од оваа состојба на позиционирање на уметноста и естетското како медиуми на спознанието, на политиката или на критиката наспроти нивната општествена апсорбција. Напротив: Ако уметноста или естетското се разбираат како спознание, како политика или како критика, тогаш ова понатаму ќе придонесе само да се претворат во дел од општествената комуникација. Силата на уметноста не се состои во тоа да биде спознание, политика или критика.

3. Во дијалог со говорникот Ион, Сократ ја опишал уметноста како возбуда и пренесување на силата: силата на восхитот, на ентузијазмот. Оваа сила првин ја возбудува музата во уметниците и оваа тие ја пренесуваат преку своите дела врз гледачите и критичарите – онака како што еден магнет „не ги [влече] единствено само железните прстени, туку им ја распределува силата и на прстените, за да можат да го прават истото што и каменот, имено да влечат други прстени“. „Исто така и музата првин самата воодушевува, а на оние што ги воодушевила се редат една низа други што допрва ќе ги воодушевува.“ Соодносот на уметноста е сооднос на пренесување на силата. Силата на восхитот, на воодушевувањето се пренесува на уметникот, гледачот и критичарот: „додека не се восхити и изгуби свест и разумот престане да живее во него“.[1]

4. Сократ од увидот во силата на уметноста ја извел последицата дека уметноста мора да биде изгонета од општото битие кое се заснова на разум. Против оваа последица уметноста од почетокот се бранела на два спротивставени начина. Едниот начин ја прогласува уметноста за социјална практика. Тој, за разлика од Сократ, тврди дека не е точно дека во уметноста дејствува сила, која восхитува до степен на губење на свеста. Во уметноста, односно во нејзиното создание, искуство и проценка, многу повеќе се остварува една социјално стекната умешност: уметноста е акт на практична субјективност. Тоа е смислата на „поетиката“ измислена од Аристотел, како Poïétique (Валери): на науката за уметноста како правење, како практикување на умешноста, која субјектот ја стекнал преку своето образование, преку својата социјализација или дисциплинирање и сега може свесно да ја практикува. Наспроти ова, уште од почетокот стои едно друго мислење за уметноста, кое во 18 век било крстено со името на „естетиката“. Ова естетско размислување на уметноста се заснова врз искуството дека во уметноста се развива сила што субјектот го изнесува од себе, го остава зад себе или над себе; значи сила што е несвесна – „мрачна“ сила (Хердер).

5. Што е силата? Силата е естетскиот спротивставен поим на („поетската“) умешност. „Силата“ и „умешноста“ се имињата на две спротивставени разбирања на дејноста на уметноста. Дејност е остварување на принцип. Силата и умешноста се две спротивставени разбирања на принципот и неговото реализирање.

Да се има умешност значи да се биде субјект; да се биде субјект значи да се умее нешто. Умеењето на субјектот се состои во тоа да успее во нешто, нешто да изведе. Да се има умешност или да се биде субјект значи преку вежбање и учење да се биде во состојба да може да успее одредено дејство. Да се успее во одредено дејство, пак, значи да може во една нова, особена ситуација да се повтори одредена општа форма. Секоја умешност е умешност на повторувањето на нешто општо. Општата форма постојано е формата на една социјална практика. Да се разбере уметничката дејност како изведување на една умешност оттаму значи оваа дејност да се разбере како дејство, во кое еден субјект ја реализира општата форма, која ја карактеризира одредена специфична социјална практика; тоа значи уметноста да се разбере како социјална практика, а субјектот како нејзин учесник.

Силите како и умешностите се принципи, кои се реализираат во дејности. Сите сили се другото на умешноста:

– Додека умешностите се стекнуваат со помош на социјално вежбање, луѓето имаат сили, уште пред да бидат издресирани за да бидат субјекти. Силите се човечки, но се претсубјектни.

– Додека умешностите ги изведуваат субјекти што дејствуваат во свесна самоконтрола, силите дејствуваат сами од себе; нивното дејство не го управува субјектот и затоа субјектот не ни знае за нив.

– Додека умешностите реализираат социјално зададена општа форма, силите се формирачки, значи без форма. Силите создаваат форми и секоја форма што ја создале, одново ја пресоздаваат.

– Додека умешностите се насочени кон успехот, силите се без цел и мера. Дејствувањето на силите е игра и во неа изведување нешто што тие секогаш го оставале зад себе.

Умешностите нѐ прават субјекти, кои можат успешно да учествуваат во социјалните практики, на тој начин што ја репродуцираат нивната општа форма. Во играта на силите ние сме пред- и над-субјектни – агенти што не се субјекти; активни, без самосвест, инвентивни, без цел.

6. Естетското размислување ја опишува уметноста со Сократ како поле на развој на силата и пренесување на силата. Но, естетското размислување ова не само што го вреднува поинаку од Сократ туку и го разбира поинаку од Сократ. Според Сократ, уметноста е само возбуда и пренесување на силата. Но, така нема уметност. Уметноста многу повеќе е уметност на преминот меѓу умеењето и силата, меѓу силата и умеењето. Уметноста се состои од разделување на силата и умеењето. Уметноста се состои во едно парадоксално умеење: да се умее да не се умее; да се биде способен да се биде неспособен. Уметноста не е ниту само разум на умеењето, ниту само игра на силата. Таа е времето и местото на враќањето на умеењето кон силата, на произлегувањето на умеењето од силата.

7. Затоа уметноста не е дел од општеството – не е социјална практика; зашто учеството во една социјална практика ја има структурата на дејствување, на реализирање во една општа форма. И затоа ние во уметноста, во изведувањето или искусувањето на уметноста не сме субјекти; зашто да се биде субјект значи да се реализира формата во една социјална практика. Уметноста многу повеќе е полето на слобода не во социјалното, туку од социјалното; поточно: на слободата од социјалното во социјалното. Веднаш штом естетското стане продуктивна сила во постдисциплинарниот капитализам, му се одзема силата; зашто естетското е активно и има ефекти, но не е продуктивно. На естетското исто му се одзема силата, кога треба да биде социјална практика, која може да се постави наспроти ослободената продуктивност на капитализмот; естетското е впрочем ослободувачко и променувачко, но не е практично – не е „политичко“. Естетското како „севкупно ослободување на сите симболични сили“ (Ниче) не е ниту продуктивно ниту практично, ниту капиталистичко ниту критично.

Во силата на уметноста се работи за нашата сила. Се работи за слободата од социјалниот облик на субјективноста, без разлика дали е таа продуцирачка или практична, капиталистичка или критичка. Во силата на уметноста се работи за нашата слобода.

Превод од германски:
Ксенија Чочкова Гиесе


[1] Платон, Ион 533д-534б, прев. Од Фридрих Шлајермахер, во: Платон, Собрани дела, издадено од Карлхајнц Хилзер, Франкфурт на М./Лајпциг 1991 год, том 1. – на ова место од Ион ќе се навратам наскоро, види долу, стр. 23 и стр. 34. (можеби треба да ја избришеме фуснотата, зашто во извадоков нема смисла?)


Споделено на: февруари 1, 2021 во 9:04 am