|
223
СТВАРНО Е ИДИОТ!
07.10.2008
Има една бесмртна финта на Гручо Маркс која попродорно ми ја опишува
суштината на нашиот сегашен политички миг од целокупното дело на
еден друг Маркс, Карл (не е дел од филмската екипа на браќата
Маркс): „Значи, иако човеков личи на идиот и работи како идиот, сето
тоа не би требало да ве измами - тој е идиот!“
Животов ни минува во безнадежните обиди да ги разбереме политичките
идиоти околу нас. Тони и тони хартија&пиксели се потрошени само за
да се избегне логичниот заклучок на Гручо (не на Грујо). Ние
секојдневно гледаме дека тие што не’ водат работат како идиоти (а
голем дел од нив, во ова време на перформативноста и шминката, згора
на се’ и изгледаат како идиоти), но не сакаме да го направиме
последниот логичен чекор на нивното разобличување: штом на прв
поглед делуваат толку идиотски, мора во заднината да постојат некои
интелигентни намери... Но, не постојат! Тие се идиоти! Идиоти во
собрание, во влада, по амбасади, на телевизија... Нема никаков план
Б! Тоа што го гледате од нив - тоа се тие!
А кои сме, па, тогаш, „ние“?! Зарем токму во ваквите моменти на
пробој, на проникнување („тие стварно се идиоти!“), посилно не се
соочуваме со фактот дека самата реалност има структура на фикција,
токму затоа што е симболички (или „општествено“) конструирана? Жижек
вака го сфаќаше Лакан: за воопшто да се воспостави општествената
реалност нешто мора да биде примордијално задушено; нешто што не
може да се симболизира, така што настануваат призрачни фантоми за да
се исполни јазот на она што не може да се симболизира. Призракот не
ја крие општествената реалност, туку го крие она што примордијално
мора да се потисне за општествената стварност да може да настане.
Се сеќавате на онаа славна реклама за Смирнов вотката, од пред
десетина години? Реклама која токму зборува за искривоколчувањата на
„стварноста“, за прекршените димензии низ кои ја доживуваме...
Камерата лута низ палубата на еден луксузен прекуокеански брод, но
погледот на камерата е „искривен“ со помош на шишето вотка коешто
келнерот го носи на послужавник; и секогаш кога тој ќе помине покрај
некој предмет, прво го гледаме тој објект онаков каков што е во
секојдневната реалност, а потоа, кога проѕирното стакло се попречува
помеѓу нас и објектот, за момент го гледаме објектот поместен во
некои фантастични димензии: двата господина во вечерни костуми се
преобразуваат во два пингвина, ѓерданот на вратот на една госпоѓа во
жива змија, скалите во клавијатура на клавир итн.
„Ние“ сме, значи, од една страна, оние што со своето мижење ја
конструираат општественатата (симболичката) стварност, но ние сме,
од друга страна, и оние што се набутани под палубата, во своите
тесни сопчиња за слуги, во своите автономни легла. Си се буткаме во
тие строго омеѓени автономни зони, и тука, во просторот што наликува
на тесен кокошарник, божем ги негуваме вредностите на чесноста,
добрината, великодушноста... Но, штом ќе излеземе од нестварната
лична зона на заштитеноста, сакале не сакале, се вклопуваме во
светот искреиран од идиотите, и крадеме и лажеме и им се додворуваме
на идиотите (за нашите деца, не за нас, за болница, за работа, за
гол живот, така си велиме).
А во тој свет искреиран од идиотите имаме впечаток дека општеството
(она општото, што сите не’ спојува) постои само за да го нападне
приватното, да го столчи, да ни навлезе и во јадните автономни зони
кајшто на ситно ја поткраднуваме државата, се веселиме, тагуваме и
печеме пипер. Власта секогаш е негде другде, далеку и е душманска е,
туѓа, таа не им припаѓа на луѓето. Луѓето мислат дека се’ што имаат
се апстрактниот етнос, верата и двосмислениот кокошарник, нивното
последно прибежиште, интимата на секојдневието.
Како што вели талентираниот писател Александар Хемон, гледајќи кон
Босна и Херцеговина: „Со цел да ја заштитат сопствената добрина,
луѓето гласаат за злосторници. Со цел да го заштитат сопствениот
стеснет етички простор, луѓето остатокот од светот го препуштаат на
пљачкаши и силеџии. (...) Нашите добри луѓе на секои избори ја
бираат истата багра, ги бираат истие шапшали за кои е тешко да се
ископа и ронка почит. Да ни се комшии тие бандити, со нив никогаш во
животот кафе не ќе испиевме, но некако ги пуштаме да ја водат
државата, да ни ги упропастуваат децата со својот јавашлук, со
алчноста и измамите.“
Се чини, нема друго животно и политичко решение освен сегашните
автономни зони (кокошарниците во кои цимолкаме заради скршените
крила) да ги претвориме во централни матрици на целиот поредок!
Суверенитетот на поединецот - во средиште! Слободата, достоинството,
човечките права - клучни начела на договорната заедница! Што и’ фали
на Италија? Повеќе од шеесет години ја водат помали или поголеми
идиоти (измамници, мафијаши итн.), но тоа не ја спречува со децении
да биде меѓу првите десет индустриски сили на светот. Слично е и со
Франција. До одреден степен системот ја толерира распашаноста на
владетелите (можеби е тоа и дел од медитеранскиот поопуштен
менталитет, слично е и во Шпанија, па и во Грција), но автономијата
на поединците, сигурноста на бизнисите, поделбата на власта (особено
онаа на централно и локално ниво) - се неприкосновени! И на ниво на
културата и менталитетот, но и на уставно и законско ниво - не може
животот од корен да ми го менува секоја будала која со
слаткоречивост, измами или насилство се добрала до власт! Идиотите
во својата автономна зона! Макар нивната зона била нашата
општествена реалност...
|