Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-200
8

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


222

ЗА ЗМИЈАТА ШТО ЗБОРУВА

23.09.2008

 


Наместо да зајакнува, секуларизмот во нашата земја се повлекува. И башка што се повлекува, туку секуларизмот станува работа за потсмев и за деградација. Власта и народот масовно градат цркви и огромни железни крстови во земја која се’ уште има многу сериозни најелементарни инфраструктурни проблеми (водовод, канализација, струја, асфалт, школи итн.). Како капак на еден процес на уништување на сите посолидни образовни стандарди, на сите нивоа на образование, доаѓа воведувањето веронаука. Наместо училиштата да произведуваат способни и самостојни индивидуи ќе се создаваат поданици, верници и корумпирани медиокритети. (Важно е да се напомене: уништувањето на образованието во Република Македонија е еден од најголемите политички злостори што му се случиле на општествово изминативе сто години - а му се случиле, инаку, многу белји и злостори; уништувањето на образованието не е само подмолна игра со генерации млади луѓе кои наместо знаења ќе добијат лажни хартии - како некакви современи ливчиња за откуп на гревовите - туку и длабоко кастрење на највиталните општествени потенцијали на релативно долг рок; со лошо образовани и лошо воспитани луѓе добро и продуктивно општество едноставно не може да се направи.)
Атеизмот, значи, кај нас, во 21 век, се прогласува за настраност, за патологија на грст општествени деформитети на кои времето им заврши со падот на комунизмот. А, всушност, како што вели Сем Херис во неговата веќе славна книга од 2006 година, „Писмо до христијанската нација“, атеизмот дури не е филозофија или светоглед туку наједноставно - прифаќање на очебијното. Има ли потреба некој себе да се претставува како „неастролог“ или „неалхемичар“, прашува Херис. Атеизмот не е ништо друго туку глас на разумните луѓе кои се обидуваат да укажат на сосема несоодветните и наjчесто многу опасни религиозни убедувања. На светот му требаше застрашувачкото будење на агресивниот ислам, за одново да се соочи со целата страшна историја на христијанството!
Така и Македонецот, зафатен со транспортот на џиновски железни греди по брдата околу своите градови, воопшто не забележува дека светот драматично се менува, дека новиот милениум не значи враќање од два кон еден, т.е. топло разбашкарување директно во средниот век! Двесте, триста години после просветителската интелектуална револуција, Македонецот (а за жал, не само Македонецот туку голем дел од се’ пофанатизираниот и поманихејски свет) сака да регресира до нивото дека космосот е стар 6000 години (патем речено, 1000 години пред сехристијанскиот бог да го смисли космосот од својот мал прст, Сумерците го измислиле лепакот).
Наместо цел да ни биде отстранување на човечкото страдање, како и слободата и достоинството на поединецот, ние се фаќаме за верските дискриминаторски лудила. Од десетте клучни христијански заповеди, првите четири се однесуваат на една единствена работа: „немај ниеден друг бог освен мене, оти тоа е најголемиот можен грев!“ Првите четири заповеди, значи, се варијација на ултимативната заповед (се разбира, исто толку фанатично еднострани се и другите две големи монотеистички религии, еврејската и исламската). Кога истата таа заповед ја читаме во Коранот таа ни изгледа застрашувачка и ограничувачка. Во Библијата ни изгледа соодветна. А, всушност, на двете места истата заповед зборува за фанатичната суштина („или си со мене, или си против мене!“) на тие две големи светски религии. Можеби пред 1000 години имало логика зошто верската хомогенизација е клучно цивилизациско начело. Но, големо прашање е дали со истата стратегија (истиот товар) можеме да осигураме посигурен свет и за нашата човечка цивилизација и за сите други суштества со кои ја делиме планетава (па и космосот).
Религијата која денес ја применуваме е ужасна проневера на нашите материјални, морални и интелектуални извори, смета Сем Херис, велејќи: „Страшно е што сите умираме и што го губиме она што го сакаме; но, многу пострашно е што толку многу човечки суштества беспотребно страдаат. Токму затоа што голем дел од тие страдања непосредно можат да и’ се припишат на религијата - на верската омраза, верските војни, верските табуа и верските грабежи на скудните добра - морално и интелектуално е неопходна чесната критика на религиската вера. За жал, при покажувањето на таквиот критички став, неверникот го ставаат на општествена маргина. Само затоа што е во допир со стварноста тој изгледа срамно издвоен од своите соседи кои живеат во фантазијата.“
Со оглед на денешната неспоредлива моќ на религијата, тешко е да се очекува дека веќе утре ќе научиме, како луѓе, своите емоционални потреби да ги пренасочуваме кон помалку неразумни работи. Тешко е да се очекува дека во блиска иднина ќе најдеме посоодветни форми и ритуали за да ги одбележуваме настаните кои најдлабоко ги обликуваат нашите животи: раѓањето, бракот, смртта. Но, многу нешта се исчезнати меѓу луѓето. Многу големи кралства, многу големи обединувачки идеи. Исто онака како што денес ни е назамисливо ропството (кое, патем, Библијата сосем го оправдува и поддржува), можно е дека еден ден ќе се чудиме како е можно апсурдните приказни за господ, за рајот и пеколот, за девици што раѓаат и змии што дрдорат да предизвикаат толку многу страдања и убивања во текот на толку многу векови.